Да ги достигнуваме срцата со уметност на убедување
МНОГУ луѓе со сомневање гледаат на зборот „убедување“. На нечиј ум тоа може да му сугерира како еден агресивен продавач или реклама наменета да го измами или да го изманипулира потрошувачот. Дури и во Библијата, идејата за убедување понекогаш има негативни конотации, означувајќи нешто деградирачко или заведувачко. На пример, христијанскиот апостол Павле им напишал на Галатјаните: „Вие трчавте добро: кој ви попречи, та да не се покорувате на вистината? Тоа одвраќање [убедување, NW] не е од Оној, Кој ве повика“ (Галатјаните 5:7, 8). Павле ги предупредил и колосјаните да не дозволат некој да ги ‚залаже со убедливи аргументи‘ (Колосјаните 2:4, NW). Таквото убедување зависи од паметни аргументи изградени на лажни темели.
Меѓутоа, во своето второ писмо до Тимотеј, апостол Павле ја употребил идејата за убедување во поинаква смисла. Тој напишал: „Но ти, остани во она што си го научил и во кое си убеден да веруваш, знаејќи од кого си го научил“ (2. Тимотеј 3:14, NW). Тоа што бил ‚убеден да верува‘, Тимотеј не бил изманипулиран од страна на мајка му и баба му, преку кои ги дознал библиските вистини (2. Тимотеј 1:5).a
Додека бил во куќен притвор во Рим, Павле давал темелно сведоштво на многумина ‚од утрото до вечерта уверувајќи ги [користејќи убедување, NW] за Исуса и од законот Мојсеев и од Пророците‘ (Дела 28:23). Дали Павле ја измамувал својата публика? Никако! Тогаш, јасно е дека убедувањето не е секогаш нешто лошо.
Употребен во позитивна смисла, грчкиот коренски збор преведен со „убедува“ значи да се увери, да се предизвика промена во умот преку здраво, логично резонирање. На тој начин, еден учител може да гради на некој библиски темел, користејќи убедување за да всади во другите уверување за библиската вистина (2. Тимотеј 2:15). Секако, тоа било знак на Павловата служба. Дури и кујунџијата Димитриј, кој ги сметал христијанските учења како лажни, забележал: ‚Не само во Ефес, туку скоро во цела Азија, тој Павле убедил и обрнал доста народ, велејќи дека не се богови оние што се прават со човечки раце‘ (Дела 19:26).
Да користиме убедување во службата
Исус Христос ги поучил своите следбеници: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (Матеј 28:19, 20). Во над 230 земји, Јеховините сведоци ја слушаат оваа заповед. Секој месец во текот на 1997 службена година, воделе во просек 4.552.589 домашни библиски студии ширум светот.
Доколку си привилегиран да водиш домашна библиска студија, можеби би можел да очекуваш предизвици кои ќе бараат користење на уметноста на убедување. На пример, да претпоставиме дека на твојата следна сесија за проучување се покрене прашање во врска со тројството. Што ако знаеш дека твојот студент верува во оваа доктрина? Би можел да му дадеш една публикација која дискутира на таа тема. Откако ќе ја прочита, можеби ќе откриеш дека тој се убедил дека Бог и Исус не се едно исто. Но, како можеш да продолжиш доколку некои прашања остануваат?
Слушај внимателно. Тоа ќе ти помогне да одредиш во што веќе верува твојот студент околу дадената тема. На пример, ако твојот студент рече: „Јас верувам во тројството“, ти би можел брзо да преземеш една библиска дискусија за да ја побиеш таа доктрина. Но, постојат различни верувања во врска со тројството. Можеби твојот студент верува во нешто кое е сосема поинакво од она што ти би го дефинирал како доктрина за тројството. Истото би можело да се каже и за другите верувања, како што се реинкарнација, бесмртност на душата и спасение. Затоа, слушај внимателно пред да зборуваш. Немој да правиш претпоставки за тоа што верува студентот (Изреки 18:14).
Поставувај прашања. Тие би можеле да вклучуваат: ‚Дали отсекогаш си верувал во тројството? Дали некогаш темелно си проучил што вели Библијата на таа тема? Доколку Бог е дел од некое тројство, зарем неговата Реч, Библијата, не би ни го кажала тоа јасно и директно?‘ Кога го поучуваш студентот, периодично застанувај за да поставиш прашања, како овие: ‚Дали ова што го опфативме досега има смисла за тебе?‘ ‚Дали се сложуваш со ова објаснување?‘ Преку твојата вешта употреба на прашања, ти го вклучуваш студентот во процесот на учење. Тој не би требало само да те слуша додека ја изложуваш темата.
Користи здраво резонирање. На пример, дискутирајќи за доктрината за тројството, на својот студент би можел да му кажеш: ‚Кога Исус се крстил, од небото дошол глас велејќи: „Ти си Мојот возљубен Син“. Ако Бог навистина бил на Земјата крштавајќи се, дали тој би го испратил својот глас горе на небото и назад за да можат да се чујат тие зборови на Земјата? Зарем тоа не би било заведување? Зарем Бог, „кој не лаже“, би направил такво измамничко нешто?‘ (Лука 3:21, 22; Тит 1:1, 2).
Здравото резонирање презентирано на еден тактичен начин честопати е прилично делотворно. Разгледај го примерот со една жена, која ќе ја наречеме Барбара. Сиот свој живот верувала дека Исус е Бог и дека е дел од тројство кое го вклучувало и светиот дух. Но тогаш, еден Јеховин сведок ѝ рекол дека Бог и Исус се двајца различни поединци и ѝ покажал стихови за да ја поддржи својата изјава.b Барбара не можела да ја побие Библијата. Истовремено, била фрустрирана. На крајот на краиштата, доктрината за тројството ѝ била драга на срце.
Сведокот стрпливо резонирал со Барбара. „Доколку се обидувате да ме научите дека двете личности се еднакви“, прашал тој, „тогаш кој семеен однос би го употребиле за да го илустрирате тоа?“ Таа помислила за момент, и потоа одговорила: „Би можела да употребам двајца браќа“. „Точно“, возвратил Сведокот. „Можеби дури и идентични близнаци. Но, учејќи нѐ да гледаме на Бог како на Таткото и на себеси како на Синот, каква порака пренесувал Исус?“ „Сфаќам“, одговорила Барбара, со широко отворени очи. „Тој го опишува едниот како постар и со поголем авторитет.“
„Да“, одговорил Сведокот, „и особено Исусовата еврејска публика, која живеела во едно патријархално општество, би дошла до тој заклучок.“ Постигнувајќи ја целта на својата поента, Сведокот заклучил: „Доколку ние дојдовме до една таква соодветна илустрација која учи за еднаквост — онаа со браќата или идентични близнаци — сигурно и Исус, Големиот Учител, би можел да го стори тоа. Како замена, тој ги употребил термините ‚татко‘ и ‚син‘ за да го опише односот меѓу себеси и Бог“.
Конечно, Барбара ја сфатила поентата и ја прифатила. Нејзиното срце било достигнато со уметноста на убедување.
Справување со емоциите
Силно утврдените религиозни верувања честопати вклучуваат една емоционална компонента. Разгледај го случајот со Една, побожна католичка. Нејзините внуци — тинејџери ѝ презентирале јасен библиски доказ дека Бог и Исус не се истата личност. Една го сфатила она што го чула. Сепак, љубезно но цврсто навела: „Јас верувам во светото тројство“.
Можеби и ти си имал слично искуство. Многумина гледаат на доктрините на својата религија како дел од самиот нивни идентитет. За да се убедат таквите библиски студенти, потребно е повеќе отколку само ладна логика или, пак, дури и серија стихови кои покажуваат дека гледиштето на лицето е погрешно. Таквите ситуации можат да бидат решени на фин начин со тоа што уметноста на убедување ќе се урамнотежи со сочувството. (Спореди Римјаните 12:15; Колосјаните 3:12.) Се разбира, еден делотворен учител би требало да има силни уверувања. На пример, Павле користел фрази како што се „уверен сум“ и „знам и убеден сум во Господ Исус“ (Римјаните 8:38; 14:14, обата NW). Меѓутоа, изразувајќи ги своите уверувања, ние не би требало да заземаме еден догматичен, самоправеден тон ниту, пак, треба да бидеме саркастични или понижувачки настроени кога ги презентираме библиските вистини. Сигурно дека ние не сакаме да го разлутиме ниту, пак, дури и да го навредиме студентот (Изреки 12:18).
Далеку поделотворно е да се почитуваат верувањата на студентот и да се признае неговото право да ги поседува. Клучот е понизноста. Еден учител кој има скромност на умот не мисли дека тој е вродено посупериорен од својот студент (Лука 18:9—14; Филипјаните 2:3, 4). Побожното убедување вклучува понизност која, всушност, вели: ‚Јехова милостиво ми помогна мене да го сфатам ова. Дозволи ми да го споделам тоа со тебе‘.
На своите сохристијани во Коринт, Павле им напишал: „Оружјето на нашето војување не е телесно, но со помошта Божја е силно да разрушува тврдини; со него ние уништуваме мудрувања, и секое превознесување, што се крева против познавањето на Бога, и поробуваме секој разум, за да Му биде покорен на Христа“ (2. Коринтјаните 10:4, 5). Денес, Јеховините сведоци ја користат Божјата Реч за да ги разрушуваат силно утврдените лажни доктрини, како и длабоко вградените практики и особини кои не му се угодни Нему (1. Коринтјаните 6:9—11). Правејќи го тоа, Сведоците се сеќаваат дека Јехова бил стрплив со нив, на начин полн со љубов. Колку само се среќни што ја имаат неговата Реч, Библијата, и што го користат тоа моќно орудие за да ги искоренуваат лажните учења и да ги достигнуваат срцата со уметноста на убедување!
[Фусноти]
a Види ја статијата „Евника и Лоида — примерни воспитувачки“, на страници 7—9 во ова издание на Стражарска кула.
b Види Јован 14:28; Филипјаните 2:5, 6; Колосјаните 1:13—15. За повеќе информации, види ја брошурата Дали треба да се верува во тројство?, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Рамка на страница 23]
Достигни го срцето на својот студент
◻ Моли се за Јеховино водство за да го достигнеш срцето на библискиот студент (Неемија 2:4, 5; Исаија 50:4).
◻ Проникни што верува студентот и зошто можеби некое лажно верување е привлечно за него (Дела 17:22, 23).
◻ На љубезен, стрплив начин, изгради еден логичен, библиски аргумент додека одржуваш еден заеднички темел (Дела 17:24—34).
◻ Доколку е можно, зајакни ги библиските вистини со делотворни илустрации (Марко 4:33, 34).
◻ Покажи му ги на студентот користите од прифаќањето на точното спознание од Библијата (1. Тимотеј 2:3, 4; 2. Тимотеј 3:14, 15).