Матеј
15 Тогаш кај Исус дојдоа фарисеи и познавачи на Законот* од Ерусалим и го прашаа: 2 „Зошто твоите ученици не се држат за традицијата од старите? На пример, не си ги мијат рацете според обредот пред да јадат“.
3 Тој им одговори: „А зошто вие не се држите за Божјата заповед поради вашата традиција? 4 На пример, Бог рекол: ’Почитувај ги татко ти и мајка ти‘ и ’Кој го омаловажува* својот татко или својата мајка, да биде погубен‘. 5 Но вие велите: ’Оној што ќе му рече на својот татко или на својата мајка: „Она што го имам, а со кое би можел да ти помогнам, е подарок ветен за Бог“ 6 не е должен да го почитува својот татко‘. И така, поради вашата традиција, ги обезвреднувате Божјите зборови. 7 Лицемери, точно пророкуваше за вас Исаија, кога рече: 8 ’Овој народ ме почитува со усните, но срцето му е далеку од мене. 9 Залудно ме обожаваат, бидејќи нивните учења се само човечки правила‘“. 10 Тогаш го викна мноштвото и му рече: „Слушнете и разберете! 11 Човекот не го валка она што влегува во устата, туку она што излегува од устата, тоа го валка“.
12 Тогаш учениците дојдоа и му рекоа: „Знаеш ли дека фарисеите се навредија кога слушнаа што рече ти?“ 13 А тој им одговори: „Секое растение кое не го засадил мојот небесен Татко, ќе биде откорнато. 14 Оставете ги. Тие се слепи водачи. А кога слеп човек води слеп човек, и двајцата ќе паднат во јама“. 15 Тогаш Петар му рече: „Објасни ни ја таа споредба“. 16 А тој рече: „И вие ли уште не разбирате? 17 Не знаете ли дека сѐ што влегува во устата оди во стомакот, а потоа излегува од телото? 18 А она што излегува од устата, доаѓа од срцето, и тоа го валка човекот. 19 На пример, од срцето излегуваат злобни мисли кои водат до убиства, прељуба, сексуален неморал,* кражби, лажни сведоштва, хулење. 20 Тие работи го валкаат човекот, а не тоа што не си ги измил рацете според обредот“.
21 Тогаш Исус си замина оттаму и отиде во подрачјето на Тир и Сидон. 22 Една Феничанка од тој крај дојде и извика: „Сожали се на мене, Господару, Сине Давидов! Ќерка ми е обземена од демон и многу се мачи“. 23 Но тој не ѝ одговори ниту збор. Затоа неговите ученици дојдоа до него и го замолија: „Кажи ѝ да си оди, зашто постојано вика по нас“. 24 Тогаш тој рече: „Јас сум испратен само кај загубените овци на израелскиот народ“. 25 Но жената дојде, му се поклони и рече: „Господару, помогни ми!“ 26 Тој ѝ одговори: „Не е во ред да им се земе лебот на децата и да им се фрли на кученцата“. 27 А таа рече: „Да, Господару, но кученцата сепак јадат од трошките што паѓаат од масата на нивните господари“. 28 Тогаш Исус ѝ рече: „Жено, голема е твојата вера. Нека биде така како што сакаш“. И ќерка ѝ оздраве во тој момент.
29 Откако замина оттаму, Исус дојде во близина на Галилејското Езеро, се качи на планината и седна таму. 30 Тогаш кај него дојдоа многу луѓе и му доведоа сакати, слепи, неми и многу други, па ги ставаа пред неговите нозе, а тој ги лекуваше. 31 Кога виде дека немите зборуваат, сакатите оздравуваат, куците одат и слепите гледаат, народот се восхитуваше и го славеше Богот на Израел.
32 А Исус ги викна своите ученици и им рече: „Жал ми е за луѓето, веќе три дена се со мене и немаат што да јадат. Не сакам да ги пуштам гладни, зашто може да малаксаат по патот“. 33 А учениците го прашаа: „Од каде на ова пусто место да најдеме толку леб за да ги нахраниме сите овие луѓе?“ 34 Тогаш Исус им рече: „Колку леба имате?“ Тие одговорија: „Седум, и неколку рипчиња“. 35 И откако му рече на народот да испоседне на земја, 36 ги зеде седумте леба и рибите, му се заблагодари на Бог, па ги раскрши и почна да им ги подава на учениците, а учениците им ги поделија на луѓето. 37 Јадеа и се наситија, и кога го собраа она што остана, наполнија седум големи кошници. 38 А оние што јадеа беа 4.000 мажи, не сметајќи ги жените и децата. 39 Кога го испрати народот, влезе во чамецот и отиде во магаданскиот крај.