Марко
15 Веднаш в зори, главните свештеници заедно со старешините и со книжниците, имено целиот Судски совет,* одржаа советување.+ И го врзаа Исус, па го одведоа и му го предадоа на Пилат.+ 2 А Пилат го праша: „Дали си ти царот+ на Евреите?“ Тој му одговори: „Ти самиот го велиш тоа“.+ 3 И главните свештеници го обвинуваа за многу работи.+ 4 А Пилат повторно го праша: „Зарем ништо не одговараш?+ Види колку обвиненија изнесуваат против тебе“.+ 5 Но Исус ништо повеќе не одговори, така што Пилат се чудеше.+
6 А на секој празник им пушташе по еден затвореник, кого што ќе го побараа.+ 7 Во тоа време, човекот кого го викаа Варава беше во окови со бунтовниците, кои во бунтот беа извршиле убиство.+ 8 И народот се качи горе и почна да го бара она што тој обично го правеше за нив. 9 А Пилат ги праша: „Сакате ли да ви го пуштам царот на Евреите?“+ 10 Зашто, знаеше дека главните свештеници го предадоа од завист.+ 11 Но, главните свештеници го подбуцнаа народот да бара да им го пушти Варава.+ 12 А Пилат повторно ги праша: „Тогаш што да правам со овој што го нарекувате цар+ на Евреите?“+ 13 А тие уште еднаш извикаа: „Прикови го на столб!“*+ 14 Но Пилат ги праша: „Па какво зло направил?“ А тие уште посилно викаа: „Прикови го на столб!“+ 15 Тогаш Пилат, сакајќи да му угоди на народот,+ го пушти Варава, а Исус, откако го камшикуваа, го предаде да го приковаат на столб.+
16 Војниците го одведоа во дворот на палатата на управителот, па ја свикаа целата чета+ 17 и му наметнаа пурпурна наметка, па исплетоа круна од трње и му ја ставија на главата.+ 18 И почнаа да го поздравуваат: „Здраво, царе на Евреите!“+ 19 И со трска го удираа по глава, го плукаа и му се поклонуваа, паѓајќи на колена.+ 20 Кога го исмеаја, му ја симнаа пурпурната наметка и му ја облекоа неговата облека. Потоа го изведоа за да го приковаат на столб.+ 21 И присилија еден минувач, кој доаѓаше од полето, некојси Симон од Киринија, татко на Александар и Руф, да му го понесе столбот на кој требаше да биде прикован.+
22 И го доведоа на местото Голгота, што значи „место на черепи“.+ 23 Таму му нудеа вино со опојна смирна,+ но тој не зеде.+ 24 И го приковаа на столб и ја разделија неговата облека,+ фрлајќи ждрепка за неа, за да одредат кој што да земе.+ 25 А беше третиот* час+ кога го приковаа на столбот. 26 А горе стоеше натпис на кој беше напишано за што е обвинет:+ „Цар на Евреите“.+ 27 А со него ставија на столб двајца разбојници, едниот од неговата десна, а другиот од неговата лева страна.+ 28 *—— 29 А минувачите го навредуваа,+ подбивно вртејќи со главите и велејќи: „Ајде, ти што ќе го урнеше храмот и ќе го изградеше за три дена,+ 30 спаси се себеси и слези од столбот!“+ 31 На сличен начин и главните свештеници со книжниците биеја шега и зборуваа меѓу себе: „Другите ги спаси, а себе не може да се спаси!+ 32 Сега Христос,* царот на Израел, нека слезе од столбот, за да видиме, па да поверуваме!“+ Го исмејуваа дури и оние што беа со него ставени на столб.+
33 А во шестиот* час, се спушти темнина по целата таа земја и траеше сѐ до деветтиот* час.+ 34 Во деветтиот час Исус извика со силен глас: „Ели, Ели, лама савахтани?“ — што значи: „Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?“+ 35 Некои од оние што стоеја во близина, кога го чуја тоа, рекоа: „Гледај, го повикува Илија“.*+ 36 А еден отрча, натопи сунѓер во кисело вино, го стави на трска и му даваше да пие,+ велејќи: „Нека го! Да видиме дали ќе дојде Илија да го симне“.+ 37 Но, Исус викна со силен глас и издивна.+ 38 И завесата+ на светилиштето се расцепи надве, одозгора додолу.+ 39 А стотникот, кој стоеше спроти него, откако виде што се случи кога издивна, рече: „Овој човек навистина беше Божји Син!“+
40 Таму имаше и жени што оддалеку го набљудуваа тоа.+ Меѓу нив беа Марија Магдалена, и Марија, мајката на Јаков Помалиот и на Јосиј, и Салома,+ 41 кои го придружуваа+ и му служеа кога беше во Галилеја. Таму беа и многу други жени кои заедно со него дојдоа во Ерусалим.+
42 А бидејќи веќе беше доцна попладне и беше ден на подготовка,* односно ден пред сабота,* 43 дојде Јосиф од Ариматеја, угледен член на Советот, кој и самиот го чекаше Божјето царство.+ Тој се осмели да влезе кај Пилат и да го побара Исусовото тело.+ 44 А Пилат се зачуди дека е веќе мртов, па го повика стотникот и го праша дали е веќе мртов. 45 Кога стотникот му го потврди тоа, му го даде на Јосиф мртвото тело.+ 46 Тој купи фино платно, го симна телото, го завитка во платното и го положи+ во гроб+ што беше издлабен во карпа. И дотркала камен на влезот од гробот.+ 47 А Марија Магдалена и Марија, мајката на Јосиј, гледаа каде го полагаат.+