Караитите и нивната потрага по вистината
„ВНИМАТЕЛНО истражи ги [Списите] и не ослонувај се на моето мислење.“ Овие зборови ги кажал Караитскиот водач од осмиот век од н. е. Кои биле Караитите? Можеме ли да научиме нешто корисно од нивниот пример? За да одговориме на овие прашања, ќе мора да се вратиме назад во историјата, до едно долготрајно непријателство кое довело до Караитското движење.
Како започнала полемиката?
Во последните векови пред нашата ера, во јудаизмот се развила една нова филозофија. Тоа било сфаќањето дека Бог дал два Закона на планината Синај, еден пишан и еден устен.a До првиот век од н. е. имало жестоки несогласувања помеѓу оние кои го прифатиле ова ново учење и оние кои го отфрлиле. Фарисеите го поддржувале, додека Садукеите и Есените биле меѓу оние кои му се спротивставувале.
Среде оваа сцена на полемики, Исус од Назарет се појавил во улога на ветениот Месија (Даниил 9:24, 25; Матеј 2:1-6, 22, 23). Тој се соочил со сите тие спротивставени групи на Евреи. Кога расудувал со нив, зборувал дека не е исправно да се обезвреднува Божјата Реч поради нивната традиција (Матеј 15:3-9). Исто така, Исус поучувал за духовните вистини онака како што можел да го прави тоа само Месијата (Јован 7:45, 46). Освен тоа, само Исусовите вистински следбеници докажале дека имаат божествена поддршка. Тие станале познати како христијани (Дела 11:26).
Кога храмот во Ерусалим бил уништен во 70 година н. е., Фарисеите биле единствената религиозна секта која преживеала без последици. Овој пат без свештенство, без жртви и без храм, фарисејскиот јудаизам можел да пронајде замена за сето тоа, дозволувајќи им на традицијата и толкувањата да го истиснат пишаниот закон. Тоа овозможило да бидат напишани нови „свети книги“. Најнапред била напишана Мишната, со своите додатоци и толкувања на нивниот устен закон. Подоцна биле додадени други збирки од списи, наречени Талмуд. Во исто време, отпадничките христијани почнале да прават измени во Исусовите учења. И двете групи создале моќни религиозни системи — рабинската власт од една и црковната власт од друга страна.
Поради судирите на Евреите со паганскиот, а подоцна и со „христијанскиот“ Рим, со текот на времето, средиштето на јудаизмот било преместено во Вавилон. Таму, ракописите на Талмудот биле подготвени во нивната завршна форма. Иако рабините тврделе дека Талмудот поцелосно ја открива Божјата волја, многумина Евреи го почувствувале зголеменото влијание на рабинската власт и копнееле по Божјата Реч која им била објавена преку Мојсеј и пророците.
Во втората половина од осмиот век од н. е., Евреите во Вавилон кои му се спротивставувале на рабинскиот авторитет и на верувањето во устен закон, се оѕвале на учениот водач Инам Бен Давид. Тој се залагал за правото на секој Евреин да ги проучува неограничено Хебрејските списи како единствен извор на вистинската религија, без оглед на рабинското толкување на Талмудот. Инам поучувал: „Внимателно истражи ја Тората [Божјиот пишан закон] и не ослонувај се на моето мислење“. Поради ваквиот нагласок на Списите, следбениците на Инам станале познати како Караи́м, хебрејско име кое значи „читатели“.
Караитите и несогласиците на рабините
Кои се некои од Караитските учења кои предизвикале вчудовиденост во рабинските кругови? Рабините забранувале да се јаде месо и млеко заедно. Тие го претставиле тоа како објаснување на усниот закон на 2. Мојсеева 23:19, кој гласи: „Немој да вариш јагне во млеко од мајката негова“. Од друга страна, пак, Караитите поучувале дека овој стих значи само она што е кажано — ни повеќе ни помалку. Тие тврделе дека рабинските ограничувања се човечки измислици.
Според нивното толкување на 5. Мојсеева 6:8, 9, рабините сметале дека Евреите требало да се молат носејќи тефилини, односно филактерии, и дека на секој надвратник треба да се стави мезуза.b Караитите сметале дека овие стихови имаат само преносно и симболично значење, па затоа ги отфрлиле таквите рабински прописи.
За некои други работи, Караитите поставувале уште поголеми ограничувања од рабините. На пример, размисли за нивното гледиште за 2. Мојсеева 35:3, кое гласи: „Во ден саботен да не палите оган нигде во живеалиштата ваши“. Караитите забранувале да се остава да гори ламба или светло, дури и ако биле запалени пред Сабат.
Особено по смртта на Инам, Караитските водачи честопати не се согласувале за степенот и за значењето на некои ограничувања, па затоа нивната порака не била секогаш јасна. На Караитите им недостигало единство поради тоа што не признавале никаков поединечен водач, туку го нагласувале личното читање и толкување на Списите, што било спротивно на рабинскиот начин на владеење. Но, и покрај тоа, Караитското движење станало поприфатено, влијаело многу повеќе отколку вавилонската еврејска заедница и се проширило низ Средниот Исток. Освен тоа, главното седиште на Караитите било сместено во Ерусалим.
Во текот на деветтиот и десеттиот век од н. е., Караитските научници се истакнувале по својата обновена студија на хебрејскиот јазик и доживеале еден вид златно доба. Тие го сметале за свет текстот на пишаните Хебрејски списи, а не усните традиции. Некои Караити станале внимателни препишувачи на Хебрејските списи. Всушност, токму предизвикот на Караитите го поттикнал мазоретското проучување на списите кај сите Евреи, со што осигурале библискиот текст денес да биде зачуван во поточен облик.
Во овој период на брз развој, караитскиот јудаизам започнал со мисионерско дело меѓу другите Евреи. Тоа претставувало очигледна закана за рабинскиот јудаизам.
Како реагирале рабините?
Противнападот на рабините претставувал жестока вербална борба, со лукава приспособливост и менување на науките. Во текот на столетието кое следело по нападот на Инам, рабинскиот јудаизам прифатил повеќе караитски методи. Рабините станале многу повешти во цитирањето на Списите, внесувајќи караитски стил и метод во своето говорништво.
Неоспорен водач на оваа вербална борба со Караитите бил Саадија Бен Јосиф, кој станал водач на еврејската заедница во Вавилон, во првата половина на десеттиот век од н. е. Најголемото дело на Саадија, The Book of Beliefs and Opinions (Книга на верувања и на мислења), го превел на англиски Самуел Розенблат, кој во уводот рекол: „Иако . . . во свое време бил авторитет за Талмудот, [Саадија] релативно малку го користи тој извор на еврејската традиција, очигледно, поради тоа што негова желба била да ги победи со нивното сопствено оружје Караитите кои го прифатиле како полноважен само Пишаниот Закон.
Следејќи ги стапките на Саадија, рабинскиот јудаизам со текот на времето се здобил со поголема контрола и влијание. Тоа го постигнал приспособувајќи го Пишаниот Закон до тој степен што им ја одзел моќта на аргументите на Караитите. Конечниот удар им го нанел Мојсеј Мајмонид, истакнат талмудски научник од XII век. Со својот попустлив став кон Караитите со кои живеел во Египет, како и со својот убедлив стил на научник, тој го придобил нивното восхитување и ја ослабнал положбата на нивното раководство.
Караитското движење губи замав
Веќе без единство и без добро организирани мерки за одбрана, караитското движење изгубило и замав и следбеници. Со текот на времето, Караитите ги промениле своите гледишта и начела. Леон Нимој, еден писател за караитското движење, напишал: „Иако Талмудот останал теоретски забранет со законот, многу талмудски материјали биле незабележливо внесени во караитската примена на законот и во обичаите“. Всушност, Караитите ја изгубиле својата првобитна цел и присвоиле голем дел од рабинскиот јудаизам.
Во Израел сѐ уште има околу 25.000 Караити. Уште неколку илјади можат да се најдат и во други држави, повеќето во Русија и во Соединетите Американски Држави. Меѓутоа, со своите усни традиции, тие се разликуваат од првобитните Караити.
Што можеме да научиме од историјата на Караитите? Дека претставува сериозна грешка да се ‚наруши Божјата заповед заради преданието‘ (Матеј 15:6). За да се биде ослободен од тегобните човечки традиции, потребно е точно спознание за Писмото (Јован 8:31, 32; 2. Тимотеј 3:16, 17). Да, оние кои настојуваат да ја запознаат Божјата волја и да ја извршуваат, не се ослонуваат на човечки традиции. Наместо тоа, тие марливо ја истражуваат Библијата и ја применуваат корисната поука од Божјата инспирирана Реч.
[Фусноти]
a За објаснување на таканаречениот устен закон, види страници 8-11 од брошурата Ќе постои ли некогаш свет без војни?, издадена од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула од Њујорк, Инк.
b Тефилини претставуваат две кожени кутивчиња кои содржат лентички на кои се запишани библиски стихови. Овие кутивчиња традиционално се носеле на левото рамо и на главата, за време на утринските молитви во текот на седмицата. Мезуза претставува мал пергаментски свиток на кој се запишани стиховите од 5. Мојсеева 6:4-9 и 11:13-21, сместени во кутивче кое е прицврстено за надвратникот.
[Слика на страница 30]
Една група Караити
[Извор на слика]
Од книгата The Jewish Encyclopedia, 1910