Поглавје 17
Најди сигурност меѓу Божјиот народ
1, 2. На кој начин ситуацијата на човештвото е слична на ситуацијата на луѓето во едно опустошено подрачје?
ЗАМИСЛИ СИ дека една силна бура го опустошила подрачјето во кое живееш. Твојот дом е уништен и сиот имот загубен. Храната е оскудна. Ситуацијата изгледа безнадежна. Тогаш, одненадеж пристигнува материјална помош. Обезбедено е изобилство од храна и облека. Изградена ти е и нова куќа. Сигурно ќе му бидеш благодарен на лицето кое ти ги обезбедило овие работи.
2 Денес се случува нешто слично. Како некоја бура, бунтот на Адам и Ева предизвикал голема штета за човечкиот род. Човековиот Рајски дом бил загубен. Оттогаш, човечките влади не успеваат да ги заштитат луѓето од војна, криминал и неправда. Религијата оставила мноштва да гладуваат по здрава духовна храна. Но, во духовна смисла, Јехова Бог сега обезбедува храна, облека и засолниште. Како го прави тоа?
„ВЕРНИОТ И РАЗУМЕН РОБ“
3. Како прави Јехова подготовки за човештвото, и кои примери го покажуваат тоа?
3 Како што помошта обично се дистрибуира преку некој организиран канал, така и Јехова направил духовна подготовка за својот народ. На пример, околу 1.500 години Израелците биле „собрание Господово“. Меѓу нив биле оние кои служеле како Божји канал за да го поучуваат неговиот Закон (1. Летописи 28:8; 2. Летописи 17:7-9). Во првиот век од н. е., Јехова ја создал христијанската организација. Биле формирани собранија кои функционирале под водството на водечкото тело што го сочинувале апостоли и постари мажи (Дела 15:22-31). На сличен начин и денес, Јехова сообраќа со својот народ преку едно организирано тело. Од каде го знаеме тоа?
4. Кој е „верниот и разумен роб“ во денешно време, и како се направени достапни Божјите духовни подготовки?
4 Исус рекол дека во времето на неговата присутност во моќта на Царството, ‚верниот и разумен роб‘ ќе обезбедува „храна во право време“ за Неговите следбеници (Матеј 24:45-47, НС). Кој го претставувал овој „роб“ во 1914 година кога Исус бил поставен како небесен Цар? Секако, не свештенството на христијанскиот свет. Главно, тие ги хранеле своите стада со пропаганда која ги поддржувала нивните национални влади во I светска војна. Но, исправна и навремена духовна храна ширела само групата од вистински христијани кои биле помазани со Божјиот свет дух и кои биле како дел од она што Исус го нарекол „мало стадо“ (Лука 12:32). Наместо човечките влади, овие помазани христијани го проповедале Божјето Царство. Како резултат на тоа, со текот на годините, милиони праведно настроени „други овци“ му се придружиле на помазаниот „роб“ во практицирањето на вистинската религија (Јован 10:16). Користејќи го ‚верниот роб‘ и неговото денешно Водечко тело, Бог го води својот организиран народ за да дава духовна храна, облека и засолниште што им стојат на располагање на сите оние кои сакаат да ги имаат овие залихи.
„ХРАНА ВО ПРАВО ВРЕМЕ“
5. Каква е духовната состојба во денешниот свет, но што прави Јехова во врска со тоа?
5 Исус рекол: „Човекот не смее да живее само од леб, туку од секоја изјава која излегува од Јеховината уста“ (Матеј 4:4, НС). Но, за жал, повеќето луѓе не обрнуваат внимание на Божјите изјави. Како што прорекол Јеховиниот пророк Амос, постои „глад, не глад за леб, не жед за вода, туку жед за слушање зборови Господови“ (Амос 8:11). Дури и оние лица кои се многу религиозни, духовно се изгладнети. Меѓутоа, Јеховина волја е „сите видови луѓе да бидат спасени и да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:3, 4). Од таа причина, тој дава духовна храна во изобилство. Но, каде може да се добие таа?
6. На кој начин Јехова духовно го хранел својот народ во изминатите времиња?
6 Низ историјата, Јехова ја делел духовната храна на својот народ како на група (Исаија 65:13). На пример, израелските свештеници ги собирале мажите, жените и децата за да ги поучат како група за Божјиот Закон (5. Мојсеева 31:9, 12). Под водството на водечкото тело, христијаните од првиот век организирале собранија и одржувале состаноци заради поука и охрабрување на сите (Римјаните 16:4; Филимон 1, 2). Јеховините сведоци го следат овој пример. Срдечно си поканет да присуствуваш на сите нивни состаноци.
7. Како е поврзано редовното присуство на христијанските состаноци со спознанието и верата?
7 Секако, можеби со твоето лично проучување на Библијата веќе си научил многу. Можеби во тоа ти помагал некој Сведок (Дела 8:30-35). Но, твојата вера може да се спореди со едно растение кое ќе свене и ќе умре ако не му се посвети соодветна грижа. Затоа, мораш да добиваш исправна духовна исхрана (1. Тимотеј 4:6). Христијанските состаноци нудат една континуирана програма на поучување што е наменета за духовно да те храни и да ти помогне да растеш во верата додека напредуваш во спознанието за Бог (Колосјаните 1:9, 10).
8. Зошто сме охрабрени да присуствуваме на состаноците на Јеховините сведоци?
8 Состаноците служат и за една друга важна цел. Павле напишал: „Да се поттикнуваме кон љубов и добри дела, не напуштајќи го своето собрание“ (Евреите 10:24, 25). Грчкиот збор преведен со „поттикне“, може да значи и „наостри“. Една библиска изрека гласи: „Железо железо остри, и човек го изострува погледот на пријателот свој“ (Изреки 27:17). На сите нам ни треба постојано ‚острење‘. Секојдневните притисоци од светот можат да ја затапат нашата вера. На христијанските состаноци взаемно се охрабруваме (Римјаните 1:11, 12). Членовите на собранието ја следат опомената на апостол Павле да ‚се утешуваат и да се изградуваат еден со друг‘, а таквите работи ја острат нашата вера (1. Солунјаните 5:11, НС). Редовното присуство на христијанските состаноци исто така покажува дека го сакаме Бог и тоа ни дава прилики да го фалиме (Псалм 34:18).
„ОБЛЕЧЕТЕ СЕ ВО ЉУБОВ“
9. Како го дал Јехова примерот во покажувањето на љубов?
9 Павле напишал: „Облечете се во љубов, која е врска на совршенството [совршена врска на единство, НС]“ (Колосјаните 3:14). Јехова милостиво ни ја дал оваа облека. На кој начин? Христијаните можат да покажуваат љубов затоа што таа е еден од плодовите на Јеховиниот свет дух, што го дава Бог (Галатјаните 5:22, 23). Самиот Јехова ја покажал најголемата љубов со тоа што го испратил својот единороден Син за да можеме да имаме вечен живот (Јован 3:16). Овој врховен приказ на љубов ни дал пример како да ја изразуваме оваа особина. „Кога така нѐ засака Бог,“ — напишал апостол Јован — „тоа и ние сме должни да се сакаме еден со друг“ (1. Јованово 4:11).
10. Каква корист можеме да извлечеме од „целото братство“?
10 Ако присуствуваш на состаноците во Салата на Царството, ќе имаш извонредна прилика да покажеш љубов. Таму ќе сретнеш голема разноликост од луѓе. Без сомнение, веднаш ќе се почувствуваш привлечен кон мнозина од нив. Се разбира, личностите се разликуваат дури и меѓу оние кои му служат на Јехова. Можеби во минатото едноставно си ги избегнувал луѓето кои немале исти интереси или карактеристики како тебе. Но, христијаните треба ‚да имаат љубов кон целото братство‘ (1. Петрово 2:17, НС). Затоа, постави си за цел да се запознаеш со оние кои се во Салата на Царството — дури и со оние чијашто возраст, личност, раса или степен на образование, можеби се разликуваат од твоите. Веројатно ќе заклучиш дека секој од нив се одликува со некоја убава особина.
11. Зошто не треба да бидеш вознемирен поради разновидноста на личностите меѓу Јеховиниот народ?
11 Разновидноста на личностите во собранието не треба да те вознемирува. Да илустрираме: замисли си дека многу возила патуваат покрај тебе по патот. Сите не се движат со иста брзина ниту, пак, се сите во иста состојба. Некои патувале многу километри, но други, како тебе, штотуку тргнале. Меѓутоа, без оглед на овие разлики, сите патуваат по патот. Слично е и со поединците од кои се состои едно собрание. Сите не ги развиваат христијанските особини со иста брзина. Освен тоа, сите не се во иста физичка или емоционална состојба. Некои го обожаваат Јехова веќе долги години; други штотуку почнале. Па сепак, сите патуваат по патот кон вечен живот, „соединети во еден дух и во една мисла“ (1. Коринтјаните 1:10). Затоа, гледај на јаките, а не на слабите страни на лицата во собранието. Ако правиш така, ти ќе бидеш одушевен, зашто ќе сфатиш дека Бог е навистина меѓу овие луѓе. А секако, тоа е местото каде што сакаш да бидеш и ти (1. Коринтјаните 14:25).
12, 13. а) Што можеш да сториш ако некој во собранието те навреди? б) Зошто е важно да не развиваш огорченост?
12 Со оглед на тоа што сите луѓе се несовршени, повремено некој во собранието може да рече или да стори нешто што ќе те вознемири (Римјаните 3:23). Ученикот Јаков реалистично напишал: „Сите ние многу грешиме. Но оној, кој во зборови не греши, тој е совршен човек“ (Јаков 3:2). Како ќе реагираш ако некој те навреди? Една библиска изрека вели: „Благоразумноста [Увидот, НС] го прави човекот бавен на гнев, и за него е чест да биде снисходлив кон грешките“ (Изреки 19:11). Да имаш увид значи да гледаш под површината на некоја ситуација, да ги сфатиш основните фактори кои предизвикуваат некое лице да зборува или да постапува на одреден начин. Повеќето од нас го користат увидот за да ги оправдаат сопствените грешки. Зошто тогаш да не го употребиме увидот за да ги разбереме и опростиме и несовршеностите на другите? (Матеј 7:1-5; Колосјаните 3:13).
13 Никогаш не заборави дека мораме да им простуваме на другите ако сакаме да добиеме простување од Јехова (Матеј 6:9, 12, 14, 15). Ако ја практицираме вистината, со другите ќе постапуваме на љубезен начин (1. Јованово 1:6, 7; 3:14-16; 4:20, 21). Затоа, ако имаш проблем со некој поединец во собранието, бори се да не развиеш огорченост. Ако си облечен во љубов, ќе се стремиш да го решиш проблемот без да се колебаш да се извиниш ако си навредил некого (Матеј 5:23, 24; 18:15-17).
14. Со какви особини треба да се облечеме?
14 Нашата духовна облека треба да ги вклучува и другите особини кои се тесно поврзани со љубовта. Павле напишал: „Облечете се во милосрдност, доброта, смиреност, кротост и долготрпеливост“. Овие особини, окружени со љубов, се дел од божествената „нова личност“ (Колосјаните 3:10, 12, НС). Дали ќе направиш напори за да се облечеш на ваков начин? Особено ако се облечеш со братска љубов, ќе го поседуваш знакот за препознавање на Исусовите ученици, зашто тој рекол: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:35).
МЕСТО НА СИГУРНОСТ
15. На кој начин собранието служи како засолниште?
15 Собранието служи и како засолниште, заштитно прибежиште каде што можеш да се чувствуваш сигурен. Во него ќе најдеш искрени луѓе кои се стремат да го прават она што е исправно во Божји очи. Мнозина од нив ги отстраниле истите лоши обичаи и ставови против кои можеби се бориш и ти (Тит 3:3). Тие можат да ти помогнат, бидејќи ни е речено ‚да ги поднесуваме тешкотиите еден на друг‘ (Галатјаните 6:2). Се разбира, следењето на патот што води во вечен живот, конечно е твоја лична одговорност (Галатјаните 6:5; Филипјаните 2:12). Сепак, Јехова го дал христијанското собрание како прекрасно средство за помош и поддршка. Сеедно колку вознемирувачки се можеби твоите проблеми, имаш вреден извор што ти стои на располагање — собрание полно со љубов кое ќе биде покрај тебе во времиња на несреќа или загуба. (Спореди Лука 10:29-37; Дела 20:35.)
16. Каква поддршка даваат собраниските старешини?
16 Меѓу оние кои ќе ти притрчаат на помош се ‚даровите во облик на луѓе‘ (НС) — наименуваните собраниски старешини, односно надгледници, кои спремно и ревносно го пасат стадото (Ефесјаните 4:8, 11, 12; Дела 20:28; 1. Петрово 5:2, 3). За нив, Исаија прорекол: „Секој од нив ќе биде како заштита од ветар и засолниште за лошо време, како водни извори во степи, како сенка од висока карпа во жедна земја“ (Исаија 32:2).
17. а) Каков вид помош сакал Исус особено да дава? б) Каква подготовка ветил Бог дека ќе направи за својот народ?
17 Кога Исус бил на Земјата, љубезното надгледување од страна на религиозните водачи било многу оскудно. Состојбата на луѓето длабоко го трогнала и тој сакал да им помогне особено во духовен поглед. Исус ги сожалувал затоа што биле „изморени и прснати како овци без пастир“ (Матеј 9:36). Колку само добро ја опишува тоа денешната беда на многумина кои поднесуваат проблеми што го измачуваат срцето, а немаат никој кон кого би можеле да се свртат за духовна помош и утеха! Но, Јеховиниот народ има духовна поддршка, бидејќи Јехова ветил: „Ќе поставам над нив пастири, што ќе ги пасат, и тие нема веќе да се бојат, ниту ќе се плашат и нема да се губат“ (Јеремија 23:4).
18. Зошто треба да им пристапиме на старешините ако ни е потребна духовна помош?
18 Запознај се со наименуваните старешини во собранието. Тие имаат големо искуство во применувањето на спознанието за Бог, бидејќи ги исполниле условите за надгледници, што се изложени во Библијата (1. Тимотеј 3:1-7; Тит 1:5-9). Не колебај се да му пристапиш на некого од нив доколку ти треба духовна помош за да совладаш некоја навика или особина што е во спротивност со Божјите барања. Ќе утврдиш дека старешините ја следат Павловата опомена: „Утешувајте ги малодушните, поткрепувајте ги слабите и бидете долготрпеливи кон сите“ (1. Солунјаните 2:7, 8; 5:14).
РАДУВАЈ СЕ НА СИГУРНОСТА СО ЈЕХОВИНИОТ НАРОД
19. Какви благослови им подарил Јехова на оние кои бараат сигурност во неговата организација?
19 Иако сега живееме во несовршени услови, Јехова нѐ обезбедува со духовна храна, облека и засолниште. Се разбира, мораме да чекаме на Божјиот нов свет за да ги доживееме користите од дословниот рај. Но, оние кои се дел од Јеховината организација, сега се радуваат на сигурноста во духовниот рај. Во врска со нив, Језекиил прорекол: „Тие ќе живеат спокојно и никој нема да ги заплашува“ (Језекиил 34:28; Псалм 4:8).
20. Како ќе го надомести Јехова сето она што можеби го жртвуваме заради неговото обожавање?
20 Колку благодарни можеме да бидеме што Јехова со љубов прави духовни подготовки преку својата Реч и организација! Приближи се кон Божјиот народ. Немој да се притеснуваш, плашејќи се што ќе мислат за тебе твоите пријатели или роднини затоа што го примаш спознанието за Бог. Некои можеби не го одобруваат тоа што се дружиш со Јеховините сведоци и што одиш на состаноци во Салата на Царството. Но, Бог многукратно ќе го надомести сето она што го жртвуваш заради неговото обожавање (Малахија 3:10). Освен тоа, Исус рекол: „Нема таков што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или имот, заради Мене и Евангелието, а да не примил, и тоа сега, во ова време, стопати повеќе од куќи, и браќа, и сестри, и татко, и мајка, и деца, и нивје, а во идниот век [систем на ствари, НС] — и живот вечен“ (Марко 10:29, 30). Да, сеедно што си оставил зад себе или што мораш да поднесуваш, можеш да најдеш прекрасно друштво и духовна сигурност меѓу Божјиот народ.
ПРОВЕРИ ГО СВОЕТО СПОЗНАНИЕ
Кој е „верниот и разумен роб“?
Каква подготовка направил Јехова за духовно да нѐ храни?
Како можат да ни помогнат лицата од христијанското собрание?
[Слика на целата страница 165]