Михеј
7 Тешко мене!
Јас сум како оној што бара грозје
и копнее по вкусни смокви, но не наоѓа ништо,
бидејќи веќе завршила бербата на летното овошје,
а и доприбирањето по гроздоберот.
2 Верниот човек исчезна од земјата,
меѓу луѓето нема никој што е чесен.
Сите чекаат во заседа да пролеат крв.
Секој со мрежа го лови својот брат.
3 Тие се вистински мајстори за правење зло.
Кнезот бара дар,
судијата бара мито,
угледниот човек си ги кажува желбите,
и сите се здружуваат во тоа.
4 Најдобриот меѓу нив е како трње,
најчесниот е полош од трнлива ограда.
Но, ќе дојде денот за кој зборуваа нивните* стражари, денот кога ќе им се суди.
Тогаш луѓето ќе се избезумат од страв.
5 Не верувај му на својот другар.
Немај доверба во блискиот пријател.
Внимавај што зборуваш пред жената која ти лежи во прегратка.
6 Синот го презира својот татко,
ќерката ѝ се противи на својата мајка,
а снаата на својата свекрва.
Непријатели на човекот му се неговите домашни.
7 А јас будно ќе го чекам Јехова.
Стрпливо* ќе го чекам Богот на моето спасение.
Мојот Бог ќе ме услиши.
8 Не радувај се поради она што ме снајде, непријателе* мој!
Иако паднав, ќе станам.
Иако престојувам во темнина, Јехова ќе ми биде светлина.
9 Му згрешив на Јехова,
и затоа ќе го поднесувам неговиот гнев
додека тој не ме одбрани во мојата парница и не се погрижи да добијам правда.
Ќе ме изведе на светлина,
и јас ќе ја видам неговата праведност.
10 И мојот непријател ќе го види тоа,
и ќе биде посрамен оној што ми велеше:
„Каде е Јехова, твојот Бог?“
Ќе го гледам мојот непријател,
а тој ќе биде изгазен како кал на патот.
12 Во тој ден кај тебе ќе дојдат луѓе
дури од Асирија и од египетските градови,
од сите краеви од Египет па сѐ до Реката,*
од море до море и од планина до планина.
14 Боже, паси го својот народ со својот стап, стадото кое ти припаѓа,*
кое живееше осамено в шума, среде овоштарник.
Нека пасе во Васан и во Галад, како во дамнешни времиња.
15 „Ќе направам чуда пред ваши очи,
како во деновите кога излеговте од Египет.
16 Народите ќе ги видат и ќе бидат посрамени и покрај сета своја моќ.
Ќе си ја стават раката на уста
и ќе оглуват.
17 Ќе лижат прав како змии,
како влекачи ќе излезат треперејќи од своите тврдини.
Ќе дојдат кај мене, Јехова Бог, со страв и трепет
и ќе се плашат од мене.“
18 Има ли друг Бог како тебе,
кој ги простува грешките и преминува преку престапот на преостанатите од својот народ?*
Твојот гнев нема да трае засекогаш,
бидејќи сакаш да покажуваш верна љубов.
19 Пак ќе ни покажеш милост, ќе ги згазиш* нашите престапи.
Сите наши гревови ќе ги фрлиш во морските длабочини.
20 Ќе покажеш верност кон Јаков,
верна љубов кон Авраам,
како што им се заколна на нашите прататковци уште од дамнина.