Дваесет и прво поглавје
Вистинското обожавање се шири по целиот свет
1. Која охрабрувачка порака ја содржи Исаија 60. поглавје?
ШЕЕСЕТТОТО поглавје од Исаија е напишано како возбудлива драма. Во уводните стихови, вниманието ни го привлекува една трогателна сцена. Едноподруго се одвиваат низа настани, кои нѐ водат до еден возбудлив расплет. Поглавјето со живописни зборови ја опишува обновата на вистинското обожавање во древниот Ерусалим, како и ширењето на вистинското обожавање по целиот свет денес. Освен тоа, укажува на вечните благослови што ги чекаат сите Божји лојални обожаватели. Секој од нас може да учествува во исполнувањето на овој фасцинантен дел од пророштвото на Исаија. Затоа, да го разгледаме внимателно.
Светлина свети во темнината
2. Каква заповед ѝ е дадена на една жена што лежи во темнина, и зошто таа треба итно да послуша?
2 Уводните зборови на ова поглавје од Исаија ѝ се упатени на една жена во жалосни околности. Се чини дека лежи во темнина, спружена наземи. Одеднаш, низ мрачнината продира светлина кога Јехова преку Исаија вика: „Стани [о жено, NW], засвети, зашто твојата светлина доаѓа [дојде, NW], над тебе блеска Господовата Слава“ (Исаија 60:1). Да, ‚жената‘ треба да застане на нозе и да ја одразува Божјата слава! Зошто е тоа итно? Пророштвото продолжува: „А еве, темнината ја покрива земјата, и мракот народите! А тебе те осветлува Господ, и Неговата Слава се јавува над тебе“ (Исаија 60:2). Во полза на оние околу неа што сѐ уште тапкаат во темнина, ‚жената‘ мора да „засвети“. Каков ќе биде резултатот? „Народите чекорат кон твојата светлина, и царевите кон исток на твојот сјај“ (Исаија 60:3). Во овие уводни зборови се наоѓа срцевината на она што ќе биде подетално објаснето во следните стихови, а тоа е — вистинското обожавање мора да се рашири по целиот свет!
3. а) Која е ‚жената‘? б) Зошто ‚жената‘ лежи во темнина?
3 Иако зборува за идни настани, Јехова ѝ вели на ‚жената‘ дека нејзината светлина ‚дошла‘. Ова ја нагласува сигурноста дека пророштвото ќе се исполни. ‚Жената‘ за која се зборува е Сион, односно Ерусалим, главниот град на Јуда (Исаија 52:1, 2; 60:14). Градот ја претставува целата нација. Во времето на првото исполнување на ова пророштво, ‚жената‘ е најдена како лежи во темнина, а таму е уште од уништувањето на Ерусалим во 607 пр.н.е. Меѓутоа, во 537 пр.н.е., еден верен остаток од изгнани Евреи се враќаат во Ерусалим и го обновуваат чистото обожавање. Најпосле, Јехова предизвикува да свети светлина врз неговата ‚жена‘, а неговиот вратен народ станува извор на просветлување за нациите, кои се во духовна темнина.
Поголемо исполнување
4. Кој ја претставува на Земјата ‚жената‘ денес, и на кого се применуваат пророчките зборови во поширока смисла?
4 Нашиот интерес за овие пророчки зборови не се сведува само на нивното исполнување на древниот Ерусалим. Денес, „Израелот Божји“ ја застапува на Земјата Јеховината небесна ‚жена‘ (Галатите 6:16). Во периодот на своето постоење, од Пентекост 33 н.е. досега, оваа духовна нација брои вкупно 144.000 членови помазани со дух, „кои се купени од земјата“ со изглед да владеат со Христос на небото (Откровение 14:1, 3). Современото исполнување на Исаија 60. поглавје се сосредоточува на оние членови од сто четириесет и четирите илјади што живеат на Земјата во текот на „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1). Пророштвото е исто така поврзано со придружниците на овие помазани христијани, ‚големото мноштво‘ од „други овци“ (Откровение 7:9; Јован 10:11, 16).
5. Кога преживеаните членови на Израелот Божји се нашле спружени наземи во темнина, и кога ги осветлил Јехова со својата светлина?
5 Во почетокот на 1900-тите, членовите на Израелот Божји што сѐ уште биле на Земјата за кратко време се нашле, така да се рече, спружени наземи во темнина. При крајот на Првата светска војна тие биле во ситуацијата симболично опишана во книгата Откровение — нивните трупови лежеле „на широката улица од големиот град кој во духовна смисла е наречен Содом и Египет“ (Откровение 11:8). Меѓутоа, во 1919, Јехова ги осветлил со својата светлина. Како реакција на тоа, тие станале и ја одразувале Божјата светлина, бестрашно објавувајќи ја добрата вест за Божјето Царство (Матеј 5:14—16; 24:14).
6. Како реагирал светот, општо земено, на објавата во врска со Исусовата царска присутност, но кој бил привлечен кон Јеховината светлина?
6 Под влијание на Сатана, водачот на „светските владетели на оваа темнина“, човештвото, општо земено, ја отфрлило објавата во врска со царската присутност на Исус Христос, „светлината на светот“ (Ефешаните 6:12; Јован 8:12; 2. Коринќаните 4:3, 4). И покрај тоа, кон Јеховината светлина се привлечени милиони луѓе, вклучувајќи и ‚цареви‘ (оние што станале помазани наследници на небесното Царство) и ‚народи‘ (големото мноштво од други овци).
Проширувањето предизвикува искрена радост
7. Каква пријатна глетка видела ‚жената‘?
7 Развивајќи ја темата изложена во Исаија 60:3, Јехова ѝ дава на ‚жената‘ друга заповед: „Подигни ги очите, обѕрни се“! Кога ‚жената‘ го прави тоа, ја дочекува пријатна глетка — нејзините деца си доаѓаат дома! „Сите се собираат, доаѓаат кон тебе. Твоите синови доаѓаат од далеку, ти ги носат ќерките во прегратки“ (Исаија 60:4). Резултат на меѓународното објавување на Царството, кое започнало во 1919, биле илјадници додатно помазани „синови“ и ‚ќерки‘, кои му се придружиле на Израелот Божји. На овој начин Јехова презел чекори да го пополни претскажаниот број од 144.000 кои ќе владеат со Христос (Откровение 5:9, 10).
8. Каква причина за среќа имал Израелот Божји од 1919 наваму?
8 Овој пораст предизвикал радост. „Тогаш ќе гледаш и ќе блескаш од радост, срцето ќе ти игра и ќе се шири, зашто кон тебе ќе затече богатството на морето, богатството на народите ќе дојде кон тебе“ (Исаија 60:5). Собирањето на помазаниците во текот на 1920-тите и 1930-тите му донело голема среќа на Израелот Божји. Сепак, тој имал и додатна причина за радост. Особено од средината на 1930-тите, поединци, кои некогаш биле дел од ‚морето‘ на човештвото отуѓено од Бог, излегле од сите народи за да го обожаваат Бог заедно со Израелот Божји (Исаија 57:20; Агеј 2:7). Овие луѓе не го обожаваат Бог секој на свој начин, туку доаѓаат кај Божјата ‚жена‘ и стануваат дел од обединетото Божје стадо. Како резултат на тоа, сите Божји слуги учествуваат во ширењето на вистинското обожавање.
Нациите се упатуваат кон Ерусалим
9, 10. Кои се видени како се упатуваат кон Ерусалим, и како се примени од Јехова?
9 Користејќи илустрации што им се познати на современиците на Исаија, Јехова го опишува проширувањето. ‚Жената‘, гледајќи од својата поволна положба на планината Сион, прво го разгледува источниот хоризонт. Што здогледува? „Мноштво камили ќе те покријат, едногрби камили од Мадијам и Ефа. Сите ќе дојдат од Сава, донесувајќи злато и темјан и ќе ја навестат Господовата Слава“ (Исаија 60:6). Караваните со камили, кои ги користеле патувачките трговци од различни племиња, оделе по патот што води до Ерусалим (Битие 37:25, 28; Судии 6:1, 5; 1. Цареви 10:1, 2). Камили има насекаде, ја покриваат земјата како поплава! Караваните носат скапоцени подароци, покажувајќи дека трговците доаѓаат со мирољубиви намери. Тие сакаат да го обожаваат Јехова и да му го дадат најдоброто што можат да го принесат.
10 На пат не се само овие трговци. „Сите кидарски стада ќе се соберат во тебе, наваотските овнови ќе ти бидат за служба.“ Да, кон Ерусалим патуваат и некои сточарски племиња. Тие доаѓаат со подароци од својот највреден имот — стадата овци — и се нудат себеси за слуги. Како ќе ги прими Јехова? Тој вели: „Ќе се искачуваат, како угодна жртва, на Мојот жртвеник, ќе го прославам Домот на Мојата Слава!“ (Исаија 60:7). Јехова ги прифаќа нивните дарови, кои ќе бидат употребени во чистото обожавање (Исаија 56:7; Еремија 49:28, 29).
11, 12. а) Каква глетка ја дочекува ‚жената‘ кога се загледува кон запад? б) Зошто толку многу луѓе брзаат кон Ерусалим?
11 Сега Јехова ѝ наредува на ‚жената‘ да погледне кон западниот хоризонт, па ја прашува: „Кои се оние што треперат во воздухот како облаци, како гулаби на своите прозорци?“ Самиот Јехова одговара: „Мене Ме чекаат островите, а тарсиските кораби се пред нив, за да ги доведат твоите синови од далеку, а со нив нивното сребро и злато, заради Името на Господа, твојот Бог, заради Израелевиот Светец, Кој те прослави“ (Исаија 60:8, 9).
12 Замисли си дека ти стоиш со ‚жената‘, загледан кон Големото Море на запад. Што гледаш? Далечен облак од бели точки што се лизгаат по површината на водата. Изгледаат како птици, но како што се приближуваат гледаш дека тоа се бродови со распнати едра. Доаѓаат „од далеку“a (Исаија 49:12). Значи, кон Сион итаат многу кораби што личат на јато гулаби на пат кон својот дом. Зошто флотата толку брза? Затоа што е желна да го пренесе својот товар од обожаватели на Јехова, кои доаѓаат од далечни пристаништа. Да, сите тие новодојдени — како Израелци така и туѓинци, од исток или од запад, од блиски или од далечни земји — брзаат кон Ерусалим за сѐ што имаат да му посветат на името на Јехова, својот Бог (Исаија 55:5).
13. Во современа доба, кои се ‚синовите‘ и „ќерките“, и што е „богатството на народите“?
13 Каква само живописна слика за светското ширење дава Исаија 60:4—9, ширење што се одвива откако Јеховината ‚жена‘ засветлила во темнината на овој свет! Прво дошле ‚синовите‘ и „ќерките“ на небесниот Сион, оние што станале помазани христијани. Во 1931, овие јавно се идентификувале како Јеховини сведоци. Потоа, еден облак од кротки луѓе, „богатството на народите“ и „богатството на морето“, побрзале да им се придружат на преостанатите Христови браќа.b Денес, сите овие слуги на Јехова, кои доаѓаат од сите четири страни на светот и од сите сталежи, му се придружуваат на Израелот Божји во фалењето на својот Суверен Господ, Јехова, и во возвишувањето на неговото име како највеличествено име во целиот универзум.
14. На кој начин новодојдените ‚се искачуваат на [Божјиот] жртвеник‘?
14 Сепак, што значи тоа што овие новодојдени од нациите ‚ќе се искачуваат на [Божјиот] жртвеник‘? На еден олтар се става жртва. Апостол Павле употребил еден израз што вклучува жртва кога напишал: „Ве преколнувам преку Божјите сочувства да ги принесувате своите тела како жртва жива, света, прифатлива за Бог, како света служба со вашата сила на разумот“ (Римјаните 12:1). Вистинските христијани се спремни да се даваат себеси (Лука 9:23, 24). Го посветуваат своето време, енергија и вештини на унапредувањето на чистото обожавање (Римјаните 6:13). Правејќи го тоа, му принесуваат на Бог прифатливи жртви на фалба (Евреите 13:15). Колку само восхитува тоа што денес милиони обожаватели на Јехова, како млади така и стари, своите лични желби ги ставаат на второ место во однос на интересите на Божјето Царство! Тие покажуваат вистински дух на самопожртвуваност (Матеј 6:33; 2. Коринќаните 5:15).
Новодојдените учествуваат во проширувањето
15. а) Како била изразена Јеховината милост во врска со странците во древна доба? б) Како учествувале ‚странците‘ во изградбата на вистинското обожавање во современа доба?
15 Новодојдените ги нудат и своите материјални средства и своите лични услуги за да ја поддржат Јеховината ‚жена‘. „Странци ќе ги обноват твоите ѕидови, и нивните цареви ќе ти служат. Јас те удрив во Својот гнев, но пак ти се смилував со Својата наклоност“ (Исаија 60:10). Во шестиот век пр.н.е., Јеховината милост била изразена кога некои странци помогнале при изградбата во Ерусалим (Езра 3:7; Неемија 3:26, NW). Во денешното поголемо исполнување, ‚странците‘, големото мноштво, го поддржуваат помазаниот остаток во изградбата на вистинското обожавање. Тие им помагаат на своите библиски студенти да изградат христијански особини и така ги изградуваат христијанските собранија и ги зајакнуваат ‚ѕидовите‘ на Јеховината организација, кои се слични на градски ѕидини (1. Коринќаните 3:10—15). Тие градат и на буквален начин, работејќи напорно при изградбата на Сали на Царството, Собирни сали и бетелски објекти. Така им се придружуваат на своите помазани браќа во грижата за потребите на Јеховината организација, која се шири (Исаија 61:5).
16, 17. а) На кој начин била држена отворена ‚вратата‘ на Божјата организација? б) На кој начин „цареви“ му служеле на Сион? в) Што ќе се случи со оние што се обидуваат да ја затворат ‚вратата‘, која Јехова сака да биде отворена?
16 Како резултат на духовната градежна програма, секоја година стотици илјади „странци“ започнуваат да се дружат со Јеховината организација, а патот е отворен и за многу други. Јехова вели: „Твојата врата ќе биде отворена секогаш, не ќе се затвора ни дење ни ноќе, за да ги пропушти кон тебе богатствата на народите, со царевите кои ги водат“ (Исаија 60:11). Тогаш, кои се „царевите“ што го преземаат водството за да ги донесат на Сион „богатствата на народите“? Во старо време, Јехова ги поттикнал срцата на извесни владетели за да му „служат“ на Сион. Кир, на пример, презел иницијатива да ги испрати Евреите да се вратат во Ерусалим за одново да го изградат храмот. Подоцна Артаксеркс дал богатства како прилог и го испратил Неемија за повторно да ги изгради ѕидините на Ерусалим (Езра 1:2, 3; Неемија 2:1—8). Навистина, „царевото срце е во рацете на Господа“ (Пословици 21:1). Нашиот Бог може да поттикне дури и некои моќни владетели да постапуваат во склад со неговата волја.
17 Во современа доба, многу „цареви“, односно световни власти, се обиделе да ја затворат ‚вратата‘ на Јеховината организација. Меѓутоа, други му служеле на Сион така, што донесувале одлуки кои помогнале таа „врата“ да се задржи отворена (Римјаните 13:4). Во 1919, световните власти ги ослободиле Џозеф Ф. Ратерфорд и неговите придружници од затвор, каде што се нашле неправедно (Откровение 11:13). Човечките влади ја ‚проголтале‘ поплавата од прогонство што ја предизвикал Сатана по својот пад од небото (Откровение 12:16). Некои влади унапредувале религиозна толеранција, понекогаш специфично во полза на Јеховините сведоци. Овој вид служење им олеснил на мноштва кротки луѓе да влезат низ отворената „врата“ во Јеховината организација. А што е со противниците, кои се обидуваат да ја затворат таа „врата“? Тие нема никогаш да успеат. За нив Јехова вели: „Ќе пропаднат народот и царството што не ќе сака да ти служи, и тие народи ќе се сотрат сосем“ (Исаија 60:12). Сите што се борат против Божјата ‚жена‘ — сеедно дали се поединци или организации — ќе загинат, најдоцна во претстојната војна Армагедон (Откровение 16:14, 16).
18. а) Што се мислело со ветувањето дека дрвјата ќе растат бујно во Израел? б) Што му е денес „подножје“ на Јехова?
18 По ова предупредување за суд, пророштвото се враќа на ветувањата за возвишување и благосостојба. Зборувајќи за оваа ‚жена‘, Јехова вели: „Славата на Ливан ќе дојде при тебе, чемпресите, јаворите и брезите заедно, за да го украсат просторот на Моето Светилиште, ќе го прослават Моето подножје!“ (Исаија 60:13). Бујните дрвја симболизираат убавина и плодност (Исаија 41:19; 55:13). Изразите „светилиште“ и „подножје“ во овој стих се однесуваат на Јеховиниот храм (1. Летописи 28:2; Псалм 99:5). Меѓутоа, апостол Павле објаснил дека храмот во Ерусалим бил претслика, која го навестувала поголемиот духовен храм, уредување преку кое му се пристапува на Јехова во обожавање на темел на Христовата жртва (Евреите 8:1—5; 9:2—10, 23). Денес, Јехова го прославува своето „подножје“, земните дворови на овој голем духовен храм. Тие стануваат толку примамливи што ги привлекуваат луѓето од сите нации да учествуваат во вистинското обожавање таму (Исаија 2:1—4; Агеј 2:7).
19. Што ќе бидат принудени да признаат противниците, и кога најдоцна ќе го сторат тоа?
19 Сега, повторно обрнувајќи им внимание на противниците, Јехова вели: „При тебе ќе доаѓаат, наведнати синовите на твоите угнетувачи, ќе ти паѓаат пред нозе кои те презираа. Ќе те наречуваат Господов Град, Сион на Израелевиот Светец“ (Исаија 60:14). Да, тоа што го гледаат големиот пораст и возвишениот начин на живот, кој на Божјиот народ му носи Божји благослов, ќе наведе некои противници да се наведнат и да ја повикаат ‚жената‘. Односно, ќе бидат принудени — најдоцна во Армагедон — да признаат дека помазаниот остаток и неговите придружници навистина ја претставуваат Божјата небесна организација, ‚Господовиот Град, Сион на Израелевиот Светец‘.
Користење на богатствата што се на располагање
20. Каква голема промена во околностите доживува ‚жената‘?
20 Каква само голема промена во околностите доживува Јеховината ‚жена‘! Јехова вели: „Затоа што беше оставен, замразен, одбегнуван, ќе те направам вечно возвишен, радост од поколение до поколение. Ти ќе се ситиш со млекото на народите, ти ќе се доиш од градите на царевите. И ќе знаеш дека Сум Јас, Господ, твој Спасител, Јакововиот Силен, твој Искупител“ (Исаија 60:15, 16).
21. а) Како древниот Ерусалим станал „возвишен“? б) Во какви благослови уживаат Јеховините помазани слуги од 1919 наваму, и како се сителе „со млекото на народите“?
21 Древниот Ерусалим 70 години е, така да се каже, збришан од лицето на Земјата и „одбегнуван“. Но, со почеток во 537 пр.н.е., Јехова повторно го населува градот, правејќи го „возвишен“. На сличен начин, кон крајот на Првата светска војна, Израелот Божји доживеал период на опустошување во кој се чувствувал потполно „оставен“. Но, во 1919, Јехова ги искупил своите помазани слуги од заробеништво, и оттогаш наваму ги благословува со беспримерно проширување и духовна благосостојба. Неговиот народ се сити „со млекото на народите“, користејќи ги богатствата од нациите за унапредување на вистинското обожавање. На пример, мудрото користење на современата технологија овозможува да се преведуваат и да се печатат Библии и библиска литература на стотици јазици. Како резултат на тоа, секоја година стотици илјади луѓе ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци и дознаваат дека Јехова, преку Христос, е нивни Спасител и Искупител (Дела 5:31; 1. Јованово 4:14).
Напредок во организирањето
22. Каков посебен вид напредок ветува Јехова?
22 Порастот во бројот на Јеховиниот народ е придружен со напредок во организирањето. Јехова вели: „Место бакар, ќе донесам злато, место железо, ќе донесам сребро; место дрва, бакар, место камен, железо. Мирот ќе го поставам за твој главатар, Правдата за владетел“ (Исаија 60:17). Заменувањето на бакарот со злато значи подобрување. Истото важи и за другите спомнати материјали. Во склад со ова, Јеховиниот народ во овие последни денови доживува подобрување во организациските подготовки.
23, 24. Кои подобрени организациски подготовки ги доживеал Јеховиниот народ од 1919 наваму?
23 До 1919, собранијата имале старешини и ѓакони, кои биле избирани по демократски пат. Почнувајќи од таа година, теократски бил наименуван управник на службата за да ги надгледува во собранието активностите во службата на теренот, но имало случаи кога некои старешини, поставени по пат на избори, му се спротивставувале. Во 1932, работите се промениле. Во списанието Стражарска кула, собранијата добиле упатства да престанат со изборите на старешини и ѓакони. Наместо тоа, требало да изберат службен одбор, кој ќе работи заедно со управникот на службата. Ова било големо подобрување.
24 Во 1938, било донесено и друго „злато“ со тоа што било воведено теократско наименување на сите слуги во собранието. Собраниската администрација дошла под надлежност на слугата на друштвото (подоцна: собраниски слуга) и на другите слуги, кои му помагале, и сите биле наименувани под надзор на „верниот и разборит роб“c (Матеј 24:45—47). Меѓутоа, во 1972 било согледано дека библиската метода на надгледување на едно собрание е преку едно тело од старешини, а не преку еден човек (Филипјаните 1:1). Биле направени други промени и на собраниско и на ниво на Водечкото тело. Еден пример за второво е тоа што на 7 октомври 2000 беше соопштено дека членовите на Водечкото тело, кои служеа како директори на Watch Tower Society of Pennsylvania и на поврзаните корпорации, доброволно се повлекуваат од своите положби. На овој начин, Водечкото тело, кое го претставува верниот и разборит роб, е во состојба да посвети поголемо внимание на грижата за духовното надгледување на „Божјето собрание“ и на неговите придружници, другите овци (Дела 20:28). Сите вакви подготовки претставуваат подобрување. Тие ја зајакнаа Јеховината организација и ги благословија неговите обожаватели.
25. Кој стоел зад напредокот во организирањето на Јеховиниот народ, и каква корист пожнеал тој народ?
25 Кој стои зад овие подобрувања? Дали се должат на организаторската способност или на генијалните идеи на некои луѓе? Не, бидејќи Јехова вели: „Ќе донесам злато“. Целиот овој напредок е резултат на Божјето водство. Кога се подложува на неговото водство и прави прилагодувања, Јеховиниот народ жнее корист. Меѓу неговите членови преовладува мир, а љубовта кон праведноста ги тера да му служат на Јехова.
26. Кое обележје што ги идентификува вистинските христијани го забележуваат дури и противниците?
26 Мирот што го дава Бог може да предизвика преобразба. Јехова ветува: „Веќе не ќе се слуша за насилство во твојата земја, ни за запустување и разурнување на твоето подрачје. Своите ѕидови ќе ги наречуваш Спасение, својата врата — Слава“ (Исаија 60:18). Колку вистинито! Дури и противниците признаваат дека мирољубивоста е истакнато обележје на вистинските христијани (Михеј 4:3). Овој мир со Бог и меѓу самите Јеховини сведоци го прави секое место на христијански состаноци освежителна оаза во еден насилен свет (1. Петрово 2:17). Тој е предвкус за изобилниот мир што ќе владее кога сите жители на Земјата ќе бидат „поучени од Јехова“ (Исаија 11:9; 54:13, NW).
Славната светлина на Божествено одобрување
27. Каква постојана светлина свети врз Јеховината ‚жена‘?
27 Јехова го опишува интензитетот на светлината што свети врз Ерусалим кога вели: „Сонцето веќе не ќе ти биде светлина дење, туку Господ ќе биде твоја вечна светлина, и твојот Бог ќе биде твој сјај. Твоето сонце нема веќе да заоѓа, ниту месечината ќе ти се затемни, зашто Господ ќе биде твое вечно видело и ќе се свршат деновите на твојата жалост“ (Исаија 60:19, 20). Јехова и понатаму ќе биде „вечно видело“ за својата ‚жена‘. Тој нема никогаш да ‚зајде‘ како сонцето, ниту да „се затемни“ како месечината.d Неговата постојана светлина на одобрување свети врз помазаните христијани, кои се човечки претставници на Божјата ‚жена‘. Тие, заедно со големото мноштво, уживаат таква силна духовна светлина која не може да ја намали никаква темнина на светската политичка или економска сцена. И, имаат доверба во светлата иднина што Јехова ја подготвил за нив (Римјаните 2:7; Откровение 21:3—5).
28. а) Што е ветено во врска со враќањето на жителите на Ерусалим? б) Што зазеле помазаните христијани во 1919? в) За колку долго праведниците ќе ја наследат земјата?
28 Во врска со жителите на Ерусалим, Јехова понатаму вели: „Сите во твојот народ ќе бидат праведници, и ќе ја наследат земјата довека, подниците на Мојот расад, делото на Моите раце, за да се прославам во нив“ (Исаија 60:21). Кога се вратил од Вавилон, природниот Израел ја ‚наследил земјата‘. Но, во тој случај „довека“ испаднало дека е до првиот век н.е., кога римските војски го уништиле Ерусалим и еврејската држава. Во 1919, остатокот од помазаните христијани излегол од духовно заробеништво и наследил една духовна земја (Исаија 66:8). Обележје на оваа земја, односно подрачје на активност, е рајската духовна благосостојба, која нема да исчезне. За разлика од древниот Израел, духовниот Израел како тело нема да се покаже неверен. Освен тоа, пророштвото на Исаија исто така ќе се исполни и на видлив начин, кога Земјата ќе стане буквален рај чие обележје ќе биде „изобилен мир“. Тогаш, праведниците што имаат земна надеж ќе ја наследат Земјата засекогаш (Псалм 37:11, 29).
29, 30. Како „малиот“ станал „илјада“?
29 Во заклучокот на Исаија 60. поглавје можеме да најдеме едно свечено ветување, кое Јехова го гарантира со своето сопствено име. Тој вели: „Малиот ќе стане илјада, и малечкиот — моќна нација. Јас лично, Јехова, ќе го забрзам тоа во свое време“ (Исаија 60:22, NW). Кога се вратиле на својата активност во 1919, распрснатите помазаници биле ‚малиот‘.e Но, нивниот број се зголемил кога им се приклучиле и преостанатите духовни Израелци. А порастот станал феноменален кога започнало собирањето на големото мноштво.
30 За кратко време, мирот и праведноста што постојат кај Божјиот народ привлекле толку многу луѓе со искрени срца што „малечкиот“ буквално прераснал во „моќна нација“. Моментално овој народ бројно е поголем од народот на значителен број светски суверени држави. Јасно е дека Јехова, преку Исус Христос, го водел и го забрзал делото на Царството. Колку само е возбудливо да се гледа ширењето на вистинското обожавање по целиот свет и да се учествува во него! Да, радосно е да се сфати дека овој пораст му носи слава на Јехова, кој толку одамна ги прорекол овие работи.
[Фусноти]
a Тарсис веројатно бил сместен на територијата на денешна Шпанија. Меѓутоа, според некои прирачници, изразот „тарсиски кораби“ се однесува на видот на корабите — „прекуокеански бродови со висок јарбол“, кои биле „во состојба редовно да пловат до Тарсис“, со други зборови, бродови за коишто сметале дека се соодветни за долги патувања до далечни пристаништа (1. Цареви 22:48).
b Иако уште пред 1930 имало активни, ревносни христијани со земна надеж, кои биле поврзани со Израелот Божји, нивниот број почнал значително да се зголемува во текот на 1930 -тите.
c Во тоа време, локалните собранија биле наречени друштва.
d Апостол Јован користи сличен јазик кога го опишува „новиот Ерусалим“, тие 144.000 во нивната небесна слава (Откровение 3:12; 21:10, 22—26). Ова е соодветно бидејќи „новиот Ерусалим“ ги претставува сите членови на Израелот Божји откако ќе ја добијат својата небесна награда и ќе станат на тој начин со Исус Христос главен дел од Божјата ‚жена‘, „горниот Ерусалим“ (Галатите 4:26).
e Во 1918, просечниот број на оние што секој месец учествувале во проповедањето бил помал од 4.000.
[Слика на страница 305]
На ‚жената‘ и е заповедано да ‚стане‘
[Слика на страници 312 и 313]
„Тарсиските кораби“ го носат својот товар од обожаватели на Јехова