ПОГЛАВЈЕ 2
Тајна врска — што има тука опасно?
Џесика се нашла пред тешка одлука. Сѐ започнало кога Џереми, едно момче од нејзиниот клас, почнал да ѝ се додворува. Таа вели: „Беше многу сладок, а другарките ми рекоа дека попристоен дечко од него нема. Неколку девојки сакаа да одат со него, но тој не беше заинтересиран. Му се допаѓав само јас“.
Набрзо, Џереми ја поканил Џесика да излезе со него. Таа му објаснила дека, како Јеховин сведок, родителите никогаш не би ѝ дозволиле да излегува со некого што не е од нејзината вера. „Но, тогаш на Џереми му дојде една идеја“, раскажува таа. „Ми рече: ‚Па, тие не мора да знаат‘“.
КАКО ќе реагираш ако некој што тебе ти се допаѓа ти предложи нешто слично? Можеби ќе се изненадиш, но Џесика се сложила со планот на Џереми. Таа вели: „Бев уверена дека, ако имам врска со него, ќе му помогнам да го засака Јехова“. Што се случило? Тоа ќе го дознаеме малку подоцна. Најпрво да видиме како некои се излажале да започнат тајна врска.
Зошто го прават тоа
Зошто некои се во тајна врска? Младиот Дејвид кратко и јасно вели: „Знаат дека родителите нема да им ја одобрат врската, па затоа не им кажуваат“. Џејн спомнува друга можна причина. „Кога одиш скришно со некого, сакаш да си докажеш себеси дека можеш да правиш што сакаш“, вели таа. „Ако мислиш дека родителите не те третираат онака како што би сакал — како возрасен — тогаш нема да им кажуваш ништо и ќе си тераш по свое.“
Ако ти текнуваат други причини зошто некои би имале тајна врска, запиши ги на празните линии.
․․․․․
Се разбира, знаеш дека Библијата ти заповеда да ги слушаш своите родители (Ефешаните 6:1). А ако твоите родители мислат дека не треба да имаш врска, сигурно имаат добра причина за тоа. Меѓутоа, немој да се чудиш ако низ главата почнат да ти се вртат вакви мисли:
● Се чувствувам како црна овца затоа што само јас немам врска.
● Ми се допаѓа некој што нема исти верувања како моите.
● Сакам да излегувам со некој соверник, иако ми е рано за брак.
Веројатно знаеш што би рекле твоите родители ако им спомнеш некоја од овие работи, и длабоко во себе знаеш дека би биле во право. Сепак, можеби ќе се сложиш со Манами, која вели: „Околината толку те притиска да имаш дечко што понекогаш си мислам дека нешто не е во ред со мојот став. Денес, за младите е незамисливо да немаш дечко. А и кој сака да биде сам?“ Некои што се нашле во ваква ситуација почнале врска што ја држеле во тајност од своите родители. Како?
„Ни беше речено да не кажуваме на никого“
Самиот израз „тајна врска“ укажува дека се работи за некаква измама, а токму тоа е потребно за да остане „тајна“. Некои успеваат да одат скришно така што комуницираат главно преку телефон или Интернет. За јавноста тие се само другари, но пораките што си ги праќаат на Интернет, СМС-пораките и нивните телефонски разговори кажуваат нешто сосем друго.
Некои користат друга итра тактика — ќе договорат цела група да се собере некаде за да можат тие двајца да бидат заедно. Џејмс вели: „Еднаш цела група млади бевме поканети да одиме на едно место, но тогаш сфативме дека сѐ било наместено само за да можат двајца од групата да бидат заедно. Ни беше речено да не кажуваме на никого“.
Многу често, како што кажува и Џејмс, тајните врски се одржуваат со помош на пријателите. Керол вели: „Барем еден пријател знае што се случува, но свесно избира да не каже ништо затоа што не сака да биде ‚кодош‘“. Честопати се кажуваат и бесрамни лаги. „Мнозина ја држат својата врска во тајност така што ги лажат родителите кога им кажуваат каде ќе одат“, вели Бет (17). И Мисаки (19) го правела тоа. „Морав многу внимателно да смислувам лаги“, вели таа. „Освен за врската, внимавав да не ги излажам родителите за ништо друго за да не ја изгубам нивната доверба.“
Опасностите што ги носат тајните врски
Ако си на искушение да почнеш скришно да одиш со некого — или ако веќе го правиш тоа — размисли за следново:
До каде ќе ме одведе лажењето? Имаш ли намера во догледно време да се венчаш со оној со кого си во врска? „Кога си во врска со некого а немаш намера да стапиш во брак, тоа е како да рекламираш нешто што немаш намера да го продадеш“, вели Еван (20). Какви би можеле да бидат последиците од тоа? Во Изреки 13:12 стои: „Од предолго исчекување се разболува срцето“. Дали навистина сакаш да придонесеш некој што ти значи да ‚се разболи во срцето‘? И уште едно предупредување: Ако имаш тајна врска, си ја ускратуваш помошта што би можеле да ти ја дадат родителите и другите што ти го мислат доброто. А така е поголема веројатноста да направиш сексуален неморал (Галатите 6:7).
Што мисли Јехова Бог за она што го правам? Библијата вели: „Сѐ е голо и откриено пред очите на оној кому ние мораме да му поднесеме сметка“ (Евреите 4:13). Значи, ако криеш дека одиш со некого — или дека некој твој другар оди со некого — Јехова веќе го знае тоа. А, ако се вклучени и лаги, тогаш треба сериозно да се подзамислиш. Јехова Бог воопшто не го одобрува лажењето. Всушност, во Библијата ‚лажливиот јазик‘ е јасно наведен меѓу работите што му се одвратни на Јехова (Изреки 6:16-19).
Да се отворат картите
Ако си во тајна врска, навистина би било паметно да разговараш со своите родители или со некој зрел возрасен христијанин. А ако имаш некој пријател што скришно оди со некого, немој да му помагаш со тоа што ќе го криеш (1. Тимотеј 5:22). Зашто, како ќе се чувствуваш ако врската донесе лоши последици? Зарем нема и ти да бидеш делумно виновен?
Размисли за ова: Да речеме дека некој твој пријател кој има дијабетес скришно јаде слатки. Што ќе направиш ако дознаеш за тоа, но пријателот те моли да не кажуваш никому? Што ќе ти биде најважно — да го криеш или да направиш нешто што може да му го спаси животот?
Истото важи и во случај да знаеш дека некој твој пријател има тајна врска. Немој да се секираш дека засекогаш ќе си го расипеш пријателството. Со текот на времето, оној што ти е вистински пријател ќе сфати дека си му го мислел најдоброто (Псалм 141:5).
Тајна или приватност?
Се разбира, ако некој не им кажува на сите дека има врска со некого, не мора да значи дека станува збор за измама. На пример, двајца млади сакаат да се запознаат подобро, но некое време сакаат тоа да си остане нивна работа. Тие можеби, како што вели Томас, „не сакаат другите да ги задеваат со прашања како ‚Кога ќе биде свадбата?‘“
Претераниот притисок од другите може да биде доста штетен (Песна над песните 2:7). Затоа, некои двојки одлучуваат некое време да не кажуваат на сите дека почнале врска (Изреки 10:19). „Тоа им дава можност на двајцата да решат дали се сериозни околу врската“, вели 20-годишната Ана. „Ако се, тогаш ќе можат да им кажат и на другите.“
Во исто време, би било погрешно да криеш дека си во врска од оние што имаат право да знаат за неа, на пример, родителите. Ако не сакаш отворено да им кажеш за врската, добро е да се запрашаш зошто е тоа така. Дали длабоко во себе знаеш дека твоите родители би имале добри причини да се противат на твојата врска?
„Знаев што морам да направам“
Џесика, која ја спомнавме во почетокот, повеќе не сакала скришно да оди со Џереми кога чула што направила една друга христијанка во слична ситуација. „Откако слушнав дека ја прекинала врската“, вели Џесика, „знаев што морам да направам.“ Дали на Џесика ѝ било лесно да раскине? Не! „Џереми беше единствениот дечко што вистински ми значеше нешто“, вели таа. „Неколку седмици по ред, плачев секој ден.“
Сепак, Џесика знаела дека го сака Јехова и дека, и покрај тоа што за момент тргнала по лош пат, од срце сака да го прави она што е исправно. Со текот на времето, болката исчезнала. Џесика вели: „Сега сум поблиска со Јехова од кога и да е порано. Многу сум благодарна што тој во вистинско време ни ги дава советите што ни се потребни!“
Спремна си за врска и има еден дечко што многу ти се допаѓа. Но, како ќе знаеш дали тој е вистинскиот за тебе?
КЛУЧЕН СТИХ
„Сакаме во сѐ да постапуваме чесно“ (Евреите 13:18)
ПРЕДЛОГ
Не мораш насекаде да разгласиш дека си започнал врска. Но, кажи им на оние што имаат право да знаат. Обично тоа се твоите родители и родителите на оној со кого си во врска.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?
Трајните врски се темелат на доверба. Кога скришно одиш со некого, ја изневеруваш довербата на твоите родители и си го поткопуваш темелот на врската.
ПЛАН!
Ако скришно одам со сохристијанин, ќе ․․․․․
Ако мој пријател скришно оди со некого, ќе ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Погледни ги уште еднаш трите реченици напишани со масни букви на 22. страница. Со која од нив најдобро би опишал како се чувствуваш понекогаш?
● Како можеш да го решиш проблемот без да одиш скришно со некого?
● Што би направил ако знаеш дека твојот пријател има тајна врска, и зошто би постапил така?
[Истакната мисла на страница 27]
››Ја прекинав тајната врска. Точно, не беше лесно да одам на училиште и секој ден да го гледам Џереми. Но, Јехова Бог ја гледа целата слика, а ние не. Едноставно мораме да имаме доверба во него‹‹ (Џесика)
[Слика на страница 25]
Да криеш пријател кој скришно оди со некого е исто како да криеш дијабетичар кој скришно јаде слатки