Лука
17 Тогаш Исус им рече на своите ученици: „Секогаш ќе има работи кои ќе ги наведуваат луѓето на грев.* Но, тешко на оној што ќе наведе некого на грев! 2 Подобро би му било да му обесат околу вратот мелнички камен и да го фрлат во море отколку да стане причина за спрепнување на еден од овие мали. 3 Внимавајте на себе! Ако твојот брат ти згреши,* укори го. Ако се покае, прости му. 4 Дури и да ти згреши седум пати на ден и седум пати да дојде кај тебе и да ти рече: ’Се каам‘, прости му“.
5 А апостолите му рекоа на Господарот: „Помогни ни да имаме уште поголема вера“. 6 Тогаш Господарот рече: „Ако имате вера само колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа црница: ’Откорни се и пресади се во морето!‘, и таа ќе ве послуша.
7 Да речеме дека некој од вас има роб кој ора или го пасе стадото. Кога тој ќе се врати од полето, кој од вас ќе му рече: ’Дојди веднаш и седни да јадеш‘? 8 Наместо тоа, нема ли да му рече: ’Направи ми нешто за вечера, па стави си престилка и послужувај ме додека јадам и пијам, а потоа ти ќе јадеш и ќе пиеш‘? 9 И ќе му биде ли благодарен на робот затоа што ги извршил своите должности? Не. 10 Така и вие, кога ќе ги извршите сите свои должности, речете: ’Ние сме само робови. Не заслужуваме пофалба. Го направивме она што бевме должни да го направиме‘“.
11 Додека одеше кон Ерусалим, поминуваше покрај границата меѓу Самарија и Галилеја. 12 Кога влегуваше во едно село, го здогледаа 10 лепрозни мажи, но останаа подалеку. 13 Па гласно викнаа: „Исусе, Учителе, сожали се на нас!“ 14 Кога ги виде, им рече: „Одете и покажете им се на свештениците“. И додека заминуваа, се исчистија од лепрата. 15 А еден од нив, кога виде дека е излекуван, се врати, славејќи го Бог на сиот глас. 16 И падна на колена со лицето до земја пред нозете на Исус и му се заблагодари. А беше Самарјанин. 17 Тогаш Исус рече: „Зарем не се исчистија сите десетмина? Каде се тогаш останатите деветмина? 18 Зарем не се врати ниту еден од нив за да му оддаде слава на Бог, освен овој човек од друг народ?“ 19 И му рече: „Стани и оди си. Твојата вера те оздраве“.
20 Кога фарисеите го прашаа кога ќе дојде Божјето Царство, тој им одговори: „Божјето Царство нема да дојде така што ќе можат сите да го видат. 21 Луѓето нема да речат: ’Еве, овде е!‘, или: ’Таму е!‘ Зашто, Божјето Царство е меѓу вас“.
22 Тогаш им рече на учениците: „Ќе дојде време кога ќе посакате да видите еден од деновите на Синот човечки, но нема да видите. 23 И луѓето ќе ви велат: ’Таму е!‘, или: ’Еве, овде е!‘ Но не излегувајте и не трчајте по нив. 24 Зашто, како што молњата го осветлува небото од едниот крај до другиот, така ќе биде и во денот на Синот човечки. 25 Но, тој најпрво мора да претрпи многу страдања и да биде отфрлен од ова поколение. 26 И како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и во деновите на Синот човечки: 27 луѓето јадеа, пиеја, се женеа и се мажеа сѐ до денот кога Ное влезе во арката. И дојде Потопот и ги уништи сите. 28 А ќе биде и како во деновите на Лот: луѓето јадеа, пиеја, купуваа, продаваа, садеа и градеа. 29 Но кога Лот излезе од Содом, од небото почнаа да паѓаат оган и сулфур, и ги уништија сите. 30 Така ќе биде и во денот кога ќе се појави Синот човечки.
31 Во тој ден, кој ќе биде на покривот, нека не слегува да ги земе работите што му се во куќата. И кој ќе биде на нивата, нека не се враќа поради она што го оставил. 32 Сетете се на жената на Лот. 33 Кој сака да го зачува својот живот, ќе го изгуби, а кој ќе го изгуби, ќе го зачува. 34 Ви велам, во таа ноќ двајца ќе бидат во еден кревет: едниот ќе биде земен, а другиот ќе биде оставен. 35 Две жени ќе мелат на иста мелница: едната ќе биде земена, а другата ќе биде оставена“. 36* —— 37 Тогаш го прашаа: „А каде, Господару?“ Тој им рече: „Каде што има леш, таму ќе се соберат и орлите“.