ШЕСНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ
Мудра, храбра и самопожртвувана жена
1-3. а) Како се чувствувала Естира додека чекорела кон престолот на нејзиниот маж? б) Како реагирал царот кога Естира се појавила пред него?
ЕСТИРА полека чекорела кон престолот додека срцето сѐ побрзо ѝ чукало. Замисли си колку длабок молк завладеал во големата сала во која бил престолот на царот. Се слушале само нејзините чекори и шушкањето на прекрасната облека. Не можела да си дозволи вниманието да ѝ биде одвлечено од раскошот на царскиот дворец, величествените столбови и богато изрезбаниот таван од кедрово дрво увезено од далечниот Ливан. Без да трепне гледала во лицето на човекот во чии раце бил нејзиниот живот и со страв во срцето го очекувала неговиот следен потег.
2 И царот ни за миг не го тргнал погледот од Естира. Кога дошла близу до престолот, го испружил кон неа својот златен жезол. Со тој навидум обичен гест покажал дека ја поштедува од казната за престапот кој штотуку го направила со тоа што се појавила пред него без да биде повикана. Естира веќе не морала да се плаши за својот живот. Кога дошла пред престолот, ја испружила раката и го допрела врвот на жезолот. Сигурно била многу благодарна што нејзиниот маж покажал милост кон неа (Ест. 5:1, 2).
3 Цар Ахасвер бил многу богат човек и имал огромна моќ. И самиот поглед на неговата облека предизвикувал страхопочит бидејќи царската облека на персиските владетели од тоа време чинела стотици милиони евра според денешна вредност. Сепак, овој непредвидлив владетел покажал наклоност кон Естира. Од неговата постапка, Естира можела да види дека ја сака. Кога му пристапила, ѝ рекол: „Каква желба имаш, царице Естира, и што бараш? Ако е тоа и половина од царството, ќе ти биде дадено!“ (Ест. 5:3).
4. Што друго требало да направи Естира?
4 Естира покажала исклучителна храброст и вера во Бог. Се осмелила неповикана да дојде пред царот за да го моли за животите на своите сонародници на кои им се заканувало истребување поради заверата што ја сковал неговиот советник Аман. Но, нејзините грижи не завршиле тука. Морала да го увери гордиот владетел дека неговиот најдоверлив советник со измама го навел да потпише смртна пресуда за нејзиниот народ. Како да му ја пренесе оваа непријатна вест?
Мудро го избрала вистинскиот момент
5, 6. а) Како Естира го применила начелото од Проповедник 3:1, 7? б) Зошто бил мудар начинот на кој Естира му пристапила на својот маж?
5 Како постапила Естира кога ѝ била дадена прилика да му каже на царот зошто дошла кај него? Мудро проценила дека не би доликувало да му го изнесе проблемот пред сите негови достоинственици. Добро знаела дека со тоа би го посрамила својот маж и дека би му дала можност на Аман да ги побие нејзините обвиненија. Тогаш, што направила? Постапила според начелото кое многу векови пред тоа го запишал цар Соломон: „Сѐ си има свое време... време за молчење и време за зборување“ (Проп. 3:1, 7). Не е тешко да си замислиме како Мардохеј уште од малечка ја учел зошто е мудро во животот да се води според Јеховините начела. Можеме да бидеме сигурни дека била свесна колку е важно да го избере вистинскиот момент за да му го каже на царот она што ја мачело.
6 Естира рекла: „Ако му е по волја на царот, тој нека дојде денес заедно со Аман на гозбата што му ја приредив“ (Ест. 5:4). Царот ја прифатил поканата и наредил да го повикаат и Аман. Естира навистина постапила мудро затоа што пред сите покажала дека го почитува царот и одбрала вистинско време и место каде што тој поспремно ќе ја сослуша. (Прочитај Изреки 10:19.)
7, 8. Каква била првата гозба што ја приредила Естира, и зошто тогаш не му кажала на царот за проблемот?
7 Естира вложила многу труд за да ја подготви гозбата за своите уважени гости и се погрижила да бидат задоволени желбите на нејзиниот маж. Го послужила со вино со врвен квалитет затоа што знаела дека тоа ќе го расположи (Пс. 104:15). На Ахасвер многу му се допаднала гозбата, па повторно побарал од Естира да му каже што сака и ѝ рекол дека ќе ја задоволи секоја нејзина молба. Дали дошол моментот да му го отвори своето срце?
8 Таа решила ни тогаш да не спомне ништо за опасноста во која се нашол нејзиниот народ. Наместо тоа, ги поканила царот и Аман следниот ден да дојдат на уште една гозба (Ест. 5:7, 8). Зошто постапила така? Естира не сакала да ги ризикува животите на своите сонародници и затоа морала да го избере вистинскиот момент за да му открие на царот што се случува. Стрпливо чекала да дојде тој миг. Повторно се посветила на подготовката на гозбата, настојувајќи на тој начин да му покаже на својот маж колку го почитува.
9. Зошто стрпливоста е драгоцена особина, и како можеме и ние да бидеме стрпливи како Естира?
9 Стрпливоста е навистина драгоцена особина која ретко се сретнува. Естира не можела да престане да мисли на она што го чекало нејзиниот народ. Веројатно многу сакала да си ја олесни душата и сѐ да му каже на царот, но стрпливо чекала да се укаже вистинска прилика за тоа. Како можеме да се угледаме на неа? Без сомнение, сите се соочуваме со неправди кои сакаме да се исправат што порано. Ако треба да му се обратиме на некој што поради својата положба би можел да го реши нашиот проблем, добро е да бидеме стрпливи како Естира. Во Изреки 25:15 пишува: „Со стрпливост можеш да наговориш и заповедник, и благиот јазик коски крши“. Важно е стрпливо да го чекаме вистинскиот момент за да свртиме внимание на проблемот што нѐ мачи и притоа да бидеме благи и обѕирни. Со таквиот пристап можеме многу да придонесеме да се реши проблемот. Дали Јехова ја наградил стрпливоста и мудроста на Естира?
Со стрпливост отворила пат за праведна пресуда
10, 11. Зошто расположението на Аман се променило откако излегол од првата гозба, и каква идеја му дале неговата жена и пријателите?
10 Стрпливоста на Естира довела до еден неверојатен развој на настаните. Од првата гозба, Аман ‚излегол радосен и со весело срце‘. Не криел колку е воодушевен од тоа што ја има наклоноста на царот и царицата. Но, кога минувал покрај портите на палатата, го сретнал Мардохеј. Иако лично царот наредил секој да му се поклони на Аман, Мардохеј не сакал да му искаже чест на таков начин. Како што видовме во претходното поглавје, тој не сакал намерно да го понижи или да му пркоси. Мардохеј одбивал да му се поклони поради тоа што совеста не му дозволувала да го прекрши Божјиот закон и да си го наруши односот со Јехова Бог. Но, Аман воопшто не водел сметка за совеста на Мардохеј. Штом го видел, ‚веднаш се исполнил со гнев‘ (Ест. 5:9).
11 Кога стигнал дома, им кажал на жена му и на пријателите дека Мардохеј не сакал ни да стане пред него. Тие му рекле да подигне столб повисок од 20 метри и да побара дозвола од царот да го обеси Мардохеј на него. Јасно, таа идеја многу му се допаднала на Аман, па решил што поскоро да ја спроведе на дело (Ест. 5:12-14).
12. Зошто царот наредил да му ги читаат записите за поранешните настани, и на која случка се сетил?
12 Во истото тоа време, во царските одаи се случувало нешто необично. Во Библијата пишува: „Таа ноќ, царот никако не можеше да заспие. Затоа нареди да му ја донесат книгата со записите за поранешните настани, па почнаа да му читаат од неа“. Во таа книга се наоѓал и записот за тоа како Мардохеј ја разоткрил злобната намера на двајца дворјани кои сакале да кренат рака на Ахасвер. Царот веднаш се сетил на таа случка. Знаел дека двајцата предавници биле фатени и погубени. Потоа прашал каква награда и чест добил човекот што ја разоткрил заверата. Слугите му рекле дека не е направено ништо за да му се возврати на Мардохеј за неговото добро дело. (Прочитај Естира 6:1-3.)
13, 14. а) Како работите тргнале на лошо за Аман? б) Што му рекле жена му и пријателите?
13 Разлутен од она што го дознал, царот сакал да ја исправи таа неправда. Прашал дали на дворот има некој од службениците. Од многуте службеници, во тој момент таму не се нашол никој друг освен Аман. По сѐ изгледа тој дошол кај царот уште рано наутро за што побрзо да добие одобрување да го погуби својот омразен непријател. Но, пред да успее да изусти макар еден збор, царот го прашал: „Што треба да му се направи на човек кому царот сака да му укаже чест?“ Аман си помислил: „Кому сака царот да му укаже чест ако не мене?“ Затоа рекол дека таквиот човек треба да го облечат во царско руво, да го седнат на коњот на кој јава самиот цар и да го водат низ градскиот плоштад, а пред него да извикуваат: „Вака се прави со оној човек кому царот сака да му укаже чест!“ Не можел да си поверува на ушите кога слушнал дека честа треба да му биде искажана на Мардохеј, човекот што го презирал од дното на душата! Замисли си го изразот на лицето на Аман кога го чул ова. А кој требало да го фали Мардохеј на сет глас? Аман! (Ест. 6:4-10).
14 Аман со тешко срце го извршил она што му го заповедал царот. Таа случка само ги засилила омразата и презирот што ги чувствувал кон Мардохеј. Разочаран и со наведната глава, се упатил дома. Кога стигнал, жена му и пријателите му рекле дека тоа што се случило не води кон добро и дека во спорот со Мардохеј сигурно ќе претрпи пораз (Ест. 6:12, 13).
15. а) Што се постигнало со тоа што Естира била стрплива? б) Зошто е мудро и ние да чекаме на Бог?
15 Ако Естира не била стрплива и не почекала да помине уште еден ден пред да му раскаже на царот за неволјата на нејзиниот народ, Аман немало да доживее толкав срам. Освен тоа, дали можеби Јехова не ја предизвикал несоницата на персискиот цар и не се погрижил да дојде до таков пресврт? (Изр. 21:1). Не е чудо што Божјата Реч нѐ поттикнува ‚да го чекаме Богот на нашето спасение‘! (Прочитај Михеј 7:7.) Ако имаме доверба во него и стрпливо чекаме да ни помогне, ќе увидиме дека тој може да ги реши нашите проблеми многу подобро од нас.
Храбро му се обратила на царот
16, 17. а) Кога дошол моментот Естира да проговори? б) Колку се разликувала Естира од Астина, претходната жена на царот?
16 Естира не се осмелила и понатаму да ја става на испит стрпливоста на царот. Затоа решила на втората гозба да му каже сѐ. Ако макар и за момент се мислела како да ја започне темата, царот ѝ олеснил во тоа. Повторно ја прашал каква молба има (Ест. 7:2). Конечно дошол моментот да проговори.
17 Можеме да си замислиме како Естира во себе кратко му се помолила на својот Бог, а потоа рекла: „Ако сум нашла милост во твои очи, царе, и ако му е по волја на царот, нека ми бидат подарени мојот живот по моја желба и мојот народ на моја молба“ (Ест. 7:3). Вредно е да се забележи дека со ова, всушност, му покажала дека е спремна да се подложи на неговата волја. Колку само се разликувала од претходната жена на Ахасвер, Астина, која пред сите намерно го понижила својот маж! (Ест. 1:10-12). Естира со ништо не му покажала на царот дека постапил лекомислено што му поверувал на Аман. Наместо тоа, го молела за сопствениот живот.
18. Како Естира му ја опишала ситуацијата на царот?
18 Тоа барање длабоко го погодило и го шокирало Ахасвер. Кој би се осмелил да го доведе во опасност животот на неговата царица? Естира продолжила: „Јас и мојот народ сме продадени за да бидеме истребени, убиени и сотрени. Да бевме продадени како обични робови и робинки, ќе молчев. Но, не е прифатливо неволјата да биде на штета на царот“ (Ест. 7:4). Естира јасно му опишала на царот во каква ситуација се нашле таа и нејзините сонародници, и додала дека не би го заморувала со овој проблем ако не им бил во прашање животот. Му се обратила затоа што знаела дека злобната замисла на Аман скапо ќе го чини и самиот цар.
19. Што можеме да научиме од Естира?
19 Од оваа храбра и мудра жена можеме да научиме како со уверливи аргументи да поттикнеме некого да нѐ сослуша и да обрне внимание на нашите проблеми. Без оглед на тоа дали му се обраќаме на некој што го сакаме или на некој што има авторитет, добро е да бидеме стрпливи, искрени и полни со почит (Изр. 16:21, 23).
20, 21. а) Како Естира ги разоткрила намерите на Аман, и како реагирал царот? б) Што направил Аман откако бил разоткриен?
20 Кога ги слушнал зборовите на Естира, Ахасвер прашал: „Кој е тој, и каде е тој што се осмелил да направи такво нешто?“ Замисли си ја Естира како покажува со прстот кон Аман и вели: „Тој противник и непријател е овој злобен Аман!“ Во нејзината одаја завладеала штама. Аман буквално занемел од страв. Ахасвер не ни помислувал дека неговиот најдраг советник, во кого имал доверба, толку бесрамно го излажал и го навел да запечати одредба поради која неговата царица можела да ја изгуби главата. Го обзел силен гнев, па отишол во градината за да се соземе од шокот (Ест. 7:5-7).
21 Нечесните намери на Аман конечно излегле на виделина. Чувствувајќи дека животот му е во опасност, кукавички ѝ се фрлил на царицата пред нозете и почнал да ја преколнува за милост. Кога царот се вратил и го видел Аман на креветот на Естира, се разбеснил и го обвинил дека се обидел да ја силува царицата во неговата сопствена куќа! Со тие зборови царот го осудил на смрт. На Аман веќе му немало спас. Стражарите му го покриле лицето и го изнеле надвор. Тогаш на царот му пристапил еден од дворјаните и му кажал дека Аман подигнал столб на кој сакал да го обеси Мардохеј. Кога го чул тоа, царот веднаш наредил на тој столб да биде обесен Аман (Ест. 7:8-10).
22. Што можеме да научиме од Естира ако се најдеме во навидум безизлезна ситуација?
22 Бидејќи неправдата е навлезена во речиси секоја пора од општеството во кое живееме, лесно може да си помислиме дека правдата никогаш нема да биде задоволена. Иако се нашла во навидум безизлезна ситуација, Естира не паднала во очај и не изгубила надеж ниту вера дека правдата на крајот ќе победи. Храбро се зазела за она што знаела дека е исправно и имала доверба дека Јехова ќе направи сѐ што е потребно за да го избави својот народ од неволја. Примерот на Естира е вистинско охрабрување за сите Божји слуги. Ние знаеме дека нашиот Бог не се менува и дека може да ги осуети злобните и потајни планови на противниците на неговиот народ, токму како што направил со Аман. (Прочитај Псалм 7:11-16.)
Самопожртвувано се зазела за Јехова и за неговиот народ
23. а) Како царот ги наградил Мардохеј и Естира? б) На кој начин се исполнило пророштвото што го кажал Јаков пред да умре? (Види ја рамката „Исполниле пророштво“.)
23 Царот на крајот дознал дека Мардохеј не му е само верен поданик, кој му го спасил животот со тоа што ја разоткрил заверата против него, туку дека бил и старател на Естира. Свесен колку многу му должи, го поставил на положбата на Аман како управител на целото Персиско Царство. Куќата на Аман и сиот негов имот ѝ ги дал на Естира, која го поставила Мардохеј да управува со тоа огромно богатство (Ест. 8:1, 2).
24, 25. а) Зошто за Естира проблемите не завршиле дури и откако ја разоткрила заверата на Аман? б) Како Естира повторно си го ризикувала животот?
24 Мардохеј и Естира повеќе не морале да се плашат за својот живот. Дали конечно дошло време царицата да здивне од проблемите? Ќе постапела така ако мислела само на себе. Но, писмата со кои Аман наредил да се погубат Евреите веќе биле испратени низ целото царство. По сѐ изгледа Аман се послужил со некој облик на спиритизам за да го одреди најповолното време да го спроведе својот наум, затоа што Библијата вели дека фрлал Пур, или ждрепка (Ест. 9:24-26). До тој кобен ден требало да поминат уште неколку месеци, но времето течело брзо. Имало ли начин да се избегне таа катастрофа?
25 Естира повторно си го изложила животот на опасност и по вторпат излегла пред царот без да биде повикана. Му се фрлила пред нозе и со солзи го молела да го осуети злото што Аман го смислил против Евреите. Меѓутоа, законите кои се носеле во името на персискиот цар биле неотповикливи (Дан. 6:12, 15). Затоа, царот ги овластил Естира и Мардохеј да донесат нов закон и да го запечатат со неговиот прстен. Гласниците се упатиле во секој крај на огромното царство со веста дека царот им дозволува на Евреите да се борат за својот живот во денот на кој е одредено да бидат погубени. Таа вест им влеала надеж на мнозина (Ест. 8:3-16). Евреите веројатно не губеле време, туку веднаш почнале да се подготвуваат за битка, нешто кое не би можеле да го направат ако не стапел во сила новиот закон. Биле уверени дека со нив е „Јехова над војските“ (1. Сам. 17:45).
26, 27. а) Каква победа извојувал Јехова за својот народ? б) Кое пророштво се исполнило кога биле убиени синовите на Аман?
26 Кога дошол денот да се изврши злобната одредба на Аман, Божјиот народ бил спремен за борба. На негова страна биле и многу персиски достоинственици, затоа што низ царството се разнела веста дека за нов управител бил поставен Мардохеј, кој бил Евреин. Јехова извојувал голема победа за својот народ. Без сомнение се погрижил нивните непријатели да бидат поразени за повеќе да не можат да им наштетатa (Ест. 9:1-6).
27 Убиени биле и десетте синови на Аман (Ест. 9:7-10). Со тоа се исполнило пророштвото според кое Бог одредил засекогаш да бидат истребени Амаличаните, кои биле непријатели на неговиот народ (5. Мој. 25:17-19). Синовите на Аман веројатно биле последните припадници на тој народ што Бог го осудил на истребување.
28, 29. а) Зошто било Јеховина волја Естира и другите Евреи да се борат за својот живот? б) Што можеме да научиме од примерот на Естира?
28 Естира била многу млада кога се случило сето ова. Сепак, на себе презела дел од товарот во носењето законски одредби во врска со борбата против непријателите и нивното погубување. Иако не ѝ било лесно, се подложила на волјата на Јехова Бог. Знаела дека тој сака да ги заштити Евреите од сите опасности затоа што од нивниот народ требало да дојде ветениот Месија, Спасителот на целиот човечки род (1. Мој. 22:18). Кога Месијата, Исус Христос, дошол на Земјата, им забранил на своите следбеници да учествуваат во воени судири (Мат. 26:52).
29 Но, христијаните денес водат една поинаква војна. Тие се борат против еден духовен непријател, Сатана Ѓаволот, кој со сите сили настојува да им ја уништи верата. (Прочитај 2. Коринќаните 10:3, 4.) Од таа битка против многу помоќниот непријател можат да излезат како победници ако постапуваат по примерот на Естира, која покажала исклучителна вера, била стрплива, мудра, храбра и самопожртвувано се зазела за Божјиот народ.
a На молба на Естира, царот им дозволил на Евреите и следниот ден да се борат за својот живот (Ест. 9:12-14). До денес, Евреите секоја година ја слават таа победа во месецот адар, кој одговара на крајот на февруари и почетокот на март. Празникот се вика Пурим, според ждрепката што ја фрлил Аман кога сакал да ги истреби Евреите.