16. поглавје
Божјата влада доаѓа на власт
1. (а) Што очекувале долго луѓето кои имале вера? (б) Зошто Божјето Царство е означено како ”град“?
ЛУЃЕТО кои верувале во Божјата влада, со векови го очекувале времето кога таа ќе почне да владее. Во Библијата читаме дека верниот Авраам ’очекувал град со темели чиј градител и творец е Бог‘ (Евреите 11:10, Ст). Тој ”град“ е Божјето Царство. Но, зошто тука се означува како ”град“? Затоа што во старо време било вообичаено над еден град да владее цар. Затоа градот често се сметал како царство.
2. (а) Што покажува дека за првите Христови ученици Царството било стварност? (б) Што сакале да знаат во врска со тоа?
2 За првите Христови следбеници Божјето Царство било реалност. Тоа го покажале со големото интересирање за владетелството на Царството (Матеј 20:20–23). На тој начин се појавило и прашањето: Кога Христос и неговите ученици ќе почнат да владеат? Во една прилика кога Исус им се јавил на своите ученици по своето воскресение, го прашале: ”Господе, дали сега ќе го обновиш царството во Израел?“ (Дела на апостолите 1:6, Ст). Дали би сакал и ти, на ист начин како и Христовите ученици, да дознаеш кога Христос почнал да владее како Цар на Божјата влада?
ВЛАДА ЗА КОЈА ХРИСТИЈАНИТЕ СЕ МОЛАТ
3, 4. (а) Како знаеме дека Бог отсекогаш владеел како Цар? (б) Зошто Христос ги учел своите следбеници да се молат за доаѓањето на Божјето Царство?
3 Исус ги научил своите следбеници да се молат: ”Да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на Земјата!“ (Матеј 6:9, 10, Ст). Некој сега би можел да праша: ”Зарем Јехова не владеел отсекогаш како Цар? Ако да, зошто мораме да молиме да дојде неговото Царство?“
4 Точно е, Јехова е ”Цар на вечноста“ (1. Тимотеј 1:17, NW). И Библијата вели: ”Јахве го постави на небото својот престол, и неговата царска власт ја опфаќа вселената“ (Псалми 103:19, Ст). Значи, Јехова отсекогаш бил најголем владетел над целокупното свое творештво (Еремија 10:10). Но, после побуната против неговото владеење во Еденската градина, Бог направил подготовка за една посебна влада. Тоа е владата за чие доаѓање подоцна Исус ги научил своите следбеници да молат. Таа треба да ги отстрани сите проблеми кои настанале со отстапувањето на Сатана Ѓаволот и другите од Божјето владетелство.
5. Ако тоа е Божје Царство, зошто се нарекува и Христово Царство и царство на 144000?
5 Таа нова царска влада добива моќ и право од големиот Цар, Јехова Бог. Тоа е негово Царство. Библијата секогаш повторно го означува како Божје Царство (Лука 9:2, 11, 60, 62; 1. Коринтјаните 6:9, 10; 15:50). Но, бидејќи Јехова го поставил својот Син за главен владетел, тоа се означува и како Христово Царство (2. Петрово 1:11). И како што научивме во едно од претходните поглавја, 144000 луѓе избрани од човештвото ќе владеат со Христос во неговото Царство (Откровение 14:1–4; 20:6). Затоа Библијата го означува како ”нивно царство“ (Даниел 7:27, NW).
6. Кога, според мислењето на некои, почнало да владее Божјето Царство?
6 Некои велат дека Царството почнало да владее таа година кога Исус се вратил на небото. Зборуваат дека Христос почнал да владее кога на денот на еврејскиот празник Пентакост, 33 н.е., го излеал светиот дух врз своите следбеници (Дела на апостолите 2:1–4). Но, царската влада што ја воспоставил Јехова за да ги отстрани сите проблеми предизвикани со побуната на Сатана, не почнала тогаш да владее. Нема никакви предзнаци дека тогаш е родено ’машкото, синот‘ — Божјата влада под Христос како владетел — и дека тогаш започнала да владее (Откровение 12:1–10). Но, дали во 33 н.е. Исус имал Царство во која и да било смисла?
7. Над кого владее Христос од 33. н.е.?
7 Да, Исус тогаш почнал да владее над собранието на своите следбеници, кои на крај ќе бидат соединети со него на небото. Затоа во Библијата читаме дека за време на својот земски живот тие ќе бидат ”преместени во Царството на Синот на [Божјата] љубов“ (Колосјаните 1:13, NW). Но, таа влада или ”Царство“ над христијаните кои имаат надеж за небесен живот, не е царската влада за која Исус ги учел своите ученици да се молат. Тоа е царство само над 144000 лица кои ќе владеат со него на небото. Низ векови тие биле неговите единствени поданици. Значи, тоа владеење или ’царство на синот на Божјата љубов‘ ќе заврши кога ќе умре и последниот од овие поданици за да се соединат со Христос на небото. Тие тогаш нема да бидат Христови поданици, туку заедно со него ќе владеат како цареви во Божјата одамна ветена царска влада.
ПОЧЕТОК НА ВЛАДЕЕЊЕТО СРЕДЕ НЕПРИЈАТЕЛИТЕ
8. (а) Како знаеме дека Христос по воскреснувањето морал да чека извесно време додека не почнал да владее? (б) Што му рекол Бог на Христос кога дошло време да почне да владее?
8 Кога по воскреснувањето се вратил на небото, Христос не почнал веднаш да владее како цар на Божјата влада. Според зборовите на апостол Павле, морал да чека извесно време: ”Тој [Исус Христос] принел една единствена жртва за грев засекогаш и седнал оддесно на Бог, и оттогаш чека, додека неговите непријатели не бидат поставени како подножје за неговите нозе“ (Евреите 10:12, 13, NW). И кога дошло време Христос да почне да владее, Јехова му рекол: ”Владеј среде своите непријатели“ (Псалми 110:1, 2, 5, 6, Ст).
9. (а) Зошто секој не го сака Божјето Царство? (б) Што сториле нациите кога Божјето Царство започнало да владее?
9 Зарем не звучи чудно дека некој може да биде непријател на Божјата влада? Сепак, не сакаат сите да живеат под владата која од своите поданици бара да постапуваат исправно. Затоа Библијата зборува за време во кое Јехова и неговиот Син ќе преземат власт над светот: ”Народите се разгневија“ (Откровение 11:15, 17, 18, NW). Народите не му изразиле добредојде на Божјето Царство, бидејќи Сатана ги наведува на отпор.
10, 11. (а) Што се случило на небото кога Божјето Царство почнало да владее? (б) Што се случило тогаш на Земјата? в) Која важна мисла мораме да ја запомниме?
10 Кога Божјата управа дошла на власт, Сатана и неговите ангели сѐ уште се наоѓале на небото. Веднаш избувнала војна, бидејќи се спротивставиле на владеењето на Царството. Како резултат на тоа, Сатана и неговите ангели се исфрлени од небото. Потоа се слушнал силен глас: ”Сега настапи спасението и силата и царската власт на Бог и власта на неговиот Помазаник.“ Да, Божјата влада започнала да владее! А на небото, по исфрлањето на Сатана и неговите демони, завладеала голема радост: ”Затоа, ’веселете се, небеса‘ и вие кои живеете на нив!“, читаме во Библијата (Откровение 12:7-12, Ст).
11 Но, дали на Земјата настапило време на радост? Не! Напротив, за Земјата настапило најтешкото време од кога и да било порано. Библијата вели: ”Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време [краток рок, NW]! (Откровение 12:12, ББД). Ова е важна мисла која треба да ја запомниме: Почетокот на владеењето на Божјето Царство не значи дека на Земјата веднаш ќе настапи мир и безбедност. Вистинскиот мир ќе дојде подоцна кога Божјето Царство ќе ја преземе потполната власт над Земјата. Тоа ќе се случи на крајот од ’краткиот рок‘, кога Сатана и неговите ангели ќе бидат отстранети за да никому повеќе не му нанесуваат штета.
12. Зошто можеме да очекуваме дека Библијата кажува кога Божјето Царство почнало да владее?
12 Но, кога Сатана ќе биде исфрлен од небото, и да предизвика неволји на Земјата за ”кратко време“? Кога почнала да владее Божјата влада? Дали Библијата одговара на овие прашања? Би требало да очекуваме да е така. Зошто? Затоа што Библијата одамна прорекла кога Божјиот Син ќе се појави како човек на Земјата за да биде Месија. Таа точно ја прорекла годината кога тој ќе стане Месија. Затоа можеме со сигурност да очекуваме Библијата да нѐ информира за уште поважниот настан, имено, кога Месијата или Христос ќе настапи во својата Царска влада!
13. Како во Библијата е проречена годината во која Месијата ќе се појави на Земјата?
13 Некој може да праша: ”Каде во Библијата е проречена годината кога Месијата ќе се појави на Земјата?“ Во библиската книга Даниел читаме: ”Од часот кога излезе речта, ’Нека се вратат и повторно нека го изградат Ерусалим‘, па до кнезот Помазаник [ќе поминат] седум седмици, а потоа шеесет и две седмици“, значи вкупно 69 недели (Даниел 9:25, Ст). Но, тоа не се дословни 69 недели, што изнесува само 483 дена или нешто повеќе од една година. Тоа се 69 годишни недели, или 483 години. (Спореди 4. Мојсеева 14:34.) Наредбата да се обноват ѕидините на Ерусалим е издадена 455. пр.н.е.a (Неемија 2:1–8). Според тоа, 69 годишни недели завршиле 483 години подоцна, во 29. н.е., а токму таа година Исус дошол кај Јован да се крсти! Тогаш е помазан со светиот дух и станал Месија или Христос (Лука 3:1, 2, 21–23).
КОГА БОЖЈАТА ВЛАДА ПОЧНУВА ДА ВЛАДЕЕ
14. Кого го симболизирало ”дрвото“, споменато во 4. глава од книгата Даниел?
14 Каде во Библијата е проречена годината во која Христос ќе почне да владее како цар на Божјата влада? Во истата библиска книга, во книгата на Даниел (Даниел 4:10–37). Тука се употребува едно огромно дрво, чии гранки достигнуваат до небото, како симбол за вавилонскиот цар Навуходоносор, кој во тоа време бил најголемиот човечки владетел. Но, сепак царот Навуходоносор бил принуден да признае дека владее еден поголем од него, имено ”Севишиот“ или ”царот небесен“, Јехова Бог (Даниел 4:34, 37, ББД). Затоа дрвото кое достигнува до небото, претставува нешто многу поголемо — Божјата сувереност, особено над Земјата. Извесно време Божјето владеење доаѓало до израз преку царството кое тој ѝ го дал на Израелската нација. Затоа за царевите од Јудиното племе кои владееле над Изреалците се велело дека седат на ”Јеховиниот престол“ (1. Дневници 29:23).
15. Зошто коренот, после падот на ”дрвото“, ќе биде окован?
15 Според библискиот извештај од 4. поглавје од книгата Даниел, дрвото кое достигнува до небото мора да падне. Сепак, коренот му останува во земјата, окован со железни обрачи. Тоа би го спречувало растот на коренот до одредено време, додека не се отстранат обрачите и Бог да му дозволи да расте. Но, кога и како ”паднала“ Божјата влада?
16. (а) Како и кога ”паднала“ Божјата влада? (б) Што му било речено на последниот Јудејски цар кој седел на ”Јеховиниот престол“?
16 Со текот на времето, Јудејското царство кое го основал самиот Јехова, станало толку расипано, што Јехова му допуштил на царот Навуходоносор да го уништи или да предизвика негов ”пад“. Тоа се случило 607. п.н.е. Тогаш на последниот јудејски цар кој седел на Јеховиниот престол, Седекија, му било речено: ”Симни ја таа круна (...) ничија нема да биде, додека не дојде оној кој има законско право, и нему ќе му ја дадам“ (Езекиел 21:25-27, NW).
17. Кој временски период започнал во 607. пр.н.е.?
17 Божјето владетелство што е симболизирано со ”дрвото“, било исечено во 607. п.н.е. Повеќе не постоела ниедна влада која на Земјата би ја застапувала Божјата влада. Така во 607. п.н.е. започнал временски период кој Исус подоцна го означил како ”одредени времиња на народите“, или ”време на паганите“ (Лука 21:24, NW). Во текот на тие ”одредени времиња“ Бог немал влада која ќе го застапува неговото владеење на Земјата.
18. Што требало да се случи на крајот на ”одредените времиња на народите“?
18 Што треба да се случи на крајот од ”одредените времиња на народите“? Јехова ќе му ја даде царската власт на оној ”кој има законско право“. Тоа е Исус Христос. Ако утврдиме кога завршуваат ”одредените времиња на народите“, ќе знаеме кога Христос почнал да владее како цар.
19. За колку ”времиња“ требало да биде прекината Божјата власт над Земјата?
19 Од 4. поглавје од книгата Даниел дознаваме дека ”одредените времиња“ траат ”седум времиња“. Даниел покажува дека Божјето владеење симболизирано со ”дрво“ ”седум времиња“ нема да биде застапено на Земјата (Даниел 4:16, 23). Колку долго траат тие ”седум времиња“?
20. (а) Колку изнесува едно ”време“? (б) Колку изнесуваат ”седумте времиња“? (в) Зошто можеме да сметаме еден ден за година?
20 Од Откровение 12. глава, 6. и 14. стих учиме дека ”време [односно едно време] и времиња [односно две времиња] и половина време“ изнесуваат 1260 дена. Тоа се вкупно три и пол времиња. Според тоа, ”едно време“ одговара на период од 360 денови. Значи, ”седум времиња“ изнесува 7×360, или 2520 дена. Ако сметаме по библиското правило, еден ден за година, тогаш ”седум времиња“ изнесуваат 2520 години (4. Мојсеева 14:34; Езекиел 4:6).
21. (а) Кога започнале, а кога завршиле ”одредените времиња на народите“? (б) Кога дошло на власт Божјето Царство? (в) Зошто сега е време да молиме за ”доаѓањето“ на Божјето Царство?
21 Веќе научивме дека ”одредените времиња на народите“ започнале 607. п.н.е. Ако сметаме 2520 години од тој датум, доаѓаме до 1914. н.е. Во таа година завршиле ”одредените времиња“. Денес сѐ уште живеат милиони луѓе кои можат да се сетат на сѐ што се случило во 1914 година. Таа година со избивање на Првата светска војна започнал период на стравотни немири кои траат до ден-денес. Тоа значи дека во 1914 година Исус Христос почнал да владее како цар на Божјето небесно Царство. И бидејќи Царството стапило на власт, сега е време да молиме тоа да ”дојде“ и да го отстрани од Земјата Сатанскиот зол систем! (Матеј 6:10; Даниел 2:44).
22. Кое прашање можат некои да го постават?
22 Но, некој може да праша: ”Зошто не можеме да го видиме Христос, ако веќе се вратил да владее како цар во Царството на својот Татко?“
[Фуснота]
a Историски докази дека таа заповед е издадена 455. пр.н.е. наоѓаме во книгата Aid to Bible Understanding, под наслов ”Артаксеркс“. Книгата ја издало Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Табела на страници 140 и 141]
Во 607. п.н.е. Божјето Царство на Јуда паднало.
Во 1914. н.е. Исус Христос започнал да владее како цар на Божјата небесна влада
607. п.н.е. — 1914. н.е.
октомври 607. п.н.е. — октомври 1. п.н.е. = 606 ГОДИНИ
октомври 1. п.н.е. — октомври 1914. н.е. = 1914 ГОДИНИ
СЕДУМ ВРЕМИЊА НА ПАГАНИТЕ = 2520 ГОДИНИ
[Слика на страница 134]
”Дали сега ќе го обновиш царството во Израел“?
[Слика на страница 139]
Големото дрво што е споменато во 4. глава од книгата Даниел го симболизира Божјето владетелство. Извесно време било изразено преку јудејското царство.
[Слика на страница 140 и 141]
Дрвото паднало кога било уништено јудејското царство