Езра
9 Откако се заврши сето тоа, ми пристапија кнезовите и рекоа: „Израелскиот народ, свештениците и левитите не се одвоени од другите народи и ги држат одвратните обичаи на Ханаанците, Хетејците, Ферезејците, Евусејците, Амонците, Моавците, Египќаните и Аморејците. 2 Си земаат жени од нивните ќерки за себе и за своите синови. На тој начин, тие — светиот народ — се измешаа со другите народи. А кнезовите и намесниците предводат во тоа и постапуваат најневерно од сите“.
3 Штом го чув ова, си ја раскинав облеката и почнав да си ги кубам косата и брадата. И седев длабоко потресен. 4 Тогаш се собраа околу мене сите кои имаа стравопочит кон* зборовите на Богот на Израел и кои беа силно погодени од гревот на оние што се вратија од изгнанство. А јас, длабоко потресен, останав да седам сѐ до вечерната житна жртва.
5 Кога дојде време да се принесе вечерната житна жртва, станав од местото каде што седев и тагував со раскината облека, па паднав на колена и ги раширив рацете кон Јехова, мојот Бог. 6 Тогаш реков: „О Боже мој! Се срамам и непријатно ми е да го подигнам лицето кон тебе, Боже мој, бидејќи нашите гревови се намножија и нашите престапи се натрупаа до небото. 7 Уште од времето на нашите прататковци па сѐ до денес носиме огромна вина! Поради нашите престапи, ние, нашите цареви и нашите свештеници бевме предавани во рацете на други цареви. Нѐ убиваа со меч, нѐ водеа во заробеништво, нѐ ограбуваа и нѐ срамотеа, како што е случај и денес. 8 А сега, Јехова, Боже наш, ти за момент ни покажуваш милост со тоа што дозволи некои од нас да се избават и нѐ доведе на сигурно, во твоето свето место. Ти ни го врати сјајот во очите, Боже наш, и ни даде да здивнеме од ропството. 9 Иако сме робови, ти не нѐ остави, туку ни покажа верна љубов и затоа ја стекнавме милоста на персиските цареви. Ти нѐ зајакна, Боже наш, за да го изградиме твојот дом кој беше разурнат, и ни пружи заштита* во Јуда и во Ерусалим.
10 И по сето ова, што да кажеме, Боже наш? Ние престанавме да ги држиме твоите заповеди. 11 Преку твоите слуги, пророците, ти ни заповеда: ’Земјата која одите да ја заземете е нечиста бидејќи народите што живеат во неа се нечисти. Со своите одвратни обичаи, тие ја наполнија целата земја со нечистотија. 12 Затоа, немојте да им ги давате вашите ќерки на нивните синови, ниту пак да ги земате нивните ќерки за вашите синови. И никогаш немојте со ништо да им помагате да стекнат мир и благосостојба. Така ќе станете силни, ќе ја јадете добрата храна од земјата и ќе им ја оставите таа земја во наследство на своите синови засекогаш‘. 13 А по сето она што нѐ снајде затоа што постапувавме лошо и правевме многу гревови — иако ти, Боже наш, не нѐ казни толку колку што заслуживме и дозволи некои од нас да се избават — 14 зарем пак ќе ги кршиме твоите заповеди и ќе склучуваме бракови со народите кои имаат такви одвратни обичаи? Зарем нема да се разгневиш до тој степен што ќе нѐ уништиш сите до еден, така што никој нема да се спаси и да преживее? 15 Јехова, Боже на Израел, ти си праведен, зашто некои од нас останаа живи до ден-денес. А сега стоиме пред тебе виновни иако воопшто немаме право на тоа после она што го направивме“.