Јован
7 Потоа Исус продолжи да патува низ Галилеја. Не сакаше да оди во Јудеја, затоа што Евреите сакаа да го убијат. 2 А се приближуваше еврејскиот празник, Празникот на сениците.* 3 Тогаш неговите браќа му рекоа: „Појди во Јудеја за да може и твоите ученици што се таму да ги видат делата што ги правиш. 4 Зашто, тој што сака да биде познат не прави ништо тајно. Кога веќе правиш такво нешто, нека го видат тоа сите“.* 5 Всушност, неговите браќа не веруваа во него. 6 Затоа Исус им рече: „Моето време уште не дошло, а за вас секогаш е погодно време. 7 Светот нема причина да ве мрази вас, но мене ме мрази, бидејќи јас сведочам дека неговите дела се зли. 8 Вие појдете на празникот, а јас сега нема да одам, зашто моето време уште не дошло“. 9 И откако им го рече тоа, остана во Галилеја.
10 Но кога неговите браќа отидоа на празникот, отиде и тој, но никој не знаеше за тоа. 11 А Евреите почнаа да го бараат на празникот, па велеа: „Каде е тој човек?“ 12 И луѓето многу зборуваа за него, но скришно. Едни велеа: „Тој е добар човек“, а други: „Не, туку само го заведува народот“. 13 Но никој не зборуваше јавно за него бидејќи се плашеа од Евреите.
14 Кон средината на празникот, Исус отиде во храмот и почна да поучува. 15 А Евреите се чудеа: „Од каде овој човек толку добро ги познава Писмата* кога не учел на школите?“* 16 А Исус им одговори: „Она за кое поучувам не доаѓа од мене, туку од оној што ме испрати. 17 Ако некој сака да ја врши неговата волја, ќе знае дали она за кое поучувам е од Бог или зборувам сам од себе. 18 Кој зборува сам од себе, бара слава за себе, а кој сака да му донесе слава на оној што го испратил, ја зборува вистината и во сѐ постапува исправно. 19 Зарем Мојсеј не ви го даде Законот? А никој од вас не му е послушен на Законот. Зошто сакате да ме убиете?“ 20 Народот одговори: „Во тебе има демон. Кој сака да те убие?“ 21 Тогаш Исус им рече: „Само едно дело направив, и сите сте изненадени. 22 Затоа размислете за ова: Мојсеј ви го даде законот за обрежување — но тој закон, всушност, не е од времето на Мојсеј, туку од времето на неговите прататковци — и вие обрежувате дури и на сабат. 23 Ако обрежувате на сабат за да не го прекршите Законот на Мојсеј, тогаш зошто се гневите на мене затоа што излекував човек на сабат? 24 Престанете да судите според она што го гледате, туку судете праведно“.
25 Тогаш некои од Ерусалим рекоа: „Не е ли тоа човекот што сакаат да го убијат? 26 А еве, јавно зборува и никој ништо не му вели. Можно ли е нашите водачи навистина да мислат дека тој е Христос? 27 Од друга страна, пак, за него знаеме од каде е, а кога ќе дојде Христос, никој нема да знае од каде е“. 28 Затоа, додека поучуваше во храмот, Исус гласно рече: „Вие ме познавате и знаете од каде сум. Јас не дојдов сам од себе, туку оној што ме испрати навистина постои, но вие не го познавате. 29 Јас го познавам, бидејќи сум негов претставник. Тој ме испрати“. 30 Оттогаш бараа прилика да го фатат, но никој не успеа во тоа, бидејќи неговото време уште не беше дошло. 31 Сепак, мнозина од народот поверуваа во него и велеа: „Кога ќе дојде Христос, зарем ќе направи повеќе чуда од овој човек?“
32 А фарисеите слушнаа дека меѓу народот се зборува така за него, па заедно со главните свештеници испратија стражари за да го фатат.* 33 Тогаш Исус рече: „Уште малку ќе бидам со вас, а потоа ќе одам кај оној што ме испрати. 34 Ќе ме барате, но нема да ме најдете, и таму каде што сум јас, вие нема да можете да дојдете“. 35 Тогаш Евреите си рекоа меѓу себе: „Каде има намера да оди овој, па да не можеме да го најдеме? Зарем има намера да оди кај Евреите кои се расеани меѓу Грците, и да ги поучува и Грците? 36 Што сакаше да каже кога рече: ’Ќе ме барате, но нема да ме најдете, и таму каде што сум јас, вие нема да можете да дојдете‘?“
37 А на последниот и најважен ден од празникот, Исус стана и гласно рече: „Ако некој е жеден, нека дојде кај мене да си ја згасне жедта. 38 Кој ќе поверува во мене, ’од неговото срце ќе потечат реки со вода што дава живот‘, како што стои во Писмото“. 39 Тој зборуваше за духот што требаше да го добијат оние што поверуваа во него. Тогаш уште го немаа добиено духот, зашто Исус уште не беше прославен. 40 Кога некои од народот ги чуја тие зборови, рекоа: „Ова навистина е Пророкот“. 41 Други велеа: „Ова е Христос“. Но некои рекоа: „Зарем Христос доаѓа од Галилеја? 42 Зарем Писмото не вели дека Христос доаѓа од потомството на Давид, и од Витлеем, селото од каде што беше Давид?“ 43 Затоа, поради него дојде до поделба меѓу луѓето. 44 Некои од нив дури сакаа да го фатат,* но никој не успеа во тоа.
45 Така стражарите се вратија кај главните свештеници и фарисеите, а тие им рекоа: „Зошто не го доведовте?“ 46 Стражарите одговорија: „Никој никогаш не зборувал така“. 47 Тогаш фарисеите рекоа: „И вас ли ве заведе? 48 Зарем некој од поглаварите или од фарисеите поверувал во него? 49 Но овој народ, кој го слуша Исус, не го познава Законот и е проклет народ“. 50 А меѓу фарисеите беше Никодим, кој еднаш беше дошол кај Исус. Тој им рече: 51 „Според нашиот закон, за да осудиме некого, зарем не треба прво да го сослушаме и да дознаеме што прави?“ 52 Тогаш му рекоа: „Зар и ти си од Галилеја? Истражи, па ќе видиш дека никаков пророк нема да дојде од Галилеја!“*