Лука
16 Тогаш им рече на своите ученици: „Еден богат човек имаше управител, кој беше обвинет дека се расфрла со неговиот имот. 2 Затоа го повика и му рече: ’Што е ова што го слушам за тебе? Оди и напиши извештај за тоа како си ја извршуваше работата, бидејќи повеќе нема да управуваш со мојот имот‘. 3 Тогаш управителот си рече: ’Што да правам? Мојот господар веќе не сака да бидам управител на неговиот дом. За копање не сум доволно јак, а да просам се срамам. 4 Аха, знам што да направам за луѓето да ме примат во своите куќи кога веќе нема да бидам управител!‘ 5 И ги повика по ред сите должници на својот господар, па го праша првиот: ’Колку му должиш на мојот господар?‘ 6 Тој одговори: ’100 мери* маслиново масло‘. А управителот му рече: ’Земи го својот договор, па седни и брзо напиши 50‘. 7 Потоа го праша вториот: ’Колку должиш ти?‘ Тој одговори: ’100 големи мери* пченица‘. А тој му рече: ’Земи го својот договор и напиши 80‘. 8 Иако управителот постапи неправедно, господарот го пофали поради неговата снаодливост, зашто луѓето од овој свет* се поснаодливи во однесувањето со другите* отколку Божјите слуги.*
9 Затоа ви велам, стекнувајте си пријатели со богатството од овој неправеден свет* за да ве примат во вечните живеалишта кога тоа ќе исчезне. 10 Кој е верен во најмалото, верен е и во многу, а кој е неправеден во најмалото, неправеден е и во многу. 11 Според тоа, ако не постапувате верно со богатството од овој неправеден свет, кој ќе ви го довери вистинското богатство? 12 И ако не постапувате верно со она што е туѓо, кој ќе ви го даде она што е ваше? 13 Ниту еден слуга не може да им робува на двајца господари, зашто или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го сака, или ќе се приврзе кон едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да му робувате и на Бог и на богатството“.
14 А фарисеите, кои ги сакаа парите, го слушаа сето тоа и му се потсмеваа. 15 А тој им рече: „Вие се правите праведни пред луѓето, но Бог ги познава вашите срца. Зашто, она што меѓу луѓето е возвишено, во Божји очи е одвратно.
16 Законот и Пророците се објавуваа до Јован. Оттогаш се објавува добрата вест за Божјето Царство и најразлични луѓе со сите сили се трудат да влезат во него. 17 Навистина, дури и небото и земјата да исчезнат, нема да остане неисполнето ниту едно делче од буква од Законот.
18 Секој што ќе се разведе од својата жена и ќе се ожени со друга, прави прељуба. И кој ќе се ожени со разведена жена, прави прељуба.
19 Си беше еден богат човек, кој се облекуваше во пурпурна и ленена облека и секој ден уживаше во раскош. 20 А пред неговата врата донесуваа еден просјак, по име Лазар, кој беше полн со чиреви. 21 Тој сакаше да се засити со она што паѓаше од трпезата на богаташот. Дури и кучињата доаѓаа и му ги лижеа чиревите. 22 По некое време, просјакот умре, и ангелите го однесоа да биде покрај Авраам.*
А умре и богаташот, и беше погребан. 23 Додека се мачеше во гробот,* го крена погледот и во далечината го виде Авраам и покрај него* Лазар. 24 Тогаш извика: ’Татко Аврааме, сожали се на мене и испрати го Лазар да го натопи врвот од својот прст во вода и да ми го разлади јазикот, зашто се мачам во овој пламен‘. 25 Тогаш Авраам рече: ’Сине, сети се дека ти уживаше во многу добри работи додека беше жив, а Лазар многу страдаше. Сега тој добива утеха овде, а ти се мачиш. 26 А освен тоа, меѓу нас и вас има голема провалија, така што оние што сакаат одовде да преминат кај вас, не можат, а ниту оние оттаму не можат да преминат кај нас‘. 27 А богаташот му рече: ’Тогаш, те молам, татко, испрати го во куќата на мојот татко, 28 зашто имам петмина браќа, па нека ги предупреди, за да не дојдат и тие на ова место на маки‘. 29 Но Авраам рече: ’Ги имаат Мојсеј и Пророците, нека ги слушаат нив‘. 30 А тој му рече: ’Не, татко Аврааме, ама ако некој од мртвите дојде кај нив, ќе се покаат‘. 31 Тој му одговори: ’Ако не ги слушаат Мојсеј и Пророците, нема да поверуваат дури и ако некој стане од мртвите‘“.