Софонија
3 Тешко на овој бунтовен, нечист и насилнички град!
2 Не сака да слуша никого, не прифаќа поука.*
Нема доверба во Јехова, не сака да биде близок со својот Бог.
3 Неговите кнезови се како разрикани лавови.
Неговите судии се како волци во ноќта,
кои до утрото не оставаат ниту една коска неизглодана.
4 Неговите пророци се дрски и неверни.
Неговите свештеници го осквернуваат она што е свето
и го кршат законот.
5 Јехова престојува во овој град, праведен е и не прави зло.
Секое утро ја објавува својата правда;
таа е постојана како зората.
Но, неправедниот не знае за срам.
6 „Ги уништив народите; нивните аголни кули се разурнати.
Ги опустошив нивните улици, никој не поминува по нив.
Нивните градови лежат во урнатини; во нив нема никој, нема ниту еден жител.
7 На градот му реков: ’Сега ќе имаш стравопочит кон мене и ќе прифатиш поука‘,*
Но, неговите жители продолжија уште повеќе да прават зло.
8 ’Затоа, чекајте ме‘,* вели Јехова,
’до денот кога ќе дојдам по плен,*
бидејќи одлучив да ги соберам народите и царствата
и да ја излеам врз нив својата лутина, сиот свој распламтен гнев.
Мојата ревност е како оган што ќе ја проголта целата земја.
9 Тогаш ќе го променам јазикот на народите во чист јазик
за сите да го повикуваат името на Јехова
и да му служат сложно.‘*
10 Од подрачјето на етиопските реки
ќе ми донесат дар оние што ми се молат, мојот расеан народ.
11 Во тој ден нема да бидеш посрамен
поради сите твои постапки со кои се бунтуваше против мене,
бидејќи тогаш од твојата средина ќе ги отстранам вообразените фалбаџии,
и никогаш повеќе нема да постапуваш вообразено на мојата света гора.
12 Во тебе ќе останат понизни и скромни луѓе,
и тие ќе бараат засолниште во името на Јехова.
13 Преостанатите од Израел нема да постапуваат неправедно,
нема да лажат и нема да ги мамат другите со својот јазик;
ќе пасат и спокојно ќе лежат, и никој нема да ги плаши.“
14 Извикувај радосно, ќерко сионска!
Извикувај победнички, Израеле!
Радувај се и весели се од сѐ срце, ќерко ерусалимска!
15 Јехова те ослободи од казната.
Тој го отстрани твојот непријател.
Јехова, Царот на Израел, е со тебе.
Повеќе нема да се плашиш од зло.
16 Во тој ден ќе му речат на Ерусалим:
„Не плаши се, Сионе!
Нека не ти премалат рацете!*
17 Јехова, твојот Бог, е со тебе.
Моќен е и ќе те спаси.
Многу ќе се радува поради тебе.
Во својата љубов кон тебе ќе најде спокој.*
Ќе ти се радува и радосно ќе извикува.
18 Ќе ги соберам оние што тагуваат затоа што не можеа да бидат на твоите празници.
Беа далеку од тебе и трпеа понижување во друга земја.
19 Во тоа време ќе станам против сите што те угнетуваат.
Ќе ги спасам оние што куцаат
и ќе ги соберам оние што се расеани.
Ќе им дадам чест и слава*
во сите земји каде што беа срамотени.
20 Во тоа време ќе ве вратам дома,
во тоа време ќе ве соберам.
Кога ќе го вратам вашиот народ од заробеништво,
ќе ви дадам слава и чест меѓу сите народи на земјата. Со свои очи ќе го видите тоа“, вели Јехова.