Јеховината реч е жива
Избрани стихови од книгата Езра
БИБЛИСКАТА книга Езра започнува онаму каде што застанува книгата Втора Летописи. Писателот, свештеникот Езра, најпрво ни кажува за наредбата што ја издал персискиот цар Кир, со која дозволува преостанатите Евреи протерани во Вавилон да се вратат во својата родна земја. Езра завршува кажувајќи за мерките што ги презел за да се исчистат оние што се извалкале со луѓето од народите. Сѐ на сѐ, книгата опфаќа период од 70 години — од 537 до 467 година пр.н.е.
Езра ја пишува книгата со јасна цел на ум: да покаже како Јехова го исполнил своето ветување дека ќе го ослободи својот народ од изгнанството во Вавилон и дека ќе го обнови вистинското обожавање во Ерусалим. Значи, Езра се сосредоточува само на настаните што се поврзани со оваа цел. Книгата ни кажува како течеле работите околу обновата на храмот и како е повторно воспоставено обожавањето на Јехова и покрај противењето од страна и несовршеностите на самиот Божји народ. Извештајот е од интерес и за нас, бидејќи ние исто така живееме во едно време на обнова. Мнозина се слеваат кон „Господовата Гора“, и речиси целиот свет „ќе се наполни со знаењето на Господовата слава“ (Исаија 2:2, 3; Хабакук 2:14).
ХРАМОТ Е ПОВТОРНО ИЗГРАДЕН
Како резултат на декретот со кој Кир ги ослободил, околу 50.000 еврејски изгнаници се враќаат во Ерусалим под водството на управителот Зоровавел. Повратниците веднаш го подигаат жртвеникот на неговото место и почнуваат да му принесуваат жртви на Јехова.
Следната година Израелците го поставуваат темелот на Јеховиниот дом. Во работата постојано им се мешаат непријатели, кои на крајот успеваат да извлечат од царот заповед за да се запре работата. Пророците Агеј и Захарија го поттикнуваат народот да продолжи и тој повторно се зафаќа со градењето на храмот и покрај забраната. Непријателите ги држи настрана стравот да не се спротивстават на персиската наредба која ја издал Кир и која, откако еднаш била издадена, се сметала за непроменлива. Една законска истрага ја изнесува на виделина наредбата на Кир „за Божјиот дом во Ерусалим“ (Езра 6:3). Работата оди добро и целосно е завршена.
Одговорени библиски прашања:
1:3-6 — Дали Израелците што не се вратиле доброволно во нивната родна земја имале слаба вера? Некои можеби не се вратиле во Ерусалим затоа што станале материјалисти или им недостасувало ценење за вистинското обожавање, но не значи дека тоа било случај со сите. Како прво, патот од 1.600 километри до Ерусалим траел четири-пет месеци. Освен тоа, преселбата во земја што лежела запустена 70 години и нејзината повторна изградба барале голема физичка издржливост. Значи, некои несомнено биле спречени да се вратат од неповолните околности во кои што се наоѓале, како што се физичка слабост, напредната возраст или семејни одговорности.
2:43 — Кои биле Нетинците? Тоа биле луѓе кои по потекло не биле Израелци, а кои служеле во храмот како слуги. Меѓу нив биле потомците на Гаваонците од времето на Исус Навин и некои други „што ги беше дал Давид и кнезовите негови за послуга на левитите“ (Езра 8:20, ПСП).
2:55 — Кои биле синовите на Соломоновите слуги? Тие не биле Израелци, но им биле доделени посебни одговорности во службата за Јехова. Можеби служеле како писари или препишувачи во храмот или им била дадена некоја друга административна должност.
2:61-63 — Дали Урим и Тумим, коишто се користеле кога било потребно Јехова да одговори на нешто, им биле достапни и на повратниците од изгнанство? Некој што тврдел дека има свештеничко потекло но не можел да го потврди тоа со родословие, можел да докаже дека е во право само со Урим и Тумим. Езра го спомнува ова само како можност. Во Библијата не постои запис дека тогаш или потоа биле употребувани Урим и Тумим. Според еврејската традиција, Урим и Тумим исчезнале при уништувањето на храмот во 607 пр.н.е.
3:12 — Зошто мнозина ‚старешини кои со свои очи ги виделе основите на поранешниот Храм‘ плачеле гласно? Овие луѓе се сеќавале колку величествен бил храмот што го изградил Соломон. Темелот што се поставувал за новиот храм бил „како ништо во [нивните] очи“ (Агеј 2:2, 3). Ќе успеат ли да му ја вратат на храмот славата што претходно ја имал? Тоа мора многу да ги тиштело, па затоа и плачеле.
3:8-10; 4:23, 24; 6:15, 16 — Колку години биле потребни за повторно да се изгради храмот? Темелот на храмот бил поставен во 536 пр.н.е. — „во втората година по нивното доаѓање“. Градењето запрело во времето на цар Артаксеркс, во 522 година пр.н.е. Забраната траела сѐ до 520 година пр.н.е., втората година од владеењето на цар Дариј. Храмот бил завршен во шестата година од неговото владеење, односно 515 година пр.н.е. (Види ја рамката „Персиски цареви од 537 до 467 година пр.н.е.“) Според тоа, изградбата траела околу 20 години.
4:8—6:18 — Зошто овие стихови биле напишани на арамејски? Овој дел содржи многу писма од владини претставници до цареви и нивните одговори. Езра ги препишал од јавни записи напишани на арамејски, јазикот што тогаш се користел во трговијата и дипломатијата. Други делови од Библијата напишани на овој древен семитски јазик се Езра 7:12-26, Еремија 10:11 и Даниел 2:4б-7:28.
Поуки за нас:
1:2. Се исполнило она што Исаија го прорекол околу 200 години претходно (Исаија 44:28). Пророштвата што ги кажува Јехова во својата Реч секогаш се исполнуваат.
1:3-6. Како некои од Израелците што останале во Вавилон, многу Јеховини сведоци не можат да служат полновремено или таму каде што има поголема потреба. Но, тие ги поддржуваат и ги храбрат оние што го прават тоа и доброволно приложуваат материјални средства во интерес на проповедањето за Царството и правењето ученици.
3:1-6. Во седмиот месец од 537 година пр.н.е. (тишри, што одговара на септември/октомври), верните повратници за првпат принеле жртва. Цар Навуходоносор влегол во Ерусалим во петтиот месец (аб, што одговара на јули/август) во 607 година пр.н.е., и два месеца подоцна градот бил потполно опустошен (2. Цареви 25:8-17). Како што било проречено, 70-те години пустош во кои бил оставен Ерусалим завршиле точно навреме (Еремија 25:11; 29:10). Сѐ што е претскажано во Јеховината Реч секогаш се исполнува.
4:1-3. Верните преостанати Евреи одбиле една понуда која, ако ја прифателе, би значело дека направиле религиозно сојузништво со обожавателите на лажни божества (Излез 20:5; 34:12). Исто како нив, Јеховините сведоци денес не учествуваат во меѓуверски движења.
5:1-7; 6:1-12. Јехова може да ги води работите на начин што ќе му донесе успех на неговиот народ.
6:14, 22. Ревносното учество во делото на Јехова ни носи одобрение и благослов од него.
6:21. Напредокот што го гледале во делото на Јехова ги поттикнало Самарјаните коишто тогаш живееле на Еврејска територија и повратниците кои подлегнале на пагански влијанија да ги направат потребните промени во своите животи. Зар не треба и ние да даваме сѐ од себе кога го вршиме делото што Бог ни го доделил денес, вклучувајќи го и објавувањето на неговото Царство?
ЕЗРА ДОАЃА ВО ЕРУСАЛИМ
Од свеченото пуштање во употреба на храмот има поминато педесет години. Сега е 468 година пр.н.е. Земајќи ги со себе преостанатите од Божјиот народ и доброволните прилози, Езра тргнува од Вавилон за Ерусалим. Каква состојба затекнува таму?
Главатарите му кажуваат: „Израелскиот народ, свештениците и левитите, не се одвоија од народите на земјата, закоравени во нивните мерзости“. Што е уште полошо, „главатарите и советниците први ја направија таа неверност“ (Езра 9:1, 2). Езра е шокиран. Поттикнат е да ‚биде храбар, и да дејствува‘ (Езра 10:4). Езра презема чекори за да се исправат работите, и луѓето добро реагираат на нив.
Одговорени библиски прашања:
7:1, 7, 11 — Дали сите овие стихови се однесуваат на истиот оној Артаксеркс што ставил забрана на градењето? Не. Името Артаксеркс го носеле два персиски цара. Едниот од нив бил или Бардија или Гаумата, кој наредил да се запре работата на храмот во 522 година пр.н.е. Артаксеркс од времето кога Езра доаѓа во Ерусалим е Артаксеркс Лонгиманус.
7:28—8:20 — Зошто многу Евреи од Вавилон немале желба да појдат во Ерусалим со Езра? Иако минале повеќе од 60 години откако првата група Евреи се вратила во својата родна земја, Ерусалим сѐ уште бил многу ретко населен. Да се врати некој таму значело да почне нов живот под доста неповолни и тешки услови. Ерусалим од тоа време не им нудел привлечен материјален напредок на Евреите што можеби напредувале во Вавилон. Не треба да се занемарат ниту опасностите што можеле да ги снајдат по пат. Оние што ќе се врателе требало да имаат силна вера во Јехова, ревност за чистото обожавање и храброст да го преземат тој чекор. Дури и Езра се зајакнал затоа што раката на Јехова била над него. Езра ги повикувал и другите да дојдат, и 1.500 семејства — вкупно можеби 6.000 луѓе — тргнале со него. Откако Езра презел уште некои дополнителни чекори, со него тргнале и 38 левити и 220 Нетинци.
9:1, 2 — Колку сериозна закана било стапувањето во брак со луѓето од народите? Обновената нација требало да биде чувар на обожавањето на Јехова сѐ до доаѓањето на Месијата. Браковите со жители на туѓи земји биле сериозна закана за вистинското обожавање. Тоа што некои стапиле во брак со луѓе што обожавале идоли можело на крај да направи целиот народ да биде асимилиран од паганските народи. Чистото обожавање би можело да го снема од лицето на земјата. Во тој случај кај кого би дошол Месијата? Не е ни чудо што Езра бил шокиран од она што видел дека се случува.
10:3, 44 — Зошто требало и децата да бидат отпуштени заедно со жените? Ако останеле децата, ќе имало поголеми шанси заради нив да се вратат и жените што ги отпуштиле. Исто така, на малите деца главно им е потребна грижата од нивните мајки.
Поуки за нас:
7:10. Езра е многу добар пример за нас бидејќи марливо ја проучувал Божјата реч и успешно поучувал за неа. Тој во молитва го подготвил своето срце да бара совети од Законот на Јехова. Кога го правел тоа, Езра обрнувал многу внимание на она што го кажувал Јехова. Го применувал тоа што го учел и многу се трудел да ги поучи и другите.
7:13. Јехова сака да му служиме од срце.
7:27, 28; 8:21-23. Езра му ја припишал сета заслуга на Јехова, искрено му се помолил пред да тргне на долгото и опасно патување до Ерусалим и бил подготвен да се изложи себеси на опасност за да дојде до израз славата на Јехова. Тој ни оставил убав пример.
9:2. Мора сериозно да ја сфатиме опомената да стапуваме во брак „само во Господ“ (1. Коринќаните 7:39).
9:14, 15. Поради лошото друштво може да го изгубиме одобрувањето од Јехова.
10:2—12, 44. Оние што се ожениле со туѓинки понизно се покајале и го исправиле своето погрешно постапување. Нивниот став и постапка се за пример.
Јехова си ги одржува ветувањата
Колку корисна е за нас книгата Езра! Точно тогаш кога рекол дека ќе биде, Јехова си го исполнил ветувањето дека ќе го ослободи својот народ од вавилонското заробеништво и дека ќе го обнови вистинското обожавање во Ерусалим. Зар тоа не ни ја зајакнува верата во Јехова и во неговите ветувања?
Размисли за примерите што ги гледаме во книгата. За пример е оддаденоста што ја покажале Езра и преостанатите Евреи што се вратиле за да учествуваат во обновата на вистинското обожавање во Ерусалим. Во книгата убаво се гледа верата што ја покажале побожните туѓинци и понизноста на грешниците што се каеле. Навистина, вдахновените зборови на Езра ни даваат јасен доказ дека „речта Божја е жива и врши силно влијание“ (Евреите 4:12).
[Табела/слика на страница 18]
ПЕРСИСКИ ЦАРЕВИ ОД 537 ДО 467 ГОДИНА ПР.Н.Е.
Кир Велики (Езра 1:1) умрел во 530 година пр.н.е.
Камбис, или Ахашверош (Езра 4:6) 530 — 522 година пр.н.е.
Артаксеркс — Бардија (Езра 4:7) 522 година пр.н.е. или Гаумата (Убиен по само седум месеци владеење)
Дариј I (Езра 4:24) 522 — 486 година пр.н.е.
Ксеркс, или Ахасверa 486 — 475 година пр.н.е. (Владеел како корегент со Дариј I од 496 — 486 година пр.н.е.)
Артаксеркс Лонгиманус (Езра 7:1) 475 — 424 година пр.н.е.
[Фуснота]
a Ксеркс не е спомнат во книгата Езра. Во библиската книга Естира тој е наведен како Ахасвер.
[Слика]
Ахасвер
[Слика на страница 17]
Кир
[Слика на страница 17]
На Кировиот цилиндер пишува за неговата политика да се пуштат затворениците за да се вратат во својата земја
[Извор на слика]
Цилиндер: со љубезна дозвола на Британскиот музеј
[Слика на страница 20]
Знаеш ли на што се должел успехот со кој Езра поучувал?