Светлете како светилки во светот
ВО СВЕТ кој е расипан со морална нечесност и изопаченост, вистинските христијани ширум светот мораат да бидат извори на светлина. Тие треба да бидат светилки во мрачен свет (Филипјаните 2:15). Илјадници се спремни да го прават тоа како пионери, или полновремени проповедници. Голем број од нив поминале долги години во оваа служба и биле наградени со тоа што можеле да видат луѓе од сите видови како прават промени во своите животи за да станат искрени ученици на Исус Христос (Матеј 28:19).
За да ги охрабрат овие пионери да продолжат во оваа света служба и да ги подобрат своите вештини на поучување, Јеховините сведоци ја организирале Школата за пионерска служба. Тоа е десетдневен библиски курс предвиден да им помогне на пионерите на три подрачја: да одат со Јехова како следбеници на Исус Христос; да изобилуваат во љубовта спрема целата братска заедница; да светлат како светилки во светот.
Пионерска школа во Централноафриканската Република
Во Банги, главниот град на Централноафриканската Република, во текот на август 1991 се собраа 48 ученици и 2 предавачи. Учениците требаше да добијат поука и практични предлози за нивната работа. Но, што беше толку восхитувачко во класот од Банги?
Како прво, 21 од учениците сѐ уште посетуваа световно училиште. Додека беа на училиште, тие беа во можност да направат место за општата пионерска служба. Ги користеа месеците на распустот, слободните викенди и попладниња за да проповедаат и поучуваат.
Овие млади луѓе увиделе дека е важно сега да му служат на својот Творец (Проповедник 12:1; спореди 1. Коринтјаните 7:29). Забележителен е фактот дека 12 од нив имаат родители кои не се верници. Дома само тие се во вистината. Две момчиња, телесни браќа, биле присилени од нивниот татко да го напуштат домот поради нивната вера. Но, една млада брачна двојка од собранието им го отвори својот дом на овие две момчиња.
Поинаков беше случајот со Мике и Суламит Калеб. Обајцата се пионери кои истовремено одат на училиште, но нивните родители се Јеховини сведоци. Всушност, нивниот татко беше ученик во истиот клас!
Во школата учествуваа и собранијата од Банги, само на поинаков начин. Тие се погрижија за материјалните потреби, како што е храната. За исхрана на класот беа приложени пари, како и пилиња, шеќер, ориз и маниока.
Соседните собранија организираа кујнски екипи за да подготвуваат едноставни, но вкусни оброци. Централноафриканската Република е позната по нгунза, јадење кое сите го ценат. Каков е рецептот? Лисја од маниока, палмино масло, кромид, многу лук, парчиња путер од кикиритки и трпеливост додека добро се зготви. Секоја екипа го подготвуваше на свој посебен начин. Тоа беше голем успех; никој не можеше да му одолее.
Надвор од Банги беа одржани уште два класа, едниот во Буар, а другиот во Бамбари, така што вкупниот број на учениците изнесуваше 68. Во последниве две години, Централноафриканската Република доживеа пораст во бројот на пионери. Во текот на јануари 1992 таму имаше 149 општи, 17 специјални и 78 помошни пионери. Тоа доведе до пораст на активноста во целата земја, со нови најголеми броеви на објавители, часови, повторни посети и библиски студии. Кога има повеќе работници, и жетвата е поголема (Исаија 60:21, 22; Матеј 9:37, 38).
Ние сме му благодарни на Јехова Бог за овие подготовки, и на неговата земска организација што ги подготвува овие класови. Тие им помагаат на учениците и предавачите еднакво да светлат како светилки во овој мрачен свет.
[Слика на страница 24]
Дваесетиеден ученик на Школата за пионери сѐ уште одат во средно училиште
[Слика на страница 25]
Овие две момчиња мораа да го напуштат домот поради вистината