Матеј
24 Кога Исус си заминуваше од храмот, неговите ученици му пристапија за да му ги покажат храмските градби. 2 А тој им рече: „Го гледате ли сето ова? Вистина ви велам, овде нема да биде оставен ни камен на камен, сѐ ќе биде урнато“.
3 Додека седеше на Маслинската Гора, учениците дојдоа кај него насамо и му рекоа: „Кажи ни, кога ќе се случи тоа и кој ќе биде знакот на твојата присутност* и на последните денови на овој свет?“*
4 Исус им одговори: „Пазете некој да не ве заведе. 5 Мнозина ќе дојдат во мое име и ќе велат: ’Јас сум Христос‘, и ќе заведат мнозина. 6 Ќе чуете за војни на разни места. Немојте да се уплашите, бидејќи тоа мора да се случи, но тогаш уште не е крајот.
7 Ќе се крене народ против народ и царство против царство, и ќе има глад и земјотреси на разни места. 8 Сето тоа е почеток на страшните неволји.*
9 Тогаш луѓето ќе ве прогонуваат и ќе ве убиваат, и сите народи ќе ве мразат поради моето име. 10 И многумина ќе отпаднат од верата, ќе се предаваат едни со други и ќе се мразат едни со други. 11 Ќе се појават многу лажни пророци и ќе заведат мнозина. 12 И затоа што ќе има сѐ повеќе злоба,* кај повеќето луѓе љубовта ќе олади. 13 Но кој ќе истрае до крајот, тој ќе биде спасен. 14 А оваа добра вест за Царството ќе биде проповедана по целиот свет за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот.
15 Кога ќе видите дека гадотијата која пустоши, за која зборувал пророкот Даниел, стои на свето место (оној што го чита ова треба добро да размисли за да го разбере), 16 тогаш оние што ќе бидат во Јудеја нека бегаат во планините. 17 Кој ќе биде на покривот, нека не слегува да земе нешто од куќата. 18 И кој ќе биде на нивата, нека не се враќа дома за да си ја земе наметката. 19 Тешко на бремените жени и на доилките во тие денови! 20 Молете се да не треба да бегате во зима или на сабат. 21 Зашто, тогаш ќе има голема неволја каква што немало од почетокот на светот досега, и каква што ќе нема повторно. 22 Всушност, ако не се скратат тие денови, никој нема да се спаси. Но заради избраните, тие денови ќе бидат скратени.
23 Ако тогаш некој ви рече: ’Овде е Христос!‘, или: ’Таму е!‘, не верувајте. 24 Зашто, ќе се појават лажни Христоси и лажни пророци и ќе прават големи знаци и чуда за да ги заведат, ако е можно, дури и избраните. 25 Не заборавајте дека ве предупредив. 26 Затоа, ако ви речат: ’Тој е во пустината‘, не одете таму. Ако ви речат: ’Тој е внатре во куќата‘, не верувајте. 27 Зашто, како што молњата светнува на исток и го осветлува небото сѐ до запад, така ќе биде за време на присутноста* на Синот човечки. 28 Каде што има леш, таму ќе се соберат орлите.
29 Веднаш по неволјата во тие денови, сонцето ќе потемни, месечината повеќе нема да свети, ѕвездите ќе паднат од небото и небесните сили ќе се затресат. 30 Тогаш на небото ќе се појави знакот на Синот човечки, и сите народи* на земјата ќе се удираат во гради од тага. И ќе го видат Синот човечки како доаѓа на облаците небесни со сила и со голема слава. 31 И тој ќе ги испрати своите ангели со силен трубен звук, и тие ќе ги соберат неговите избрани од четирите страни на светот,* од едниот крај на небото до другиот.
32 Научете нешто од оваа споредба со смоквата: кога од неа ќе потера гранка и ќе пушти лисја, знаете дека летото е близу. 33 Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека Синот човечки е близу, пред вратата. 34 Вистина ви велам, ова поколение нема да изумре* додека не се случи сето тоа. 35 Небото и земјата ќе исчезнат, но моите зборови ќе останат засекогаш.
36 Никој не знае кога ќе дојде тој ден или час, ни ангелите на небото ни Синот, туку само Таткото. 37 Како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и за време на присутноста* на Синот човечки. 38 Зашто, како што во тие денови пред Потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа, сѐ до денот кога Ное влезе во арката, 39 и не обрнуваа внимание додека не дојде Потопот и ги однесе сите, така ќе биде и за време на присутноста на Синот човечки. 40 Тогаш двајца ќе бидат на нива: едниот ќе биде земен, а другиот ќе биде оставен. 41 Две жени ќе мелат на рачна мелница: едната ќе биде земена, а другата ќе биде оставена. 42 Затоа, бидете будни, бидејќи не знаете во кој ден доаѓа вашиот Господар.
43 Но едно знајте, кога домаќинот би знаел во кое време од ноќта* ќе дојде крадецот, би останал буден и не би дозволил да му провали во куќата. 44 Затоа и вие бидете подготвени, бидејќи Синот човечки ќе дојде тогаш кога не го очекувате.
45 Кој е верниот и разборит* роб кого неговиот господар го поставил над своите слуги за да им дава храна во вистинско време? 46 Среќен е тој роб ако неговиот господар, кога ќе дојде, го најде да прави така! 47 Вистина ви велам, ќе го постави над целиот свој имот.
48 Но, ако тој роб е злобен и си рече: ’Мојот господар доцни‘, 49 па почне да ги тепа другите робови и да јаде и да пие со пијаниците, 50 господарот на тој роб ќе дојде во ден кога не очекува и во час во кој не ни помислува, 51 и ќе го казни најстрого и ќе го стави кај лицемерите. Таму ќе плаче и ќе чкрта со забите.