Даниел
6 Дариј одлучи да постави 120 сатрапи* над целото царство. 2 Сатрапите им поднесуваа сметка на тројца високи службеници кои ја надгледуваа нивната работа за царот да не претрпи никаква штета. Еден од нив беше Даниел. 3 Тој се покажа поспособен од другите високи службеници и сатрапи бидејќи поседуваше извонредна остроумност,* и царот планираше да го постави над целото свое царство.
4 Затоа високите службеници и сатрапите почнаа да бараат причина да го обвинат Даниел за начинот на кој ги вршеше своите службени должности.* Но, не можеа да најдат никаква основа за обвинение, ниту пак доказ дека направил нешто нечесно. Тој беше достоен за доверба и кај него немаше никаков пропуст ниту нечесност. 5 Тогаш си рекоа: „Кај овој Даниел нема да најдеме никаква основа за обвинение во однос на работата што ја врши. Затоа, мора да најдеме нешто во поврзаност со законот на неговиот Бог“.
6 Така овие високи службеници и сатрапи отидоа заедно кај царот и му рекоа: „Царе Дариј, да сте жив засекогаш! 7 Сите царски службеници, надгледниците, сатрапите, високите царски службеници и управителите се договорија да биде издадена царска одредба со која ќе стапи на сила следнава забрана: Во рок од 30 дена, никој да не смее да упати молба до кој и да е бог или човек, освен до Вас, царе. А секој што нема да послуша, да биде фрлен во лавовската јама. 8 Сега, царе, издајте ја оваа одредба и потпишете ја за да не може да се промени, бидејќи законот на Медијците и Персијците е неотповиклив“.
9 И цар Дариј ја потпиша одредбата во врска со забраната.
10 Штом дозна дека била потпишана оваа одредба, Даниел се врати во својата куќа. Прозорците од неговата горна соба, кои гледаа кон Ерусалим, беа отворени. Таму клекнуваше на колена по трипати на ден за да му се моли на својот Бог и да го фали. Тој продолжи да го прави тоа, како што правеше и дотогаш. 11 Но, тие луѓе упаднаа кај него, и го најдоа како му се моли на својот Бог и како бара милост од него.
12 Потоа дојдоа кај царот и го потсетија на неговата забрана, велејќи: „Зарем не потпишавте забрана во која стои дека секој што во рок од 30 дена ќе упати молба до кој и да е бог или човек, освен до Вас, царе, ќе биде фрлен во лавовската јама?“ Царот одговори: „Така е одлучено според законот на Медијците и Персијците, кој не може да се укине“. 13 А тие веднаш му рекоа: „Даниел, еден од изгнаниците кои дојдоа од Јуда, воопшто не Ве почитува ниту Вас, царе, ниту забраната што ја потпишавте, туку се моли по трипати на ден“. 14 Штом ги слушна тие зборови, царот многу се вознемири и почна да размислува како да го спаси Даниел. Сѐ до зајдисонце, тој се трудеше на секој можен начин да го спаси. 15 На крајот, тие луѓе заедно дојдоа кај него и му рекоа: „Вие добро знаете, царе, дека според законот на Медијците и Персијците ниту една забрана или одредба донесена од царот не може да се промени“.
16 Така царот издаде заповед да го доведат Даниел и да го фрлат во лавовската јама. Сепак, тој му рече на Даниел: „Твојот Бог, кому без престан му служиш, ќе те спаси“. 17 Тогаш донесоа камен и го ставија врз отворот на јамата, а царот го запечати со својот печатен прстен и со печатниот прстен на своите достоинственици, за да не може ништо повеќе да се смени во однос на Даниел.
18 Потоа си отиде во палатата, но одби да јаде и не сакаше никој да го забавува.* Таа ноќ воопшто не можеше да заспие. 19 А веднаш штом се зазори, стана и брзо се упати кон лавовската јама. 20 Кога се приближи до неа, царот го повика Даниел со нажален глас и го праша: „Даниел, слуго на живиот Бог! Дали твојот Бог, кому без престан му служиш, успеа да те спаси од лавовите?“ 21 А Даниел веднаш му одговори: „Царе, да сте жив засекогаш! 22 Мојот Бог испрати ангел и им ја затвори устата на лавовите. Тие не ме повредија бидејќи сум невин во Божји очи, а и Вам, царе, со ништо не сум Ви згрешил“.
23 Тогаш царот многу се израдува и заповеда да го извадат Даниел од јамата. Кога го извадија, на него немаше ни најмала гребнатинка, бидејќи имаше доверба во својот Бог.
24 Потоа царот заповеда да ги доведат луѓето што го обвинија* Даниел, па ги фрлија во лавовската јама заедно со нивните жени и синови. Уште пред да паднат на дното од јамата, лавовите ги зграпчија и им ги здробија сите коски.
25 Тогаш цар Дариј им го напиша следново на сите народи, племиња и луѓе од сите јазици кои живеат по целата земја: „Ви посакувам мир во сѐ! 26 Заповедам луѓето во секој дел од моето царство да го почитуваат Богот на Даниел и да се плашат од него! Тој е живиот Бог кој ќе постои засекогаш. Неговото царство никогаш нема да биде уништено и неговата власт е вечна. 27 Тој спасува, избавува и прави знаци и чуда на небото и на земјата. Тој го спаси Даниел од лавовите“.*
28 Така Даниел имаше угледна положба додека царуваше Дариј и додека царуваше Кир Персиецот.