Младите прашуваат . . .
Како да го одбијам?
„Летово, еден брат од моето собрание се вљуби во мене. Никогаш не ми се допаѓаше вистински, но проблемот е во тоа што не знаев како да му речам ‚не‘ без да ги повредам неговите чувства“ (Елизабет).a
„МОЖЕ ли подобро да се запознаеме?“ Дали некогаш некое момче ти го поставило ова прашање? Како девојка,b можеби си се почувствувала среќна и поласкана — па дури и возбудена! Од друга страна, пак, можеби си била толку збунета што не си знаела што да одговориш.
Кога некој ќе покаже романтичен интерес за тебе, можеби ќе те преплават различни емоции. Ова е случај особено ако си доволно возрасна за да стапиш во брак и, според тоа, во положба да одговориш на таквото внимание!c Па сепак, начинот на кој ќе реагираш во голема мера ќе зависи од тоа кој ти го поставил тоа прашање. Ако тој е емоционално зрела личност и те привлекува, ќе биде лесно да одговориш. Меѓутоа, што ако е јасно дека тој не поседува квалификации да ти биде соодветен брачен другар? Или, пак, што ако, и покрај тоа што има добри особини, едноставно не си заинтересирана за него?
Исто така, размисли за ситуацијата на една девојка што се состанувала со некого извесно време, но потоа сфатила дека не сака да го помине целиот свој живот со него. Наместо да ја прекине врската, таа и понатаму излегува со него. „Како да го одбијам?“, прашува.
Кога ти немаш романтичен интерес
Во патријархалните времиња, изгледа дека луѓето стапувале во брак со лица што им ги избирале родителите (Битие 24:2—4, 8). Во западните земји, повеќето христијани имаат слобода самите да си изберат брачен другар. Библијата поставува само еден услов — христијанинот да стапи во брак „само во Господ“ (1. Коринќаните 7:39).
Дали ова значи дека треба да се омажиш за кој и да е соверник што ќе се заинтересира за тебе или со кој си излегувал кратко време? Па, размисли за библискиот пример на една млада селанка од Средниот Исток, од селото Сунам. Соломон, нејзиниот цар, ја видел и силно се вљубил во неа. Меѓутоа, кога се обидел да ја придобие, девојката не само што го одбила туку исто така ги замолила дворјанките што служеле како слугинки на царот: „Не ја будете и не ја тревожете мојата љубов, додека самата не посака“ (Песна над Песни 2:7). Оваа мудра девојка не сакала другите да се обидат да ѝ вршат притисок да биде понесена од емоции. Таа едноставно немала романтичен интерес за Соломон бидејќи била вљубена во еден скромен пастир.
Оние што во денешно време размислуваат за брак, можат да научат важна лекција од ова: Не можеш да чувствуваш романтична љубов кон секого. Затоа, дури и ако извесно време излегувала со некој, една девојка можеби ќе открие дека нема романтичен интерес за него. Можеби ваквите нејзини чувства се темелат на некоја забележлива слабост во карактерот на другиот. Или можеби тој не ѝ е привлечен. Не би било мудро да ги игнорира таквите чувства. Ако ги игнорира, тие нема да исчезнат.d „Во главата ми се роеја толку многу сомневања за него“, рекла Тамара во врска со младиот човек со кој се состанувала. „Не само мали сомневања туку сомневања што навистина ме вознемируваа дотаму што бев напната и нервозна кога бев со него.“ Подоцна сфатила дека, заради тие сомневања, ќе биде најдобро да ја прекине врската.
Зошто е тешко да се рече „не“
Сепак, можеби е полесно да речеш дека ќе одбиеш некого отколку да го направиш тоа. Како Елизабет, спомната во почетокот, можеби се плашиш да не го повредиш. Вистина, треба да имаме обѕир кон чувствата на другите. Библијата ги охрабрува христијаните ‚да се облечат во нежна наклоност на сочувство‘ и да постапуваат со другите онака како што би сакале да се постапува со нив (Колошаните 3:12; Матеј 7:12). Меѓутоа, дали ова значи дека треба да продолжиш да се преправаш само за да не го разочараш или да не го повредиш тој младич? Порано или подоцна несомнено ќе открие какви се твоите вистински чувства, а тоа што не си била искрена и си го одложувала моментот кога отворено ќе му кажеш сѐ, само ќе му ја зголеми болката. Уште полошо би било да се омажиш за тој млад човек едноставно затоа што ти е жал за него. Сожалувањето е слаб темел за да се изгради еден брак.
Меѓутоа, можеби се бориш со мислата: ‚Ако не се омажам за него, можеби нема да имам друга шанса‘. Како што вели една статија од списанието Teen, една девојка можеби ќе резонира вака: „Тој не е ‚вистинскиот‘, но барем е некој — а ти навистина не сакаш да бидеш сама“. Мора да се признае, копнежот по друштво е силен. Меѓутоа, исправното задоволување на оваа желба значи нешто повеќе отколку само некој да биде покрај тебе. Тоа значи да најдеш некого кого ќе можеш вистински да го сакаш и кој може да ги исполни библиските одговорности во бракот (Ефешаните 5:33). Затоа, немој избрзано да се задоволиш со кој и да е брачен партнер! Многумина подоцна се покајале што избрзано стапиле во брак.
На крајот, некои можеби не престануваат да се состануваат дури и кога е јасно дека тој има сериозни недостатоци. ‚Ако му дадам малку повеќе време‘, разонираат тие, ‚можеби ќе се промени.‘ Дали ова навистина е разумно? Впрочем, лошите навики и шеми на однесување честопати се длабоко вкоренети и многу тешко се менуваат. Па дури и ако направи некои брзи и драматични промени, можеш ли навистина да бидеш сигурна дека овие промени се трајни? Во една таква ситуација, една девојка, Карен, мудро одлучила да ја прекине врската со еден млад човек кога сфатила дека немаат исти цели. „Беше тешко“, признава таа, „затоа што физички тој ме привлекуваше. Но, знаев дека е исправно да постапам така.“
Постапувај внимателно
Мора да се признае, не е лесно да одбиеш некого. Како пакет во кој има нешто кршливо, во оваа ситуација мора да се постапува внимателно. Еве неколку предлози што можат да ти бидат од помош.
Разговарај за оваа работа со своите родители или со некоја друга зрела личност од собранието. Тие можат да ти помогнат да одредиш дали твоите очекувања можеби се малку нереални.
Биди јасна и директна. Не оставај простор за сомневање во твоите чувства. Едноставното „Не, благодарам“ ќе ги одврати повеќето потенцијални додворувачи. Ако е потребно, кога го одбиваш употреби и построги зборови, како „Извини, но навистина не сум заинтересирана“. Внимавај да не оставиш впечаток дека би можела да се премислиш ако е малку поупорен. Ако јасно му ставиш до знаење дека немаш романтични чувства кон него, би требало да се спречи секаква забуна и да му олесниш да го преброди разочарувањето.
Урамнотежи ја искреноста со тактичност. Во Пословици 12:18 стои: „Невнимателниот зборува како да прободува со меч“. Иако е важно да бидеш директен, Библијата вели дека нашите зборови мора да бидат ‚љубезни, зачинети со сол‘ (Колошаните 4:6).
Држи се за својата одлука. Добронамерните пријатели, кои веројатно не знаат многу за причините што стојат зад твојата одлука, можеби ќе ти вршат притисок да ѝ дадеш втора шанса на твојата врска. Но, конечно ти ќе треба да живееш со својата одлука — а не твоите добронамерни пријатели.
Постапувај во склад со она што го зборуваш. Порано вие двајцата можеби сте биле добри пријатели и сосема е природно да посакуваш работите да можат повторно да бидат како некогаш. Но, обично тоа не е ниту практично ниту возможно. Тој почнал да негува романтични чувства кон тебе. Дали е реално да мислиш дека едноставно ќе може да ги игнорира тие чувства и да се преправа дека ништо не се случило? Затоа, иако очигледно е подобро да постапувате срдечно еден кон друг, ако редовно разговарате по телефон или ако минувате долго време заедно во друштво на други луѓе, веројатно само ќе се зголеми неговата болка. Тоа би можело да биде исто како да си играш со неговите чувства и не би било љубезно од твоја страна.
Апостол Павле ги поттикнал христијаните ‚да ја зборуваат вистината‘ меѓу себе (Ефешаните 4:25). Тоа можеби е тешко, но може да ви помогне и на двајцата секој да си продолжи со својот живот.
[Фусноти]
a Некои имиња се променети.
b Иако оваа статија се осврнува на девојките, начелата важат и за момчињата.
c За опасностите од состанувањето на многу рана возраст беше дискутирано во нашето издание од 8 мај 2001.
d Види ја рамката „Треба ли да раскинеме?“ во книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, страници 256 и 257.
[Истакната мисла на страница 13]
Не можеш да чувствуваш романтична љубов кон секого
[Слика на страница 14]
Биди јасна и директна кога ги изразуваш своите чувства