Бог се грижи за тебе
МЕРИ, една христијанка во своите доцни 40-ти години, претрпела многу во животот. Пред повеќе од една деценија, прељубата на нејзиниот сопруг довела до развод. После тоа, Мери се напрегала да ја исполни својата улога како самохран родител на своите четири деца. Но, таа сѐ уште е сама, и понекогаш осаменоста ѝ изгледа неподнослива. Мери се прашува: ‚Дали ова значи дека Бог не се грижи за мене или за моите деца без татко?‘
Сѐ едно дали си доживеал слична неволја или не, ти сигурно можеш да се соживееш со чувствата на Мери. Сите ние сме претрпеле искушувачки околности и можеби сме се прашувале кога и како точно Јехова ќе дејствува во наша корист. Некои од овие искуства се директен разултат на тоа што се придржуваме за Божјите закони (Матеј 10:16-18; Дела 5:29). Други, пак, се последица на тоа што сме несовршени луѓе кои живеат во еден свет со кој владее Сатана (1. Јованово 5:19). Апостол Павле напишал: „Сите созданија заедно со нас воздивнуваат и тажат“ (Римјаните 8:22).
Меѓутоа, фактот што се соочуваш со тежок испит не значи дека Јехова те напуштил или дека не е заинтересиран за твоето добро. Како можеш да бидеш сигурен во ова? Каков доказ постои дека Бог се грижи за тебе?
Еден древен пример
Библијата дава јасен доказ за Јеховината грижа за луѓето како поединци. Размисли за Давид. Јехова покажал личен интерес кон овој млад овчар, сметајќи го како ‚маж според Неговото срце‘ (1. Царства 13:14). Подоцна, кога Давид владеел како цар, Јехова му ветил: ‚Секогаш ќе бидам со тебе, каде и да одиш‘ (2. Царства 7:9).
Дали ова значи дека Давид водел идиличен живот, ослободен од секаква тешкотија? Не, Давид се соочил со тешки испити и пред и за време на своето царување. Неколку години пред да стане цар, тој бил немилосрдно прогонуван од крволочниот цар Саул. Во овој период од својот живот, Давид напишал: „Нека ја избави душата моја од лавови; . . . [од] синовите човечки; та нивните заби се копја и стрели“ (Псалм 56:4).
Сепак, низ сета оваа неволја Давид бил убеден во Јеховината лична грижа. „Тоа што бев бегалец ти лично го извести“, изјавил тој во молитва до Јехова. Да, за Давид тоа било како Јехова да го документирал целото искушение. Потоа Давид додал: „Стави ги моите солзи во својата мешина. Зарем не се тие во твојата книга?“a (Псалм 56:8, НС). Со оваа споредба Давид изразил доверба дека Јехова не бил свесен само за ситуацијата туку и за емоционалното влијание што го имала таа.
Кон крајот на својот живот, од лично искуство Давид можел да напише: „Господ ги зацврстува стапките на човекот и мили Му се неговите патишта: кога треба да падне, нема да се разбие, зашто Господ ќе го држи“ (Псалм 36:23, 24). И ти можеш да бидеш уверен во тоа дека, дури и ако твоите искушенија не попуштаат и сѐ уште траат, Јехова ја забележува и ја цени твојата истрајност. Павле напишал: „Бог не е неправеден, та да го заборави делото ваше и трудот на љубовта, што ги покажавте во Негово име, откако им послуживте и им служите на светите“ (Евреите 6:10).
Освен тоа, Јехова може да дејствува во твоја полза со тоа што ќе ти даде сила да ја поднесеш секоја препрека што е поставена на твојот пат. „Бројни се маките на праведниците“, напишал Давид, „но од сите нив Господ ќе ги избави“ (Псалм 33:19). Навистина, Библијата ни кажува дека очите на Јехова „ја гледаат целата земја, за да им помагаат на оние, чие што срце наполно Му е предадено Нему“ (2. Летописи 16:9).
Јехова те привлекол
Дополнителен доказ за Јеховината лична грижа може да се најде во Исусовите зборови. „Никој не може да дојде при Мене“, рекол тој, „ако не го привлече Отецот, Кој Ме прати“ (Јован 6:44). Да, Јехова им помага на луѓето како поединци за да ги користат благословите на Христовата жртва. Како? Во голема мерка тоа е преку делото на проповедање за Царството. Точно, ова дело служи како „сведоштво на сите народи“, но тоа ги достигнува луѓето и како поединци. Фактот што ти ја слушаш и се оѕвиваш на пораката на добрата вест, дава доказ за Јеховината лична грижа за тебе (Матеј 24:14).
Преку светиот дух, Јехова привлекува поединци кон својот Син и кон надежта за вечен живот. Ова му овозможува на секого да ги сфати и да ги примени библиските вистини и покрај секакви наследни ограничувања и несовршености. Навистина, не е можно некој да ги разбере Божјите намери без да добие помош од Божјиот дух (1. Коринтјаните 2:11, 12). Како што им напишал Павле на Солунјаните, „не сите имаат вера“ (2. Солунјаните 3:2). Јехова ги снабдува со својот дух само оние кои покажуваат спремност да бидат привлечени од него.
Јехова ги привлекува луѓето затоа што тој ги сака како поединци и сака тие да дојдат до спасение. Каков цврст доказ за Јеховината лична грижа! Исус рекол: „Вашиот Отец небесен не сака да загине ниедно од овие, маливе“ (Матеј 18:14). Да, во Божјите очи секоја личност е важна како поединец. Затоа Павле можел да напише: „Секому ќе му даде според неговите дела“ (Римјаните 2:6). А апостол Петар рекол: „Бог не гледа на лице; туку, кај секој народ оној [поединечна личност], кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е“ (Дела 10:34, 35).
Чудата на Исус
Божјиот личен интерес за луѓето е прикажан на еден трогателен начин преку чудата што ги извршувал неговиот Син, Исус. Овие лечења биле извршувани со длабоки чувства (Марко 1:40, 41). Бидејќи Исус „не може да прави ништо Сам од Себе, ако не Го види Отецот да прави“, неговото сочувство на сликовит начин дава трогателна претстава за Јеховината загриженост за секој негов слуга (Јован 5:19).
Разгледај го извештајот за чудото што го направил Исус, за кое се известува во Марко 7:31-37. Овде Исус излечил еден човек кој бил глув и кој имал проблеми со говорот. Тој „го одведе [човекот] настрана од народот“, раскажува Библијата. Потоа, „штом погледна на небото, воздивна и му рече: ‚Ефата!‘ — што значи: ‚Отвори се!‘“
Зошто Исус го одвел овој човек настрана од народот? Па, веројатно едно глуво лице кое едвај може да зборува би се чувствувало збунето пред јавноста. Можеби Исус забележал дека на човекот му било непријатно и затоа одлучил да го излечи настрана. „Целиот извештај“, забележува еден библиски научник, „со голема живост ни покажува дека Исус не гледал на човекот едноставно како на некаков случај; тој гледал на него како на поединец. Човекот имал посебна потреба и посебен проблем, а Исус со најнежна обѕирност постапил со него на еден начин со кој ги зел во обѕир неговите чувства и на начин што тој можел да го разбере.“
Овој извештај покажува дека Исус бил лично заинтересиран за луѓето. Можеш да бидеш сигурен дека тој е исто толку заинтересиран и за тебе. Точно, неговата жртвена смрт била израз на љубов кон целото човештво кое можело да се откупи. Сепак, ти можеш да ја сфатиш оваа постапка лично за тебе, како што направил Павле, кој напишал: „Синот Божји . . . ме засака и Себеси се предаде за мене“ (Галатјаните 2:20). А бидејќи Исус забележал дека ‚кој Го видел Него, Го видел Отецот‘, можеме да бидеме сигурни дека Јехова покажува исто толкав интерес за секој негов слуга (Јован 14:9).
Јехова станува Наградувач
Да се стекне спознание за Бог значи да се запознае секој аспект од неговата личност онака како што е откриена во Библијата. Самото име Јехова значи „Тој предизвикува да настане“, што укажува дека Јехова може да стане сѐ она што ќе избере со цел да ја изврши својата волја. Низ историјата тој преземал различни улоги, вклучувајќи ги и улогите на Творец, Отец, Суверен Господ, Пастир, Јехова над војските, Слушач на молитви, Судија, Величествен учител и Искупител.b
За да го сфатиме потполното значење на Божјето име, мора да го запознаеме Јехова и во улога на Наградувач. Павле напишал: „А без вера не е можно да Му се угоди на Бога; бидејќи оние, кои доаѓаат при Бога, треба да веруваат оти Он постои и дека ги наградува оние, што Го бараат“ (Евреите 11:6).
Јехова ветил вечен живот на рајска Земја за оние кои денес избираат да му служат со сето срце. Не е себично ако радосно се очекува исполнувањето на тоа величествено ветување ниту, пак, е знак на дрскост некој да се замислува себеси таму. Мојсеј ‚ја имал предвид наградата‘ (Евреите 11:26). Исто така, и Павле горливо го исчекувал исполнувањето на Божјето ветување за верните помазани христијани. Тој напишал: „Трчам кон целта — кон наградата на горното призвание од Бога во Исуса Христа“ (Филипјаните 3:14).
И ти можеш радосно да ја очекуваш наградата што Јехова им ја ветува на оние кои ќе истраат. Исчекувањето на таа награда е составен дел од твоето спознание за Бог и од твојата истрајност во неговата служба. Затоа, секојдневно медитирај за благословите што Јехова ги чува за тебе. Мери, спомната на почетокот, вложила посебни напори за да го прави тоа. „Неодамна“, вели таа, „за првпат во мојот живот сфатив дека Исусовата откупна жртва важи и за мене. Почнувам да чувствувам дека Јехова се грижи за мене како личност. Христијанка сум повеќе од 20 години, но дури од неодамна јас вистински почнав да верувам во ова.“
Преку проучување и искрено медитирање за Библијата, Мери, заедно со милиони други, сфаќа дека Јехова се грижи за својот народ, но не само како за група туку и како за поединци. Апостол Петар бил толку убеден во ова, што напишал: „Сите ваши грижи оставете ги на [Бог], зашто Он се грижи за вас“ (1. Петрово 5:7). Да, Бог се грижи за тебе!
[Фусноти]
a Мешината претставувала еден сад од животинска кожа кој се користел за да се чуваат работи како што се вода, млеко, вино, путер и сирење. Древните шишиња многу се разликувале од неа по големина и по облик — некои од нив биле кожни торби, а други биле садови со тесно грло и со тапа.
b Види Судии 11:27; Псалм 22:1; 65:2, НС; 73:28, НС; 88:26; Исаија 8:13; 30:20; 40:28, сите НС; 41:14; види и New World Translation of the Holy Scriptures—With References (Нов свет превод на Светото писмо со референции), Додаток 1Ј, страница 1568, издадено од Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула, Њујорк, Инк.
[Рамка на страница 6]
Воскресението — доказ дека Бог се грижи
ЕДЕН убедлив доказ дека Бог е заинтересиран за секој поединец се наоѓа во Библијата, во Јован 5:28, 29 (НС): „Доаѓа часот кога сите кои се во спомен-гробовите ќе го чујат [Исусовиот] глас и ќе излезат“.
Интересно е тоа што грчкиот збор мнемеи́он (спомен-гроб), овде е употребен наместо та́пхос (гроб). Зборот та́пхос ја пренесува само мислата за погреб. Но, мнемеи́он укажува дека животниот извештај за личноста која умрела е запомнат.
Во овој поглед, помисли само што сѐ ќе бара воскресението од Јехова Бог. За да врати некого во живот, тој мора да знае сѐ за него — вклучувајќи ги и неговите или нејзините наследни особини и целосното сеќавање. Само тогаш би можело тој поединец да биде обновен со истиот идентитет.
Се разбира, ова е невозможно од човечка гледна точка, но „за Бога сѐ е можно“ (Марко 10:27). Тој може да утврди дури и што има во срцето на некоја личност. Дури и ако некоја личност била мртва многу столетија, Божјето сеќавање за неа е непогрешливо — тоа не избледува (Јов 14:13-15). Затоа, кога ги споменувал Авраам, Исак и Јаков — дури и со векови откако умреле — Исус можел да рече дека Јехова „не е Бог на мртвите, туку на живите, оти во Него се сите живи“ (Лука 20:38).
Затоа, милијарди луѓе кои умреле се наоѓаат во сеќавањето на Јехова Бог, и тоа во сите поединости. Каков зачудувачки доказ дека Бог се грижи за луѓето како поединци!
[Слика на страница 7]
Исус покажувал личен интерес за оние што ги лечел