Јеховината реч е жива
Избрани стихови од книгата Јован
ЈОВАН — ‚ученикот кого Исус особено го сакал‘ — е последниот што бил вдахновен да остави запис за животот и службата на Христос (Јован 21:20). Во Евангелието според Јован, напишано околу 98 год. од н.е., се повторуваат малку работи од она што стои во другите три евангелија.
Апостол Јован го пишувал своето евангелие со јасна цел на ум. Во врска со работите што ги запишал, тој вели: „Овие се запишани за да верувате дека Исус навистина е Христос, Синот Божји, и верувајќи да имате живот во негово име“ (Јован 20:31). Неговата порака навистина е од голема важност за нас (Евр. 4:12).
„ЕВЕ ГО БОЖЈЕТО ЈАГНЕ“
Откако го здогледува Исус, Јован Крстител со цврста увереност објавува: „Еве го Божјето Јагне, кое го отстранува гревот на светот!“ (Јован 1:29). Додека Исус патува низ Самарија, Галилеја, Јудеја и низ подрачјето источно од Јордан — проповедајќи, поучувајќи и правејќи чуда — многу луѓе доаѓаат кај него и почнуваат да веруваат во него (Јован 10:41, 42).
Едно од најголемите чуда на Исус е воскресението на Лазар. Мнозина почнуваат да веруваат во Исус кога гледаат како оживува човек кој веќе четири дена е мртов. Но, главните свештеници и фарисеите се договараат да го убијат. Затоа Исус заминува оттаму „во крајот близу до пустината, во градот кој се вика Ефрем“ (Јован 11:53, 54).
Одговорени библиски прашања:
1:35, 40 — Кој друг ученик освен Андреј бил тој што стоел до Јован Крстител? Раскажувачот секогаш го нарекува Јован Крстител „Јован“, а никогаш не се спомнува себеси по име во своето евангелие. Според тоа, ученикот чие име не е наведено, очигледно е самиот Јован, писателот на евангелието.
2:20 — Кој храм „се градел четириесет и шест години“? Евреите мислеле на храмот кој го градел Зоровавел, а сега бил целосно обновен од јудејскиот цар Ирод. Според историчарот Јосиф, работата на тој храм започнала во 18-тата година од владеењето на Ирод, односно во 18/17 год. пр.н.е. Светилиштето во храмот и другите главни простории биле изградени за осум години. Но, работата на храмот продолжила до и по Пасхата 30 год. од н.е., кога Евреите рекле дека се градел 46 години.
5:14 — Дали болеста е последица на некој направен грев? Не мора да значи. Човекот што Исус го излекувал бил болен 38 години поради наследеното несовршенство (Јован 5:1-9). Исус сакал да му каже дека сега, откако му било покажано милосрдие, тој морал да оди по патот на спасението и да не греши намерно за да не го снајде нешто полошо од болест. Доколку направел непростлив грев, ќе заслужел смрт од која нема воскресение (Мат. 12:31, 32; Лука 12:10; Евр. 10:26, 27).
5:24, 25 — Кои се тие што ‚преминуваат од смрт во живот‘? Исус зборувал за оние што порано биле духовно мртви, но кога ги чуле неговите зборови, поверувале во него и престанале да одат по својот грешен пат. Тие ‚преминуваат од смрт во живот‘ со тоа што повеќе не се осудени на смрт, туку имаат надеж за вечен живот затоа што веруваат во Бог (1. Пет. 4:3-6).
5:26; 6:53 — Што значи некој да има „живот во себе“? За Исус Христос, ова значи дека Бог му дал две посебни способности — способност да ги доведе луѓето во добар однос со него, како и моќ да дава живот со тоа што ќе ги воскресне мртвите. Следбениците на Исус имаат „живот во себе“ во таа смисла што еден ден ќе живеат вечно. Помазаните христијани добиваат вечен живот кога воскреснуваат на небото. Верните лица што имаат надеж за живот на Земјата ќе живеат вечно дури откако ќе го поминат последниот испит со кој ќе се соочат веднаш штом ќе заврши илјадагодишното Царство на Христос (1. Кор. 15:52, 53; Отк. 20:5, 7-10).
6:64 — Дали Исус знаел дека Јуда Искариот ќе го предаде кога го избрал за апостол? Очигледно не. Но, во една прилика во 32 год. од н.е., Исус им рекол на своите апостоли: „Еден од вас е клеветник“. Можно е во тоа време Исус да го забележал кај Јуда Искариот „почетокот“ на неговото погрешно постапување (Јован 6:66-71).
Поуки за нас:
2:4. Исус ѝ укажал на Марија дека, како крстен помазан Божји Син, тој мора да ги слуша упатствата на својот небесен Татко. Иако Исус штотуку ја започнал својата служба, бил сосема свесен дека има одреден час, односно време за да ја изврши задачата што ја добил, во која спаѓала и неговата жртвена смрт. Дури ни толку близок член на семејството, како што била Марија, не смеел да се меша во неговото вршење на Божјата волја. И ние треба да му служиме на Јехова Бог со слична решеност.
3:1-9. Од примерот на Никодим, еден од еврејските поглавари, учиме две работи. Прво, Никодим покажал дека е понизен, разборит и свесен за своите духовни потреби со тоа што признал дека неугледниот син на дрводелецот е учител испратен од Бог. И денешните вистински христијани треба да бидат понизни. Второ, Никодим не станал Христов ученик додека Исус живеел на Земјата. Можеби причината била тоа што се плашел од луѓето, или му била важна положбата што ја имал во Судскиот совет или, пак, го сакал богатството. Од ова учиме важна лекција: Не смееме да дозволиме некоја таква работа да нѐ спречи да го ‚земеме својот маченички столб и да појдеме по Исус‘ (Лука 9:23).
4:23, 24. Нашето обожавање ќе му биде прифатливо на Бог само ако е во согласност со вистината што е откриена на страниците на Библијата и ако е водено од светиот дух.
6:27. Да работиме „за храна што останува за вечен живот“ значи да настојуваме да ги задоволиме своите духовни потреби. Среќни сме ако го правиме тоа (Мат. 5:3).
6:44. Јехова се грижи за секого од нас. Тој нѐ привлекол кон својот Син така што овозможил секој од нас да ја слушне добрата вест преку проповедањето и ни помага да ги сфатиме и да ги примениме библиските вистини со помош на Неговиот свет дух.
11:33-36. Не е знак на слабост да покажеме како се чувствуваме.
‚ОДЕТЕ ПО НЕГО‘
Како што наближува Пасхата во 33 год. од н.е., Исус се враќа во Витанија. На 9 нисан влегува во Ерусалим, јавајќи на магаре. На 10 нисан, повторно доаѓа во храмот. Додека се моли да биде прославено името на неговиот Татко, од небото се слуша глас, кој вели: „Го прославив и пак ќе го прославам!“ (Јован 12:28).
Како што одминува пасхалната вечера, Исус им дава проштални совети на своите следбеници и се моли за нив. По неговото апсење, судење и приковување на столб, Исус воскреснува.
Одговорени библиски прашања:
14:2 — Како Исус ќе ‚им приготвел место‘ на небото на своите верни следбеници? Ова значи дека Исус требало да го направи правосилен новиот сојуз со тоа што ќе се појавел пред Бог и ќе му ја принел вредноста на својата крв. Потоа требало да добие царска моќ, по што ќе започнело небесното воскресение на неговите помазани следбеници (1. Сол. 4:14-17; Евр. 9:12, 24-28; 1. Пет. 1:19; Отк. 11:15).
19:11 — Дали Исус мислел на Јуда Искариот кога зборувал со Пилат за оној што му го предал? Најверојатно Исус не мислел ниту на Јуда ниту на некој друг поединец, туку на сите оние што на некој начин биле виновни за тоа што ќе биде погубен. Меѓу нив спаѓале Јуда, „главните свештеници и целиот Судски совет“, како и „народот“ кој, под влијание на свештениците, барал да биде ослободен Варава (Мат. 26:59-65; 27:1, 2, 20-22).
20:17 — Зошто Исус ѝ рекол на Марија Магдалена да не се држи за него? Очигледно Марија се држела за Исус бидејќи си мислела дека тој ќе се вознесе на небото и таа повеќе нема да го види. За да ја увери дека сѐ уште нема да си замине, Исус ѝ рекол да не го држи, туку да оди и да им ја каже на учениците веста дека воскреснал.
Поуки за нас:
12:36. За да бидеме „синови на светлината“ или светилки, ние мораме добро да ја познаваме Божјата реч, Библијата. Потоа треба да го користиме тоа знаење за да ги извлечеме другите од духовната темнина и да ги доведеме во Божјата светлина.
14:6. Само преку Исус Христос можеме да ја стекнеме Божјата милост. Ако веруваме во Исус и ако го следиме неговиот пример, можеме да бидеме блиски со Јехова (1. Пет. 2:21).
14:15, 21, 23, 24; 15:10. Ако послушно ја вршиме Божјата волја, ќе ја задржиме Божјата љубов и љубовта на неговиот Син (1. Јов. 5:3).
14:26; 16:13. Јехова го користи својот свет дух за да нѐ поучува и да нѐ потсетува. Исто така, светиот дух ни ги открива вистините. Според тоа, може да ни помогне да стекнеме уште поголемо знаење, мудрост, проникливост и способност за просудување и за размислување. Затоа треба да истраеме во молитвите, конкретно барајќи од Јехова да ни го даде тој дух (Лука 11:5-13).
21:15, 19. Исус го прашал Петар дали го сака него повеќе од „овие“, односно од рибите што биле пред нив. На тој начин Исус му ставил до знаење на Петар дека треба да одлучи да го следи полновремено наместо да продолжи да се занимава со риболов. Откако ги разгледавме евангелијата, да бидеме уште порешени да го сакаме Исус повеќе од сѐ друго што можеби нѐ привлекува. Да продолжиме да одиме по него со сето срце.
[Слика на страница 31]
Што учиме од примерот на Никодим?