Јехова ги љуби веселите дарители
„Нека секој даде како што одлучил со срцето, а не со жалост и сосила, бидејќи ‚Бог го љуби веселиот дарител‘“ (2. КОРИНЋАНИМА 9:7, Стварност).
1. Како Бог и Христос се весели дарители?
ЈЕХОВА бил првиот весел дарител. Тој радосно му дал живот на својот единороден Син и го употребил за да ги создаде ангелите и човештвото (Соломонови изреки 8:30, 31; Колосјаните 1:13-17). Бог ни дал живот и здив и сѐ, вклучувајќи дожд од небото и плодоносни времиња, исполнувајќи ги нашите срца со весело расположение (Дела на св. апостоли 14:17; 17:25). Всушност, и Бог и неговиот Син, Исус Христос, се весели дарители. Тие радо даваат со несебичен дух. Јехова толку многу го сакал светот на човештвото, што ‚Го дал Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен‘. А Исус без приговарање ‚ја дал душата Своја за откуп на мнозина‘ (Јован 3:16; Матеј 20:28).
2. Каков вид на дарител според Павле, сака Бог?
2 Затоа, слугите на Бог и Христос треба да бидат весели дарители. На такво давање се охрабрувало во второто писмо на апостол Павле до христијаните во Коринт, пишувано околу 55 н.е. Очигледно дека Павле се осврнувал на доброволни и лични парични прилози кои биле посебно направени за да им се помогне на сиромашните христијани во Ерусалим и Јудеја, и рекол: „Нека секој даде како што одлучил со срцето, а не со жалост и сосила, бидејќи ‚Бог го љуби веселиот дарител‘“ (2. Коринћанима 9:7, Ст; Римјаните 15:26; 1. Коринтјаните 16:1, 2; Галатјаните 2:10). Како реагирал Божјиот народ на приликите да дава? И што можеме да научиме од Павловиот совет за давањето?
Поттикнати од спремни срца
3. До кој степен Израелците го поддржувале градењето на шаторот за обожавање за Јеховиното обожавање?
3 Спремните срца го поттикнуваат Божјиот народ да се дава себеси и своите средства за поддршка на божествената намера. На пример, Израелците од времето на Мојсеј радосно ја поддржувале градбата на шаторот за обожавање за Јеховиното обожавање. Срцата на некои жени биле поттикнати да испредат волна од коза, додека некои мажи служеле како мајстори. Народот весело давал злато, сребро, дрво, лен и други работи како доброволен „принос за Јахве!“ (Излазак 35:4-35, Ст). Биле толку дарежливи што „имаше доста принесено за секакви работи што требаше да се направат, дури и преостануваше“ (2. Мојсеева 36:4-7).
4. Со каков став Давид и другите дале придонес за храмот?
4 Со векови подоцна, крал Давид дал обилен прилог за Јеховиниот храм што требало да го изгради неговиот син Соломон. Бидејќи Давид ‚наоѓал радост во Божјиот дом‘, ја дал својата „посебна своина“ од злато и сребро. Кнезовите, началниците и другите ‚ја наполниле својата рака со дар за Јехова‘. Со каков резултат? Па, ‚народот слободно се радувал поради своите доброволни приноси, зашто со цело срце му дале доброволни приноси на Јехова‘! (1. Дневници 29:3-9, NW). Тие биле весели дарители.
5. Како Израелците го поддржувале вистинското обожавање низ вековите?
5 Низ вековите, Израелците имале предност да го поддржуваат шаторот за обожавање, подоцнежните храмови и свештеничките и левитските служби во нив. На пример, во времето на Неемија, Евреите одлучиле да даваат прилози за да го одржуваат чистото обожавање, свесни дека не смеат да го занемарат Божјиот дом (Неемија 10:32-39). Слично и денес, Јеховините сведоци весело даваат доброволни прилози за градење и одржување на местата за состанување и за потпора на вистинското обожавање.
6. Дај примери на весело дарување од страна на христијани.
6 Првите христијани биле весели дарители. На пример, Гај вршел „верна работа“ со тоа што бил гостољубив спрема оние кои патувале за интересите на Царството, како што Јеховините сведоци ја прошируваат гостољубивоста спрема патувачките надгледници кои сега ги испраќа Друштвото Стражарска кула Библии и трактати (3. Јованово 5-8, NW). За да тие браќа патуваат до собранијата и за да им се пружи гостопримство неизбежни се некакви трошоци, но колку тоа е духовно корисно! (Римјаните 1:11, 12).
7. Како Филипјаните ги користеле своите материјални средства?
7 Собранијата во целина ги употребуваат своите материјални средства за унапредување на интересите на Царството. На пример, Павле им рекол на верниците во Филипи: „Зашто и во Солун, еднаш, и по вторпат, ми пративте нужни работи. Ова го велам не дека сакам да ми давате, туку го барам плодот, кој се умножува во ваша полза“ (Филипјаните 4:15-17). Филипјаните давале весело, но кои фактори го поттикнуваат таквото весело давање?
Што го поттикнува веселото давање?
8. Како би докажал дека Божјиот дух го поттикнува неговиот народ да бидат весели дарители?
8 Јеховиниот свет дух, или активна сила, го поттикнува неговиот народ да бидат весели дарители. Кога јудејските христијани биле во оскудица, Божјиот дух ги поттикнал другите верници материјално да им помогнат. За да ги охрабри христијаните во Коринт да направат сѐ што можат во поглед на таквите прилози, Павле го навел примерот на собранијата во Македонија. Иако македонските верници доживувале прогонства и сиромаштво, покажале братска љубов со тоа што дале повеќе од својата вистинска можност. Тие дури и молеле за предноста на давање! (2. Коринтјаните 8:1-5). Божјата работа не зависи единствено од прилозите на богатите (Јаков 2:5). Неговите материјално сиромашни, предадени слуги се главната потпора во финансирањето на делото на проповедање на Царството (Матеј 24:14). Сепак, тие не страдаат поради својата дарежливост, зашто Бог не изостава да се погрижи за потребите на својот народ во тоа дело, а силата која стои зад неговото натамошно постоење и пораст е неговиот дух.
9. Како се поврзани верата, спознанието и љубовта за веселото давање?
9 Веселото давање поттикнато од вера, спознание и љубов. Павле рекол: „Затоа како што [Коринтјаните] се одликувате во сѐ — во верата, и зборовите, и спознанието, и во секоја горливост, и во љубовта своја спрема нас — одликувајте се и во оваа дарежливост. Не заповедам, туку со горливоста на другите ја испитувам вистинитоста на вашата љубов“ (2. Коринћанима 8:7, 8, Дуда-Фуќак). Давањето прилог за Јеховината работа, особено кога дарителот има ограничени средства, бара вера во Божјите понатамошни обезбедувања. Христијаните кои изобилуваат во спознание сакаат да послужат на Јеховината намера, а оние кои изобилуваат во љубовта кон него и неговиот народ, весело ги употребуваат своите средства за унапредување на неговата работа.
10. Зошто може да се каже дека Исусовиот пример ги поттикнува христијаните весело да даваат?
10 Исусовиот пример ги поттикнува христијаните весело да даваат. Откако ги поттикнал Коринтјаните да даваат од љубов, Павле рекол: „Познато ви е милосрдието на нашиот Господин Исус Христос, како поради вас од богаташ стана сиромав за да вие станете богаташи со неговото сиромаштво“ (2. Коринћанима 8:9, Ст). Иако на небото бил побогат од кој и да е друг Божји син, Исус го оставил сето тоа и зел човечки живот (Филипјаните 2:5-8). Меѓутоа, со тоа што станал сиромашен на ваков несебичен начин, Исус придонел за посветувањето на Јеховиното име и го положил својот живот како откупна жртва во корист на луѓето кои ќе ја прифатат. Во согласност со Исусовиот пример, зарем не би требало весело да даваме за да им помагаме на другите и да придонесеме за посветувањето на Јеховиното име?
11, 12. Како доброто планирање може да нѐ направи весели дарители?
11 Доброто планирање го овозможува веселото давање. Павле им рекол на Коринтјаните: „Во секој прв ден од седмицата секој од вас да оддели и остави при себеси колку што може, така што собирањето да не се врши кога ќе дојдам“ (1. Коринтјаните 16:1, 2). На таков сличен приватен и доброволен начин, оние кои денес сакаат да дадат прилози за унапредување на делото на Царството добро ќе направат ако ставаат настрана од своите заработувања за таа цел. Како резултат на таквото добро планирање, поедини Сведоци, семејства и собранија можат да даваат прилози за унапредување на вистинското обожавање.
12 Исполнувањето на плановите за давање прилози ќе нѐ направи весели. Како што Исус рекол, „поблажено е да се дава, отколку да се зема“ (Дела на св. апостоли 20:35). Затоа Коринтјаните можеле да ја зголемат својата радост со следењето на Павловиот совет да го спроведат својот едногодишен план, да испратат парични средства во Ерусалим. „Особено е прифатлива според она што некој има, а не според она што некој нема“, рекол тој. Кога некој ќе даде прилози според она што го има, треба високо да бидат ценети. Ако имаме доверба во Бог, тој може да ги изедначи работите така што оние кои имаат многу се дарежливи, а не расипници, а оние кои имаат малку да не бидат во оскудица која би ја намалила нивната сила и способност да му служат (2. Коринтјаните 8:10-15, NW).
Внимателно постапување при давањето
13. Зошто Коринтјаните можеле да имаат доверба во Павловото надгледување на прилозите?
13 Павле ја надгледувал подготовката за прилози за да би можеле сиромашните верници да се радуваат на материјалната помош и поенергично да се вклучат во делото на проповедање, но ниту тој ниту кој и да е од другите не земале од средствата за свои потреби (2. Коринтјаните 8:16-24; 12:17, 18). Павле работел за да ги задоволи сопствените материјални потреби, наместо да му наметнува финансиски товар на некое собрание (1. Коринтјаните 4:12; 2. Солунјаните 3:8). Затоа, кога му предавале прилози, Коринтјаните ги доверувале на доверлив и марлив Божји слуга.
14. Каков записник има Друштвото Стражарска кула во врска со употребата на прилози?
14 Од создавањето на Друштвото Стражарска кула, Библии и трактати во 1884, дарителите имале доказ дека Друштвото е доверлив надгледник за сите прилози што му се доверени во корист на делото на Јеховиното Царство. Според својата повелба, Друштвото се стреми да ја задоволи најголемата потреба на сите луѓе, потребата од духовни работи. Тоа се прави во вид на библиска литература и поука за стекнување на спасение. Денес, Јехова го забрзува собирањето на луѓето слични на овци во својата организација која се шири, а неговиот благослов на мудрото употребување на прилозите во делото на проповедање на Царството е јасен доказ на божествено одобрување (Исаија 60:8, 22). Уверени сме дека тој ќе продолжи да ги поттикнува срцата на веселите дарители.
15. Зошто ова списание понекогаш споменува прилози?
15 Друштвото понекогаш ги употребува столбовите на ова списание да ги подбуди читателите за нивната предност да даваат доброволни прилози за светското дело на проповедање за Царството. Тоа не е молење, туку потсетник за сите кои сакаат да го поддржуваат „светото дело на добрата вест“ додека Бог им дава напредок (Римјаните 15:16, NW; 3. Јованово 2, Ст). Друштвото ги употребува сите приложени пари на најекономичен начин за да го објави Јеховиното име и Царство. Сите прилози се примаат со благодарност, се изразува признание за нив и се употребуваат за ширење на добрата вест за Божјето Царство. На пример, со помош на тие средства се поддржуваат мисионерските активности во многу земји, и се одржуваат и прошируваат средствата за печатење кои се важни за делење на библиското спознание. Понатаму, прилозите за светското дело се употребуваат за да ги покријат растечките трошоци за производство на Библии и библиски ориентираните публикации како и аудио касети и видео касети. На таков начин се унапредуваат интересите на Царството преку веселите дарители.
Не под принуда
16. Зошто се прилозите на Јеховините сведоци ценети, иако малку од нив се материјално богати?
16 Малку Сведоци на Јехова се материјално богати. Иако можеби даваат скромни суми за унапредување на интересите за Царството, нивните прилози се сепак значајни. Кога Исус видел како една сиромашна вдовица ставила две ситни пари со мала вредност во благајничката каса на еден храм, тој рекол: „Оваа бедна вдовица од сите повеќе пушти; сите овие дадоа прилози на Бога од својот вишок; таа, пак, пушти — сѐ што имаше за својот живот“ (Лука 21:1-4). Иако нејзиниот подарок бил мал, таа била весела дарителка — и нејзиниот прилог бил ценет.
17, 18. Која е суштината на Павловите зборови во 2. Коринтјаните 9:7, и што се покажува со грчкиот збор преведен со „весел“?
17 Во врска со делото на помагање во корист на јудејските христијани, Павле рекол: „Нека секој даде како со срцето одлучил, а не со жалост и со сила, бидејќи ‚Бог ги љуби веселите дарители‘“ (2. Коринћанима 9:7, Ст). Апостолот можеби мислел на дел од Изреките 22:8 во преводот Септуагинта, којшто вели: „Бог го благословува веселиот дарител; и ќе го надомести недостатокот на неговите дела“ (The Septuagint Bible, преведена од Чарлс Томсон). Павле го заменил „благослови“ со „љуби“, но постои поврзаност, зашто жетвата на благослови доаѓа од Божјата љубов.
18 Веселиот дарител е вистински среќен да дава. А од грчкиот израз преведен со „весел“ во 2. Коринтјаните 9:7 доаѓа зборот „весел и бучен“! Откако научникот Р. К. Х. Ленски го истакнал тоа, рекол: „Бог го љуби ведриот, радосниот, среќниот дарител (...) [чија] вера е овенчана во насмевки кога уште една прилика за давање го пречекува.“ Човек со таков радосен дух не дава со жалење или под принуда, туку срцето му е во давањето. Дали си ти така весел во давањето за поддржувањето на интересите за Царството?
19. Како давале прилози првите христијани?
19 Првите христијани немале чинии за собирање, ниту имале обичај да даваат десеток од своите приходи за религиозни намени. Наместо тоа, нивните прилози биле потполно доброволни. Тертулијан, кој станал христијанин околу 190. н.е., напишал: „Иако имаме своја благајничка каса, таа не се состои од пари за купување на спасение, како религија која си има своја цена. На месечниот ден [очигледно еднаш месечно], ако сака, секој става мал прилог; но само ако сака, и ако е во можност; затоа што нема принуда; сѐ е доброволно“ (Apology [Одбрана], поглавје XXXIX).
20, 21. (а) Што рекло едно рано издание на ова списание за предноста на финансиска поддршка на Божјата работа и како тоа се применува дури и сега? (б) Што се случува кога на Јехова му оддаваме чест со своите скапоцени работи?
20 Доброволното давање секогаш било вообичаено меѓу денешните Јеховини слуги. Меѓутоа, понекогаш, некои не ја искористиле потполно својата предност на поддржување на Божјата работа со давање на прилози. На пример, во февруари 1883, ова списание изјавило: „Некои сносуваат толку многу паричен товар заради другите, што финансиската моќ им се намалува од претерана работа и измореност, а со тоа се намалува нивната корисност; и не само тоа, туку оние кои (...) потполно не ја сфатиле ситуацијата, ја изгубиле можноста да добијат благослови поради нивниот недостаток на дарежливост во финансиски прилози“.
21 Додека големото моштво надоаѓа во Јеховината организација денес, и додека Божјето дело се проширува во источна Европа и други области кои порано биле забранети, постои зголемена потреба за ширење на погоните за печатење и другите средства. Мора да се печатат повеќе Библии и други публикации. Во тек се многу теократски проекти; меѓутоа, некои од нив би можеле многу побрзо да се одвиваат кога би постоеле доволно средства. Се разбира дека имаме вера дека Бог ќе го обезбеди тоа што е потребно и знаеме дека оние ‚кои му оддаваат чест на Јехова со своите скапоцени работи‘ ќе бидат благословени (Пословици 3:9, 10, NW). Навистина, „кој богато сее, богато и ќе жнее“. Јехова ‚ќе нѐ збогати за секаква дарежливост‘, и нашето весело давање ќе направи многу луѓе да му се заблагодаруваат и да го фалат (2. Коринтјаните 9:6-14).
Покажи благодарност за Божјите дарови
22, 23. (а) Кој е Божјиот неопислив бесплатен дар? (б) Што треба да правиме бидејќи сме благодарни за Јеховините дарови?
22 Поттикнат од длабока благодарност, самиот Павле рекол: „Да Му благодариме на Бога за Неговиот неискажан дар!“ (2. Коринтјаните 9:15). Како „жртва помирница“ за гревовите на помазаните христијани и за оние од светот, Исус е темелот и каналот за Јеховиниот неопислив бесплатен дар (1. Иванова 2:1, 2, Ст). Тој дар е „Божјата ненадминлива незаслужена доброљубивост“ која тој ја покажал спрема својот народ на Земјата преку Исус Христос и доведува до нивното спасение и до Јеховина слава и оправдување (2. Коринтјаните 9:14, NW).
23 Нашата длабока благодарност оди кај Јехова за неговиот неопислив бесплатен дар и многу други духовни и материјални дарови за својот народ. Добротата на нашиот небесен Татко спрема нас е толку прекрасна што ги надминува човечките сили на изразување! И сигурно дека треба да нѐ поттикне да бидеме весели дарители. Тогаш, со срдечна благодарност да направиме сѐ што можеме за да ја унапредиме работата на нашиот дарежлив Бог, Јехова, првиот и првенствениот весел Дарител!
Дали се сеќаваш?
◻ На што спремните срца го поттикнале Јеховиниот народ да прави?
◻ Што го поттикнува веселото давање?
◻ Како ги употребува Друштвото Стражарска кула сите прилози што ги добива?
◻ Каков вид на дарител сака Бог и како треба да ја покажуваме нашата благодарност за Неговите многубројни дарови?
[Слика на страница 15]
Кога се градел шаторот за обожавање, Израелците вредно работеле и дарежливо давале прилози за Јехова
[Слика на страница 18]
Прилозите како оние на сиромашната вдовица се ценети и значајни