Осмо поглавје
Спасен од лавовските челусти!
1, 2. а) Како Дариј Медиецот ја организирал својата пространа империја? б) Опиши ги должностите и авторитетот на сатрапите.
ВАВИЛОН паднал! Неговиот вековен сјај како светска сила згаснал за само неколку часа. Започнувала нова ера — ера на Медијците и Персијците. Како наследник на престолот на Валтазар, Дариј Медиецот сега се соочил со предизвикот да ја организира својата пространа империја.
2 Една од првите задачи кои ги презел Дариј била да назначи 120 сатрапи. Се смета дека оние кои служеле во ова својство понекогаш биле избирани од роднините на царот. Во секој случај, секој сатрап владеел со една поголема област или со некоја помала покраина од империјата (Даниел 6:1). Неговите должности вклучувале собирање даноци и испраќање на парите од даноците на царскиот двор. Иако бил под редовен надзор на претставник на царот, сатрапот имал приличен авторитет. Неговата титула значела „покровител на Царството“. Во својата провинција сатрапот бил сметан за вазален цар кој поседувал сѐ освен суверена моќ.
3, 4. Зошто Дариј имал наклоност кон Даниел, и на каква положба го назначил?
3 Каде ќе се вклопи Даниел во ова ново уредување? Дали Дариј Медиецот ќе го пензионира овој остарен еврејски пророк кој сега бил во своите деведесетти години? Никако! Дариј несомнено сфатил дека Даниел точно го претскажал падот на Вавилон и дека таквото предвидување барало натчовечка проникливост. Освен тоа, Даниел имал децении искуство во справувањето со различни заедници на заробеници во Вавилон. Дариј бил решен да одржува мирољубиви односи со поданиците кои штотуку ги покорил. Затоа, сигурно сакал покрај престолот да има некој со мудрост и искуство како она на Даниел. Но, во какво својство?
4 Веќе би било големо изненадување ако Дариј би го назначил еврејскиот изгнаник Даниел за сатрап. Но, замисли си ја само мешаницата што настанала кога Дариј ја објавил својата одлука да го постави Даниел за еден од тројцата високи службеници кои ќе ги надгледуваат сатрапите! И не само тоа, Даниел дури и ‚ги надминувал другите‘ покажувајќи се супериорен во однос на останатите високи службеници. Всушност, во него имало „извонреден дух“ (NW). Дариј дури бил решен да го постави на положба на премиер (Даниел 6:2, 3).
5. Како сигурно реагирале другите високи службеници и сатрапи на назначувањето на Даниел, и зошто?
5 Другите високи службеници и сатрапи сигурно зовреле од лутина. Не можеле да ја поднесат ни помислата Даниел — кој не бил ни Медиец ни Персиец ниту, пак, член на царското семејство — да зазема положба на авторитет над нив! Како можел Дариј да издигне еден странец на таква истакната положба, заобиколувајќи ги сопствените сонародници, па дури и своето семејство? Таквиот потег сигурно им изгледал неправеден. Освен тоа, сатрапите очигледно го сметале интегритетот на Даниел како една непожелна пречка бидејќи тие практикувале мито и корупција. Сепак, високите службеници и сатрапите не се осмелувале да му пристапат на Дариј во врска со таа работа. Впрочем, Дариј длабоко го почитувал Даниел.
6. Како високите службеници и сатрапите се обиделе да му го срушат угледот на Даниел, и зошто тој труд се покажал залуден?
6 Затоа, љубоморните политичари меѓу себе сковале завера. Се обиделе да ‚го обвинат Даниел во управувањето со царството‘. Можело ли нешто да не биде в ред во врска со начинот на кој тој ги вршел своите одговорности? Дали бил нечесен? Високите службеници и сатрапите не можеле да најдат никаква небрежност или корупција во начинот на кој Даниел ги вршел своите должности. „Нема да најдеме причина против Даниила“, расудувале тие, „ако не најдеме против него нешто во Законот на неговиот Бог.“ И така, овие препредени мажи сковале завера. Мислеле дека со тоа ќе го докусурат Даниел еднаш засекогаш (Даниел 6:4, 5).
ПОКРЕНАТА Е УБИСТВЕНА ЗАВЕРА
7. Каков предлог му дале високите службеници и сатрапите на царот, и на каков начин го сториле тоа?
7 Пред Дариј дошла една свита од високи службеници и сатрапи кои ‚навалиле‘ кај него (Стварност). Арамејскиот израз овде ја пренесува идејата за громогласна мешаница. Изгледа дека овие мажи оставиле впечаток како да имаат да му изнесат на Дариј некоја многу итна работа. Можеби расудувале дека веројатноста да се сомнева во нивниот предлог ќе биде помала ако го изнесат уверливо и како нешто што бара итна акција. Затоа, настапиле директно со зборовите: „Сите кнезови [високи службеници, NW] во царството, намесниците, сатрапите, советниците и воените началници се согласија помеѓу себе да се издаде царска наредба и да се објави заповед: секој што во текот на триесет дена ќе се моли на кој и да било бог или човек, освен на тебе, царе, него да го фрлат во лавовска јама“a (Даниел 6:6, 7).
8. а) Зошто на Дариј му бил привлечен предложениот закон? б) Кој бил вистинскиот мотив на високите службеници и на сатрапите?
8 Историските записи потврдуваат дека било вообичаено месопотамските цареви да бидат сметани и обожавани како божества. Затоа Дариј несомнено бил поласкан со овој предлог. Можеби видел дека тоа има и практична страна. Сети се дека за оние кои живееле во Вавилон Дариј бил странец и новодојденец. Со помош на овој нов закон тој би се утврдил како цар, а тоа би ги охрабрило мноштвата кои живееле во Вавилон да ја признаат својата лојалност и поддршка на новиот режим. Но, предлагајќи го овој декрет, високите службеници и сатрапите воопшто не биле загрижени за благосостојбата на царот. Нивниот вистински мотив бил да го фатат Даниел во стапица, зашто знаеле дека тој има обичај да му се моли на Бог трипати на ден пред отворените прозорци на својата таванска соба.
9. Зошто новиот закон не претставувал проблем за повеќето не-Евреи?
9 Дали ова ограничување во однос на молитвата ќе предизвика проблем за сите религиозни заедници во Вавилон? Не морало да значи, особено затоа што забраната требало да трае само еден месец. Освен тоа, малкумина не-Евреи би сметале дека е компромис ако своето обожавање за кратко време го насочат кон некој човек. Еден библичар забележува: „За најголемите идолопоклонички нации обожавањето на царот не претставувало чудно барање; и затоа кога биле повикани на освојувачот — Дариј Медиецот — да му ја оддадат почитта која му припаѓа на Бог, тие спремно се сложиле со тоа. Само Евреинот го вознемирувало таквото барање“.
10. Како Медијците и Персијците гледале на законот кој го донел нивниот цар?
10 Како и да е, посетителите го поттикнале Дариј да ‚го утврди тоа решение и да ја потпише наредбата за да не се изменува, како закон медиски и персиски и да не биде нарушен‘ (Даниел 6:8). На древниот Исток, волјата на царот честопати се сметала за апсолутна. Тоа ја овековечило идејата дека тој е непогрешлив. Дури и законот кој можел да доведе до смрт на невини луѓе морал да остане на сила!
11. Како указот на Дариј би влијаел врз Даниел?
11 Без да помисли на Даниел, Дариј го потпишал декретот (Даниел 6:9). Со тоа, тој несвесно ја потпишал смртната пресуда на својот најценет службеник. Да, овој указ сигурно ќе влијаел врз Даниел.
ДАРИЈ ПРИНУДЕН ДА ЈА СПРОВЕДЕ НЕПОВОЛНАТА ОСУДА
12. а) Што сторил Даниел веднаш штом открил за новиот закон? б) Кој го набљудувал Даниел, и зошто?
12 Набрзо Даниел дознал за законот кој ја ограничувал молитвата. Веднаш влегол во својот дом и се качил на таванската соба чии прозорци биле отворени кон Ерусалим.b Таму почнал да му се моли на Бог ‚како што тоа го правел и порано‘. Можеби Даниел си мислел дека е сам, но заговорниците го набљудувале. Одеднаш, ‚се втурнале‘ (Стварност) несомнено на истиот возбудлив начин на кој му пристапиле и на Дариј. Сега можеле да видат со сопствени очи — Даниел ‚се молел и барал милост пред својот Бог‘ (Даниел 6:10, 11). Високите службеници и сатрапите ги имале сите потребни докази за да го обвинат Даниел пред царот.
13. За што непријателите на Даниел го известиле царот?
13 Непријателите на Даниел лукаво го прашале Дариј: „Нели ти потпиша повелба дека секој човек, кој во текот на триесет дена ќе му се моли на кој и да било бог или човек, освен на тебе, царе, да биде фрлен во лавовска јама?“ Дариј одговорил: ‚Тој збор е цврст како и законот на Медијците и Персијците, што не допушта измени‘. Сега заговорниците брзо преминуваат на главното. „Даниил, кој е од заробените синови од Јудеја, не обрнува внимание ни на тебе, царе, ниту на повелбата која си ја потпишал, туку по трипати на ден се моли со свои молитви“ (Даниел 6:12, 13).
14. Зошто изгледа високите службеници и сатрапите се осврнале на Даниел како на некој „кој е од заробените синови од Јудеја“?
14 Значајно е тоа што високите службеници и сатрапите се осврнале на Даниел како на оној „кој е од заробените синови од Јудеја“. Изгледа сакале да нагласат дека овој Даниел, кого Дариј го издигнал на една толку истакната положба, всушност не е ништо повеќе од еврејски роб. Верувале дека како таков, сигурно не е над законот — без разлика какви чувства имал царот кон него!
15. а) Како реагирал Дариј на веста која му ја донеле високите службеници и сатрапите? б) Како високите службеници и сатрапите понатаму го покажале својот презир кон Даниел?
15 Можеби високите службеници и сатрапите очекувале царот да ги награди за нивната бистра детективска работа. Во тој случај, ги чекало изненадување. Дариј многу се вознемирил од веста што му ја донеле. Наместо да се разбесни на Даниел или веднаш да го фрли во лавовската јама, Дариј цел ден минал настојувајќи да го избави. Но, неговите напори биле залудни. Набрзо заговорниците се вратиле и бесрамно ја барале крвта на Даниел (Даниел 6:14, 15).
16. а) Зошто Дариј го почитувал Богот на Даниел? б) На што се надевал Дариј во врска со Даниел?
16 Дариј сфатил дека нема избор. Законот не можел да се поништи ниту, пак, „престапот“ на Даниел можел да се прости. Сѐ што Дариј можел да му рече на Даниел било: „Твојот Бог, Кому без престан Му служиш, Он нека те избави!“ Изгледа Дариј го почитувал Богот на Даниел. Јехова бил тој кој му дал на Даниел способност да го претскаже падот на Вавилон. Бог му дал на Даниел и „извонреден дух“ што го разликувало од другите високи службеници. Можеби Дариј бил свесен дека неколку децении пред тоа, истиот овој Бог ги избавил тројцата млади Евреи од вжарена печка. Веројатно царот се надевал дека Јехова сега ќе го избави и Даниел, со оглед на тоа што Дариј не можел да го преиначи законот што го потпишал. Така, Даниел бил фрлен во лавовската јама.c Потоа, ‚донеле камен, го ставиле врз отворот на јамата, и царот го запечатил со својот прстен и со прстењата на великодостојниците свои, за да не се измени ништо по однос на Даниила‘ (Даниел 6:16, 17).
ДРАМАТИЧЕН ПРЕСВРТ НА НАСТАНИТЕ
17, 18. а) Што покажува дека Дариј бил вознемирен поради ситуацијата со Даниел? б) Што се случило кога царот се вратил кај лавовската јама следното утро?
17 Потиштениот Дариј се вратил во својата палата. Бидејќи не бил расположен за забава, не му довеле музичари. Наместо тоа, Дариј пробдеал цела ноќ постејќи. ‚Сонот бегал од него.‘ Кога се разденило, Дариј побрзал кон лавовската јама. Извикал со тажен глас: „Данииле, слуго на живиот Бог! Твојот Бог, Кому без прекин Му служиш, може ли да те избави од лавовите?“ (Даниел 6:18—20). На негова вчудовиденост — и крајно олеснување — се чул одговор!
18 „Царе, жив да си довека!“ Со овој поздрав полн со почит, Даниел покажал дека не негува непријателски чувства кон царот. Сфатил дека вистински извор на неговото прогонство не бил Дариј, туку завидливите високи службеници и сатрапи. (Спореди Матеј 5:44; Дела 7:60.) Даниел продолжил: „Мојот Бог го испрати својот ангел и им ја затвори устата на лавовите, така што тие не ме повредија, оти јас излегов пред Него чист, па и пред тебе, царе, не сум извршил никаков престап“ (Даниел 6:21, 22).
19. Како Дариј бил измамен и изманипулиран од страна на високите службеници и сатрапите?
19 Колку само Дариј го печела совеста од овие зборови! Тој цело време знаел дека Даниел не сторил ништо со што заслужил да биде фрлен во лавовска јама. Дариј бил потполно свесен дека високите службеници и сатрапите сковале завера Даниел да биде погубен и дека го изманипулирале него како цар да ги постигнат своите себични цели. Со тоа што тврделе дека „сите високи службеници во царството“ препорачале да се донесе указот, тие индиректно рекле дека и Даниел бил консултиран за тоа. Дариј подоцна ќе се справи со овие препредени мажи. Меѓутоа, најпрвин издал заповед да се извади Даниел од лавовската јама. Било вистинско чудо тоа што Даниел немал ниту една гребнатинка! (Даниел 6:23).
20. Што се случило со злобните непријатели на Даниел?
20 Сега, кога Даниел бил на безбедно, на Дариј му останало да се погрижи уште за една работа. „Царот заповеда, па ги доведоа оние луѓе, што го обвинуваа Даниила, и ги фрлија во лавовската јама, како нив самите, така и децата нивни и жените нивни и уште не беа стигнале на дното на јамата, лавовите ги беа зграбиле и ги беа здробиле сите нивни коски“d (Даниел 6:24).
21. Каква разлика постои меѓу Мозаитскиот закон и законите на некои древни култури во однос на тоа како се справувале со членовите на семејствата на престапниците?
21 Погубувањето не само на заговорниците, туку и на нивните сопруги и деца, можеби изгледа неразумно сурово. За разлика од ова, Законот кој Бог го дал преку пророкот Мојсеј, наведувал: „Татковците да не бидат осудувани на смрт заради децата, и децата да не бидат казнувани со смрт поради татковците; секој да биде казнет со смрт за својот грев“ (5. Мојсеева 24:16). Сепак, во некои древни култури, не било невообичаено, во случај на сериозно злосторство, членовите на семејството да бидат погубени заедно со престапникот. Можеби ова се правело за да не можат членовите на семејството подоцна да се одмаздат. Меѓутоа, сигурно дека овој чин против семејствата на високите службеници и сатрапите не бил масло на Даниел. Веројатно тој бил вознемирен заради несреќата што овие злобни мажи им ја нанеле на сопствените семејства.
22. Каков нов проглас издал Дариј?
22 Сплеткарските високи службеници и сатрапите повеќе ги немало. Дариј издал проглас кој гласел вака: „Издавам повелба во секоја област на царството мое да треперат и да се плашат пред Данииловиот Бог, зашто он е Бог жив и вечно живее, а царството негово е непобедливо, и Неговото владение е бескрајно. Он избавува и спасува, прави чудеса и знаци по небото и земјата; Он го избави Даниила од силата на лавовите“ (Даниел 6:25—27).
СЛУЖИ МУ НА БОГ БЕЗ ПРЕСТАН
23. Каков пример дал Даниел во врска со својата световна работа, и на кој начин можеме да бидеме како него?
23 Даниел дал убав пример за сите денешни Божји слуги. Неговото однесување секогаш било беспрекорно. На својата световна работа Даниел бил ‚верен и не можеле да најдат никаква погрешка ни вина‘ (Даниел 6:4). На сличен начин, христијанинот треба да биде вреден на своето работно место. Тоа не значи да се биде деловно бескрупулозна личност која желно се стреми по материјално богатство или која ги гази другите за да си изгради кариера во фирмата (1. Тимотеј 6:10). Писмото бара христијанинот да ги исполнува своите световни обврски чесно и со сета душа „како за Господа“ (Колосјаните 3:22, 23; Тит 2:7, 8; Евреите 13:18).
24. Како Даниел се покажал бескомпромисен во врска со обожавањето?
24 Даниел бил бескомпромисен во своето обожавање. Неговиот обичај да се моли било нешто што сите го знаеле. Освен тоа, високите службеници и сатрапите добро знаеле дека Даниел сериозно го сфаќа своето обожавање. Всушност, биле уверени дека тој ќе се држи за својата рутина дури и ако законот го забрани тоа. Колку добар пример за денешните христијани! И тие имаат репутација дека обожавањето на Бог го ставаат на прво место (Матеј 6:33). Тоа треба да биде лесно видливо за набљудувачите, зашто Исус на своите следбеници им заповедал: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесни“ (Матеј 5:16).
25, 26. а) Што би можеле некои да заклучат во врска со начинот на постапување на Даниел? б) Зошто на промената во својата рутина Даниел гледал како на нешто што е рамно на компромис?
25 Некои можеби велат дека Даниел можел да избегне прогонство ако во тој период од 30 дена тајно му се молел на Јехова. Впрочем, за да се биде сослушан од Бог не е потребна некаква посебна положба на телото или амбиент. Тој може да ги прочита дури и „помислите на срцето“ (Псалм 18:14). Сепак, на која и да било промена во својата рутина Даниел гледал како на нешто што е рамно на компромис. Зошто?
26 Со оглед на тоа што обичајот на Даниел да се моли бил добро познат, каква порака би пренел ако одеднаш прекине со него? Набљудувачите ќе можеле да заклучат дека Даниел се плаши од човек и дека декретот на царот го истиснал Јеховиниот закон (Псалм 117:6). Но, Даниел со своите постапки покажал дека неговата исклучителна оддаденост му припаѓа на Јехова (5. Мојсеева 6:14, 15; Исаија 42:8). Секако, притоа Даниел не го презирал царскиот закон со непочитување. Но ниту, пак, се грчел од страв правејќи компромис. Даниел едноставно продолжил да се моли во својата таванска соба, ‚како што го правел тоа и порано‘, уште пред указот на царот.
27. Како денешните Божји слуги можат да бидат како Даниел во врска со а) подложноста на вишите власти? б) послушноста кон Бог како владетел наместо кон луѓето? в) настојувањето да живеат мирољубиво со сите луѓе?
27 Денешните Божји слуги можат да учат од примерот на Даниел. Тие остануваат ‚подложни на вишите власти‘ (NW) со тоа што се послушни на законите на земјата во која живеат (Римјаните 13:1). Меѓутоа, кога човечките закони се во судир со Божјите, Јеховиниот народ го усвојува ставот на Исусовите апостоли кои смело изјавиле: „Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел, отколку луѓето“ (Дела 5:29, NW). Притоа христијаните не поддржуваат востанија или побуни. Напротив, нивната цел едноставно е да живеат мирољубиво со сите луѓе за да ‚поживеат тих и мирен живот во потполна побожност‘ (1. Тимотеј 2:1, 2; Римјаните 12:18).
28. Како Даниел му служел на Јехова „без престан“?
28 Дариј во две прилики коментирал дека Даниел му служел на Бог „без престан“ (Даниел 6:16, 20). Арамејскиот корен на зборот кој е преведен со „без престан“, значи „да се движи во круг“. Укажува на идејата за постојан круг, или на нешто што е непрекинато. Таков бил интегритетот на Даниел. Следел образец кој можел да се предвиди. Немало сомнение околу тоа што ќе правел Даниел кога ќе се соочел со испити, без разлика дали се големи или мали. Ќе продолжел со правецот трасиран со децении пред тоа — правец на лојалност и верност на Јехова.
29. Како можат денешните Јеховини слуги да извлечат корист од Даниеловиот верен начин на постапување?
29 Денешните Божји слуги сакаат да го следат начинот на постапување на Даниел. Всушност, апостол Павле ги опоменал сите христијани да размислат за примерот на богобојазливите луѓе од старо време. Преку вера ‚вршеле правда, добиле ветувања‘ и — очигледно укажувајќи на Даниел — ‚затвориле уста на лавови‘. Како Јеховини денешни слуги, да ја покажуваме верата и постојаноста на Даниел и ‚со истрајност да трчаме во трката што стои пред нас‘ (Евреите 11:32, 33; 12:1, NW).
[Фусноти]
a За постоењето на „лавовска јама“ во Вавилон сведочат древните натписи кои покажуваат дека владетелите на Ориентот честопати имале колекции на диви животни.
b Таванската соба била приватна соба во која едно лице можело да се повлече кога не сакало да го вознемируваат.
c Лавовската јама можеби била некоја подземна просторија која на врвот имала отвор. Веројатно имала врати или решетки кои можеле да се подигнат за да влезат животните.
d Зборот „обвинуваа“ е превод на еден арамејски израз што може да се преведе и како „наклеветија“. Ова ја нагласува злобната намера што ја имале непријателите на Даниел.
ШТО ЗАБЕЛЕЖА?
• Зошто Дариј Медиецот решил да го користи Даниел на висока положба?
• Каква препредена завера сковале високите службеници и сатрапите? Како Јехова го спасил Даниел?
• Што научи ти од тоа што обрна внимание на Даниеловиот пример на верност?
[Слика на целата страница 114]
[Слика на целата страница 121]
[Слика на страница 127]
Даниел му служел на Јехова „без престан“. А како е со тебе?