Стрпливо чекајќи на Јехова уште од својата младост
РАСКАЖАЛ РУДОЛФ ГРАЈХЕН
Кога имав само 12 години, моето семејство го погоди трагедија како гром од ведро небо. Прво, татко ми беше фрлен в затвор. Потоа, сестра ми и јас присилно бевме одведени од дома и испратени да живееме со странци. Подоцна, мајка ми и јас бевме уапсени од Гестапо. Јас отидов в затвор, а таа заврши во концентрационен логор.
ТАА редица настани го одбележа само почетокот на еден период на болно прогонување од кое пострадав како Јеховин сведок уште во мојата младост. Озлогласениот нацистички Гестапо и потоа источногерманскиот Штази се обидоа да го скршат мојот интегритет спрема Бог. Сега, после 50 години предадена служба за него, можам да речам како псалмистот: „Многупати војуваа против мене од младоста моја, но не ме совладаа“ (Псалм 128:2). Колку само сум му благодарен на Јехова!
Роден сум на 2 јуни 1925 во малото гратче Лука, близу Лајпциг (Германија). Уште пред да се родам, моите родители Алфред и Тереза го препознале звукот на библиската вистина во публикациите на Проучувачите на Библијата, како што тогаш беа познати Јеховините сведоци. Се сеќавам како секој ден ги гледав сликите со библиски сцени што висеа на ѕидовите во нашиот дом. Една слика ги прикажуваше волкот и јагнето, јарето и леопардот, телето и лавот — сите во мир, како ги води едно мало момче (Исаија 11:6—9). Таквите слики оставија траен впечаток врз мене.
Секогаш кога ќе беше можно, моите родители ме вклучуваа во собраниските активности. На пример, во февруари 1933, само неколку дена откако Хитлер дојде на власт, во нашето мало гратче беше прикажувана „Фото-драмата за создавањето“ — со нејзините слајдови, подвижни слики и снимено раскажување. Колку само бев восхитен — јас, момче од само седум години, да се возам низ градот во задниот дел од еден камионет како дел од еден рекламен марш за „Фото-драмата“! Во оваа, како и во други прилики, браќата ми помогнаа да се чувствувам корисен член на собранието, и покрај мојата кревка возраст. Така, уште од многу мала возраст бев поучуван од Јехова и врз мене влијаеше неговата Реч.
Обучуван да имам доверба во Јехова
Поради строгата христијанска неутралност, Јеховините сведоци не се мешаа во нацистичката политика. Како последица од тоа, во 1933 нацистите донесоа закони кои ни забрануваа да проповедаме, да се состануваме, па дури и да ја читаме нашата сопствена библиска литература. Во септември 1937, сите браќа во нашето собрание, вклучувајќи го и татко ми, беа уапсени од страна на Гестапо. Тоа многу ме ожалости. Татко ми беше осуден на пет години затвор.
Работите за нас дома станаа многу тешки. Но, брзо научивме да имаме доверба во Јехова. Еден ден, кога си дојдов од училиште, мајка ми читаше Стражарска кула. Сакаше да ми подготви брз ручек, па го положи списанието врз едно орманче. После ручекот, додека ги средувавме чиниите, се чу силно чукање на вратата. Тоа беше еден полицаец кој сакаше во нашиот стан да бара библиска литература. Јас многу се уплашив.
Беше необично топол ден. Така, првото нешто што полицаецот го стори, беше да си го симне шлемот и да го стави на една маса. Потоа започна со своето пребарување. Додека гледаше под масата, шлемот почна да се лизга. Затоа, мајка ми брзо го грабна шлемот и го стави на орманот токму врз Стражарската кула. Полицаецот го испретура нашиот стан, но не најде никаква литература. Се разбира, воопшто не ни помисли да погледне под својот шлем. Кога беше спремен да си замине, ѝ измрмори на мајка ми едно извинување додека одзади се пружаше да го грабне својот шлем. Колку само ми олесни!
Таквите искуства ме подготвија за уште потешки испити. На пример, в училиште бев присилуван да ѝ се придружам на организацијата Хитлерјугенд, во која децата беа обучувани за воена дисциплина и индоктринирани со нацистичка филозофија. Некои наставници имаа лична цел да постигнат 100-отстотно учество на учениците. Мојот наставник, господин Шнајдер, сигурно мислеше дека тотално промашил бидејќи, за разлика од другите наставници во моето училиште, му фалеше еден ученик за 100-отстотно учество. Тој кој фалеше бев јас.
Еден ден, господин Шнајдер пред целото одделение објави: „Момци, утре ќе одиме на одделенски излет“. На сите им се допадна идејата. Потоа додаде: „Сите да ги носите вашите Хитлерјугенд униформи, па кога ќе маршираме по улиците, сите ќе можат да видат дека сте фини Хитлерови момци“. Следното утро, сите момци се појавија во своите униформи, освен јас. Наставникот ме викна во предниот дел од училницата и ме праша: „Погледни ги наоколу другите момци, па погледни се себеси“. Тој додаде: „Знам дека твоите родители се сиромашни и дека не можат да ти купат униформа, но дозволи ми да ти покажам нешто“. Ме одведе кај својата катедра, отвори една фиока и рече: „Сакам да ти ја дадам оваа гланц нова униформа. Нели е прекрасна?“
Поскоро ќе умрев отколку да облечам нацистичка униформа. Кога мојот наставник виде дека немам намера да ја носам, се налути и целото одделение ми викаше уа! Потоа нѐ одведе на излет, но се обиде да ме сокрие, ставајќи ме да одам среде сите други момци во нивните униформи. Меѓутоа, многу луѓе во градот можеа да ме видат бидејќи штрчев меѓу моите соученици. Секој знаеше дека моите родители и јас сме Јеховини сведоци. Благодарен сум му на Јехова што ми ја даде потребната духовна сила кога бев млад.
Прогонството се засилува
Еден ден, во почетокот на 1938, еден полициски автомобил нѐ зеде од училиште сестра ми и мене и нѐ транспортира во едно поправно училиште во Штатрода, оддалечено околу 80 километри. Зошто? Судот беше решил да нѐ оттргне од влијанието на нашите родители и да нѐ направи нацистички деца. Набргу, надлежниот персонал на поправниот дом забележа дека сестра ми и јас сме учтиви и послушни, иако цврсти во нашата христијанска неутралност. Директорката беше толку импресионирана што сакаше лично да се сретне со мајка ми. Беше направен исклучок и на мајка ми ѝ беше дозволено да нѐ посети. Сестра ми, мајка ми и јас бевме толку среќни и благодарни на Јехова што ни ја даде приликата еден цел ден да бидеме заедно заради взаемно охрабрување. Тоа навистина ни беше потребно.
Во поправниот дом останавме околу четири месеци. Потоа бевме испратени да живееме со едно семејство во Пана. Тие беа упатени да нѐ држат настрана од нашите роднини. Не ѝ беше допуштено дури ни на мајка ми да нѐ посети. Сепак, во неколку прилики, таа најде начин да контактира со нас. Користејќи ги тие ретки прилики, мајка ми го стори најдоброто што умееше за да ни всади одлучност да му останеме верни на Јехова, сеедно какви испити и околности би допуштил тој (1. Коринтјаните 10:13).
И испитите навистина дојдоа. На 15 декември 1942, кога имав само 17 години, Гестапо ме собра и ме стави во еден казнен завод во Гера. После отприлика една седмица, и мајка ми беше уапсена и ми се придружи во истиот затвор. Поради тоа што уште бев малолетник, судовите не можеа да ме изведат на суд. Затоа, мајка ми и јас поминавме шест месеци во притвор, додека судот го чекаше мојот 18-ти роденден. На истиот ден кога наполнив 18, мајка ми и јас бевме изведени на суд.
Пред да сфатам, сѐ беше готово. Немав поим дека нема повеќе да ја видам мајка ми. Моето последно сеќавање на неа е глетката како седи во судот на една темна дрвена клупа, веднаш крај мене. Двајцата бевме прогласени за виновни. Јас бев осуден на четири години затвор, а мајка ми на година и пол.
Во тоа време, во затворите и логорите имаше илјадници Јеховини сведоци. Меѓутоа, јас бев испратен во еден затвор во Штолберг, каде што бев единствениот Сведок. Поминав преку една година во самица, но сепак Јехова беше со мене. Љубовта што ја имав развиено кон него во мојата младост, беше клучот за моето духовно преживување.
На 9 мај 1945, откако бев две и пол години в затвор, добивме добра вест — војната заврши! Тој ден бев пуштен. После 110 километри пешачење, пристигнав дома дословно болен од исцрпеност и изгладнетост. Ми беа потребни повеќе месеци за повторно да закрепнам.
Веднаш штом пристигнав, бев погоден од многу потресни вести. Прво за мојата мајка. Откако била в затвор година и пол, нацистите побарале да потпише документ со кој се откажува од својата вера во Јехова. Таа одбила. Затоа, Гестапо ја однел во еден женски концентрационен логор, во Равенсбрук. Таму умрела од тифус токму пред да заврши војната. Беше многу храбра христијанка — силен борец кој никогаш не се предаваше. Нека Јехова љубезно се сети на неа.
Имаше вести и за мојот постар брат, Вернер, кој никогаш не му се предаде на Јехова. Тој ѝ се придружил на германската армија и бил убиен во Русија. А татко ми? Тој си дошол дома, но за жал, бил еден од оние неколкумина Сведоци кои го потпишале тој злогласен документ со кој се откажуваат од својата вера. Кога го видов, изгледаше мрзоволен и умствено пореметен (2. Петрово 2:20).
Кус период на ревносна духовна активност
На 10 март 1946, присуствував на мојот прв повоен собир во Лајпциг. Колкаво само возбудување беше кога објавија дека истиот ден треба да се одржи крштавање! Иако му го бев предал својот живот на Јехова многу години пред тоа, ова ми беше прва прилика да се крстам. Никогаш нема да го заборавам тој ден.
На 1 март 1947, откако пионерев еден месец, бев поканет во Бетелот во Магдебург. Канцелариите на Заедницата беа доста оштетени од бомбардирањето. Каква само предност беше да се помага во поправањето! По тоа лето, бев доделен во градот Витенберге како специјален пионер. Некои месеци минував по повеќе од 200 часа проповедајќи им на другите за добрата вест за Божјето Царство. Колку само бев радосен што повторно сум слободен — без војна, без прогонување, без затвори!
За жал, таа слобода не потраја долго. По војната, Германија беше поделена, и подрачјето каде што живеев јас падна под управа на комунистите. Во септември 1950, источногерманската тајна полиција, позната како Штази, почна систематски да ги апси браќата. Обвиненијата против мене беа апсурдни. Бев обвинет дека сум шпион на американската влада. Ме испратија во најлошиот Штази затвор во земјата, во Бранденбург.
Поддршка од моите духовни браќа
Таму, Штази не ми даваше да спијам во текот на денот. Потоа ме испрашуваше цела ноќ. Откако неколку дена бев подложен на оваа тортура, работите се влошија. Едно утро, наместо да ме вратат во мојата ќелија, ме одведоа во една од нивните злогласни U-Boot Zellen (познати како подморнички ќелии, поради нивната локација длабоко во еден подрум). Отворија една стара, ’рѓосана железна врата и побараа да влезам внатре. Морав да пречекорам преку еден висок праг. Кога стапнав со ногата, сфатив дека подот е сосема покриен со вода. Вратата трескајќи беше затворена со еден ужасно чкрипав звук. Немаше ни светло ни прозорец. Беше темно како ноќ.
Поради тоа што на подот имаше неколку сантиметри вода, не можев да седнам, да легнам ниту да спијам. Откако чекав, како што ми се чинеше цела вечност, бев вратен назад заради натамошно испрашување под силно светло. Не знам што беше полошо — да стојам во вода цел ден скоро во потполна темница или, пак, цела ноќ да ги поднесувам болно блескавите рефлектори насочени право во мене.
Во повеќе прилики се закануваа дека ќе ме стрелаат. После неколку ноќи испрашување, едно утро ме посети еден висок руски воен офицер. Имав прилика да му кажам дека германскиот Штази постапува со мене дури и полошо од нацистичкиот Гестапо. Му кажав дека Јеховините сведоци беа неутрални под нацистичката влада и дека се неутрални и под комунистичката влада и дека не се мешаме во политика никаде во светот. За разлика од тоа, реков, мнозина кои сега се Штази офицери беа членови на организацијата Хитлерјугенд, каде веројатно научија како да прогонуваат невини луѓе на брутален начин. Додека зборував, моето тело се тресеше од студ, изгладнетост и исцрпеност.
На изненадување, рускиот офицер не ми се налути. Напротив, ме покри со ќебе и постапуваше со мене на љубезен начин. Кратко после неговата посета, бев вратен во една поудобна ќелија. По неколку дена, им бев предаден на германските судови. Додека мојот случај уште траеше, се радував на убавата прилика да делам една ќелија со петмина други Сведоци. Откако поднесов многу сурови тортури, колку само беше освежувачки што го имав друштвото од моите духовни браќа! (Псалм 132:1).
На судот бев прогласен за виновен за шпионажа и осуден на четири години во еден казнено-поправен дом. Тоа се сметаше за лесна казна. Некои од браќата беа осудувани на повеќе од десет години. Бев испратен во еден казнено-поправен дом со максимална безбедност. Мислам дека ниту глушец не можеше да влезе или излезе од тој затвор — толку строга беше безбедноста. Па сепак, со Јеховина помош, некои смели браќа успеаја да прошверцуваат една цела Библија. Таа беше разделена и поделена на поединечни книги и кружеше меѓу браќата кои беа затвореници.
Како го правевме тоа? Беше многу тешко. Единственото време кога доаѓавме во меѓусебен контакт беше кога нѐ водеа на туширање секои две недели. Во една прилика, додека се туширав, еден брат ми прошепоти на уво дека имал сокриено неколку страници од Библијата во својот пешкир. После моето туширање, требаше да го грабнам неговиот пешкир наместо мојот.
Еден од стражарите го виде братот како ми шепоти и добро го испретепа со својот пендрек. Морав брзо да го грабнам пешкирот и да се смешам со останатите затвореници. За среќа, не бев фатен со библиските страници. Инаку, нашата програма за духовно хранење ќе беше загрозена. Поминавме низ многу слични искуства. Нашето читање на Библијата секогаш се вршеше скришум и со голем ризик. Зборовите од апостол Петар: „Бидете трезвени, бидете будни“, навистина беа многу прикладни (1. Петрово 5:8).
Од некои причини, властите одлучија да префрлаат некои од нас секогаш одново од еден казнено-поправен дом во друг. Во период од четири години, бев префрлан во десетина различни казнено-поправни домови. Но сепак, секогаш бев во можност да најдам браќа. Длабоко ги засакував сите овие браќа и чувствував голема тага во срцето секојпат кога бев префрлан.
Најпосле, бев испратен во Лајпциг и таму бев пуштен од затвор. Затворскиот стражар кој ме ослободи не рече збогум, туку напротив: „Наскоро ќе те видиме пак“. Неговиот злобен ум сакаше да бидам повторно зад решетки. Честопати мислам на Псалм 123:2, 3, каде стои: „Да не беше Господ со нас, кога луѓето се кренаа против нас, — живи ќе нѐ проголтаа, кога пламна нивната јарост против нас“.
Јехова ги избавува своите лојални слуги
Сега повторно бев слободен човек. Мојата близначка Рут и сестра Херта Шлензог беа на капијата, чекајќи ме. Во текот на сиве овие затворски години, Херта секој месец ми испраќаше по едно мало пакетче со храна. Навистина верувам дека без тие мали пакетчиња ќе умрев во затворот. Нека Јехова љубезно се сети на неа.
Од моето пуштање па наваму, Јехова ме благослови со многу предности на службата. Повторно служев како специјален пионер во Гронау (Германија) и како покраински надгледник во Германските Алпи. Подоцна, бев поканет да се запишам во 31-от клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower за мисионери. Нашето дипломирање се одржа на Јенки Стадион за време на меѓународниот собир на Јеховините сведоци во 1958. Ја имав предноста да му се обратам на големото множество браќа и сестри и да раскажам некои од моите искуства.
По дипломирањето, отпатував за Чиле за да служам како мисионер. Таму повторно служев како покраински надгледник во најјужниот дел на Чиле — бев испратен дословно до краевите на Земјата. Во 1962, се оженив со Патси Бојтнагел — една мила мисионерка од Сан Антонио (Тексас, САД). Со неа покрај себе, уживав бројни прекрасни години служба за Јехова.
Во моите преку 70 години живот, доживеав многу среќни моменти и многу неволји. Псалмистот рекол: „Бројни се маките на праведниците, но од сите нив Господ ќе ги избави“ (Псалм 33:19). Во 1963, додека уште бевме во Чиле, Патси и јас ја доживеавме трагичната смрт на нашето женско бебе. Подоцна, Патси многу се разболе и се преселивме во Тексас. Кога имаше само 43 години, таа умре исто така под трагични околности. Честопати се молам Јехова љубезно да се сети на мојата мила сопруга.
Сега, иако сум болежлив и стар, се радувам на предноста да служам како општ пионер и старешина во Бради (Тексас). Вистина, животот не беше секогаш лесен, и можеби ќе има и други испити со кои допрва ќе се соочам. Меѓутоа, како псалмистот, можам да речам: „Боже, Ти ме поучуваше од младоста моја, а јас сѐ досега ги објавував чудесата Твои“ (Псалм 70:17).
[Слики на страница 23]
1) Сега служам како старешина и општ пионер 2) Со мојата идна сопруга, Патси 3) Во училницата на хер Шнајдер 4) Мајка ми, Тереза, која умре во Равенсбрук