ПОГЛАВЈЕ 34
Зошто да се држам за библиските мерила?
Голем одмор е. Си зборуваш со уште две девојки и тогаш го здогледувате новиот тип.
„Знаеш дека многу му се допаѓаш на Иван?“ ти вели првата девојка. „Му се познава по тоа како те гледа. Просто те голта со очите!“
„И знаеш уште што?“ се наведнува и ти шепнува другата. „Нема девојка!“
Ти веќе и си претпоставуваше дека е така. Па, пред некој ден Иван те покани кај него на забава. Се разбира, го одби, иако длабоко во себе се прашуваше што ќе беше да прифатеше.
Првата девојка ти ги пресекува мислите.
„Штета што јас имам дечко“, вели таа. „Инаку, би се фатила со него без око да ми трепне.“
Потоа се загледува во тебе, малку зачудена. Знаеш што е следно.
„Еј, а зошто ти немаш дечко?“ те прашува.
Од тоа прашање ти се крева косата! Всушност, ти би сакала да имаш дечко, но ти било кажано дека е најдобро да имаш врска дури кога ќе бидеш спремна за брак. Да не беше...
„Твојата религија, нели?“ ти вели другата девојка.
‚Како да ми ги прочита мислите‘, си велиш.
„Ти не знаеш ништо друго освен Библијата, Библијата, Библијата“, те пецка. „Па дај живеј малку!“
ДАЛИ те зафркавале некогаш затоа што се држиш за библиските мерила? Ако да, можеби се прашуваш да не пропушташ нешто. Дијана се чувствувала така. Таа вели: „Библиските мерила ме гушеа. И јас сакав да живеам без ограничувања како другите на училиште.“
Сурова реалност
Искуството не е секогаш најдобриот учител. Всушност, мудро е и во склад со Библијата е да учиш од грешките на другите. Тоа го сфатил и псалмистот Асаф. Едно време тој мислел дека библиските мерила премногу го ограничуваат. Но, гледајќи ги оние што ги напуштаат Божјите патишта, ја видел суровата реалност. Асаф подоцна заклучил дека тие се на „лизгаво место“ (Псалм 73:18).
Имајќи го ова на ум, размисли за зборовите на неколку млади кои некое време ги отфрлиле библиските мерила и имале предбрачни сексуални односи.
● Што влијаеше врз твоето размислување и врз твоите постапки?
Дијана: „На училиште сите имаа дечко или девојка и изгледаа многу среќни. Кога бев со нив и ги гледав како се бакнуваат и се прегрнуваат, им завидував и се чувствував осамено. Честопати со часови си фантазирав за некој дечко што ми се допаѓаше. Тоа уште повеќе ми ја зголемуваше желбата да бидам со него“.
Марко: „Читав и гледав работи во кои сексот беше поставен на пиедестал. Мојата љубопитност сѐ повеќе растеше затоа што зборував за секс и со другарите. Потоа, кога ќе бев насамо со некоја девојка, си мислев дека можеме да се допираме и да се милуваме без да имаме секс, дека можам да запрам кога сакам“.
Алек: „Редовно гледав порнографија на Интернет. Почнав и многу да пијам. А одев и на забави со млади кои немаа речиси никакво ценење за библиските морални мерила“.
Теа: „Знаев дека предбрачниот секс не е во ред, но не го мразев. Немав намера да почнам со сексуални односи пред брак, но чувствата го победија разумот. Едно време не чувствував никаква грижа на совеста“.
● Дали поради таквиот живот беше посреќен?
Дијана: „Отпрвин ме обзеде чувство на слобода и бев среќна што конечно се вклопувам во друштвото. Но, тоа не траеше долго. Почнав да се чувствувам валкано, ниско, празно. Се јадев што толку лесно си ја продадов невиноста“.
Алек: „Сѐ полесно си ги задоволував погрешните желби. Но во исто време, имав силно чувство на вина и бев разочаран од самиот себе“.
Теа: „Неморалот ми ја уништи младоста. Мислев дека јас и мојот дечко одлично ќе се забавуваме, ама не беше така. На крајот, само си нанесовме болка и тага. Многу ноќи заспивав целата во солзи, жалејќи што не постапив онака како што нѐ учи Јехова“.
Марко: „Почнав да се чувствувам како дел од мене да умрел. Се трудев да не обрнувам внимание на тоа како влијаат моите постапки врз другите, но не можев. Ме болеше кога сфатив дека со тоа што гледав мене да ми биде убаво, ги повредував другите“.
● Каков совет би им дале на младите кои понекогаш помислуваат дека библиските морални мерила ги ограничуваат?
Теа: „Држи се за Јеховините мерила и дружи се со оние што го прават истото. Така ќе бидеш посреќен“.
Дијана: „Не се работи само за тебе и за она што го сакаш ти. Твоите постапки ќе влијаат и врз другите. А ако не ги слушаш советите на Бог, ќе си направиш само лошо“.
Алек: „Кога си неискусен, си мислиш дека другите имаат многу возбудлив живот. Нивните мислења ќе влијаат и врз тебе. Затоа мудро избирај ги пријателите. Имај доверба во Јехова и ќе се поштедиш од многу причини за каење“.
Марко: „Некои од највредните работи што ти ги дава Јехова се достоинството и невиноста. Ако ги фрлиш во вода само затоа што не можеш да се контролираш, тогаш си паднал многу ниско. Разговарај за своите проблеми со родителите и со други зрели луѓе. Ако направиш грешка, не чекај, туку отворено признај ја и поправи ја. Ако правиш онака како што нѐ советува Јехова, ќе имаш вистински внатрешен мир“.
Библиските мерила — ограничување или заштита?
Јехова е „среќниот Бог“, и сака и ти да бидеш среќен (1. Тимотеј 1:11; Проповедник 11:9). Мерилата што се запишани во Библијата се за твое добро. Додуша, можеби ти сметаш дека те ограничуваат — дека ти ги врзуваат рацете. Но, всушност, библиските морални мерила се како сигурносен појас, кој те штити од повреда.
Можеш потполно да ѝ веруваш на Библијата. Ако избереш да живееш според нејзините мерила, не само што ќе го радуваш Јехова, туку и тебе лично ќе ти биде добро (Исаија 48:17).
Можеш да бидеш пријател со Бог. Дознај како.
КЛУЧЕН СТИХ
„Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро“ (Исаија 48:17)
ПРЕДЛОГ
Размисли како на помалиот брат или сестра би им објаснил колку се мудри библиските мерила. Кога зборуваш за твоите верувања, ги всадуваш уште подлабоко и во своето срце.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?
Потребни се само неколку моменти за да си го расипеш пријателството со Јехова, но за да го поправиш може да ти требаат и години.
ПЛАН!
За да сфатам колку се мудри библиските мерила, ќе ․․․․․
Ако почнам да им завидувам на оние што живеат според мерилата на светот, ќе ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Во врска со последиците од непослушноста кон Божјите закони, зошто личното искуство не е најдобриот учител?
● Што научи од Дијана, Марко, Алек и Теа?
● Зошто некои луѓе гледаат на библиските мерила како на нешто што им ги врзува рацете, но зошто таквото гледиште е кусогледо?
[Истакната мисла на страница 285]
››Болката што ја чувствуваш кога ќе добиеш казна поради некој престап и не е толку лоша во споредба со болката што ја чувствуваш кога се трудиш да го скриеш престапот‹‹ (Дона)
[Слики на страница 288]
Библиските мерила не ти ја ускратуваат среќата, туку те штитат