Матеј
18 Тогаш учениците дојдоа кај Исус и го прашаа: „Кој ќе биде најголем во Царството небесно?“ 2 А тој викна едно детенце, го стави меѓу нив 3 и рече: „Вистина ви велам, ако не се промените и не станете како деца, нема да влезете во Царството небесно. 4 Затоа, кој ќе биде понизен како ова детенце, тој ќе биде најголем во Царството небесно. 5 И кој прима едно вакво детенце во мое име, ме прима и мене. 6 Но, кој ќе стане причина за спрепнување на еден од овие мали кои веруваат во мене, подобро би му било да му обесат околу вратот мелнички камен* и да потоне во морската длабочина.
7 Тешко на светот, затоа што ги наведува луѓето на грев!* Се разбира, ќе има луѓе што ќе ги наведуваат другите на грев, но тешко на тие луѓе! 8 Значи, ако твојата рака или твојата нога те наведува на грев,* отсечи ја и фрли ја од себе. Подобро ти е сакат или куц да добиеш живот отколку со две раце или со две нозе да бидеш фрлен во вечниот оган. 9 И ако окото те наведува на грев, извади го и фрли го од себе. Подобро ти е со едно око да добиеш живот отколку со две очи да бидеш потполно уништен.* 10 Внимавајте да не се однесувате со презир кон еден од овие мали, зашто ви велам дека нивните ангели на небото секогаш го гледаат лицето на мојот Татко, кој е на небото. 11* ——
12 Што мислите, ако некој човек има 100 овци и една од нив се изгуби, нема ли да ги остави другите 99 на планината и да тргне да ја бара таа што се изгубила? 13 И ако ја најде, вистина ви велам, повеќе ќе се радува поради неа отколку поради другите 99 што не се изгубиле. 14 Така и мојот* Татко, кој е на небото, не сака да се изгуби ниту еден од овие мали.
15 Ако твојот брат ти згреши,* оди и насамо кажи му што згрешил.* Ако те послуша, си му помогнал на брат ти да го прави она што е исправно. 16 А ако не послуша, земи со себе уште еден или двајца, за сѐ да биде потврдено со изјавата на двајца или тројца сведоци. 17 Ако не ги послуша нив, кажи му на собранието. А ако не го послуша ниту собранието, сметај го како човек од другите народи и како даночник.
18 Вистина ви велам, што и да врзете на земјата, тоа веќе ќе е врзано на небото, и што и да одврзете на земјата, тоа веќе ќе е одврзано на небото. 19 Уште, ви велам, ако двајца од вас на земјата сложно побараат нешто важно од мојот небесен Татко, тој ќе им го даде тоа. 20 Зашто, каде што се собрани двајца или тројца во мое име, таму сум и јас меѓу нив“.
21 Тогаш Петар дојде и му рече: „Господару, колку пати треба да му простам на мојот брат ако ми згреши? До седум пати?“ 22 А Исус му рече: „Не, не до седум пати, туку до 77 пати.
23 Затоа, Царството небесно може да се спореди со еден цар кој сакаше да ги среди сметките со своите робови. 24 Кога почна да ги средува, му доведоа еден човек кој му должеше 10.000 таланти.* 25 Но бидејќи не можеше да го врати долгот, господарот нареди да ги продадат него и неговата жена и децата и сѐ што имаше, и така долгот да биде подмирен. 26 Тогаш робот падна и му се поклони, па му рече: ’Биди стрплив со мене, и сѐ ќе ти вратам‘. 27 А на господарот му падна жал, па му го поништи долгот и го пушти да си оди. 28 Но кога излезе, тој роб најде друг роб, кој му должеше 100 денарии. Го зграпчи и почна да го дави, велејќи: ’Врати ми сѐ што ми должиш!‘ 29 Тогаш тој роб падна на колена и почна да го моли: ’Биди стрплив со мене, и сѐ ќе ти вратам‘. 30 Но тој не сакаше да слуша, туку нареди да го фрлат во затвор и да остане таму додека не го врати она што го должи. 31 Кога го видоа тоа, другите робови многу се натажија, па отидоа и му раскажаа на својот господар за сѐ што се случи. 32 Тогаш неговиот господар го викна и му рече: ’Злобен робу, кога ме молеше, јас ти го поништив целиот долг. 33 Не требаше ли и ти да покажеш милост кон другиот роб, како што јас ти покажав милост тебе?‘ 34 И неговиот господар многу се разгневи и нареди да го фрлат во затвор и да остане таму додека не врати сѐ што должи. 35 Така и мојот небесен Татко ќе постапи со вас ако секој од вас не му прости од срце на својот брат“.