ПРИБЛИЖИ МУ СЕ НА БОГ
Тој е Бог „на живите“
Дали смртта е посилна од Бог? Се разбира дека не! Зар би можела смртта — или некој друг „непријател“ — да биде посилна од ‚Семоќниот Бог‘? (1. Коринќаните 15:26; 2. Мојсеева 6:3). Бог има моќ засекогаш да ја отстрани смртта преку воскресението и ветува дека ќе го стори токму тоа во новиот свет што доаѓа.a Колку е сигурно ова ветување? Божјиот Син, Исус, ни го кажува тоа со зборови што можат да ни влеат надеж. (Прочитај Матеј 22:31, 32.)
Кога им се обратил на садукеите, кои не верувале во воскресение, Исус рекол: „А за воскресението на мртвите, зарем не сте читале што ви рекол Бог: ‚Јас сум Богот на Авраам, Богот на Исак и Богот на Јаков‘? А тој не е Бог на мртвите, туку на живите“. Овде Исус се осврнал на разговорот меѓу Бог и Мојсеј кај грмушката што горела. Тоа се случило некаде во 1514 год. пр.н.е. (2. Мојсеева 3:1-6). Според Исус, она што Јехова му го рекол на Мојсеј — „Јас сум Богот на Авраам, Богот на Исак и Богот на Јаков“ — покажува дека сигурно ќе се исполни ветувањето дека ќе има воскресение. Како?
Да го разгледаме најнапред контекстот. Кога Јехова зборувал со Мојсеј, семејните поглавари Авраам, Исак и Јаков долго време биле мртви — Авраам бил мртов веќе 329 години, Исак 224 години, а Јаков 197 години. Сепак, Јехова рекол „јас сум“, а не „јас бев“ — нивни Бог. Јехова зборувал за тие тројца мртви луѓе како да биле сѐ уште живи. Зошто?
Исус објаснил: „Тој [Јехова] не е Бог на мртвите, туку на живите“. Размисли за момент што значат овие зборови. Кога не би имало воскресение, Авраам, Исак и Јаков засекогаш би останале заробени во прангите на смртта. Во тој случај, Јехова би бил Бог на мртви луѓе. Тоа, пак, би значело дека смртта е посилна од Јехова — би испаднало дека тој е немоќен да ги ослободи своите верни слуги од смртта.
Според тоа, што можеме да заклучиме во врска со Авраам, Исак, Јаков и сите други верни слуги на Јехова што умреле? Исус ги кажал следниве впечатливи зборови: „За него сите тие се живи“ (Лука 20:38). Всушност, ветувањето дека Јехова ќе ги врати во живот своите верни слуги што умреле толку сигурно ќе се исполни што за него тие се живи (Римјаните 4:16, 17). Јехова ќе ги чува сите нив во своето безгранично сеќавање сѐ додека не дојде времето да ги воскресне.
Јехова е далеку помоќен од смртта
Зар не те радува помислата дека еден ден би можел повторно да бидеш со твоите најблиски што умреле? Имај на ум дека Јехова е далеку помоќен од смртта. Ништо не може да го спречи да го исполни своето ветување дека ќе ги воскресне мртвите. Зошто не дознаеш нешто повеќе за воскресението и за тоа како Бог ќе го исполни тоа свое ветување? Така сигурно повеќе ќе се зближиш со Јехова, кој е Бог „на живите“.
Читање на Библијата во февруари
a За да дознаеш нешто повеќе за Божјето ветување дека луѓето ќе воскреснат во еден праведен нов свет, види го 7. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.