Колку се среќни оние со блага нарав!
”Среќни се оние со блага нарав, зашто тие ќе ја наследат Земјата“ (МАТЕЈ 5:5, NW).
1. Што е благата нарав за која зборувал Исус во својата Проповед на гората?
ВО СВОЈАТА Проповед на гората, Исус Христос рекол: ”Среќни се оние со блага нарав, зашто тие ќе ја наследат Земјата“ (Матеј 5:5, NW). Таа блага нарав, или кроткост, не е надворешен изглед на лицемерна нежност, ниту е само природно карактерно својство. Впрочем, тоа е вистинска внатрешна благост и мирољубивост која во прв ред се покажува во одговорот на волјата и водството на Јехова Бог. Луѓето кои се со вистински блага нарав имаат длабоко чувство на зависност од Бог кое се одразува во благото однесување спрема другите (Римјаните 12:17-19; Тит 3:1, 2).
2. Зошто Исус ги прогласил среќни оние со блага нарав?
2 Оние со блага нарав Исус ги прогласил среќни бидејќи тие ќе ја наследат Земјата. Како Божји Син со совршено блага нарав, Исус е Главниот Наследник на Земјата (Псалми 2:8; Матеј 11:29, Ба; Евреите 1:1, 2; 2:5-9). Но, како месијански ’Син Човечки‘, тој ќе има совладетели во своето небесно Царство (Даниил 7:13, 14, 22, 27). Како Христови ”сонаследници“, тие помазани поединци со блага нарав ќе учествуваат во неговото наследство на Земјата (Римљанима 8:17, ДК). Другите луѓе со блага нарав, слични на овци, ќе се радуваат на вечниот живот во Рајот, во земското подрачје на Царството (Матеј 25:33, 34, 46; Лука 23:43, NW). Тој изглед навистина ги прави среќни.
3. Каков пример на благост пружаат Бог и Христос?
3 Главниот Наследник кој е со блага нарав ја прима Земјата од својот Татко, Јехова, најдобриот пример на блага нарав. Колку само често Библијата споменува дека Бог е ”бавен на гнев и обилен во љубезна доброљубивост“! (2. Мојсеева 34:6; Неемија 9:17; Псалми 86:15, сите NW). Тој има огромна моќ, но покажува таква благост што неговите обожаватели можат да му се приближат без страв (Евреите 4:16; 10:19-22). Божјиот Син, кој бил ”со блага нарав и понизен во срцето“, ги поучил своите ученици да бидат благи (Матеј 11:29, NW; Лука 6:27-29). А тие пак робови на Бог и неговиот Син, ја имитирале за ”благоста и доброљубивоста на Христос“ и пишувале за тоа (2. Коринтјаните 10:1, NW; Римјаните 1:1; Јаков 1:1, 2; 2. Петрово 1:1).
4. (а) Според Колосјаните 3:12, што направиле оние кои се навистина со блага нарав? (б) Кои прашања го заслужуваат нашето внимание?
4 Денес и помазаните христијани и нивните земски придружници треба да бидат со блага нарав. Бидејќи отфрлиле секаква расипаност, измама, лицемерство, завист и клевета, Божјиот свет дух им помогнал да се обноват во ’силата која го покренува нивниот ум‘ (Ефесјаните 4:22-24, NW; 1. Петрово 2:1, 2). Тие се поттикнати да се облечат во ”нежна наклоност на сочувство, доброљубивост, понизност на мислите, благост и долготрпеливост“ (Колосјаните 3:12, NW). Но, што точно опфаќа благоста? Зошто е корисно да се биде со блага нарав? И како тоа својство може да придонесе за нашата среќа?
Благоста одблиску
5. Како може да се дефинира благоста?
5 Човекот кој е со блага нарав е нежен во наравот и однесувањето. Во некои преводи на Библијата, на тоа се однесува придавката која се преведува со ”кроток“, ”благ“, ”со блага нарав“ и ”нежен“. На класичен грчки, придавката праи́с може да се примени на нежно ветре или глас. Исто така може да означува некој кој е љубезен. Научникот В. Е. Вајн вели: ”[Именката праи́тес] првенствено и главно се однесува на Бог. Тоа е таа настроеност на духот со која го прифаќаме Неговото постапување кон нас како добро, и затоа без расправање или отпор; тесно е поврзана со зборот тапинофросине [понизност].“
6. Зошто може да се каже дека благоста не е слабост?
6 Благоста не е слабост. ”Во зборот праус има нежност“, напишал научникот Вилијам Баркли, ”но зад нежноста има сила цврстина на челик.“ Потребна е сила за да се биде со блага нарав. На пример, потребна е сила да се биде благ кога сме провоцирани или прогонувани. Божјиот Син со блага нарав, Исус Христос, дал добар пример во овој поглед. ”Кој не пцуеше кога го пцуеја; не се закануваше кога страдаше; туку се потпираше на оној [на Јехова Бог] кој право суди“ (1. Петрова 2:23, ДК). Како благиот Исус, и ние можеме да бидеме уверени дека Бог ќе се пресмета со нашите противници и прогонувачи (1. Коринтјаните 4:12, 13). Можеме да бидеме мирни, како што бил прогонетиот Стефан, сфаќајќи дека ако бидеме верни, Јехова ќе нѐ одржи и нема да дозволи ништо да ни нанесе трајна штета (Псалми 145:14, ДК; Дела 6:15; Филипјаните 4:6, 7, 13).
7. На што укажуваат Изреките 25:28 во врска со лицето на кое му недостига благост?
7 Исус бил со блага нарав, но сепак покажал сила во заземањето на цврст став за она што е исправно (Матеј 21:5, Ба; 23:13-39). Секој кој има ”ум Христов“, ќе биде како него во овој поглед (1. Коринтјаните 2:16). Ако лицето не е благо, тогаш тоа не е како Христос. Наместо тоа, ќе одговара на описот со следните зборови: ”Она што е разрушен град, без ѕидови, таков е човекот, кој не владее со духот свој“ (Соломонови изреки 25:28). Таквиот човек кој нема благост лесно е ранлив на нападот од погрешните мисли кои можат да го наведат на неисправно постапување. Иако христијанинот со блага нарав не е слаб по карактер, тој сепак знае дека ’благиот одговор го стивнува гневот, а лутиот збор ја подига лутината‘ (Приче Саламунове 15:1, ДК).
8. Зошто не е лесно да се биде со блага нарав?
8 Не е лесно да се биде со блага нарав, затоа што сме наследиле несовршенство и грев (Римјаните 5:12). Ако сме Јеховини слуги, мораме да се бориме и против злите духовни сили кои можат да ја искушуваат нашата благост преку прогонства (Ефесјаните 6:12). А повеќето од нас работат меѓу оние кои го имаат грубиот дух на светот кој лежи под контролата на Ѓаволот (1. Јованово 5:19). Значи, како можеме да ја развиваме благоста?
Како да се развие благоста
9. Кој став ќе ни помогне да развиеме благост?
9 На Библијата втемеленото уверување дека од нас се бара да покажуваме благост ќе ни помогне да ја развиваме оваа особина. Секој ден мораме да работиме на развивањето на благоста. Инаку, ќе бидеме како луѓето кои на благоста гледаат како на слабост и кои мислат дека успехот доаѓа преку надуеност, грубост, па дури и суровост. Меѓутоа, Божјата Реч ја осудува гордоста, а една мудра изрека вели: ”човекот од љубезна доброљубивост постапува корисно со својата душа ‚ а свирепиот човек му донесува јавна осуда на својот организам“ (Пословици 11:17, NW; 16:18). Луѓето се држат настрана од грубиот, нељубезен човек, дури и ако тоа го прават воглавно затоа за да не бидат повредени од неговата суровост и недостаток на благост.
10. На што треба да се подложиме ако сакаме да бидеме со блага нарав?
10 За да бидеме со блага нарав, мораме да се подложиме на влијанието на Божјиот свет дух, или активна сила. Како што овозможил земјата да раѓа плодови, Јехова така им овозможува на своите слуги да ги донесуваат плодовите на неговиот дух, вклучувајќи ја и благоста. Павле напишал: ”Плодовите на духот се љубов, радост, мир, долготрпеливост, доброљубивост, доброта, вера, благост, самосовладување. Против такви работи нема закон“ (Галатјаните 5:22, 23, NW). Да, благоста е еден од плодовите на Божјиот дух кој го покажуваат оние кои му угодуваат (Псалми 51:9, 10, ДК). А какви само промени предизвикува благоста! За илустрација: Еден силеџија по име Тони се тепал, ограбувал луѓе, шверцувал дрога, водел банда на мотори и бил в затвор. Сепак, со стекнување на спознанието од Библијата и со помош на Божјиот дух, се променил во Јеховин слуга со благо однесување. Приказната на Тони не е необична. Според тоа, што може некој да направи ако недостатокот на благост било преовладувачка особина на неговата личност?
11. Каква улога игра молитвата во развивањето на благоста?
11 Срдечната молитва за Божји дух и за неговиот плод на благост ќе ни помогне да ја развиваме таа особина. Можеби треба ’непрестајно да молиме‘, како што рекол Исус, а Јехова Бог ќе ја исполни нашата молба. Откако објаснил дека човечките татковци им даваат добри дарови на своите деца, Исус рекол: ”Според тоа, ако вие, иако зли [грешни и на тоа слично], умеете на своите деца да им давате добри дарови, колку повеќе Таткото на небото ќе им даде свет дух на оние кои го молат“ (Лука 11:9-13, NW). Молитвата може да ни помогне да ја направиме благоста трајна особина на нашиот карактер — особина која придонесува за нашата среќа и за среќата на оние со кои се дружиме.
12. Зошто свесноста дека луѓето се несовршени може да ни помогне да бидеме со блага нарав?
12 Ако постојано имаме на ум дека луѓето се несовршени, тоа може да ни помогне да бидеме со блага нарав (Псалми 51:5, ДК). Не можеме да мислиме и да постапуваме ништо посовршено отколку другите, па затоа секако треба да имаме сочувствување и да постапуваме со нив онака како што би сакале и тие да постапуваат со нас (Матеј 7:12). Свесноста дека сите правиме грешки би требало да нѐ наведе да простуваме и да бидеме со блага нарав во постапувањето со другите (Матеј 6:12-15; 18:21, 22). Најпосле, зарем не сме благодарни што Бог покажува љубов и благост спрема нас? (Псалми 103:10-14, ДК).
13. Како може да ни се помогне да развиваме благост ако го цениме тоа дека Бог ги направил луѓето слободни морални застапници?
13 Благодарноста што Бог ги направил луѓето слободни морални застапници може исто така да ни помогне да развиваме благост. Тоа никому не му дава право неказнето да ги запоставува Јеховините закони, но со тоа се дозволува разновидност во вкусовите, склоностите и несклоностите меѓу неговиот народ. Затоа, да бидеме благодарни што никој не е должен да се вклопи во калапот кој ние можеби го сметаме за најдобар. Тој дух ќе ни помогне да бидеме со блага нарав.
14. Што треба да биде нашата одлука со глед на благоста?
14 Одлучноста да не ја отфрлиме благоста ќе ни помогне да продолжиме да ја развиваме таа особина. Подложувањето на влијанието на Јеховиниот дух донело промена во нашето размислување (Римјаните 12:2). Благиот дух, сличен на Христовиот, сега ни помага да се воздржуваме од впуштање во ”развратности, страсти, опивања, разуздани гозби, пијанки и злосторнички идолопоклонства“. Никогаш не смееме да ја напуштиме благоста поради финансиски, социјални или други причини или поради тоа што луѓето навредливо говорат за нашата богобојазливост (1. Петрова 4:3-5, Ст). Не смееме да дозволиме нешто да нѐ натера да се впуштиме во ”делата на телото“, со што би ја изгубиле благоста и би пропуштиле да го наследиме Божјето Царство или да се радуваме на неговите благослови (Галатјаните 5:19-21). Секогаш да ја цениме предноста да бидеме Божји луѓе со блага нарав, било да сме помазаници за небесен живот или да имаме земска надеж. За таа цел, да разгледаме некои користи од благоста.
Користи од благоста
15. Зошто е мудро да се биде благ, според Изреките 14:30?
15 Благиот човек има мир во срцето, мислите и телото. Тоа е заради тоа што тој не се впушта во кавга, не се вознемирува поради постапките на другите, ниту го мачи непопустлива загриженост. Благоста му помага да владее со своите чувства, а тоа е корисно и душевно и телесно. Една изрека вели: ”Кроткото срце е живот за телото“ (Соломонови изреки 14:30). Недостигот на благост може да доведе до гнев кој може да го зголеми крвниот притисок или да предизвика потешкотии при варењето, астма, болки во очите и други проблеми. Христијанин со блага нарав ужива разновидни користи, вклучувајќи го ”мирот Божји“ кој го чува неговото срце и мисловните сили (Филипјаните 4:6, 7). Колку е само мудро да се биде со блага нарав!
16-18. Каков ефект има благоста на нашите односи со другите?
16 Особината на благост ги подобрува нашите односи со другите. Можеби некогаш сме имале обичај да настојуваме за нешто додека не било по наше. Можеби луѓето ни се лутеле бидејќи не сме биле понизни и благи. Под такви околности не треба да нѐ изненади ако сме се вплеткувале од една расправа во друга. Меѓутоа, една изрека вели: ”Кога нема веќе дрва, огнот згаснува, и кога нема клеветник, раздорот стивнува. Јагленот е за жар, а дрвата — за оган, кавгаџијата, пак — кавга да разгорува“ (Соломонови изреки 26:20, 21). Ако сме со блага нарав, наместо да ’додаваме дрва на огнот‘ и да ги предизвикуваме другите, ќе имаме добри односи со нив.
17 Лицето со блага нарав најверојатно ќе има добри пријатели. Луѓето се радуваат да се дружат со него бидејќи има позитивен став, а неговите зборови се освежителни и благи како мед (Изреките 16:24). Тоа било случај со Исус, кој можел да каже: ”Земете го мојот јарем на себе, и примете ја мојата наука, бидејќи јас сум благ и кроток во срцето, и ќе најдете мир за своите души. Бидејќи мојот јарем е благ и моето бреме е лесно“ (Матеј 11:29, 30, Ба). Исус не бил груб и неговиот јарем не бил угнетувачки. Оние кои доаѓале кај него биле добро згрижени и духовно закрепнати. Слично се случува кога се дружиме со христијански пријател кој има блага нарав.
18 Благоста нѐ приближува кон останатите соверници. Без сомнение, повеќето христијани во Коринт биле привлечени кон Павле бидејќи постапувал со нив со ’Христова благост и доброљубивост‘ (2. Коринтјаните 10:1, NW). Солунјаните сигурно позитивно реагирале на апостолот, бидејќи тој бил благ, обѕирен учител (1. Солунјаните 2:5-8). Нема сомнение дека ефеските старешини многу научиле од Павле и дека многу го сакале (Дела 20:20, 21, 37, 38). Дали ти покажуваш благост со која си им омилен на другите?
19. Како благоста му помага на Јеховиниот народ да го задржи своето место во неговата организација?
19 Благата нарав му помага на Јеховиниот народ да биде подложен и да го задржи своето место во неговата организација (Филипјаните 2:5-8, 12-14, ДК; Евреите 13:17). Благоста нѐ задржува да не бараме слава која се темели на гордост и му е одвратна на Бог (Изреките 16:5, ДК). Благиот човек не се смета себеси дека е посупериорен од другите верници и не настојува да се истакнува на нивна штета (Матеј 23:11, 12). Наместо тоа, ја признава својата грешна сосотојба и потребата од Божјата подготовка за откупнина.
Благоста ја унапредува среќата
20. Какво влијание има благоста на семејниот живот?
20 Сите Божји слуги треба да запомнат дека благоста е плод на неговиот дух кој ја унапредува среќата. На пример, Јеховиниот народ изобилува со среќни семејства, и тоа затоа што покажува особини како што се љубов и благост. Кога мажот и жената меѓусебно се однесуваат на благ начин, нивните деца се одгледуваат во мирна средина, а не во семејство во кое владеат груби зборови и постапки. Ако таткото им дава на децата совет со благост, тоа добро влијае на нивните млади умови, а благиот дух најверојатно ќе стане дел од нивната личност (Ефесјаните 6:1-4). Благата нарав им помага на мажите постојано да ги сакаат своите жени. На жените им помага да им бидат подложни на мажите и ги поттикнува децата да ги слушаат родителите. Благоста исто така ги наведува членовите на семејството да имаат дух на простување кој придонесува за среќата (Колосјаните 3:13, 18-21).
21. Што е суштината на Павловиот совет во Ефесјаните 4:1-3?
21 Семејствата и поединците со блага нарав ја унапредуваат среќата во собранијата со кои се поврзани. Затоа, Јеховиниот народ треба да прави искрени напори да биде со блага нарав. Дали го правиш тоа? Апостол Павле ги замолил помазаните христијани да одат достојно на своето небеско звање, а тоа да го прават ’со секоја понизност и благост, со трпение поднесувајќи се еден со друг во љубов, грижејќи се да го одржат единството на духот со врската на мирот‘ (Ефежанима 4:1-3, Ба). Христијаните со земска надеж исто така мораат да покажуваат благост и други божествени особини. Тоа е животен пат кој донесува вистинска среќа. Навистина се среќни оние со блага нарав!
Како би одговорил?
◻ Зошто луѓето со блага нарав се среќни?
◻ Што значи да се биде со блага нарав?
◻ Како може да се развие благоста?
◻ Кои се некои користи од благоста?