Исклучување — љубезна подготовка?
„СВЕТ, свет, свет е Господ Бог Седржителот“ (Откровение 4:8). Во склад со овој опис, Јехова е Изворот на свети мерила. Тие се изложени во „Светите Писанија“, а христијаните се должни да ги следат овие упатства. Навистина, тие мора да избегнуваат сѐ што е нечисто во Јеховини очи (2. Тимотеј 3:15; Исаија 52:11).
Библијата јасно заповеда: „По примерот на Светецот, Кој ве повика, и вие самите бидете светци [свети, НС] во сите ваши постапки. Оти е напишано: ‚Бидете свети, бидејќи Јас сум свет‘“ (1. Петрово 1:15, 16). Од самиот почеток на христијанското собрание, пред 19 века, вистинските христијани воделе тешка борба за да го заштитат од духовна и морална нечистотија (Јуда 3).
Зошто е неопходна заштита
Сите Божји слуги се соочуваат со предизвикот да се остане морално и духовно чист. За таа цел, мора да се спротивстават на три моќни непријатели — Сатана, неговиот свет и нашите грешни телесни склоности (Римјаните 5:12; 2. Коринтјаните 2:11; 1. Јованово 5:19). Сатановиот свет ќе те искушува да станеш неморален, ќе те предизвикува да ги прифатиш неговите патишта и ќе ти понуди материјално богатство, слава, позиција, проминентност и моќ. Но, оние кои се решени да го вршат вистинското обожавање, го одбиваат она што го нуди Сатана и остануваат ‚неосквернети од светот‘. Зошто? Затоа што сакаат да останат под заштитничката и љубезна грижа на Јеховината чиста организација (Јаков 1:27; 1. Јованово 2:15-17).
Јехова му дава помош на секој член на христијанското собрание кој подлегнува на Сатановите искушенија поради човечка слабост. Духовно оспособените старешини се наименувани да го штитат собранието и љубезно да им помагаат на оние кои грешат, да се покајат за својот грев и да ги направат промените кои се потребни за поправање. На секој христијанин кој е вклучен во некое злодело, треба стрпливо да му се помогне да се покае и да ги промени своите патишта (Галатјаните 6:1, 2; Јаков 5:13-16).
На кој начин исклучувањето е израз на љубов
Крстените слуги на Јехова кои намерно следат некој лош начин на постапување и одбиваат да се променат, мора да бидат сметани како непокајници и, на тој начин, неподобни за христијанската заедница. (Спореди 1. Јованово 2:19.) На ваквите поединци не смее да им се дозволи да останат во чистото христијанско собрание и со тоа да го извалкаат. Тие мора да бидат отстранети.
Исправноста на исклучувањето на оние кои практицираат лоши работи може да се илустрира со следнава ситуација: Поради порастот на закани и насилни злочини врз учениците, некои училишта прифатиле полиса која „бара трајно истерување на оние ученици кои употребуваат или се закануваат дека ќе употребат оружје“, известува The Globe and Mail, еден весник од Торонто (Канада). Истерувањето е направено за да се заштитат учениците кои сакаат да извлечат корист од наставната програма, без да бидат предмет на насилнички дела.
Зошто исклучувањето на некој непокајнички престапник од собранието е израз на љубов? Тоа е израз на љубов кон Јехова и кон неговите патишта (Псалм 96:10). Оваа постапка покажува љубов и кон оние кои го следат праведниот пат бидејќи го отстранува од нивната средина оној кој може да врши лошо влијание врз нив. Исто така ја заштитува и чистотата на собранието (1. Коринтјаните 5:1-13). Ако се дозволи во собранието да остане сериозен неморал или духовна нечистотија, тогаш тоа ќе биде извалкано и нема да биде подобно да му принесува света служба на Јехова, кој е свет. Освен тоа, исклучувањето на престапникот може да му помогне да ја согледа сериозноста на неговиот своеглав начин на постапување, да се покае и да ги направи неопходните промени за да биде повторно примен во собранието.
Ефектот врз другите
Кога некој член на собранието ќе направи сериозен грев, како што е прељубата, тој не го радува Јеховиното срце (Изреки 27:11). Секој христијанин кој подлегнал на сексуален неморал сигурно не размислува како што размислувал Јосиф кога Петефриевата жена се обидела да го наведе на сексуален однос со неа. Јосифовата реакција била: „Како јас да направам толку големо зло и да грешам пред Бога?“ (1. Мојсеева 39:6-12). Јосиф ги почитувал Јеховините свети мерила и избегал од искушувачката ситуација. Од друга страна, еден прељубник изгледа нема доволно љубов кон Бог за да се воздржи од задоволувањето на својата телесна страст (Галатјаните 5:19-21).
Крстеното лице кое ги крши Божјите заповеди не покажува загриженост за штетата и болката што ќе им ја нанесе на своите роднини кои се верници. Емоционалниот удар е поголем отколку што некои можат да поднесат. По откривањето дека нејзиниот син бил неморален, една христијанка се жалела: „Многу малку, ако и воопшто, некои браќа и сестри сфаќаат колку повредени и колку уништени сме ние . . . Нашите срца се скршени“. Доброто име на целото семејство може да биде доведено во прашање. Верните членови на семејството може да ги обземе депресија и извесна мера на вина. Така, лошиот начин на постапување на престапникот му нанесува длабока болка на семејството.
Помош, полна со љубов, за членовите на семејството
Верните членови на христијанското семејство на исклучените поединци, треба да запомнат дека исклучувањето е израз на љубов и служи за заштита. Направен е секој можен обид да му се помогне на престапникот. Но, ако тој се докаже како непослушен на Бог и ако е тврдоглаво непокајнички настроен, потребно е собранието да биде заштитено, а нема друга алтернатива освен да се постапува онака како што наложува Божјата Реч: „Исфрлете го лошиот помеѓу вас“ (1. Коринтјаните 5:13). Како што рекол еден Сведок: „Исклучувањето е прашање на лојалност кон Јехова“.
Кога е исклучен некој член на семејството, христијанските роднини чувствуваат болка. Поради тоа, наименуваните старешини би требало да дадат сѐ од себе за да бидат духовно освежувачки за таквите (1. Солунјаните 5:14). Старешините можат да се молат за нив и со нив. Честопати е можно да се посетат овие верни христијани и да се разговара за изградувачки мисли од Писмото. Пастирите на стадото би требало да ја искористат секоја прилика за да ги зајакнат духовно овие наши драги, пред и после христијанските состаноци. Додатно охрабрување може да се даде ако ги придружуваме во службата на подрачјето (Римјаните 1:11, 12). На овие верни слуги на Јехова, духовните пастири треба да им ја покажат љубовта и вниманието кое тие го заслужуваат (1. Солунјаните 2:7, 8).
Грешното постапување на некое лице не е причина да се игнорира оној во неговото семејство кој му останува верен на Јехова. Израелскиот зол цар Саул бил отфрлен од Бог, но Давид не дозволил ова да влијае врз неговата наклонетост кон Сауловиот син Јонатан. Всушност, врската помеѓу Давид и Јонатан станала многу цврста (1. Царства 15:22, 23; 18:1-3; 20:41). Така, сите во собранието би требало да им даваат поддршка и да бидат полни со љубов кон христијаните чии роднини грешат против Јехова.
Колкав недостиг на љубов би претставувало да се игнорираат или да се биде нељубезен кон ваквите верни! На лојалните членови на семејството им е особено потребно охрабрување. Можеби се чувствуваат осамени и сметаат дека нивната ситуација е многу тешка. Со нив ќе можеш по телефон да споделиш некоја духовна скапоценост или изградувачко искуство. Ако се јави исклученото лице, едноставно замоли го да разговараш со христијанскиот роднина. Верните членови од едно такво домаќинство можеш да ги повикаш на друштвен собир или на ручек во твојот дом. Ако ги сретнеш додека пазаруваш, можеш да ја искористиш таа прилика за кратко изградувачко дружење. Запомни, лојалните христијани кои имаат исклучени роднини сѐ уште се дел од Јеховината чиста организација. Тие лесно можат да станат изолирани и обесхрабрени. Затоа, биди спремен да им покажеш внимание и љубов. Продолжи да правиш добро „на своите по вера“ (Галатјаните 6:10).
Цени ја Јеховината подготовка
Колку благодарни можеме да бидеме што Јехова покажува нежна грижа за секој поединец од фамилијата на неговите обожаватели низ целиот свет. Преку својата организација, тој љубезно обезбедил една подготовка за да ни помогне да чекориме пред него на еден исправен начин. Дури и ако некој член на семејството намерно прави грев и мора да се отстрани од собранието, постои можност да се врати назад доколку искрено се кае. Тоа е прикажано со следниов пример.
Старешините се обиделе да ѝ помогнат на една личност, која ќе ја наречеме Ана, но таа се свртела кон ‚пушење, пиење и дрога‘. Затоа што не се каела, не останала во собранието. Меѓутоа, за кратко време, на Ана почнало да ѝ недостига љубезното дружење во Јеховината чиста организација, па го молела Јехова за помош. Таа признава дека не го ценела потполно тоа колку многу старешините се грижат за оние кои залутуваат. Ана почнала повторно да ги посетува состаноците, а тоа довело до покајание. Потоа била примена назад во заштитничкото и полно со љубов собрание. Ана повторно го поддржува Јеховиното високо мерило за моралот. Благодарна е за љубовта што ѝ била покажана од страна на старешините, но исто така забележува: „Немате поим од колкава помош беа за мене христијанските публикации. Јехова очигледно добро се грижи за нашите потреби“.
Да, Бог обезбедил пат за враќање на оние кои биле отстранети од собранието, но кои подоцна се покајале. Видовме дека дури и самото исклучување е подготовка која е израз на љубов. Но, колку подобро е да се избегне ова жално искуство со тоа што секогаш ќе се придржуваме кон праведните патишта на нашиот свет Бог! Секогаш да бидеме благодарни за предноста да го славиме Јехова како дел од неговата чиста, полна со љубов и заштитничка организација.
[Слика на страница 26]
Дали покажуваш љубов кон верните роднини на оние кои се исклучени од собранието?