Лука
20 Еден ден, додека го поучуваше народот во храмот и ја објавуваше добрата вест, кај него дојдоа главните свештеници и познавачите на Законот* заедно со старешините 2 и му рекоа: „Кажи ни, со кое право го правиш тоа? Кој ти го даде тоа право?“ 3 А тој им рече: „И јас ќе ве прашам нешто, а вие одговорете ми. 4 Од каде му беше на Јован правото да крштава? Од Бог* или од луѓето?“ 5 Тогаш тие почнаа да зборуваат меѓу себе: „Ако речеме: ’Од Бог‘, ќе рече: ’Зошто не му верувавте?‘ 6 А ако речеме: ’Од луѓето‘, сиот народ ќе нѐ каменува, бидејќи се уверени дека Јован беше пророк“. 7 Затоа одговорија дека не знаат. 8 А Исус им рече: „Ниту јас нема да ви кажам со кое право го правам ова“.
9 Потоа на народот му ја кажа оваа споредба: „Еден човек насади лозје. Па им го даде под закуп на лозари и отпатува далеку од дома на подолго време. 10 Кога дојде време за берба, испрати еден роб кај лозарите за да му дадат дел од родот на лозјето. Но лозарите го претепаа и го испратија назад со празни раце. 11 А тој испрати и друг роб. И него го претепаа, го понижија и го испратија назад со празни раце. 12 Испрати и трет, но и него го претепаа и го исфрлија. 13 Тогаш сопственикот на лозјето рече: ’Што да направам? Ќе го испратам својот сакан син. Него ќе го почитуваат‘. 14 Но кога го видоа, лозарите си рекоа меѓу себе: ’Ова е наследникот. Ајде да го убиеме, па наследството ќе биде наше‘. 15 И го исфрлија од лозјето и го убија. Тогаш, што ќе им направи сопственикот на лозјето? 16 Ќе дојде и ќе ги погуби тие лозари, а лозјето ќе им го даде на други“.
Кога го чуја тоа, луѓето рекоа: „Такво нешто никогаш да не се случи!“ 17 Но тој ги погледна и рече: „Тогаш, што значи она што е напишано: ’Каменот што го отфрлија градителите стана главен аголен камен‘?* 18 Секој што ќе падне на тој камен ќе се разбие, а врз кого тој камен ќе падне, ќе го смачка“.
19 А познавачите на Законот* и главните свештеници сфатија дека оваа споредба се однесува на нив, и затоа во истиот момент сакаа да го фатат, но се плашеа од народот. 20 Откако внимателно го набљудуваа, тајно потплатија луѓе да се преправаат дека се искрени за да го наведат да каже нешто погрешно поради кое би можеле да го предадат на управителот и на властите. 21 И тие луѓе го прашаа: „Учителе, знаеме дека она за што зборуваш и поучуваш е вистина и дека не си пристрасен, туку исправно поучуваш за начинот на кој Бог сака да живееме. 22 Кажи ни, дозволено ли е да му плаќаме даноци на цезарот или не?“ 23 А тој, свесен за нивното лукавство, им рече: 24 „Покажете ми еден денариј!* Чиј лик и натпис се на него?“ Тие му одговорија: „На цезарот“.* 25 А тој им рече: „Тогаш, дајте му го цезаревото на цезарот, а Божјето на Бог!“ 26 И не успеаја да го наведат да каже нешто погрешно пред народот. Беа восхитени од неговиот одговор, па затоа замолкнаа.
27 Тогаш кај него дојдоа некои од садукеите, кои велат дека нема воскресение, и го прашаа: 28 „Учителе, Мојсеј напиша: ’Ако некој човек умре и нема деца, брат му треба да ја земе неговата жена и да ја продолжи лозата на својот брат‘. 29 Си беа седум браќа. Првиот се ожени, но умре без да има деца. 30 Потоа вториот се ожени со жената на починатиот, 31 а потоа и третиот. И така сите седум браќа се оженија со неа, но умреа без да имаат деца. 32 На крајот умре и жената. 33 Според тоа, кога ќе воскреснат, на кого од нив ќе му биде жена? Зашто, на сите седум браќа им беше жена“.
34 А Исус им рече: „Луѓето во овој свет* се женат и се мажат, 35 но оние што ќе бидат достојни да воскреснат од мртвите и да добијат живот во иднина,* нема ни да се женат ни да се мажат. 36 Всушност, нема повеќе ни да умираат, зашто ќе бидат како ангелите. И ќе бидат Божји деца, бидејќи ќе бидат деца на воскресението. 37 А за тоа дека мртвите стануваат, покажа и Мојсеј во извештајот за грмушката, каде што го нарекува Јехова ’Богот на Авраам, Богот на Исак и Богот на Јаков‘. 38 А тој не е Бог на мртвите, туку на живите, зашто за него* сите тие се живи“. 39 Тогаш некои познавачи на Законот* рекоа: „Учителе, добро рече“. 40 И не се осмелија повеќе ништо да го прашаат.
41 Тогаш тој ги праша: „Зошто луѓето велат дека Христос е син на Давид? 42 Нели самиот Давид во Псалмите вели: ’Јехова му рече на мојот Господар: „Седи од мојата десна страна 43 додека не ги ставам твоите непријатели под* твоите нозе“‘. 44 Значи, ако Давид го нарекува ’Господар‘, како тогаш му е син?“
45 Додека целиот народ слушаше, на своите ученици им рече: 46 „Чувајте се од познавачите на Законот,* кои сакаат да се шетаат во раскошни облеки и да бидат поздравувани по пазарите,* и кои со задоволство ги заземаат најдобрите* места во синагогите и најистакнатите места на гозбите, 47 и кои им ги грабаат имотите* на вдовиците и долго се молат само за да ги импресионираат другите. Тие ќе добијат поголема казна“.