Дваесетто поглавје
Јеховината рака не е прекратка
1. Каква е ситуацијата во Јуда, и што се прашуваат многумина?
НАЦИЈАТА Јуда тврди дека е во сојузен однос со Јехова. А сепак, насекаде има проблеми. Тешко се добива правда, беснеат криминал и угнетување, а надежите за подобрување не се остваруваат. Нешто не е во ред, и тоа сериозно. Многумина се прашуваат дали Јехова некогаш ќе ги исправи работите. Ваква е ситуацијата во деновите на Исаија. Но, извештајот на Исаија за тогашното време не е само обична древна историја. Неговите зборови содржат пророчки предупредувања за секој што тврди дека го обожава Бог, а ги игнорира Неговите закони. Но, инспирираното пророштво запишано во Исаија 59. поглавје им дава и љубезно охрабрување на сите што настојуваат да му служат на Јехова и покрај тоа што живеат во тешки и опасни времиња.
Изолирани од вистинскиот Бог
2, 3. Зошто Јехова не ја штити Јуда?
2 Замисли — припадниците на Јеховиниот народ на сојузот западнале во отпадништво. Му го свртеле грбот на својот Создател и со тоа се тргнале од под неговата заштитничка рака. Поради ова доживуваат голема мака. Дали можеби го обвинуваат Јехова за тешките времиња? Исаија им вели: „Не, не е прекратка Господовата рака за да спаси, ниту увото Му заглувна за да не чуе, туку вашите беззаконија создадоа разделба, меѓу вас и вашиот Бог. Вашите гревови го сокрија Неговото лице, и Тој веќе не ве слуша“ (Исаија 59:1, 2).
3 Овие зборови се отворени, но вистинити. Јехова сѐ уште е Бог на спасението. Како ‚Слушач на молитвата‘, ги слуша молитвите на своите верни слуги (Псалм 65:2, NW). Меѓутоа, тој не благословува престапници. Самиот народ е одговорен за своето отуѓување од Јехова. Неговата сопствена злоба го навела Бог да го скрие своето лице од него.
4. Какви обвиненија се изнесени против Јуда?
4 Факт е дека жителите на Јуда имаат ужасно досие. Пророштвото на Исаија набројува некои обвиненија против нив: „Вашите раце се облеани со крв, а вашите прсти во злостори. Усните ви изговараат лага, а јазикот произнесува неправда“ (Исаија 59:3). Народот лаже и зборува неправедни работи. Спомнувањето на „раце . . . облеани со крв“ укажува дека некои дури извршиле и убиство. Какво осрамотување на Бог, чијшто Закон не само што забранува убиство туку забранува и ‚да се мрази својот брат во своето срце‘! (Левит 19:17). Незаузданата грешност на жителите на Јуда и нејзиниот неминовен исход треба да нѐ потсетат сите нас денес дека е потребно да ги контролираме своите грешни мисли и чувства. Во спротивно, би можеле да направиме зли дела, кои би нѐ одделиле од Бог (Римјаните 12:9; Галатите 5:15; Јаков 1:14, 15).
5. До каде стигнала расипаноста на Јуда?
5 Гревот ја заразил целата нација како болест. Пророштвото вели: „Никој не вика во праведност и ниту еден не отишол на суд во верност. Се има доверба во нереалност, се зборуваат безвредни работи. Се зачнува неволја и се раѓаат штетни работи“ (Исаија 59:4, NW). Никој не зборува во праведност. Дури и на суд, ретко се среќава доверлив или верен човек. Јуда му свртела грб на Јехова и својата доверба ја положила во алијансите со нациите, па дури и во безживотните идоли. Сите тие се „нереалност“, немаат воопшто никаква вредност (Исаија 40:17, 23; 41:29). Поради тоа, многу се зборува, но сѐ е безвредно. Се зачнуваат планови, но нивниот резултат е неволја и штетни работи.
6. Во кој поглед досието на христијанскиот свет е слично на досието на Јуда?
6 Неправедноста и насилството во Јуда имаат впечатлива паралела во христијанскиот свет. (Види „Отпадничкиот Ерусалим — паралела на христијанскиот свет“, на 294. страница.) Се водеа две брутални светски војни во кои беа вклучени таканаречени христијански нации. До ден-денес, обликот на религија што го има христијанскиот свет покажува дека не е моќен да ги запре етничкото чистење и меѓуплеменските колежи меѓу своите сопствени членови (2. Тимотеј 3:5). Иако Исус ги поучувал своите следбеници да имаат доверба во Божјето Царство, нациите на христијанскиот свет во врска со сигурноста и понатаму зависат од воените арсенали и политичките алијанси (Матеј 6:10). Навистина, повеќето водечки производители на оружје се од нациите на христијанскиот свет! Да, штом христијанскиот свет има доверба дека човечките напори и институции ќе обезбедат сигурна иднина, значи има доверба во „нереалност“.
Се берат горки плодови
7. Зошто резултат од сплетките на Јуда е само штета?
7 Идолопоклонството и нечесноста не можат да создадат здраво општество. Бидејќи прибегнале кон такви мерки, неверните Евреи сега ја жнеат неволјата што сами си ја посеале. Читаме: „Лежат врз змиски јајца, ткаат пајакова мрежа; ако го изеде некој нивното јајце, умира, ако го скрши, од него излегува лутица“ (Исаија 59:5). Сплетките на Јуда, од нивната замисла па до нивната реализација, не даваат ништо вредно. Резултатот на нејзиното погрешно размислување е само штета, исто како што од јајцата на змија-лутица ќе се изведат само отровни змии. И, нацијата страда.
8. Што покажува дека размислувањето на Јуда е погрешно?
8 Настојувајќи да се заштитат, некои жители на Јуда можеби прибегнуваат кон насилство, но безуспешно. Физичката сила како заштита не може да ги замени довербата во Јехова и делата на праведност, како што не може ни пајакова мрежа да ги замени вистинските ткаенини како заштита од лошо време. Исаија изјавува: „Не е можно да се облече нивното ткаење; не можеш да се покриеш со нивната ракотворба. Нивните ракотворби се злосторнички дела, прават насилство со своите раце. Нивните нозе итаат кон злото, и се брзи за да пролеат невина крв. Мислите им се злосторнички мисли, опустувања и пропаст се на нивните патишта“ (Исаија 59:6, 7). Јуда размислува на погрешен начин. Прибегнувајќи кон насилство во обид да ги реши своите проблеми, таа покажува безбожен став. За неа не е од голема важност тоа што многу нејзини жртви се невини и што некои од нив се вистински слуги на Бог.
9. Зошто им е недостижен вистинскиот мир на водачите на христијанскиот свет?
9 Овие инспирирани зборови нѐ потсетуваат на крвавото минато на христијанскиот свет. Се разбира, Јехова ќе го повика на одговорност поради тоа што го претставил христијанството на ужасен начин! Слично на Евреите од деновите на Исаија, и христијанскиот свет оди по морално изопачен пат бидејќи неговите водачи веруваат дека тоа е единствениот практичен пат. Иако зборуваат за мир, постапуваат неправедно. Каква дволичност! Бидејќи водачите на христијанскиот свет продолжуваат да ја користат оваа тактика, вистинскиот мир ќе им остане недостижен. Исто како што вели пророштвото: „Тие не го познаваат патот на мирот, нема правда на нивните патеки. Ги искривија своите патишта, кој тргнува по нив, не го познава мирот“ (Исаија 59:8).
Се тапка во духовна темнина
10. Што исповеда Исаија во името на Јуда?
10 Јехова не може да го благослови застранетиот и деструктивен начин на постапување на Јуда (Псалм 11:5). Затоа, зборувајќи во името на целата нација, Исаија ја исповеда вината на Јуда: „Правото се оддалечи од нас, затоа правдата не достига до нас. Ѝ се надевавме на светлината, а тоа темнина; и на виделото, а тоа одиме во мрак. Пипаме како слепци вдолж по ѕидот, тапкаме како без очи. Се сопнуваме на пладне како во примрак, сосем здрави, како да сме мртви. Сите ’ржиме како мечки, и стенкаме тажно како гулаби“ (Исаија 59:9—11а). Евреите не дозволиле Божјата реч да им биде светилка на нивните нозе и светлина на нивната патека (Псалм 119:105). Како последица од тоа, работите изгледаат мрачно. Дури и напладне тапкаат наоколу како да е ноќ. Како да се мртви. Копнеејќи по олеснување, ’ржат гласно како гладни или ранети мечки. Некои гукаат жално како осамени гулаби.
11. Зошто надежите на Јуда за правда и спасение се залудни?
11 Исаија е сосема свесен дека причина за лошата ситуација на Јуда е нејзината побуна против Бог. Тој вели: „Го чекавме судот [правдата, NW], а него го нема, и спасението — далеку е од нас. Зашто се многу нашите престапи пред Тебе, и нашите гревови сведочат против нас. Навистина, нашите престапи се пред нас, ние ја знаеме нашата вина; се побунивме и Го одрековме Господа, се одметнавме од својот Бог, зборувавме подмолно, одметнички, мрморевме лажливи зборови во срцето“ (Исаија 59:11б—13). Бидејќи не се покајале, на жителите на Јуда сѐ уште не им се простени гревовите. Правдата ја напуштила земјата зашто народот го напуштил Јехова. Луѓето се покажале во секој поглед лажливи, па дури и ги угнетувале своите браќа. Колку слични се луѓето во христијанскиот свет денес! Не само што многумина ја игнорираат правдата туку и активно ги прогонуваат верните Сведоци на Јехова, кои настојуваат да ја вршат Божјата волја.
Јехова извршува суд
12. Каков е ставот на оние што се одговорни да ја спроведуваат правдата во Јуда?
12 Изгледа како да нема правда, праведност, ниту, пак, вистина во Јуда. „Истиснато [е] правосудството, и правдата стои далеку. Зашто вистината се сопна на раскрсниците [плоштадите, NW], и нема веќе пристап кон чесноста“ (Исаија 59:14). Зад градските порти во Јуда има плоштади каде што постарите мажи се состануваат за да разгледаат правни случаи (Рута 4:1, 2, 11). Таквите мажи треба да судат праведно, да спроведуваат правда и да не примаат мито (Второзаконие 16:18—20). Наместо тоа, тие судат според своите сопствени себични замисли. Што е уште полошо, секој што се труди да го прави доброто е лесен плен во нивни очи. Читаме: „Вистината исчезна, а кој се отстранува од злото, ќе биде пленет“ (Исаија 59:15а).
13. Што ќе стори Јехова затоа што судиите на Јуда се немарни во извршувањето на својата должност?
13 Оние што пропуштаат да зборуваат отворено против моралната изопаченост забораваат дека Бог не е слеп, неупатен или немоќен. Исаија пишува: „Господ гледа, и не Му е мило зашто нема правда. Виде дека нема човек, се зачуди дека нема посредник. Тогаш Му помогна Неговата мишка и Неговата правда Го потпре“ (Исаија 59:15б, 16). Бидејќи наименуваните судии се немарни во извршувањето на својата должност, Јехова ќе интервенира. Кога ќе го стори тоа, тој ќе постапува праведно и со моќ.
14. а) Каков став имаат многумина денес? б) Како Јехова се подготвува за акција?
14 Слична е ситуацијата и денес. Живееме во свет во којшто многумина „изгубиле секакво морално чувство“ (Ефешаните 4:19). Малкумина веруваат дека Јехова некогаш ќе интервенира за да го отстрани злото од Земјата. Но, пророштвото на Исаија покажува дека Јехова внимателно ги набљудува работите на човештвото. Тој донесува судови и, во свое време, постапува според тие судови. Дали неговите судови се праведни? Исаија покажува дека се. Во случајот со Јудејската нација, тој пишува: „[Јехова] Ја облече праведноста како оклоп, го стави на главата шлемот на спасението. Со одмаздата се облече како со облека, со ревноста се наметна како со наметка“ (Исаија 59:17). Овие пророчки зборови го претставуваат Јехова како воин што се опашува за битка. Тој е решен да ги штити своите начела. Сигурен е во својата апсолутна и непобитна праведност. И ќе биде бестрашно ревносен во своите судски дела. Нема сомневање дека исправното ќе преовлада.
15. а) На кој начин ќе се однесуваат вистинските христијани кога Јехова ќе го изврши судот? б) Што може да се рече за Јеховините судови?
15 Денес, во некои земји, непријателите на вистината се обидуваат да го оневозможат делото на Јеховините слуги така, што шират лажна и клеветничка пропаганда. Вистинските христијани без колебање се заземаат за вистината, но никогаш не сакаат лично да се одмаздат (Римјаните 12:19). Дури и кога Јехова ќе ги средува сметките со отпадничкиот христијански свет, обожавателите на Јехова нема да учествуваат во неговото уништување. Тие знаат дека Јехова ја задржал одмаздата за себе и, кога ќе дојде времето, ќе преземе соодветна акција. Пророштвото нѐ уверува: „Ќе му врати секому според неговите дела: Својот гнев на противниците, одмазда на непријателите. [На островите ќе им го вратам она што го заслужуваат, NW]“ (Исаија 59:18). Како што било случај во деновите на Исаија, Божјите пресуди не само што ќе бидат праведни туку ќе бидат и потполни. Тие ќе стигнат дури „на островите“, на оддалечените места. Никој нема да биде толку оддалечен или изолиран што ќе им избегне на Јеховините судски дела.
16. Кој ќе ги преживее Јеховините судски дела, и што ќе научат преживеаните од своето преживување?
16 Јехова им суди праведно на оние што се напрегаат да постапуваат исправно. Исаија претскажува дека таквите ќе преживеат од едниот до другиот крај на светот односно по целата Земја. И тоа што ќе ја искусат Јеховината заштита многу ќе ја засили почитта што ја имаат кон него (Малахија 1:11). Читаме: „Од запад ќе се исплашат од Господовото Име и Неговата Слава од сончевиот исток. Зашто ќе дојде како пороен поток, тласкан од Господовиот здив [дух, NW]“ (Исаија 59:19). Исто како што еден многу силен ветар турка пред себе деструктивен воден ѕид и со него уништува сѐ што му стои на патот, така Јеховиниот дух ќе ги отстрани сите пречки што се издигаат пред исполнувањето на неговата волја. Сеедно каква сила поседува човекот, Јеховиниот дух е многу посилен. Кога ќе го употреби за да го изврши судот над луѓето и нациите, неговиот успех ќе биде сигурен и целосен.
Надеж и благослов за покајниците
17. Кој е Искупителот на Сион, и кога го искупува Сион?
17 Под Мојсеевиот закон, еден Израелец што се продал во ропство можел да биде откупен од тоа ропство од страна на некој искупител. Претходно во пророчката книга Исаија, за Јехова се зборува како за Искупител на поединците што се каат (Исаија 48:17). Сега повторно е опишан како Искупител на покајниците. Исаија го бележи Јеховиното ветување: „,Ќе му дојде Искупителот на Сион, и на оние од Јакововите синови кои ќе се обратат од своето отпадништво,‘ слово е Господово“ (Исаија 59:20). Ова утешно ветување се исполнува во 537 пр.н.е. Но има и понатамошно исполнување. Апостол Павле ги цитирал овие зборови од Септуагинтата и ги применил на христијаните. Тој напишал: „На тој начин ќе се спаси целиот Израел. Токму како што е напишано: ‚Избавителот ќе дојде од Сион и ќе ги одврати безбожните постапки од Јаков. И ова е од мене сојузот со нив, кога ќе ги одземам нивните гревови‘“ (Римјаните 11:26, 27). Навистина, пророштвото на Исаија има многу поголема примена — примена што се однесува на нашево време, а и на иднината. На кој начин?
18. Кога и како Јехова го формирал „Израелот Божји“?
18 Во првиот век, еден мал остаток од нацијата Израел го прифатил Исус како Месија (Римјаните 9:27; 11:5). На Пентекост 33 н.е., Јехова го излил својот свет дух врз околу 120 од тие верници и ги вклучил во својот нов сојуз, чијшто посредник бил Исус Христос (Еремија 31:31—33; Евреите 9:15). Тој ден бил формиран „Израелот Божји“, нова нација со членови чиешто обележје не е тоа што телесно потекнуваат од Авраам, туку тоа што се родени од Божјиот дух (Галатите 6:16). Започнувајќи со Корнелиј, во новата нација биле вклучени и необрежани не-Евреи (Дела 10:24—48; Откровение 5:9, 10). Со тоа биле посвоени од Јехова Бог и му станале духовни деца, сонаследници на Исус (Римјаните 8:16, 17).
19. Каков сојуз склопува Јехова со Израелот Божји?
19 Јехова сега склучува сојуз со Израелот Божји. Читаме: „,А ова е Мојот Завет со нив,‘ говори Господ. ‚Мојот Дух кој е на тебе и Моите зборови што ги ставам во твојата уста, не ќе излезат од твојата уста ни од устата на твоето потомство, ни од устата на потомството на твоите потомци, од сега па довека,‘ вели Господ“ (Исаија 59:21). Сеедно дали се однесувале на самиот Исаија или не, овие зборови сигурно се исполниле на Исус, кој добил уверување дека „ќе види потомство“ (Исаија 53:10). Исус ги кажувал зборовите што ги научил од Јехова, и Јеховиниот дух почивал врз него (Јован 1:18; 7:16). Соодветно е што неговите браќа и сонаследници, членови на Израелот Божји, исто така го добиваат Јеховиниот свет дух и ја проповедаат пораката што ја научиле од својот небесен Татко. Сите тие се „поучени од Јехова“ (Исаија 54:13, NW; Лука 12:12; Дела 2:38). Сеедно дали преку Исаија или преку Исус, кого Исаија пророчки го претставува, сега Јехова, преку сојузот, ветува дека никогаш нема да ги замени, туку до недогледно време ќе ги користи како свои сведоци (Исаија 43:10). Сепак, кое е нивното „потомство“, кое исто така ќе извлече корист од овој сојуз?
20. Како во првиот век се исполнило ветувањето што Јехова му го дал на Авраам?
20 Во древно време, Јехова му ветил на Авраам: „Сите народи на земјата ќе бидат благословени преку твоето потомство“ (Битие 22:18). Во склад со ова, малиот остаток од природни Израелци, кои го прифатиле Месијата, отишле кај многу нации, проповедајќи ја добрата вест за Христос. Почнувајќи со Корнелиј, голем број необрежани не-Евреи ‚биле благословени‘ преку Исус, Авраамовото Семе. Станале дел од Израелот Божји и второстепен дел од семето на Авраам. Тие се дел и од Јеховината „света нација“ чијшто налог е ‚да ги објави надалеку извонредностите на оној кој ја повикал од темнината во својата чудесна светлина‘ (1. Петрово 2:9; Галатите 3:7—9, 14, 26—29).
21. а) Какво потомство создал Израелот Божји во современа доба? б) Како е утешено ‚потомството‘ преку сојузот, односно договорот, којшто Јехова го склопил со Израелот Божји?
21 Денес, се чини дека бројот на оние што требало да се соберат во Божјиот Израел е пополнет. Сепак, нациите и понатаму се благословени — и тоа во голема мера. Како? Така, што Израелот Божји има „потомство“, а тоа се учениците на Исус чијашто надеж е да живеат вечно во рај на Земјата (Псалм 37:11, 29). Ова потомство исто така е поучено од Јехова и е подучено за неговите патишта (Исаија 2:2—4). Иако не се крстени со свет дух ниту се земени како учесници во новиот сојуз, тие се зајакнати од Јеховиниот свет дух за да ги надминат сите препреки што Сатана им ги поставува во нивното дело на проповедање (Исаија 40:28—31). Нивниот број сега достига милиони и продолжува да расте додека самите создаваат свое потомство. Јеховиниот сојуз, односно договор со помазаниците, му дава сигурност на ова „потомство“ дека Јехова ќе продолжи до недогледно време да го користи како свој говорник (Откровение 21:3, 4, 7).
22. Каква доверба во Јехова можеме да имаме, и како треба ова да влијае врз нас?
22 Затоа, да ја задржиме својата вера во Јехова. Тој има желба, а и може да спаси! Неговата рака никогаш нема да биде прекратка; тој секогаш ќе го избавува својот верен народ. На сите што имаат доверба во него и понатаму ќе им бидат на усните неговите зборови „од сега па довека“.
[Рамка на страница 294]
Отпадничкиот Ерусалим — паралела на христијанскиот свет
Ерусалим, главниот град на Божјата избрана нација, ја претставува Божјата небесна организација од духовни суштества, како и телото од помазани христијани воскреснати на небото како невеста на Христос (Галатите 4:25, 26; Откровение 21:2). Меѓутоа, жителите на Ерусалим честопати му биле неверни на Јехова, па градот бил опишан како проститутка и прељубница (Езекиел 16:3, 15, 30—42). Во таква состојба, Ерусалим претставува соодветен модел на отпадничкиот христијански свет.
Исус му рекол на Ерусалим: „Ги убиваш пророците и ги каменуваш оние кои се испратени кај тебе“ (Лука 13:34; Матеј 16:21). Слично на неверниот Ерусалим, христијанскиот свет тврди дека му служи на вистинскиот Бог, а отстапува далеку од неговите праведни патишта. Можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе му суди на христијанскиот свет во склад со истите праведни мерила според кои му судел на отпадничкиот Ерусалим.
[Слика на страница 296]
Еден судија треба да суди праведно, да спроведува правда и да не прима мито
[Слика на страница 298]
Како река што плави, Јеховините судови ќе отстранат сѐ што спречува да се врши неговата волја
[Слика на страница 302]
Јехова ветува со својот сојуз дека неговиот народ никогаш нема да ја изгуби привилегијата да биде негов сведок