Јован
9 Додека поминуваше, виде еден човек слеп од раѓање. 2 А неговите ученици го прашаа: „Учителе,* зошто овој човек се родил слеп? Кој згрешил, тој или неговите родители?“ 3 Исус одговори: „Не згрешил ниту тој ниту неговите родители, но ова е прилика луѓето да видат што може да направи Бог. 4 Додека е ден, мораме да ја вршиме волјата* на оној што ме испрати. Доаѓа ноќ кога никој не ќе може да работи. 5 Додека сум во светот, јас сум светлината на светот“. 6 Откако го рече ова, плукна на земја и со плунката направи кал, па со калта му ги намачка очите на човекот 7 и му рече: „Оди измиј се во бањата Силоам“. (Силоам значи „испратен“.) И тој отиде, се изми и кога се врати, веќе гледаше.
8 А соседите и оние што претходно го гледаа како проси велеа: „Не е ли ова човекот што седеше и просеше?“ 9 Едни велеа: „Тој е“, а други: „Не е тој, само личи на него“. А човекот велеше: „Јас сум“. 10 Затоа го прашаа: „Тогаш, како прогледа?“ 11 Тој одговори: „Човекот кој се вика Исус направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: ’Оди во Силоам и измиј се‘. Така отидов, се измив и прогледав“. 12 Тогаш го прашаа: „Каде е тој човек?“ „Не знам“, им одговори.
13 Потоа го одведоа човекот, кој порано беше слеп, кај фарисеите. 14 А тој ден кога Исус ја направи калта и му го врати видот беше сабат. 15 Тогаш и фарисеите почнаа да го распрашуваат како прогледал. А тој им рече: „Ми стави кал на очите, јас се измив и сега гледам“. 16 Затоа некои од фарисеите рекоа: „Тој човек не е испратен од Бог, бидејќи не го држи сабатот“. А други рекоа: „Ако е грешник, како може да прави такви чуда?“ И дојде до поделба меѓу нив. 17 Тогаш повторно го прашаа човекот: „Што велиш ти за него? Сепак, тебе ти го врати видот“. А човекот одговори: „Тој е пророк“.
18 Но Евреите не веруваа дека бил слеп и дека прогледал, па затоа ги повикаа неговите родители. 19 И ги прашаа: „Дали е ова вашиот син за кого велите дека се родил слеп? Како тоа сега гледа?“ 20 Неговите родители одговорија: „Да, ова е нашиот син, и навистина се роди слеп. 21 Но како сега гледа, не знаеме, а не знаеме ни кој му го вратил видот. Прашајте го него. Возрасен е, самиот нека зборува за себе“. 22 Неговите родители рекоа така затоа што се плашеа од Евреите, бидејќи Евреите веќе се беа договориле да го исклучат од синагогата секој што ќе признае дека Исус е Христос. 23 Затоа неговите родители рекоа: „Возрасен е, прашајте го него“.
24 Тогаш по вторпат го повикаа човекот што беше слеп и му рекоа: „Оддај му слава на Бог!* Знаеме дека тој човек е грешник“. 25 А тој одговори: „Дали е грешник, не знам. Но едно знам, бев слеп, а сега гледам“. 26 Тогаш го прашаа: „Што ти направи? Како ти го врати видот?“ 27 Тој им одговори: „Веќе ви кажав, но вие не слушавте. Зошто сакате пак да го чуете истото? Да не сакате и вие да станете негови ученици?“ 28 Тогаш со презир му рекоа: „Ти си негов ученик, а ние сме ученици на Мојсеј. 29 Знаеме дека Бог му зборувал на Мојсеј, а за овој човек не знаеме од каде е“. 30 Тогаш човекот им рече: „Навистина е чудно што не знаете од каде е, а мене ми го врати видот. 31 Знаеме дека Бог не ги услишува грешниците, но ги услишува оние што имаат стравопочит кон него и ја вршат неговата волја. 32 Досега не се чуло некој да му го врати видот на човек што е слеп од раѓање. 33 Да не беше овој човек од Бог, не ќе можеше ништо да направи“. 34 Тие му одговорија: „Полн си со гревови уште од раѓање! Ти ли нас ќе нѐ учиш?“ И го исфрлија надвор.
35 Исус слушна дека го исфрлиле. Кога го најде, го праша: „Веруваш ли во Синот човечки?“ 36 Човекот одговори: „Те молам, кажи ми кој е тој, за да можам да верувам во него“. 37 Исус му рече: „Ти веќе го виде. Всушност, сега зборуваш со него“. 38 Тогаш тој рече: „Верувам во него, Господару!“ И му се поклони. 39 А Исус рече: „Јас дојдов во светот за да може да им се суди на луѓето — да прогледаат оние што не гледаат, а да ослепат оние што гледаат“. 40 Некои од фарисеите кои беа со него го чуја ова, па го прашаа: „Сакаш да кажеш дека и ние сме слепи?“ 41 Исус им одговори: „Да бевте слепи, немаше да бидете виновни за грев. Но бидејќи велите дека гледате, и понатаму сте виновни за грев“.