Вовед
‚Угледајте се на оние што поради својата вера и стрпливост го наследуваат она што е ветено‘ (ЕВРЕИТЕ 6:12)
1, 2. Како гледал еден патувачки надгледник на верните библиски ликови, и зошто е добро тие да ни бидат блиски пријатели и нам?
„ЗА ЛИКОВИТЕ од Библијата тој зборува како да му се стари пријатели.“ Ова го рекла една наша сестра откако го слушала говорот на еден постар патувачки надгледник. Била сосема во право, бидејќи тој брат со децении ја проучувал Божјата Реч и поучувал од неа. Затоа, верните мажи и жени што се спомнуваат во Библијата му биле како стари пријатели со кои се познавал цел живот.
2 Зар не би сакал тие библиски ликови да ти бидат блиски пријатели и тебе? Дали ти се толку реални? Замисли си колку би било убаво да можеш лично да се запознаеш и да поразговараш со Ное, Авраам, Рут, Илија, Естира и други. Колку позитивно би можеле да влијаат врз тебе и колку скапоцени совети и мисли би можел да слушнеш од нив! (Прочитај Изреки 13:20.)
3. а) Како можеме да учиме од верните луѓе за кои се зборува во Библијата? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?
3 Се разбира, кога ќе дојде време да ‚воскреснат праведните‘, ќе можеме навистина да склопиме пријателства со нив (Дела 24:15). Меѓутоа, уште денес можеме да научиме многу од верните мажи и жени за кои се зборува во Библијата. Како? Апостол Павле напишал да се угледаме „на оние што поради својата вера и стрпливост го наследуваат она што е ветено“ (Евр. 6:12). Пред да дознаеме нешто повеќе за некои верни мажи и жени, да одговориме на неколку прашања во врска со зборовите на апостол Павле: Што е вера и зошто ни е потребна? Како можеме да се угледаме на верните луѓе од минатото?
Што е вера и зошто ни е потребна?
4. Како ја сфаќаат верата многу луѓе денес, и зошто не се во право?
4 Верата е прекрасна особина што многу ја ценеле луѓето за кои ќе читаме во оваа книга. Денес, многумина не знаат што е вистинска вера. Тие мислат дека верата значи едноставно да се верува во нешто без никакви докази. Но, тоа не е точно. Вистинската вера не е лековерност, не е само чувство и не значи слепо да се верува во нешто. Лековерноста е опасна, чувствата се раѓаат и исчезнуваат, а не е доволно ни само да се верува во Бог затоа што „и демоните веруваат — и се тресат“ (Јак. 2:19).
5, 6. а) Со кои две работи што не се гледаат е поврзана нашата вера? б) Колку цврста основа треба да има нашата вера? Наведи пример.
5 Вистинската вера е нешто далеку повеќе. Да се потсетиме како е опишана во Библијата. (Прочитај Евреите 11:1.) Павле објаснил дека верата е поврзана со работи кои не можеме да ги видиме. Прво, таа е поврзана со она што е вистинско „иако не се гледа“. Со нашите очи не можеме да го видиме она што е во духовниот свет, како на пример, Јехова Бог, неговиот Син или Царството што сега владее на небото. Второ, вистинската вера е поврзана со „она на кое се надеваме“, настани што сѐ уште не се случиле. Сега не можеме да го видиме новиот свет над кој ќе владее Божјето Царство. Но, дали тоа значи дека нашата вера во она што постои а не се гледа и во она на кое се надеваме нема никаква основа?
6 Се разбира дека не! Павле објаснил дека вистинската вера има цврста основа. Кога за верата рекол дека е „доказ“, употребил израз што може да се преведе и како „имотен лист“. Замисли си дека некој решил да ти подари куќа. Ти го дава имотниот лист и ти вели: „Ова е твојата нова куќа“. Секако, тоа не значи дека ќе живееш на тоа парче хартија, туку дека документот е толку силен доказ дека ја поседуваш куќата што, ако го имаш него, исто како да ја имаш куќата. Слично на тоа, доказите за нашата вера се толку јасни, толку цврсти, што може да се рече дека веќе сме го виделе она во кое веруваме.
7. Што вклучува вистинската вера?
7 Значи, вистинската вера вклучува цврста доверба и непоколеблива увереност на темел на сето она што го знаеме за Јехова Бог. Ако имаме вера, ќе го гледаме Јехова како наш Татко кој многу нѐ сака и ќе имаме доверба дека сите негови ветувања со гаранција ќе се исполнат. Но, вистинската вера вклучува уште една работа. Таа е како нешто живо и мора да се храни за да се одржи. Верата мора да се покажува со дела, во спротивно ќе умре (Јак. 2:26).
8. Зошто верата е толку важна?
8 Зошто верата е толку важна? Одговорот ни го дава апостол Павле. (Прочитај Евреите 11:6.) Ако немаме вера, не можеме да му се обратиме на Јехова во молитва ниту, пак, да му угодиме. Значи, мора да имаме вера за да ја исполниме највозвишената цел на секое суштество обдарено со разум, а тоа е да се зближиме со нашиот небесен Татко, Јехова, и да го величаме.
9. Како Јехова покажал дека знае дека ни треба вера?
9 Јехова знае колку многу ни треба вера и затоа ни дава примери од кои ќе научиме како да ја стекнеме и да ја покажуваме оваа особина. Во собранијата денес има верни мажи кои преземаат водство и ни оставаат добар пример. Во Божјата Реч пишува: „Угледајте се на нивната вера“ (Евр. 13:7). Но, Павле зборува и за еден „голем облак од сведоци“, мажи и жени од старо време кои ни оставиле прекрасен пример на вера (Евр. 12:1). Сепак, има и многу други верни слуги на Јехова кои Павле не ги спомнал во 11. поглавје од посланието до Евреите. На страниците на Библијата можеме да најдеме вистински приказни за мажи и жени, млади и стари, со секакви околности во животот, кои покажале вера и од кои можеме да научиме многу во овие времиња во кои вистинската вера е реткост.
Како можеме да се угледаме на верата на другите?
10. Како може личното проучување да ни помогне да се угледаме на верните мажи и жени од Библијата?
10 Не можеш да се угледаш на некого ако не го познаваш добро. Додека ја читаш оваа книга, ќе забележиш дека е вложен голем труд за што поблиску да се доловат ликовите на верните мажи и жени за кои се зборува во неа. Зошто и самиот додатно не истражуваш? Кога проучуваш, задлабочи се во она што го читаш од Библијата така што ќе вклучиш и други публикации. Одвој си време детално да си ги замислиш местото и околностите во кои се одиграле настаните. Потруди се, така да се рече, да ги видиш сцените, да ги чуеш звуците, да ги почувствуваш мирисите. Што е уште поважно, потруди се да се соживееш со чувствата на луѓето за кои се зборува. Ако во мислите ги оживееш овие верни мажи и жени, тие ќе ти станат пореални и поблиски — а некои можеби ќе ги почувствуваш блиски како добри, стари пријатели.
11, 12. а) Како можеш да се чувствуваш уште поблизок со Авраам и Сара? б) Во кои ситуации можат да ти помогнат примерите на Ана, Илија и Самоил?
11 Ако го следиш нивниот пример, уште повеќе ќе ги запознаеш. Да речеме дека Јеховината организација ти дава можност да направиш нешто повеќе во службата и сега размислуваш дали да ја прифатиш новата задача. Можеби те замолиле да се преселиш во место каде што се потребни повеќе објавители на добрата вест или можеби си замолен да сведочиш на некој нов начин. Додека размислуваш за задачата и се молиш, сети се на примерот на Авраам. Тој и Сара спремно се откажале од удобниот живот во Ур и затоа биле богато благословени. Ако се угледаш на нив, сигурно ќе ги чувствуваш уште поблиски.
12 А што ако некој што го сакаш те повредил толку многу што веќе не ти се оди на состанок? Тогаш, помисли на Ана. И покрај сѐ што ѝ правела Фенина, таа не престанала да му служи на Јехова. Нејзиниот пример може да ти помогне да донесеш исправна одлука и да ја чувствуваш како блиска пријателка. Или, пак, можеби некогаш те преплавуваат чувства на безвредност. Тоа што ќе го проучуваш извештајот за Илија и ќе видиш како Јехова го утешил ќе те приближи до овој верен човек. А младите што постојано се под притисок од неморалните соученици ќе се почувствуваат многу поблиски со Самоил откако ќе прочитаат како реагирал тој на расипаното влијание од синовите на Илиј во светиот шатор.
13. Дали тоа што ќе го следиме примерот на некој библиски лик нѐ прави негова копија? Објасни.
13 Дали тоа што ќе го следиме примерот на овие личности ја прави нашата вера само нивна копија? Ни најмалку! Да не заборавиме дека Јеховината Реч нѐ охрабрува да се угледаме на оние што биле верни (1. Кор. 4:16; 11:1; 2. Сол. 3:7, 9). Освен тоа, некои од ликовите за кои ќе читаме во оваа книга и самите се угледале на верните луѓе што живееле пред нив. На пример, во 17. поглавје можеме да видиме дека во својата молитва Марија се осврнала на зборовите на Ана, што покажува дека ја сметала за некој на кого вредело да се угледа. Дали тоа значи дека Марија немала толку силна вера како Ана? Не. Примерот на Ана ѝ помогнал на Марија да стекне вера со која можела да изгради личен однос со Јехова Бог.
14, 15. Кои се некои обележја на оваа книга, и како можат да ни користат?
14 Целта на оваа книга е да ни ја зајакне верата. Поглавјата во неа се темелат на статиите од рубриката „Угледајте се на нивната вера“, кои излегуваа во Стражарска кула од 2008 до 2013 год. Во оваа книга има и многу нови живописни слики направени специјално за неа, а старите се зголемени и разубавени. Таа содржи и некои други корисни обележја, како на пример, хронолошки приказ и географски карти. Книгата Угледајте се на нивната вера е наменета за лично, семејно и собраниско проучување. За многу семејства ќе биде вистинско уживање заедно да ги читаат поглавјата наглас.
15 Оваа книга ќе ни помогне да се угледаме на верата на Јеховините слуги од минатото. Исто така, ќе ни помогне да си ја зајакнеме верата и уште повеќе да се зближиме со нашиот небесен Татко, Јехова!