Што значи да се биде подложен во бракот?
КОГА една христијанка ќе се омажи, мора да направи многу прилагодувања. Можеби најголемиот дел од нив ја погодуваат нејзината слобода. Како возрасна и немажена, можеби имала слобода самата да донесува многу одлуки без да се консултира со некого. Но кога веќе има сопруг, должна е да се консултира со него и да бара негова дозвола за многу работи за кои сама одлучувала. Зошто е тоа така?
Затоа што кога Творецот на човештвото му ја дал на првиот маж првата жена во брак, Тој го поставил мажот да биде глава на својата жена и нивните идни деца. Тоа и било разумно. Во која и да било организирана група на луѓе, некој мора да предводи и да донесува конечни одлуки. Во случајот со бракот, Творецот одлучил дека ‚мажот да биде глава на жената‘ (Ефесјаните 5:23).
Како потврда на тоа, божествената поука гласи: „Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои“ (Ефесјаните 5:22). Како тоа уредување ќе делува на жената зависи од две работи: Прво, колку е таа спремна да се подложи на уредувањето, и второ, како нејзиниот сопруг ќе ја извршува својата власт? Вистина е дека кога двајцата брачни партнери исправно гледаат на уредувањето, откриваат дека тоа е благослов за жената, мажот и нивните деца.
Не тиранин
Како треба мажот да ја извршува својата власт? Така што ќе го следи прекрасниот пример на Божјиот Син. Библијата вели: „Мажот е глава на својата жена како што и Христос е глава на собранието, и кој е спасител на тоа тело. Мажи, продолжете да ги сакате своите жени, како што и Христос го љубеше собранието и се предаде себеси за него“ (Ефесјаните 5:23, 25, NW). Извршувањето на поглаварство од страна на Исус Христос било благослов за собранието. Тој не бил тиранин. Не предизвикувал неговите ученици да се чувствуваат притеснети или угнетени. Наместо тоа, го придобил почитувањето на сите со своето љубезно и сочувствително постапување со нив. Прекрасен пример кој мажите треба да го следат во постапувањето со своите жени!
Сепак, има мажи кои не го следат тој прекрасен пример. Тие себично го употребуваат поглаварството дадено од Бог, наместо за доброто на своите сопруги. Господарат над своите сопруги на тирански начин и бараат потполна подложност, и честопати не им дозволуваат самите да донесуваат какви и да се одлуки. Се подразбира дека сопругите на таквите мажи често имаат несреќен живот. А исти и таквиот маж страда со тоа што пропушта од својата жена да го постигне почитувањето полно со љубов.
Навистина, Бог бара жената да ја почитува положбата што нејзиниот маж ја има како глава на семејството. Но ако мажот сака да се радува на нејзиното искрено почитување спрема него како личност, мора да го заслужи тоа, а најдобриот начин да го стори тоа е ако постапува одговорно и ако развива добри, побожни особини како поглавар на домаќинството.
Подложноста е релативна
Власта на сопругот над својата сопруга не е апсолутна. Подложноста на жената може на некој начин да се спореди со подложноста на христијанинот спрема светски владетел. Бог заповедал дека христијанинот мора „да им се потчинува на претпоставените власти“ (Римјаните 13:1). Но таа подложност мора секогаш да биде урамнотежена со она што му го должиме на Бог. Исус рекол: „Подајте му го цезаровото на цезарот, и Божјето на Бог“ (Марко 12:17, ДК). Ако цезарот (светската власт) бара да му го дадеме она што му припаѓа на Бог, ќе се сетиме што рекол апостол Петар: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето“ (Дела на св. апостоли 5:29).
Отприлика на сличен начин, ако една христијанка е омажена за човек кој не ги разбира или не ги почитува христијанските начела, таа сепак е должна да му биде подложна. Наместо да се побунува против ова уредување дадено од Бог, добро ќе направи ако спрема него се однесува со љубов и обѕирност и на тој начин да ја придобие неговата доверба. Можеби таквото добро однесување ќе го промени нејзиниот сопруг; дури може и да го придобие во вистината (1. Петрово 3:1, 2). Ако нејзиниот маж ѝ наредува да направи нешто што Бог го забранува, таа мора да запомни дека Бог е нејзин првенствен Владетел. На пример, ако тој настојува таа да се вклучи во неморални сексуални обичаи, како што е размена на партнерите, таа не е должна да се подложи (1. Коринтјаните 6:9, 10). Подложноста спрема сопругот е водена од нејзината совест и од нејзината првенствена подложност спрема Бог.
Во времето на крал Давид, Авигеја била омажена за Навал, човек кој не ги почитувал божествените начела и кој грубо и без љубов се однесувал спрема Давид и неговите луѓе. Тие ги заштитувале илјадниците овци и кози кои му припаѓале на Навал, но кога Давид побарал прилог во храна, Навал не сакал ништо да му даде.
Откако дознала дека скржавиот став на нејзиниот сопруг ќе донесе несреќа на домаќинството, Авигеја самата одлучила да му однесе храна на Давид. „Авигеја набрзина зеде двесте леба и две мешини со вино, и пет овци зготвени, пет мери пржено жито, сто врзопки суво грозје и двесте низи смокви, и ги натовари на осли, па им рече на слугите свои: ‚Тргнувајте пред мене, ете, јас ќе одам по вас.‘ А на мажот свој Навала ништо не му кажа“ (1. Царства [1. Самоилова] 25:18, 19).
Дали Авигеја погрешила со тоа што постапила спротивно на волјата на својот сопруг? Во овој случај не. Подложноста на Авигеја не барала таа да биде нељубезна како нејзиниот сопруг, особено поради тоа што Наваловата немудра постапка го ставила целото домаќинство во опасност. Затоа, Давид ѝ рекол: „Нека е благословен Јахве, Богот Израелов, кој денес те испрати да ме пречекаш! Нека е благословена твојата мудрост“ (1. Самуелова 25:32, 33, Ст). Слично на тоа, христијанските сопруги денес не треба да се вознемируваат и бунат против поглаварството на своите сопрузи, но ако тие одат по нехристијански пат, жените не мораат да ги следат во тоа.
Додуша, Павле во своето писмо до Ефесјаните вели: „Како што Црквата Му се покорува на Христа, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во сѐ“ (Ефесјаните 5:24). Тоа што апостолот овде го употребил зборот „сѐ“ не значи дека жената треба безгранично да му биде подложна. Павловиот израз, „како што Црквата Му се покорува на Христа“, покажува на што мислел тој. Сѐ што Христос бара од своето собрание е праведно, во согласност со Божјата волја. Затоа, собранието може лесно и радосно да му биде подложно во сѐ. Слично на тоа, сопругата на христијанскиот сопруг кој искрено се труди да го следи Исусовиот пример, радо ќе му се подложи во сѐ. Таа знае дека тој е многу заинтересиран за нејзините најдобри интереси и никогаш нема свесно да бара таа да прави нешто што не е во согласност со Божјата волја.
Сопругот ќе ја зачува љубовта и почитувањето од својата сопруга кога ги одразува божествените особини на својата глава, Исус Христос, кој им заповедал на своите следбеници меѓусебно да се љубат (Јован 13:34). Иако сопругот прави грешки и е несовршен, ако ја извршува својата власт во склад со повисокото поглаварство на Христос, тој ѝ олеснува на својата жена да ѝ биде драго што го има него за свој поглавар (1. Коринтјаните 11:3). Ако жената ги развива христијанските особини на скромност и љубезна доброљубивост, нема да ѝ биде тешко да му се подложи на својот сопруг.
Понизни и разумни
Мажите и жените во собранието се духовни браќа и сестри со еднаква положба пред Јехова. (Спореди Галатјаните 3:28.) Меѓутоа, мажите се поставени од Бог да извршуваат собраниско надгледување. Жените со исправно срце радо го признаваат тоа со сета подложност. А зрелите мажи во собранието понизно ја признаваат важната обврска да не господарат над стадото (1. Петрово 5:2, 3).
Ако е таков односот помеѓу мажите и жените во собранието, како може христијанскиот маж да го оправда своето тиранско постапување со својата жена, својата духовна сестра? И како може сопругата да го оправда натпреварувањето со сопругот за поглаварство? Наместо тоа, треба да постапуваат еден со друг како што Петар ги советува сите членови на собранието: „Сите бидете сложни во мислите и во чувствата, полни со братска љубов, милосрдие, понизност“ (1. Петрова 3:8, Ба). И Павле советувал: „Облечете се во нежна наклоност на сочувство, доброљубивост, понизност на умот, благост и долготрпеливост. Продолжете да се поднесувате еден со друг и да си простувате спремно еден на друг ако некој има причина за поплака против друг. Токму како што Јехова спремно ви простил вам, така правете и вие“ (Колосјаните 3:12, 13, NW).
Такви односи треба да се развиваат во собранието. А особено треба да се развиваат помеѓу мажот и жената во христијанскиот дом. Сопругот може да ја покаже својата нежна наклоност и благост ако ги слуша предлозите од својата жена. Треба да го земе предвид гледиштето на својата жена пред да донесе некаква одлука која ќе влијае на семејството. Христијанските сопруги не се празноглави. Тие често можат на своите сопрузи да им дадат драгоцени предлози, како што му давала Сара на својот сопруг, Авраам (1. Мојсеева 21:12). Од друга страна, христијанката нема да бара нешто неразумно од својот маж. Таа ќе ја покаже својата доброљубивост и понизност на мислите ако го следи неговото водство и ако ги поддржува неговите одлуки, дури и иако понекогаш можат да се разликуваат од она што таа би го сакала.
Разумниот сопруг, како и еден разумен старешина, е пристаплив и доброљубив. Сопругата полна со љубов реагира со тоа што е сочувствителна и долготрпелива, сфаќајќи ги напорите што ги прави тој за да ги исполни своите одговорности и покрај несовршенството и животните притисоци. Кога и мажот и жената развиваат такви ставови, подложноста во бракот нема да биде проблем. Наместо тоа, таа ќе биде извор на радост, сигурност и трајно задоволство.