Што вели Библијата за тврдењето дека „Христос е Бог“?
ИСУС ХРИСТОС имал длабоко религиозно влијание врз човештвото. Ова се гледа од тоа што милиони тврдат дека се негови следбеници. Меѓутоа, сите не се согласуваат околу неговиот идентитет.
Некои кои велат дека ги прифаќаат Исусовите учења, него го сметаат како Божји Син, а не како самиот Творец. Други веруваат во тоа дека „Христос е Бог“ и мислат дека тој е всушност Бог. Тие сметаат дека Исус отсекогаш постоел и дека бил повеќе од човек кога бил овде на Земјава. Дали се во право? Што вели Библијата?
Исусовото претчовечко постоење
Исус сведочел дека имал претчовечко постоење. Тој рекол: „Никој не се искачи на небото, освен Синот Човечки, Кој слезе од небото“ (Јован 3:13). Исус исто така изјавил: „Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно; а лебот што ќе го дадам Јас, е Моето тело, што ќе го предадам за животот на светот“ (Јован 6:51).
Дека Исус бил жив пред да дојде на Земјата е јасно од неговите зборови: „Јас постојам уште пред да се роди Авраам“ (Јован 8:58). Авраам живеел од 2018 до 1843 пр.н.е., додека Исусовиот човечки живот траел од 2 пр.н.е. до 33 н.е. Непосредно пред својата смрт, Исус се молел: „Татко, прослави ме мене кај самиот себе со славата која ја имав кај тебе пред да постане светот“ (Јован 17:5, Ст).
Исусовите следбеници дале слични изјави. Апостол Јован напишал: „Во почетокот беше Речта, и Речта беше кај Бог, и Речта беше еден бог. Сите нешта постанаа преку него, и без него ниту една работа не постана. (...) И Речта стана тело и престојуваше меѓу нас, и ја гледавме неговата слава, слава каква што му припаѓа на единороден син од таткото; и беше полн со незаслужена доброљубивост и вистина“ (Јован 1:1, 3, 14, NW). Да, „Речта стана тело“ преку човекот Исус Христос.
Мислејќи на Исусовото претчовечко постоење, апостол Павле напишал: „Зачувајте го во себе овој мисловен став кој беше и во Христос Исус, кој, иако постоеше во Божји облик, не размислуваше за тоа да го присвои нешто сосила, имено, да биде еднаков на Бог. Не, туку се одрече од самиот себе и зеде облик на роб и стана сличен на луѓето“ (Филипјаните 2:5-7, NW). Павле го нарекол Исус „првороден пред секоја твар; бидејќи преку Него е создадено сѐ“ (Колосјаните 1:13-16).
Не Бог на Земјата
Библијата јасно покажува дека Исус потполно бил човек од своето раѓање до смртта. Јован не рекол дека Речта била само облечена во тело. Тој ‚станал тело‘ и не бил делумно тело а делумно Бог. Ако Исус бил човек и бог истовремено, не би можело да се каже дека бил „направен понизок од ангелите“ (Хебрејима 2:9, Ст; Псалми 8:4, 5).
Ако Исус бил и Бог и човек додека се наоѓал на Земјата, зошто постојано му се молел на Јехова? Павле напишал: „Во деновите на Својот земен живот, Он со силен вик и солзи упати молби и молитви кон Оној, Кој можеше да Го спаси од смртта, и, поради Својата побожност беше чуен“ (Евреите 5:7).
Дека Исус не бил делумно дух кога бил на Земјата потврдува изјавата на Петар дека Исус бил ‚убиен во тело, но оживеал во Дух‘ (1. Петрова 3:18, Ба). Единствено поради тоа што бил потполно човек Исус можел да го доживее она што несовршените луѓе го доживуваат, а така да стане сочувствителен првосвештеник. Павле напишал: „Ние немаме таков Првосвештеник, што не може да не соучествува во нашите слабости, туку таков, Кој искусил сѐ како и ние, освен грев“ (Евреите 4:15).
Како „Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот“, Исус „се даде самиот себе како откуп наместо сите“ (Јован 1:29; 1. Тимотеју 2:6, Ст). На тој начин, Исус го вратил токму она што Адам го изгубил — совршен, вечен човечки живот. Бидејќи Божјата правда барала „душа за душа“, Исус затоа морал да биде она што првобитно бил Адам — совршен човек, а не Бог-човек (5. Мојсеева 19:21; 1. Коринтјаните 15:22).
Немој буквално да ги толкуваш библиските стихови
Оние кои велат дека Исус бил Бог-човек употребуваат различни библиски стихови во настојувањето да докажат дека тој е член на Тројството на таканареченото христијанство, еднаков на Бог по битие, моќ, слава и траење. Но кога тие стихови внимателно ги испитуваме, откриваме дека оние коишто тврдат дека „Христос е Бог“, мислат дека овие стихови говорат повеќе отколку што навистина кажуваат.
Некои тврдат дека библиските стихови во кои Бог ја употребува заменката „ние“ го изедначуваат претчовечкиот Исус (Речта) со Јехова. Но употребата на оваа заменка не значи дека Бог разговарал со некој рамен на себе. Во најдобар случај тоа укажува дека меѓу небесните суштества едно од нив зазема предносна положба во однос на Бог. Всушност, претчовечкиот Исус бил Божји близок пријател, Главна работничка и Говорник (1. Мојсеева 1:26; 11:7; Изреките 8:30, 31, NW; Јован 1:3).
Околностите поврзани со Исусовото крштение не укажуваат дека Бог, Христос и светиот дух се подеднакви. Како човек, Исус се крстил како симбол дека му се претставува на својот небесен Татко. Во таа прилика ‚се отвориле небесата‘, и Божјиот дух слегол, и дошол на Исус како гулаб. Исто така, „од небесата“, се слушнал Јеховиниот глас да вели: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!“ (Матеј 3:13-17).
Тогаш, што мислел Исус кога на своите следбеници им рекол да крштеваат ученици „во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“? (Матеј 28:19, 20). Исус не мислел и не рекол дека неговиот Татко и светиот дух се еднакви. Наместо тоа, оние кои се крстени, го признаваат Јехова како Дарител на Животот и Семоќен Бог на кого му го предаваат животот. Тие го прифаќаат Исус како Месија и оној преку кого Бог дал откупнина за човештвото кое ќе верува. И тие сфаќаат дека светиот дух е Божјата активна сила на која мораат да ѝ се подложат. Меѓутоа, таквите кандидати за крштение не треба да гледаат на Јехова, Исус и светиот дух како на троедно божество.
Но зарем Исусовите чуда не покажале дека тој бил Бог-човек? Не, затоа што Мојсеј, Илија, Јелисеј, апостолите Петар и Павле и другите правеле чуда иако не биле Богови-луѓе (2. Мојсеева 14:15-31; 1. Царевите 18:18-40; 2. Царевите 4:17-37; Дела на св. апостоли 9:36-42; 19:11, 12). Како нив, Исус бил човек кој вршел чуда со сила дадена од Бог (Лука 11:14-19).
Исаија пророчки се осврнал на Исус Месијата како „Моќен Бог“ (Исаија 9:6, NW). Во Исаија 10:21, (NW) истиот пророк зборувал за Јехова како „Моќниот Бог“. Некои се обидуваат да ја искористат оваа сличност во изразите да докажат дека Исус е Бог. Но мораме да бидеме внимателни да не читаме нешто што не го пишува во овие стихови. Хебрејскиот израз преведен со „Моќен Бог“ не е ограничен на Јехова како што е со изразот „Бог семоќен“ (1. Мојсијева 17:1, ДК). Како што е општо познато, постои разлика помеѓу тоа да се биде моќен и да се биде семоќен, без повисок од себе.
Според Исаија 43:10, Јехова рекол: „Пред Мене немаше Бог, и по Мене нема да има.“ Но тие зборови не докажуваат дека Исус е Бог. Суштината е во тоа дека Јехова немал претходник, дека пред него не постоел никаков бог, затоа што е вечен. После Јехова нема да има бог бидејќи тој секогаш ќе постои и нема да има наследници како Возвишен Суверен. Сепак, Јехова создал други коишто самиот ги нарекол богови, како што покажува Библијата со тоа што за некои луѓе вели: „Реков: ‚богови сте, и синови на вишниот сите. Но како луѓе ќе умрете, и ќе паднете како секој кнез‘“ (Псалми 82:6, 7, ДК). Слично на тоа, Речта била бог создадена од Јехова, но тоа никогаш не го направило Исус еднаков на Семоќниот Бог.
Вистинската положба на Исус
Оние кои тврдат дека Бог зел човечки облик како Бог-човек, би требало да обрнат внимание дека Библијата не укажува на тоа дека Исус мислел така за себеси. Наместо тоа, доследно покажува дека Исус секогаш бил помал од својот Татко. Кога бил на Земјата, Исус никогаш не тврдел дека е нешто повеќе од Божји Син. Напротив, Христос рекол: „Мојот Отец е поголем од Мене“ (Јован 14:28).
Павле направил разлика помеѓу Јехова и Исус кога рекол: „Сепак нам ни е само еден Бог, Татко, од кого е сѐ и чиишто сме ние, и еден Господ, Исус Христос, преку кого е сѐ и преку кого сме и ние“ (1. Коринћанима 8:6, Ба). Павле исто така рекол: „А вие му припаѓате на Христос; а Христос пак му припаѓа на Бог“ (1. Коринтјаните 3:23, NW). Всушност, како што христијаните му припаѓаат на својот Учител, Исус Христос, така тој му припаѓа на својот Поглавар, Јехова Бог.
Павле укажал на една слична мисла кога напишал: „Глава на секој маж е Христос; а на жена глава е мажот; на Христа, пак, глава е Бог“ (1. Коринтјаните 11:3). Тој однос помеѓу Бог и Христос ќе продолжи, затоа што после Исусовото Илјадагодишно Владетелство, „ќе му го предаде Царството на својот Бог и Татко“ и „самиот Син ќе му се подложи на Оној којшто му подложил сѐ, за да Бог им биде сѐ на сите“ (1. Коринтјаните 15:24, 28, NW; Откровение 20:6).
Погледни ги и другите стихови
Во врска со Исусовото раѓање, Матеј напишал: „А сето тоа стана за да се исполни кажаното од Господа преку пророкот [во Исаија 7:14], кој вели: ‚И ете, девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануил — што значи: со нас е Бог!‘“ (Матеј 1:22, 23). На Исус не му било дадено личното име Емануил, но неговата улога како човек го исполнила неговото значење. Исусовото присуство на Земјата како Месијанско Семе и Наследник на Давидовиот престол за Јеховините обожаватели биле доказ дека Бог бил со нив, на нивна страна, и дека ги поддржувал во нивните потфати (1. Мојсеева 28:15; 2. Мојсеева 3:11, 12; Исус Навин 1:5, 9; Псалми 46:5-7, ДК; Јеремија 1:19).
Обраќајќи му се на воскреснатиот Исус, апостолот Тома изјавил: „Господ мој и Бог мој!“ (Јован 20:28). Овој и други извештаи биле ‚запишани, за да поверуваме дека Исус е Христос, Син Божји‘. И Тома не му противречил на Исус, кој на Своите ученици им ја испратил пораката: „Се враќам при (...) Својот Бог и при вашиот Бог“ (Јован 20:17, 30, 31). Значи Тома не мислел дека Исус бил Семоќен Бог. Тома можеби му се обратил на Исус како „Бог мој“ во смисла дека Исус е „[еден] бог“, но не „единствениот вистински Бог“ (Јован 1:1; 17:1-3, NW). Или со тоа што рекол „Бог мој“, можеби Тома му давал признание на Исус како Божји Говорник и Застапник, како што и другите му се обратиле на еден ангелски гласник како тој да бил Јехова. (Спореди 1. Мојсеева 18:1-5, 22-33; 31:11-13; 32:24-30; Судии Израилеви 2:1-5; 6:11-15; 13:20-22).
Затоа, според Библијата, Исус имал претчовечко постоење како Речта. Кога бил на Земјата, тој не бил божествен Бог-човек. Бил потполно човек, иако совршен, како што првобитно бил Адам. Од своето воскресение, Исус е возвишен бесмртен дух подложен на Бог како никогаш порано. Според тоа, јасно е дека Библијата не ја поддржува идејата дека „Исус е Бог“.
[Рамка на страница 23]
Дали ангелите го обожаваат Исус?
ОДРЕДЕНИ преводи на Евреите 1:6 гласат: „Нека сите Божји ангели го обожаваат него [Исус]“ (King James Version; The Jerusalem Bible). Изгледа дека апостол Павле го цитирал преводот Септуагинта, којшто во Псалми 97:7 вели: „Обожавајте го Него [Бог] сите вие Негови ангели“ (Ч. Томсон).
Грчкиот збор проскине́о преведен со „обожава“ во Евреите 1:6 употребен е во Псалми 97:7 во Септуагинта за хебрејскиот израз шаха́х, што значи „да се поклони“. Тоа може да биде прифатлив чин на почит кон луѓето (1. Мојсеева 23:7; 1. Самуилова 24:8, 9, ДК; 2. Царевите 2:15). Може да се поврзе со обожавањето на вистинскиот Бог или она што погрешно е упатено до лажни богови (2. Мојсеева 23:24; 24:1; 34:14; 5. Мојсеева 8:19).
Обично проскине́о кое му се оддава на Исус одговара на почитувањето кое им се оддава на кралевите и другите. (Спореди Матеј 2:2, 8; 8:2; 9:18; 15:25; 20:20 со 1. Самоилова 25:23, 24; 2. Самоилова 14:4-7; 1. Царевите 1:16; 2. Царевите 4:36, 37). Честопати е јасно дека почитувањето му се дава на Исус не како на Бог, туку како на „Божји Син“ или Месијански „Син Човечки“ (Матеј 14:32, 33; Лука 24:50-52; Јован 9:35, 38, Ст).
Евреите 1:6 се осврнува на Исусовата положба под Бог (Филипјаните 2:9-11). Некои преводи овде го преведуваат проскине́о „да се искаже (...) почитување“ (The New English Bible), „да се оддаде почест на“ (New World Translation), или „да се поклони“ (Британско библиско друштво). Ако некој повеќе се зазема за преводот „обожава“, таквото обожавање е релативно, затоа што Исус му рекол на Сатана: „Јехова, твојот Бог, мораш да го обожаваш [облик на проскине́о], и само нему мораш да му принесуваш света служба“ (Матеј 4:8-10, NW).
Иако Псалм 97:7, којшто зборува за обожавањето на Бог, во Евреите 1:6 бил применет на Христос, Павле покажал дека воскреснатиот Исус е „отсјајот на [Божјата] слава и точната претстава на самото негово битие“ (Хебреите 1:1-3, NW). Затоа, секое „обожавање“ коешто ангелите му го оддаваат на Божјиот Син, е релативно и преку него му е упатено на Јехова.