Читателите прашуваат
Дали Бог ја одобрува полигамијата?
Не. Кога Бог ги соединил во брак првиот маж и жена, поставил и мерило за бракот — моногамија. Исус Христос подоцна потврдил дека истото мерило важи и за неговите следбеници (1. Мојсеева 2:18-24; Матеј 19:4-6).
Но, зар не е точно дека Авраам, Јаков, Давид и Соломон, кои живееле во претхристијански времиња, имале по повеќе жени? Да, точно е. Но, каква слика дава Библијата за тој обичај? Библијата открива дека, како последица од таквиот обичај, во семејствата на Авраам и Јаков имало многу несогласувања и проблеми (1. Мојсеева 16:1-4; 29:18—30:24). Подоцна, во Божјиот закон била вклучена и оваа заповед што важела за секој цар: „Нека нема многу жени за да не му тргне срцето по крив пат“ (5. Мојсеева 17:15, 17). Соломон ја запоставил оваа заповед и си зел повеќе од 700 жени! За жал, срцето на Соломон навистина се оддалечило од Јехова поради лошото влијание од многуте жени (1. Царевите 11:1-4). Јасно е дека Библијата ја прикажува полигамијата во негативно светло.
Сепак, некои можеби ќе се прашаат зошто Бог решил да ја допушти полигамијата меѓу неговиот народ. Размисли за следново: Дали некогаш привремено си оставил да ти стои некое парче мебел иако требало да се замени, бидејќи си сметал дека нема да биде практично да го тргнеш барем уште некое време? Се разбира, Божјите патишта и мисли се многу повисоки од нашите (Исаија 55:8, 9). Сепак, можеме да видиме некои практични причини зошто Бог ја допуштил полигамијата извесно време.
Запомни дека во еденската градина Јехова ветил едно „потомство“ што на крајот требало да го уништи Сатана. Подоцна, на Авраам му било речено дека ќе биде татко на еден голем народ и дека проречениот Потомок ќе дојде од неговата семејна лоза (1. Мојсеева 3:15; 22:18). Сатана упорно се обидувал да спречи да дојде тој Потомок. Затоа бил решен да го уништи древниот Израел. Честопати ги заведувал Израелците да направат грев за да ја изгубат Божјата милост и заштита.
За да не успеат тие обиди, Јехова постојано ги испраќал своите пророци да го опоменат неговиот народ кога отстапувал од праведните мерила. Меѓутоа, однапред знаел дека Израелците честопати нема да ги слушаат дури ни најосновните заповеди, како што била заповедта против идолопоклонството (2. Мојсеева 32:9). Ако им било тешко да послушаат еден толку основен закон, како ќе било со законот против полигамијата? Бидејќи совршено ја разбира човечката природа, Јехова увидел дека сѐ уште не било време да го забрани тој обичај — кој веќе одамна бил раширен. Да го направел тоа, Сатана ќе нашол многу лесен начин да го наведе Израел на грев.
Тоа што Бог привремено ја допуштил полигамијата имало и други позитивни страни. Една работа е што Израелците брзо станале многуброен народ. Тоа помогнало да опстанат до доаѓањето на Месијата. Исто така, со полигамијата некои жени добиле извесна заштита, бидејќи така имале покрив над глава и дом во опасни времиња.
Но, да не заборавиме дека Јехова не го вовел овој обичај. Тој го допуштил извесно време, но сепак, дал јасни прописи за да се спречи секаква злоупотреба (2. Мојсеева 21:10, 11; 5. Мојсеева 21:15-17). Кога Јехова решил да ја укине полигамијата меѓу оние што му служеле, го употребил својот Син за да го потврди мерилото за брак што го поставил во Еден. Така, Исус им забранил на своите следбеници да имаат повеќе жени (Марко 10:8). Тогаш станал уште појасен и следниов факт: Мојсеевиот закон бил добар во свое време, но „законот Христов“ е уште подобар (Галатите 6:2).