Јехова нѐ чува за спасение
„Божјата сила преку верата ве чува за спасение, кое е подготвено да се објави во последното време“ (1. ПЕТ. 1:5)
КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?
На кој начин Јехова нѐ привлекол да му служиме?
Како може да му дозволиме на Јехова да нѐ води со своите совети?
Како Јехова ни го дава потребното охрабрување?
1, 2. а) Зошто сме уверени дека Бог ќе ни помогне да му останеме верни до крајот? б) Колку добро го познава Јехова секого од нас?
„КОЈ ќе истрае до крајот, тој ќе биде спасен“ (Мат. 24:13). Со овие зборови, Исус јасно ставил до знаење дека мора да му останеме верни на Бог до самиот крај ако сакаме да преживееме кога Тој ќе го уништи Сатановиот свет. Но, ова не значи дека Јехова очекува да истраеме потпирајќи се само на нашата мудрост или сила. Библијата нѐ уверува: „Бог е верен и нема да дозволи да бидете искушани повеќе отколку што можете да поднесете, туку ќе направи излез кога ќе дојде искушението за да можете да го издржите“ (1. Кор. 10:13). Што учиме од ова?
2 За да не дозволи да бидеме искушани повеќе отколку што можеме да поднесеме, Јехова мора да знае сѐ за нас — какви личности сме, со какви проблеми се соочуваме и колку можеме да издржиме. Дали Бог навистина нѐ познава толку добро? Да. Библијата ни открива дека тој многу добро го познава секого од нас. Јехова ги знае нашите навики и знае што правиме секој ден. Дури знае и што мислиме и што имаме во своето срце. (Прочитај Псалм 139:1-6.)
3, 4. а) Како примерот на Давид ни покажува дека Јехова е заинтересиран за секого од нас? б) Како Јехова покажува денес дека се грижи за нас?
3 Дали ти е тешко да веруваш дека Бог може толку многу да се интересира за нас, обичните смртници? Псалмистот Давид, кој длабоко размислувал за ова прашање, му го рекол следново на Јехова: „Кога ги гледам небесата твои, дело на твоите прсти, месечината и ѕвездите што си ги направил — што е смртниот човек, па да мислиш на него, и земниот човек, па да се грижиш за него?“ (Пс. 8:3, 4). Веројатно Давид бил поттикнат да го постави ова прашање на темел на своето лично искуство. Иако тој бил најмлад син на Јесеј, Јехова го зел ‚откај стадото што го чувал, за да му биде водач‘ на Израел, бидејќи Давид бил ‚човек според неговото срце‘ (1. Сам. 13:14; 2. Сам. 7:8). Лично Творецот на вселената бил заинтересиран за мислите и чувствата на едно обично овчарче! Замисли како се чувствувал Давид кога го сфатил ова!
4 Сигурно сме воодушевени и кога размислуваме за тоа колку Јехова се грижи за секој од нас денес. Тој ги собира кај себе „скапоценостите од сите народи“, односно поединците што се спремни да му служат (Агеј 2:7). Освен тоа, им помага да му останат верни. За подобро да разбереме како Јехова го прави ова, да видиме најпрво како ги привлекува луѓето кон себе.
БОГ НЀ ПРИВЛЕКОЛ
5. Како Јехова ги привлекува луѓето кон својот Син? Наведи пример.
5 Исус рекол: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото, кој ме испрати“ (Јован 6:44). Ова покажува дека може да станеме ученици на Исус само со помош од Јехова. Како Тој ги привлекува искрените лица кон својот Син? Преку проповедањето на добрата вест и преку светиот дух. На пример, кога стигнале во Филипи, Павле и неговите придружници сретнале една жена по име Лидија, и ѝ проповедале за добрата вест. Во врска со неа, Библијата вели: „Јехова ѝ го отвори срцето да го прифати она што го зборуваше Павле“. Значи, со помош на својот дух, Бог ѝ помогнал да ја разбере пораката и, на крајот, таа и нејзините домашни се крстиле (Дела 16:13-15).
6. Како Бог го привлекол секој од нас за да му служи?
6 Дали ова било случај само со Лидија? Воопшто не. Ако си крстен христијанин, Бог и тебе те привлекол за да му служиш. Исто како што видел нешто скапоцено во срцето на Лидија, нашиот небесен Татко видел нешто добро и кај тебе. Откако си ја слушнал добрата вест, Јехова, со својот свет дух, постепено ти помагал да ја разбереш (1. Кор. 2:11, 12). Потоа, тој го благословил трудот што си го вложил за да го применуваш она што си го учел. Кога си му го заветувал својот живот, Бог многу се радувал. Всушност, уште откако си почнал да чекориш по патот што води во живот, Јехова постојано бил покрај тебе.
7. Од каде знаеме дека Бог ќе ни помогне да му останеме верни?
7 Откако ни помогнал да почнеме да му служиме, Јехова не нѐ препуштил сами на себе. Тој знае дека, исто како што ни била потребна неговата помош за да ја прифатиме вистината, така ни е потребна помош и да останеме во неа. Апостол Петар им го напишал следново на помазаните христијани: „Божјата сила преку верата ве чува за спасение, кое е подготвено да се објави во последното време“ (1. Пет. 1:5). Всушност, овие зборови важат за сите христијани. Зошто? Затоа што на сите ни е потребна помош од Бог за да му останеме верни.
БОГ МОЖЕ ДА НЀ СПРЕЧИ ДА ЗГРЕШИМЕ
8. Зошто треба да внимаваме да не направиме сериозна грешка?
8 Поради проблемите во животот и поради нашите сопствени слабости понекогаш не гледаме на работите како што гледа Јехова. Тогаш сме во опасност да направиме сериозна грешка без да бидеме свесни за тоа. (Прочитај Галатите 6:1.) Ова еднаш му се случило на Давид.
9, 10. Како Јехова го спречил Давид да направи сериозна грешка, и што прави Тој за нас денес?
9 Давид покажал големо самосовладување кога бил прогонуван од Саул. Дури и кога му се укажала можност да му се одмазди на овој љубоморен цар, тој не го сторил тоа (1. Сам. 24:2-7). Сепак, кратко потоа, Давид изгубил контрола над себеси. Бидејќи на неговите луѓе им била потребна храна и вода, тој љубезно побарал помош од еден друг Израелец кој се викал Навал. Но, кога Навал му вратил со навреди, Давид се разгневил и тргнал да им се одмазди на сите мажи во домаќинството на тој човек, без да размисли дека ќе сноси вина за крв пред Бог ако убие невини луѓе. Само благодарение на Авигеја, жената на Навал, тој не ја направил оваа страшна грешка. Бидејќи сфатил дека Јехова ја употребил неа за да го спречи да згреши, Давид ѝ рекол: „Нека е благословен Јехова, Богот на Израел, кој денес те испрати да ме пресретнеш! Благословена да биде твојата разумност и благословена да бидеш ти, која ме задржа денес да не бидам виновен за крв и да не си прибавувам одмазда со сопствена рака!“ (1. Сам. 25:9-13, 21, 22, 32, 33).
10 Што учиме од овој извештај? Учиме дека Јехова може и нас да нѐ спречи да направиме сериозна грешка. Се разбира, не треба да очекуваме Бог да ни испрати некого секогаш кога сме во опасност да згрешиме. А не можеме да знаеме ни како точно ќе постапи во секоја ситуација или што сѐ ќе дозволи да се случи за да се изврши неговата намера (Проп. 11:5). Сепак, можеме да бидеме уверени дека Јехова е свесен за нашите околности и дека ќе ни помогне да му останеме верни. Тој ни ветува: „Ќе ти дадам разборитост и ќе те поучам за патот по кој треба да одиш. Ќе те советувам, моето око ќе биде над тебе“ (Пс. 32:8). Како Јехова ни дава совети? Како можат да ни користат? И зошто може да бидеме сигурни дека тој го води својот народ денес? Да видиме како овие прашања се одговорени во книгата Откровение.
БОЖЈИТЕ СОВЕТИ НЀ ШТИТАТ
11. Колку добро знае Јехова што се случува во собранијата на неговиот народ?
11 Во видението кое е запишано во книгата Откровение, поглавја 2 и 3, прославениот Исус Христос ги проверува седумте собранија во Мала Азија. Тој не ја гледа само општата состојба на собранијата туку знае и што конкретно се случува. Во некои случаи, Христос дури спомнува поединци по име, и на секое собрание му дава соодветна пофалба или совети. Што значи ова видение? Седумте собранија ги претставуваат помазаните христијани по 1914 год. Иако Христос им ги дава овие совети главно на помазаниците, денес сите собранија на Божјиот народ на Земјата можат да извлечат корист од нив. Според тоа, може да кажеме дека во нашево време Јехова го води својот народ преку својот Син. Како можеме да го следиме тоа водство?
12. Како можеме да му дозволиме на Јехова да нѐ води?
12 Личното проучување е еден начин на кој му дозволуваме на Јехова да нѐ води. Преку публикациите на верниот и разборит роб, Тој ни дава многу библиски совети (Мат. 24:45). Но, за да ни користат, треба да одвоиме време да проучуваме и треба да го применуваме она што сме го научиле. Значи, преку личното проучување, Јехова може ‚да нѐ зачува да не паднеме‘ (Јуда 24). Дали некогаш си проучувал нешто во нашите публикации што ти се чинело дека е напишано токму за тебе? Прифати ги советите како да доаѓаат лично од Јехова. Исто како што еден пријател би можел да нѐ потчукне по рамото за да ни го сврти вниманието кон нешто, Јехова може да го употреби својот дух за да ни укаже на некое наше однесување или особини кои треба да ги подобриме. Кога го прифаќаме водството на духот, му дозволуваме на Јехова да нѐ води во исправна насока. (Прочитај Псалм 139:23, 24.) Да размислиме накратко колку време одвојуваме за проучување.
13. Зошто е добро да размислиме колку време одвојуваме за проучување?
13 Ако трошиме премногу време на забава, нема да имаме доволно време за лично проучување. Еден брат вели: „Многу е лесно да пропуштиме да проучуваме. Денес забавата е подостапна и поевтина од кога и да било порано. Доволно е само да го вклучиш телевизорот или компјутерот, или да го земеш в рака мобилниот. Можности за забава има на секој чекор“. Ако не внимаваме, постепено може да трошиме сѐ повеќе време на забава, и на крајот воопшто да немаме време за подлабоко проучување (Еф. 5:15-17). Добро е секој од нас да се праша: ‚Колку често одвојувам време за да истражувам во Божјата Реч? Дали го правам тоа само кога имам задача или точка на состанокот?‘ Ако е така, можеби ќе треба подобро да ја искористиме Семејната вечер или времето што сме го одвоиле за лично проучување за да ја бараме Јеховината мудрост во Библијата, исто како што би трагале по некое скриено богатство. Оваа мудрост може да нѐ заштити и да нѐ зачува за спасение (Изр. 2:1-5).
ОХРАБРУВАЊЕТО НЀ ЗАЈАКНУВА
14. Како Библијата покажува дека Јехова ги знае нашите чувства?
14 Давид доживеал многу страдања во животот (1. Сам. 30:3-6). Но, Библијата покажува дека Јехова знаел како се чувствува. (Прочитај Псалм 34:18; 56:8.) Бог добро ги познава нашите чувства. Тој е близу до нас кога сме „скршени во срцето“ или „со скршен дух“. Ова е многу утешно за сите Божји слуги денес, исто како што било и за Давид, кој пеел: „Ќе се веселам и ќе се радувам поради твојата милост, поради тоа што погледна на мојата неволја. Ти ги знаеш маките на мојата душа“ (Пс. 31:7). Јехова ги знае нашите болки, но не останува само на тоа. Тој нѐ зајакнува така што ни дава утеха и охрабрување. Еден начин како го прави ова е преку христијанските состаноци.
15. Што учиме од она што му се случило на Асаф?
15 Примерот на псалмистот Асаф покажува колку се корисни нашите состаноци. Кога размислувал за неправдите, тој почнал да се прашува дали вреди човек да му служи на Бог. Своето обесхрабрување го изразил со следниве зборови: „Во срцето имав чемер, а болка ми ги прободуваше бубрезите“. Поради тоа, за малку ќе престанел да му служи на Јехова. Што му помогнало да го исправи својот став? Тој рекол: „Отидов во величественото светилиште на Бог“. Таму, меѓу другите слуги на Јехова, почнал појасно да ги гледа работите. Сфатил дека злобните напредуваат само за кратко време, и дека Јехова сигурно ќе ја отстрани секоја неправда (Пс. 73:2, 13-22). Слично е и со нас. Неправдите во Сатановиот свет можат да нѐ исцрпат. Но, кога се состануваме со нашите браќа, ја добиваме силата и помошта кои ни се потребни за да продолжиме радосно да му служиме на Јехова.
16. Како може да ни помогне примерот на Ана?
16 Но, што ако поради некоја ситуација во собранието ти е тешко да одиш на состаноци? Можеби си морал да престанеш да вршиш некоја теократска одговорност, и затоа сега се срамиш. Или, можеби имаш несогласување со некој брат или сестра. Ако е така, размисли за примерот на Ана. (Прочитај 1. Самоилова 1:4-8.) Таа била многу вознемирена затоа што другата жена на нејзиниот маж, Фенина, постојано ѝ задавала јадови. За Ана особено било болно кога секоја година целото семејство одело да му принесе жртви на Јехова во Сило. Толку ѝ било тешко што ‚плачела и не јадела‘. Сепак, не дозволила тоа да ја спречи да оди на местото каде што можела да го слави Јехова. Бог ја ценел нејзината верност и ја благословил (1. Сам. 1:11, 20).
17, 18. а) На кој начин добиваме охрабрување на собраниските состаноци? б) Како се чувствуваш ти затоа што Јехова со љубов се грижи за нас и нѐ чува за спасение?
17 Христијаните денес може да се угледаат на Ана. Ние треба редовно да одиме на состаноците. Таму го добиваме потребното охрабрување. Сите сме го почувствувале тоа (Евр. 10:24, 25). Љубовта на браќата и на сестрите ни носи голема утеха. На пример, некоја мисла што ќе ја слушнеме во некој говор или коментар може да нѐ допре до срце. Пред или по состанокот, некој соверник може да ни каже неколку утешни зборови или сочувствително да нѐ сослуша (Изр. 15:23; 17:17). А кога заедно му пееме на Јехова, се чувствуваме уште порадосни. Охрабрувањето што го добиваме на состаноците особено ни е потребно кога нѐ измачуваат „немирни мисли“. Таму Јехова нѐ зајакнува со тоа што ни ја дава потребната утеха преку својата Реч и ја зацврстува нашата решеност да му останеме верни (Пс. 94:18, 19).
18 Бидејќи Бог со љубов се грижи за нас, се чувствуваме исто како Асаф, кој му пеел: „Ти ме фати за десницата. Ќе ме водиш со својот совет“ (Пс. 73:23, 24). Навистина сме благодарни што Јехова нѐ чува за спасение!
[Слика на страница 28]
Јехова те привлекол и тебе
[Слика на страница 30]
Ќе бидеме заштитени ако ги применуваме Божјите совети
[Слика на страница 31]
Зајакнати сме од охрабрувањето што го добиваме