Матеј
26 Откако го кажа сето тоа, Исус им рече на своите ученици: 2 „Знаете дека по два дена е Пасхата и дека Синот човечки ќе биде предаден и прикован на столб“.
3 Тогаш главните свештеници и народните старешини се собраа во дворот на првосвештеникот, кој се викаше Кајафа, 4 и се договорија да го фатат* Исус со измама и да го убијат. 5 Но си рекоа: „Само не на празникот, за народот да не крене бунт“.
6 Додека Исус беше во Витанија, во куќата на Симон лепрозниот, 7 кај него дојде една жена која носеше алабастерно шишенце со многу скапо мирисливо масло и почна да му го излева врз главата додека тој јадеше. 8 Кога го видоа тоа, учениците се налутија и рекоа: „Какво е ова расфрлање? 9 Маслото можеше скапо да се продаде и парите да им се дадат на сиромашните“. 10 Исус знаеше за што зборуваат, па им рече: „Зошто ја напаѓате жената? Таа ми направи добрина. 11 Сиромашните секогаш ќе бидат меѓу вас, а јас нема да бидам секогаш тука со вас. 12 Кога го излеа мирисливото масло врз мене, таа го подготви моето тело за погреб. 13 Вистина ви велам, секаде каде што ќе се проповеда оваа добра вест по светот, ќе се кажува и за тоа што го направи оваа жена, како спомен за неа“.
14 Тогаш еден од 12-те апостоли, кој се викаше Јуда Искариот, отиде кај главните свештеници 15 и им рече: „Што ќе ми дадете за да ви го предадам?“ А тие му ветија дека ќе му дадат 30 сребреници. 16 Оттогаш, тој почна да бара прилика за да го предаде Исус.
17 На првиот ден од Празникот на бесквасните лебови, учениците дојдоа кај Исус и го прашаа: „Каде сакаш да ти ја подготвиме пасхалната вечера?“ 18 Тој одговори: „Појдете во градот кај тој и тој човек, и речете му: ’Учителот вели: „Моето време е близу. Ќе ја прославам Пасхата со моите ученици во твојот дом“‘“. 19 И учениците направија така како што им рече Исус, и подготвија сѐ за Пасхата.
20 А вечерта, тој седна на масата со 12-те ученици. 21 Додека јадеа, им рече: „Вистина ви велам, еден од вас ќе ме издаде“. 22 Тогаш тие многу се натажија и почнаа еден по еден да го прашуваат: „Господару, да не сум јас?“ 23 Тој им одговори: „Оној што мака со мене во чинијата, тој ќе ме издаде. 24 Навистина, Синот човечки си заминува, како што е напишано за него, но тешко на оној што ќе го издаде Синот човечки! За тој човек подобро ќе беше воопшто да не се ни родеше“. 25 А Јуда, кој се спремаше да го издаде, го праша: „Да не сум јас, Учителе?“* Исус му рече: „Ти самиот го кажа тоа“.
26 Додека јадеа, Исус зеде леб. Откако се помоли,* го раскрши и им го подаде на учениците, па рече: „Земете и јадете. Ова го претставува моето тело“. 27 И зеде чаша, му се заблагодари на Бог и им ја подаде, па рече: „Пијте од неа сите, 28 бидејќи ова ја претставува мојата ’крв, која го потврдува сојузот‘, а која ќе се пролее за мнозина, за да им бидат простени гревовите. 29 Но ви велам, отсега нема да пијам од ова вино до оној ден кога ќе пијам со вас ново вино во Царството на мојот Татко“. 30 И откако испеаја фалбени песни,* излегоа на Маслинската Гора.
31 Тогаш Исус им рече: „Ноќва сите вие ќе ме напуштите* поради она што ќе ми се случи, бидејќи е напишано: ’Ќе го удрам пастирот, и овците од стадото ќе се разбегаат‘. 32 Но кога ќе воскреснам, ќе отидам пред вас во Галилеја“. 33 Тогаш Петар му рече: „Дури и сите други да те напуштат поради она што ќе ти се случи, јас нема никогаш да те напуштам!“ 34 Исус му рече: „Вистина ти велам, оваа ноќ, пред да запее петелот, ти трипати ќе се одречеш од мене“. 35 Тогаш Петар му рече: „Дури и да мора да умрам со тебе, нема да се одречам од тебе!“ Истото го рекоа и сите други ученици.
36 Тогаш Исус дојде со учениците на местото наречено Гетсиманија и им рече: „Седете овде, а јас ќе појдам онаму да се помолам“. 37 И ги зеде со себе Петар и двајцата синови на Зеведеј. И многу се вознемири и се натажи. 38 Тогаш им рече: „Толку ми е тешко, што мислам дека ќе умрам од тага.* Останете овде и бидете будни со мене“. 39 И отиде малку понатаму, падна на колена со лицето до земја и почна да се моли: „Татко мој, ако е можно, нека ме одмине оваа чаша.* Ама нека не биде како што сакам јас, туку како што сакаш ти“.
40 Потоа се врати кај учениците и ги најде како спијат, па му рече на Петар: „Не можевте ли барем еден час да останете будни со мене? 41 Бидете будни и молете се за да не паднете во искушение. Навистина, духот е спремен, но телото е слабо“. 42 Повторно отиде, по вторпат, и се молеше: „Татко мој, ако не е можно да ме одмине оваа чаша и да не пијам од неа, нека биде твојата волја“. 43 И повторно дојде и ги најде како спијат, зашто не можеа да ги држат очите отворени. 44 Па ги остави и пак отиде и по третпат се молеше за истото. 45 Тогаш се врати кај учениците и им рече: „Во ваков момент спиете и се одмарате! Еве, се приближи часот Синот човечки да биде издаден и предаден во рацете на грешниците. 46 Станете, да одиме. Еве, мојот предавник се приближи“. 47 Додека уште зборуваше, дојде Јуда, еден од 12-те апостоли, а со него и мноштво луѓе со мечеви и со стапови, испратени од главните свештеници и од народните старешини.
48 А неговиот предавник се беше договорил со нив дека ќе им даде знак: „Оној што ќе го бакнам, тој е. Него фатете го“. 49 И веднаш дојде до Исус и му рече: „Здраво, Учителе!“* И го бакна. 50 А Исус му рече: „Пријателе, зошто си овде?“ Тогаш луѓето што беа таму го фатија Исус и го уапсија. 51 Но еден од оние што беа со Исус го извлече мечот, па замавна и му го отсече увото на робот на првосвештеникот. 52 Тогаш Исус му рече: „Врати го мечот на неговото место, зашто сите што ќе се фатат за меч, од меч ќе загинат. 53 Или мислиш дека не можам да го замолам мојот Татко веднаш да ми испрати повеќе од 12 легии* ангели? 54 Но тогаш, како ќе се исполни Писмото во кое пишува дека ова мора да се случи?“ 55 Потоа Исус му рече на мноштвото: „Со мечеви и со стапови ли излеговте да ме уапсите како да сум разбојник? Секој ден седев во храмот и поучував, и не ме фативте. 56 Но сето ова се случува за да се исполни она што го напишаа пророците“. Тогаш сите ученици го напуштија и побегнаа.
57 А оние што го фатија Исус, го одведоа кај првосвештеникот Кајафа, каде што беа собрани познавачите на Законот* и старешините. 58 А Петар оддалеку го следеше сѐ до дворот на првосвештеникот. Кога стигна таму, седна со слугите за да види што ќе се случи.
59 За тоа време, главните свештеници и целиот Судски совет* бараа лажно сведоштво против Исус за да можат да го убијат. 60 Но не најдоа ништо против него, иако дојдоа многу лажни сведоци. На крај дојдоа двајца 61 и рекоа: „Овој човек рече: ’Можам да го урнам Божјиот храм и да го изградам за три дена‘“. 62 Тогаш првосвештеникот стана и му рече: „Нема ништо да одговориш? Што ќе кажеш за ова што го зборуваат против тебе?“ 63 Но, Исус молчеше. Затоа првосвештеникот му рече: „Те заколнувам во живиот Бог да ни кажеш дали си ти Христос, Синот Божји!“ 64 Тогаш Исус му рече: „Ти самиот го кажа тоа. Но јас ви велам: отсега ќе го гледате Синот човечки како седи од десната страна на Моќниот Бог и доаѓа со облаците небесни“. 65 Тогаш првосвештеникот си ја раскина облеката и рече: „Тој хули! Ни требаат ли други сведоци? Еве, сега слушнавте дека хули. 66 Што мислите?“ А тие одговорија: „Заслужува да умре!“ 67 Тогаш почнаа да го плукаат во лице и да го удираат со тупаници. Други му удираа шлаканици 68 и му велеа: „Ајде, Христосе! Ако си пророк, кажи кој те удри“.
69 А Петар седеше надвор во дворот. Тогаш му пријде една слугинка и му рече: „И ти беше со Исус Галилеецот!“ 70 Но тој пред сите одрече: „Не знам за што зборуваш“. 71 Кога излезе во предворјето, го забележа уште една девојка и им рече на оние што беа таму: „Овој човек беше со Исус Назареќанецот“. 72 А тој повторно одрече и се заколна: „Не го познавам тој човек!“ 73 Малку потоа, оние што стоеја таму пријдоа и му рекоа на Петар: „Навистина, и ти си еден од нив! Се познава по твојот дијалект“. 74 Тогаш почна да се колне и да се заколнува: „Не го познавам тој човек!“ Во тој момент запеа петелот. 75 И Петар се сети на она што му го рече Исус: „Пред петелот да запее, ти трипати ќе се одречеш од мене“. И излезе надвор и горко плачеше.