Јован
5 Потоа, Евреите имаа празник, и Исус отиде во Ерусалим. 2 А во Ерусалим, кај Овчата порта, имаше една бања, која на хебрејски се викаше Витезда. Околу неа имаше пет колонади,* 3 каде што лежеа многумина болни, слепи, сакати и парализирани.* 4* —— 5 Меѓу нив имаше еден човек кој беше болен 38 години. 6 Исус го виде овој човек како лежи таму и, бидејќи знаеше дека веќе долго време е болен, го праша: „Сакаш ли да оздравиш?“ 7 Болниот му одговори: „Господине, нема кој да ме спушти во водата кога таа ќе се разбранува, па додека јас да слезам, друг веќе слегол пред мене“. 8 А Исус му рече: „Стани, земи си ја носилката и оди“. 9 И човекот веднаш оздраве, па ја зеде својата носилка и почна да оди.
А тој ден беше сабат. 10 Затоа Евреите му рекоа на излекуваниот: „Сабат е, не смееш да ја носиш носилката“. 11 Но тој им одговори: „Оној што ме излекува ми рече: ’Земи си ја носилката и оди‘“. 12 Тие го прашаа: „Кој е тој што ти рече да ја земеш и да одиш?“ 13 Но човекот не знаеше кој го излекува, зашто Исус исчезна во толпата што беше таму.
14 Потоа Исус го сретна во храмот и му рече: „Ете, оздраве. Немој повеќе да грешиш за да не ти се случи нешто полошо“. 15 И човекот отиде и им кажа на Евреите дека Исус е тој што го излекува. 16 Тогаш Евреите почнаа да го напаѓаат Исус, бидејќи такво нешто правеше на сабат. 17 А Исус им одговори: „Мојот Татко работи сѐ досега, па и јас работам“. 18 Затоа Евреите беа уште порешени да го убијат, бидејќи не само што го прекршуваше законот за сабат туку и се изедначуваше со Бог, нарекувајќи го свој Татко.
19 Затоа Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам, Синот не може да направи ништо сам од себе, туку само она што гледа дека Таткото го прави. Зашто, што и да прави Таткото, тоа го прави и Синот на ист начин. 20 Таткото го сака Синот и му покажува сѐ што тој самиот прави. Ќе му покаже и поголеми дела од овие, за вие да се восхитувате. 21 Како што Таткото ги воскреснува мртвите и им дава живот така и Синот им дава живот на оние на кои сака. 22 Таткото не суди никому, туку сиот суд му го довери на Синот, 23 за сите да го почитуваат Синот како што го почитуваат Таткото. Кој не го почитува Синот, не го почитува ни Таткото кој го испрати. 24 Вистина, вистина ви велам, кој ги слуша моите зборови и му верува на оној што ме испрати, ќе има вечен живот. Тој нема да биде осуден, туку преминал од смрт во живот.
25 Вистина, вистина ви велам, ќе дојде време, и веќе дојде, кога мртвите ќе го чујат гласот на Божјиот Син, и оние што ќе го послушаат ќе живеат. 26 Зашто, како што Таткото има живот во себе* така и на Синот му даде да има живот во себе. 27 И му даде власт да суди, бидејќи е Син човечки. 28 Не чудете се на ова, зашто ќе дојде време кога сите оние што се во гробовите* ќе го чујат неговиот глас 29 и ќе излезат — оние што правеле добро ќе воскреснат за живот, а оние што правеле зло ќе воскреснат за да им се суди. 30 Јас не можам ништо да правам сам од себе. Јас судам на темел на она што го слушам од Таткото, и мојот суд е праведен, зашто не ја вршам својата волја, туку волјата на оној што ме испрати.
31 Ако само јас сведочам за себе, моето сведоштво не е веродостојно. 32 Но има и друг кој сведочи за мене, и знам дека сведоштвото што го дава за мене е вистинито. 33 Вие испративте луѓе кај Јован, и тој даде вистинито сведоштво за мене. 34 Но мене не ми треба сведоштво од човек, туку ова го велам за вие да бидете спасени. 35 Јован беше светилка која гори и свети, но вашата желба да ѝ се радувате на неговата светлина траеше само кратко. 36 А јас имам сведоштво поголемо од тоа на Јован — делата што мојот Татко ми ги даде да ги извршам. Токму тие дела сведочат дека Таткото ме испрати. 37 А и самиот Татко, кој ме испрати, посведочи за мене. Вие никогаш не сте го чуле неговиот глас, ниту сте го виделе неговиот лик, 38 и неговата реч не е во вашите срца, зашто не му верувате на оној кого тој го испрати.
39 Вие ги истражувате Писмата бидејќи мислите дека преку нив ќе добиете вечен живот, а токму тие сведочат за мене. 40 Но, и покрај тоа, не сакате да дојдете кај мене за да добиете живот. 41 Јас не сакам слава од луѓе, 42 но за вас добро знам дека во себе немате љубов кон Бог. 43 Јас дојдов во името на мојот Татко, но вие не ме прифаќате. Ако некој друг дојде во свое име, него ќе го прифатите. 44 Како може да верувате, кога примате слава еден од друг, а не се трудите да ја добиете славата од единствениот Бог? 45 Немојте да мислите дека јас ќе ве обвинам пред Таткото. Ве обвинува оној на кого се надевате — Мојсеј. 46 Всушност, да му верувавте на Мојсеј, ќе ми верувавте и мене, бидејќи тој пишуваше за мене. 47 Но, ако не верувате во она што тој го напиша, како ќе верувате во она што јас го кажувам?“