Поглавје четиринаесет
Како ја води Јехова својата организација?
1. Какви информации за Јеховината организација открива Библијата, и зошто тоа е важно за нас?
ДАЛИ Бог има организација? Инспирираното Писмо ни кажува дека има. Во својата Реч, тој ни овозможува да фрлиме краток поглед на небесниот дел од таа организација што влева страхопочит (Езекиел 1:1, 4—14; Даниел 7:9, 10, 13, 14). Иако не можеме да го видиме овој невидлив дел, тој во голема мера влијае врз вистинските обожаватели денес (2. Царства 6:15—17). Јеховината организација има и свој видлив дел, на Земјата. Библијата ни помага да разбереме кој е тој и како Јехова го води.
Идентификување на видливиот дел
2. Кое ново собрание го оформил Бог?
2 Во текот на 1.545 години, нацијата Израел била Божје собрание (Дела 7:38). Но, Израел пропуштил да ги држи Божјите закони и го отфрлил неговиот сопствен Син. Како последица од тоа, Јехова го отфрлил ова собрание и го напуштил. Исус им рекол на Евреите: „Ете, вашата куќа ви се остава запустена“ (Матеј 23:38). Потоа Бог оформил едно ново собрание со кое склучил нов сојуз. Ова собрание требало да биде составено од 144.000 поединци избрани од Бог за да бидат обединети со неговиот Син на небото (Откровение 14:1—4).
3. Што се случило на Пентекост 33 н.е. како јасен доказ дека Бог сега користи ново собрание?
3 Првите од тоа ново собрание биле помазани со Јеховиниот свет дух на Пентекост 33 н.е. Во врска со тој значаен настан читаме: „А додека траеше празникот Пентекост, сите беа заедно на исто место, и одеднаш од небото настана шум како при налет на силен ветрец, и ја исполни целата куќа во која седеа. И им се покажаа јазици како од оган, и се разделија, и на секого од нив слезе по еден, и сите се исполнија со свет дух“ (Дела 2:1—4). На тој начин, Божјиот дух дал јасен доказ дека сега ова било телото од луѓе што Бог ќе го користи за да ја исполни својата намера под водството на Исус Христос на небото.
4. Кој ја сочинува Јеховината видлива организација денес?
4 Денес, само еден остаток од тие 144.000 е на Земјата. Но, во исполнување на библиското пророштво, едно „големо мноштво“ од „други овци“, кои бројат милиони, се доведени во поврзаност со помазаниот остаток. Исус, Добриот Пастир, ги обединил овие други овци со остатокот, па така тие сочинуваат едно стадо под него како нивни еден Пастир (Откровение 7:9; Јован 10:11, 16). Сите тие сочинуваат едно обединето собрание, Јеховината видлива организација.
Теократска структура
5. Кој ја води Божјата организација, и како?
5 Библискиот израз „собрание на живиот Бог“ јасно покажува кој ја води. Организацијата е теократска, односно со неа управува Бог. Јехова обезбедува водство за својот народ преку Исус, оној кого Тој го наименувал да биде невидлива Глава на собранието, и преку својата сопствена инспирирана Реч, Библијата (1. Тимотеј 3:14, 15; Ефешаните 1:22, 23; 2. Тимотеј 3:16, 17).
6. а) По што се гледало небесното водство на собранието во првиот век? б) Што покажува дека Исус сѐ уште е Глава на собранието?
6 Таквото водство било многу очигледно на Пентекост (Дела 2:14—18, 32, 33). Тоа можело да се види кога Јеховиниот ангел го насочил ширењето на добрата вест кон Африка, кога Исусовиот глас дал упатства при преобраќањето на Савле од Тарс и кога Петар го почнал проповедничкото дело меѓу не-Евреите (Дела 8:26, 27; 9:3—7; 10:9—16, 19—22). Но, со текот на времето, повеќе не се слушале гласови од небото, не се гледале ангели и не биле давани чудесни дарови на духот. Сепак, Исус ветил: „Гледај, јас сум со вас во сите денови сѐ до завршетокот на системот на работи“ (Матеј 28:20: 1. Коринќаните 13:8). Денес, Јеховините сведоци го признаваат Исусовото водство. Без таа помош, објавувањето на пораката за Царството наспроти силно непријателство би било невозможно.
7. а) Кој го сочинува „верниот и разборит роб“, и зошто? б) Каква задача му била дадена на ‚робот‘?
7 Кратко пред својата смрт, Исус им кажал на своите ученици за „верниот и разборит роб“, кому тој како Господар ќе му довери посебна одговорност. Тој „роб“ требало да биде присутен кога Господарот ќе заминел на небото и сѐ уште требало да работи напорно при Христовото невидливо враќање во моќта на Царството. Таквиот опис тешко би одговарал на еден поединец, но одговара на Христовото помазано собрание. Бидејќи го купил со својата сопствена крв, Исус се осврнал на него како на свој „роб“. Ги овластил неговите членови да прават ученици и да ги хранат прогресивно, давајќи им ја „нивната [духовна] храна во право време“ (Матеј 24:45—47; 28:19; Исаија 43:10; Лука 12:42; 1. Петрово 4:10).
8. а) Какви одговорности има сега класата на робот? б) Зошто е важно како реагираме на поуката што доаѓа преку Божјиот канал?
8 Поради тоа што класата на робот лојално го вршела делото на Господарот при неговото невидливо враќање во 1914 година, постои доказ дека во 1919 ѝ биле доверени зголемени одговорности. Годините по тоа се време за глобално сведоштво за Царството, и се собира едно големо мноштво обожаватели на Јехова со изглед да бидат сочувани низ големата неволја (Матеј 24:14, 21, 22; Откровение 7:9, 10). И ним им е потребна духовна храна, а неа им ја послужува класата на робот. Затоа, за да му угодиме на Јехова, треба да ја прифатиме поуката што ја дава тој преку овој канал и да постапуваме во склад со неа.
9, 10. а) Каква подготовка имало во првиот век за решавање на прашањата во врска со доктрината и давањето упатства за проповедање на добрата вест? б) Каква подготовка за координирање на активностите на Јеховиниот народ постои денес?
9 Повремено, се покренуваат прашања во врска со доктрините и процедурите. Што тогаш? Дела, поглавје 15, ни кажува како било решено едно спорно прашање во врска со не-еврејските преобратеници. За работата биле известени апостолите и постарите мажи во Ерусалим, кои служеле како централно водечко тело. Овие мажи не биле непогрешливи, но Бог ги користел. Тие ги разгледале стиховите во врска со темата, а исто така и доказот за дејствувањето на Божјиот дух во отворањето на полето меѓу не-Евреите. Потоа донеле одлука. Бог ја благословил таа подготовка (Дела 15:1—29; 16:4, 5). Од тоа централно тело биле испраќани поединци да го унапредуваат проповедањето на Царството.
10 Во нашево време, Водечкото тело на Јеховината видлива организација е составено од со дух помазани браќа од разни земји и е сместено во светското главно седиште на Јеховините сведоци. Под водството на Исус Христос, Водечкото тело го унапредува чистото обожавање во секоја земја, така што ги координира проповедничките активности на Јеховините сведоци во нивните десетици илјади собранија. Членовите на Водечкото тело го делат гледиштето на апостол Павле, кој на сохристијаните им напишал: „Не дека ние сме господари на вашата вера, туку сме соработници на вашата радост, бидејќи вие преку вашата вера стоите“ (2. Коринќаните 1:24).
11. а) Како се наименуваат старешини и слуги помошници? б) Зошто треба тесно да соработуваме со наименуваните?
11 Јеховините сведоци ширум светот очекуваат Водечкото тело да избира квалификувани браќа кои, пак, се овластени да наименуваат старешини и слуги помошници што ќе се грижат за собранијата. Барањата за оние што се наименувани се наведени во Библијата и се зема предвид дека тие мажи не се совршени и дека прават грешки. Старешините што даваат препораки и оние што го вршат наименувањето, сносат сериозна одговорност пред Бог (1. Тимотеј 3:1—10, 12, 13; Тит 1:5—9). Затоа, тие во молитва бараат помош од Божјиот дух и бараат водство од неговата инспирирана Реч (Дела 6:2—4, 6; 14:23). Да го покажуваме нашето ценење за овие „дарови во облик на луѓе“ кои ни помагаат на сите нам да стигнеме до „единство во верата“ (Ефешаните 4:8, 11—16).
12. На кој начин Јехова ги користи жените во теократското уредување?
12 Писмото дава упатство за надгледувањето во собранието да се грижат мажи. Ова не ги омаловажува жените, бидејќи некои од нив се наследнички на небесното Царство, и тие извршуваат голем дел од проповедничкото дело (Псалм 68:11). Исто така, со тоа што верно се грижат за своите семејни одговорности, жените придонесуваат за добрата репутација на собранието (Тит 2:3—5). Но, за поучувањето внатре во собранието се грижат мажи што се наименувани за тоа (1. Тимотеј 2:12, 13).
13. а) Какво гледиште ги поттикнува Библијата да имаат старешините во врска со нивната положба? б) Во која предност можеме да учествуваме сите ние?
13 Во светот, поединецот што зазема угледна положба е сметан за важен, но во Божјата организација правилото е: „Кој меѓу сите вас се однесува како помал, тој е голем“ (Лука 9:46—48; 22:24—26). Писмото ги советува старешините да внимаваат да не господарат над оние што се Божје наследство туку, напротив, да станат примери за стадото (1. Петрово 5:2, 3). Не само неколку избрани туку сите Јеховини сведоци, и машки и женски, ја имаат предноста да го претставуваат Суверенот на универзумот, понизно зборувајќи во негово име и кажувајќи им на луѓето насекаде за неговото Царство.
14. Со помош на наведените стихови, продискутирај ги прашањата наведени на крајот од пасусот.
14 Добро е да се запрашаме: ‚Дали јас навистина го ценам начинот на кој Јехова ја води својата видлива организација? Дали го покажувам тоа со мојот став, говор и постапки?‘ Резонирањето за следните точки може да му помогне на секого од нас да направи една таква анализа:
Ако навистина му се подложувам на Христос како Глава на собранието, тогаш, како што е покажано во следните стихови, што ќе правам? (Матеј 24:14; 28:19, 20; Јован 13:34, 35).
Ако со благодарност ги прифаќам духовните подготовки што доаѓаат преку класата на робот и неговото Водечко тело, кон кого покажувам почит? (Лука 10:16).
Како треба секој во собранието, особено старешините, да постапуваат со другите? (Римјаните 12:10).
15. а) Што покажуваме со нашиот став кон Јеховината видлива организација? б) Кои прилики ги имаме за да покажеме дека Ѓаволот е лажливец и да му донесеме радост на Јеховиното срце?
15 Јехова денес нѐ води преку својата видлива организација под Христос. Нашиот став кон оваа подготовка покажува што мислиме за спорното прашање за сувереноста (Евреите 13:17). Сатана тврди дека нашиот главен интерес сме си ние самите. Но, ако служиме на кој и да било начин што е потребен и избегнуваме работи што непотребно го свртуваат вниманието кон нас, докажуваме дека Ѓаволот е лажливец. Ако ги сакаме и ги почитуваме оние што го преземаат водството меѓу нас, а одбиваме да им ‚се восхитуваме на личности заради наша сопствена корист‘, му донесуваме радост на Јехова (Јуда 16; Евреите 13:7). Со тоа што сме лојални на Јеховината организација, покажуваме дека Јехова е наш Бог и дека сме обединети во неговото обожавање (1. Коринќаните 15:58).
Дискусија за повторување
• Што е Јеховината видлива организација денес? Која е нејзината цел?
• Кој е наименуван за Глава на собранието, и преку кои видливи подготовки тој ни дава водство полно со љубов?
• Кој разумен став треба да го негуваме кон оние во Јеховината организација?
[Слики на страница 133]
Јехова нѐ води преку својата видлива организација под Христос