Поглавје 11
Ова се последните денови!
1. Зошто многумина се чувствуваат некако збунети кога размислуваат за светската ситуација, но каде може да се најде сигурно објаснување за светските настани?
КАКО дошол нашиот разбрануван свет до овој степен? Што нѐ очекува во иднина? Дали некогаш си се запрашал вакво нешто? Многумина се чувствуваат некако збунети кога ќе ја погледнат светската ситуација. Реалностите како што се војните, болестите и криминалот, ги оставаат луѓето во недоумица за тоа што ќе донесе иднината. Лидерите на владите нудат малку надеж. Меѓутоа, во својата Реч, Бог дава сигурно објаснување за овие мачни денови. Библијата доверливо ни помага да видиме каде се наоѓаме во струјата на времето. Таа ни покажува дека живееме во „последните денови“ на сегашниот систем на ствари (2. Тимотеј 3:1).
2. Што го запрашале Исус неговите ученици, и како одговорил тој?
2 На пример, размисли за одговорот што го дал Исус на некои прашања што ги поставиле неговите ученици. Три дена пред да умре, тие го прашале: „Каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање и за свршетокот на светот [системот на ствари, НС]?“a (Матеј 24:3). Одговарајќи, Исус зборувал за специфични светски настани и ситуации кои јасно ќе покажат дека овој безбожен систем навлегол во своите последни денови.
3. Зошто условите на Земјата се влошиле откога Исус почнал да владее?
3 Како што беше покажано во претходното поглавје, библиската хронологија води до заклучокот дека Божјето Царство веќе почнало да владее. Но, како е можно тоа? Ситуацијата станала полоша, а не подобра. Сепак, токму тоа претставува силен показател дека Божјето Царство почнало да владее. Како тоа? Па, Псалм 109:2 нѐ известува дека Исус требало извесен период да владее ‚меѓу своите непријатели‘. Всушност, неговата прва задача како небесен Цар била Сатана и неговите демонски ангели да ги исфрли долу во близината на Земјата (Откровение 12:9). Каква била последицата? Токму она што било проречено во Откровение 12:12: „Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време!“ Ние сега живееме во тоа „малку време“.
4. Кои се некои од обележјата на последните денови, и што покажуваат тие? (Види ја рамката.)
4 Затоа, не изненадува тоа што Исус дал отрезнувачки одговор кога бил запрашан каков ќе биде знакот на неговата присутност и на свршетокот на системот на ствари. Во рамката на страница 102 се дадени различни составни делови на знакот. Како што можеш да видиш, христијанските апостоли Павле, Петар и Јован ни даваат натамошни детали во врска со последните денови. Вистина, повеќето обележја на знакот и на последните денови вклучуваат жалосни ситуации. Сепак, исполнувањето на овие пророштва треба да нѐ увери дека е блиску крајот на овој зол систем. Да разгледаме одблизу некои од главните обележја на последните денови.
ОБЕЛЕЖЈА НА ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ
5, 6. Како се исполнуваат пророштвата за војните и гладот?
5 „Ќе се дигне народ против народ“ (Матеј 24:7; Откровение 6:4). Писателот Ернест Хемингвеј ја нарекол I светска војна „најколосална, најубиствена, лошо управувана кланица која некогаш се случила на Земјата“. Според книгата The World in the Crucible—1914-1919 (Светот во лонец за топење — 1914-1919), тоа бил „нов вид на војна, првата тотална војна во искуството на човештвото. Нејзиното траење, интензитетот и обемот надминале сѐ што порано било познато или што општо се очекувало“. Потоа дошла Втората светска војна, која се покажала многу поразорна од Првата. „Во дваесеттиот век“ — вели Хју Томас, професор по историја — „доминираа митралезот, тенкот, [бомбардерите] Б-52, нуклеарната бомба и, конечно, ракетата. Тој беше обележан со покрвави и поуништувачки војни отколку оние во кој и да било друг век.“ Вистина, многу се зборуваше за разоружување откако заврши студената војна. Сепак, еден извештај проценува дека и после предложените редукции ќе останат околу 10.000 до 20.000 нуклеарни боеви глави — 900 пати повеќе од огнената моќ која била употребена во текот на II светска војна.
6 „Ќе има глад“ (Матеј 24:7; Откровение 6:5, 6, 8). Од 1914 година наваму имало најмалку 20 поголеми случаи на глад. Во загрозените подрачја спаѓале Бангладеш, Бурунди, Грција, Етиопија, Индија, Камбоџа, Кина, Нигерија, Руанда, Русија, Сомалија и Судан. Но, гладот не е секогаш предизвикан поради недостиг на храна. „Светските залихи на храна во изминатите децении растеа побрзо од самото население“ — заклучила една група земјоделски научници и економисти. „Но, бидејќи најмалку 800 милиони луѓе живеат во крајна сиромаштија, . . . тие не се во состојба да купат доволни количини за да се избават од хроничната неисхранетост.“ Во други случаи е вклучено мешањето на политиката. Д-р Абделгалил Елмеки, од Универзитетот во Торонто, наведува два примера кога илјадници луѓе умирале додека нивните земји извезувале огромни количини на храна. Владите изгледале позагрижени околу стекнувањето на странска валута за да ги финансираат своите војни, отколку да ги нахранат своите граѓани. Каков е заклучокот на д-р Елмеки? Гладот е честопати „проблем на дистрибуирањето и на владината политика“.
7. Какви се денешните факти во врска со поморот?
7 „Помор“ (Лука 21:11; Откровение 6:8). Шпанскиот грип од 1918—19 однесе најмалку 21 милион животи. „Никогаш во историјата светот не бил опустошен од еден убиец кој за толку кратко време убил толку многу човечки животи“ — пишува А. А. Хелинг во книгата The Great Epidemic (Големата епидемија). Денес, болестите беснеат. Секоја година, ракот убива пет милиони луѓе, цревните заболувања ги однесуваат животите на повеќе од три милиони доенчиња и деца, а туберкулозата предизвикува смрт на три милиони лица. Дишните инфекции, главно пневмонијата, годишно убиваат 3,5 милиони деца на возраст до пет години. А запрепастувачки 2,5 милијарди луѓе — половина од светското население — страдаат од болести кои потекнуваат од недоволната или загадена вода, како и од бедните санитарни услови. Епидемијата на СИДА се наѕира како натамошен потсетник дека човекот, и покрај своите значајни медицински постигнувања, е неспособен да ги отстрани болестите.
8. На кој начин луѓето докажуваат дека се „среброљупци“?
8 „Луѓето ќе станат . . . среброљупци“ (2. Тимотеј 3:2). Во многу земји ширум светот се чини дека луѓето имаат незаситен глад за што поголемо богатство. „Успехот“ честопати се мери по големината на платата, а „способноста“, пак, по тоа колку некој поседува. „Во следната деценија материјализмот и понатаму ќе остане една од движечките сили во американското општество и сѐ поважна сила на другите главни пазари“ — изјавила потпретседателката на една рекламна агенција. Дали забележуваш дека тоа се случува и во твојата околина?
9. Што може да се рече за проречената непослушност спрема родителите?
9 „Непокорни спрема родителите“ (2. Тимотеј 3:2). Денешните родители, наставниците и други, од прва рака имаат доказ дека многу деца се неучтиви и непослушни. Некои од овие млади или се противат или го имитираат лошото однесување на своите родители. Сѐ поголем број деца губат вера во училиштето, законот, религијата и своите родители (и се бунат против сите нив). „Како тренд“ — вели еден учител-ветеран — „се чини дека имаат мала почит кон било што.“ Но, за среќа, многумина богобојазливи деца се примерни во однесувањето.
10, 11. Каков доказ постои дека луѓето се сурови и дека им недостига природна наклоност?
10 „Нескротливи“ (2. Тимотеј 3:3). Грчкиот збор преведен со „нескротливи“, значи ‚нескротени, диви, без човечко чувство и сочувство‘. Колку добро ова ги опишува многуте извршители на денешното насилство! „Животот е толку трауматичен, толку окрвавен со ужас, што се потребни челични нерви за да ги читаш дневните новости“ — пишувало во една уводна статија. Еден полициски наредник за станбено обезбедување забележал дека многу млади изгледа ги затвораат очите пред последиците на своите постапки. Тој рекол: „Постои мислењето: ‚Не ме интересира што ќе биде утре. Тоа што ми треба сакам да го имам денес‘“.
11 „Без природна наклоност“ (2. Тимотеј 3:3, НС). Овој израз е преведен од еден грчки збор што значи „бездушен, нечовечен“ и тој означува „недостиг на природна, семејна наклоност“ (The New International Dictionary of New Testament Theology — Нов меѓународен речник на новозаветна теологија). Да, наклоноста честопати ја нема токму онаму каде што треба да изобилува — во домот. Извештаите за навредливо однесување спрема брачните сопружници, спрема децата, па дури и спрема постарите родители, станале вознемирувачко секојдневие. Еден истражувачки тим коментирал: „Сеедно дали во вид на шлаканица или туркање, бодење со нож или пресметка со огнено оружје — човечкото насилство се случува многу почесто во семејниот круг отколку на кое и да било друго место во нашево општество“.
12. Зошто може да се рече дека луѓето имаат само облик на побожност?
12 „На изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле“ (2. Тимотеј 3:5). Библијата има сила да ги менува животите на добро (Ефесјаните 4:22-24). Сепак, многумина денес ја користат својата религија како параван зад кој вршат нечесни постапки кои не му се допаѓаат на Бог. Лажењето, крадењето и изопаченото сексуално однесување честопати наидуваат на толеранција кај религиозните водачи. Многу религии проповедаат љубов, а ја поддржуваат војната. „Во името на Севишниот Творец“ — забележува една уводна статија во списанието India Today — „човечките суштества ги извршувале најгнасните ѕверства еден спрема друг.“ Всушност, двата најкрвави конфликта од поново време — I и II светска војна — избувнале во срцето на христијанскиот свет.
13. Кој доказ постои дека Земјата се упропастува?
13 ‚Погубување на земјата‘ (Откровение 11:18). Над 1.600 научници од целиот свет, вклучувајќи и 104 добитници на Нобеловата награда, потпишале едно предупредување, издадено од Унијата на загрижените научници (УЗН), во кое навеле: „Човечките суштества и природата одат кон меѓусебен конфликт. . . . За неколку децении ќе биде изгубена шансата да се спречат заканите“. Во извештајот стоело дека човековите погубни постапки „би можеле толку многу да го изменат светот, што тој не ќе биде во состојба да го одржува животот на начинот што го познаваме“. Истрошувањето на озонот, загадувањето на водата, сечењето на шумите, опаѓањето на продуктивноста на почвата и изумирањето на многу животински и растителни видови, се наведуваат како итни проблеми на кои мора да им се обрне внимание. „Нашето мешање во меѓусебно зависната мрежа на животот“ — вели УЗН — „би можело да предизвика големи последици, вклучувајќи пропаст на биолошките системи, чија динамика непотполно ја познаваме.“
14. Како би можел да докажеш дека Матеј 24:14 се исполнува во наше време?
14 „Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет“ (Матеј 24:14). Исус прорекол дека добрата вест за Царството ќе биде проповедана по целата Земја, за сведоштво на сите народи. Со божествена помош и благослов, милиони Јеховини сведоци вложуваат милијарди часови во ова дело на проповедање и правење ученици (Матеј 28:19, 20). Да, Сведоците сфаќаат дека би биле виновни за крв ако не ја објавуваат добрата вест (Језекиил 3:18, 19). Но, тие се радуваат што секоја година илјадници лица благодарно се оѕвиваат на пораката за Царството и заземаат став како вистински христијани, односно како Сведоци на Јехова. Непроценлива предност е да му се служи на Јехова и така да се шири спознанието за Бог. А откако оваа добра вест ќе биде проповедана по целата населена Земја, ќе дојде крајот на овој зол систем.
РЕАГИРАЈ НА ДОКАЗИТЕ
15. Како ќе заврши сегашниот зол систем?
15 Како ќе заврши овој систем? Библијата прорекува една „голема неволја“ (НС) која ќе започне кога политичките елементи на овој свет ќе го нападнат „Вавилон големиот“, светското царство на лажната религија (Матеј 24:21; Откровение 17:5, 16). Исус рекол дека за време на тој период „сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвездите ќе попаѓаат од небото, и силите небески ќе попуштат“ (Матеј 24:29). Тоа може да означува дословни небесни феномени. Како и да е, сјајните светла на религиозниот свет ќе бидат разоткриени и отстранети. Тогаш Сатана, наречен ‚Гог од земјата Магог‘, ќе ги употреби расипаните луѓе за да изврши еден сеопшт напад врз Јеховиниот народ. Но Сатана нема да успее, затоа што Бог ќе им дојде на помош (Језекиил 38:1, 2, 14-23). ‚Големата неволја‘ ќе ја достигне својата кулминација во Армагедон, ‚војната во големиот ден на Бога Седржителот‘. Таа ќе ја исчисти секоја трага од Сатановата земна организација и ќе го отвори патот за бескрајни благослови за човештвото кое ќе преживее (Откровение 7:9, 14; 11:15; 16:14, 16; 21:3, 4).
16. Како знаеме дека проречените обележја на последните денови се однесуваат на нашево време?
16 Ако се издвојат, можеби ќе се чини дека некои обележја на пророштвата што ги опишуваат последните денови, се однесуваат на некои други периоди од историјата. Но, кога ќе се здружат, проречените докази укажуваат токму на нашево време. Да илустрираме: Линиите од кои се состои отпечатокот од прстот на едно лице, сочинуваат образец кој не може да му припаѓа на ниеден друг поединец. На сличен начин, последните денови имаат свои карактеристични обележја, односно настани. Тие претставуваат еден „отпечаток“ кој не може да му припаѓа на ниеден друг временски период. Ако се разгледаат заедно со библиските укажувања дека Божјето небесно Царство владее сега, доказите даваат цврст темел да заклучиме дека ова се навистина последните денови. Освен тоа, постои јасен библиски доказ дека сегашниот зол систем наскоро ќе биде уништен.
17. На што треба да нѐ поттикне спознанието дека ова се последните денови?
17 Како ќе реагираш ти на доказите дека ова се последните денови? Размисли за следново: Ако се заканува некоја страшна бура, без одложување преземаме безбедносни мерки. Затоа, она што го прорекува Библијата за сегашниот систем треба да нѐ поттикне на акција (Матеј 16:1-3). Можеме јасно да видиме дека живееме во последните денови од овој светски систем. Тоа треба да нѐ мотивира да ги направиме сите неопходни промени за да постигнеме Божја милост (2. Петрово 3:3, 10-12). Осврнувајќи се на себе како на посредник за спасение, Исус го разгласува итниот повик: „Само пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и грижа за овој свет, за да не ве затече оној ден ненадејно; оти тој ќе дојде како примка за сите што живеат по целата земја; бидете будни во секое време и молете се, за да го избегнете сето она, што ќе настане, и да се исправите пред Синот Човечки!“ (Лука 21:34-36).
[Фуснота]
a Наместо „систем на ствари“, некои Библии го употребуваат зборот „свет“. Expository Dictionary of New Testament Words (Толковниот речник на новозаветни зборови) од В. Е. Вајн вели дека грчкиот збор аио́н „означува период со неодредено траење, или време гледано во однос на она што се случува во текот на тој период“. Greek and English Lexicon to the New Testament (Грчкиот и англиски лексикон на Новиот завет) од Паркхерст (страница 17), го вклучува изразот „овој систем на ствари“ кога дискутира за употребата на аио́нес (множина) во Евреите 1:2. Според тоа, преводот „систем на ствари“ е во склад со оригиналниот грчки текст.
ПРОВЕРИ ГО СВОЕТО СПОЗНАНИЕ
Што прорекла Библијата за светските настани на почетокот од Христовото владеење?
Кои се некои од обележјата на последните денови?
Што те уверува дека ова се последните денови?
[Рамка на страница 102]
НЕКОИ ОБЕЛЕЖЈА НА ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ
• Беспримерни војни (Матеј 24:7; Откровение 6:4).
• Глад (Матеј 24:7; Откровение 6:5, 6, 8).
• Помор (Лука 21:11; Откровение 6:8).
• Пораст на беззаконието (Матеј 24:12).
• Погубување на Земјата (Откровение 11:18).
• Земјотреси (Матеј 24:7).
• Критични времиња со кои тешко се излегува на крај (2. Тимотеј 3:1).
• Претерана љубов кон пари (2. Тимотеј 3:2).
• Непокорност спрема родителите (2. Тимотеј 3:2).
• Недостиг на природна наклоност (2. Тимотеј 3:3, НС).
• Поголема љубов кон задоволствата отколку кон Бог (2. Тимотеј 3:4).
• Недостиг на самосовладување (2. Тимотеј 3:3).
• Без љубов кон добротата (2. Тимотеј 3:3).
• Не ја забележуваат опасноста што се заканува (Матеј 24:39).
• Исмејувачите ги отфрлаат доказите за последните денови (2. Петрово 3:3, 4).
• Глобално проповедање на Божјето Царство (Матеј 24:14).
[Слика на целата страница 101]