Ти можеш духовно да напредуваш
ВИСТИНСКАТА вредност тешко може да се препознае. Таков е случајот со дијамантите. Додека еден исполиран дијамант блеска, суровиот дијамант има само слаб блесок. Сепак, во длабочината на суровиот дијамант лежи непогрешливата надеж за еден убав скапоцен камен.
Христијаните личат на сурови дијаманти на многу начини. Иако ние сѐ уште сме далеку од совршенството, сепак имаме една основна вредност која Јехова ја цени. Како дијамантите, сите ние имаме сопствени различни особини. И секој од нас може и понатаму духовно да напредува доколку тоа е наша искрена желба. Нашата личност може да биде исполирана, па така ќе свети уште посилно на Јеховина слава (1. Коринтјаните 10:31).
Откако е избрусен и исполиран, дијамантот се става во една рамка која ги зголемува неговите рефлективни особини. На сличен начин, Јехова може да нѐ употреби во различни рамки, односно доделби, доколку го ‚облечеме новиот човек, создаден според Бога во правда и светост во вистината‘ (Ефесјаните 4:20—24).
Таквиот духовен напредок можеби нема да дојде природно, исто како што еден дијамант во својата природна состојба ретко блеснува како скапоцен камен. Можеби ќе треба да се ослободиме од некоја долготрајна слабост, да го преиначиме нашиот став кон преземањето одговорност или дури и да се напрегаме да излеземе од некоја духовна монотона рутина. Но, ние можеме да напредуваме доколку навистина сакаме, бидејќи Јехова Бог може да ни ја даде „силата, која е над она што е нормално“ (2. Коринтјаните 4:7; Филипјаните 4:13, обата NW).
Јехова ги зајакнува своите слуги
Брусењето на дијамантите бара доверба која резултира од точното спознание, бидејќи штом е отсечен еден дел од суровиот дијамант, тој обично е изгубен. За да се добие саканиот облик, мора да се отсече скап материјал — понекогаш и 50 проценти од необработениот камен. И нам ни треба доверба која резултира од точното спознание за да ја обликуваме нашата личност и духовно да напредуваме. Особено мораме да имаме доверба дека Јехова ќе нѐ оспособи.
Меѓутоа, можеби се чувствуваме неадекватни или мислиме дека не можеме да сториме повеќе. Во минатото, некои верни Божји слуги понекогаш се чувствувале така (2. Мојсеева 3:11, 12; 3. Царства 19:1—4). Кога Бог му доделил да биде „пророк на народите“, Јеремија извикал: „Не умеам да говорам, зашто сум уште млад“ (Јеремија 1:5, 6). Но, и покрај неговата воздржаност, Јеремија станал храбар пророк кој доставувал отворени пораки до еден непријателски народ. Како било можно тоа? Тој научил да се ослонува на Јехова. Подоцна, Јеремија напишал: „Благословен е оној човек, кој се надева на Господа, и кому надежта му е Господ“ (Јеремија 17:7; 20:11).
Денес, Јехова на сличен начин ги зајакнува оние кои ја полагаат својата доверба во него. Едвардa‚ еден татко на четири деца, кој духовно бавно напредувал, увидел дека тоа е точно. Тој објаснува: „Бев Јеховин сведок веќе девет години, но изгледа дека духовно стоев во место. Проблемот беше во тоа што имав мала мотивација и немав доверба. Откако се преселивме во Шпанија, се најдов во едно мало собрание кое имаше само еден старешина и еден слуга помошник. Со оглед на потребата, старешината ме замоли да извршувам многу доделби. Треперев додека ги држев моите први говори и точки на состаноците. Сепак, научив да се потпирам на Јехова. Старешината секогаш ме пофалуваше и ми даваше тактични предлози за подобрување.
„Истовремено, ја зголемив мојата активност во службата на теренот и презедов подобро духовно водство во моето семејство. Како резултат на тоа, вистината доби поголемо значење за целото семејство, а јас се чувствував многу позадоволен. Сега сум слуга помошник и напорно работам на тоа да ги развијам особините на христијански надгледник.“
‚Соблечете ја старата личност‘
Како што увидел Едвард, духовниот напредок бара доверба во Јехова. Исто така, неопходно е да се развива ‚нова личност‘ (NW), слична на Христовата. Како може да се постигне тоа? Прв чекор е да се ‚соблечат‘ оние црти кои се дел од старата личност (Колосјаните 3:9, 10). Токму како што недостатоците, како што се страните минерали, мораат да се отстранат од еден суров дијамант за да го направат блескав скапоцен камен, така и ставовите ‚кои му припаѓаат на светот‘ (NW) треба да бидат исфрлени за да може да дојде до израз нашата нова личност (Галатјаните 4:3).
Еден таков став е колебањето да се прифати одговорност поради стравот дека од нас ќе се бара премногу. Точно, одговорноста значи работа, но тоа е задоволителна работа. (Спореди Дела 20:35.) Павле признал дека побожната оддаденост бара ‚да работиме напорно и да се напрегаме‘ (NW). Тоа радосно го правиме, рекол тој, „оти се надеваме на живиот Бог“, оној кој никогаш не го заборава делото кое го вршиме во корист на нашите сохристијани и другите (1. Тимотеј 4:9, 10; Евреите 6:10).
Некои дијаманти трпат „напрегнатост“ создадена при нивното формирање, и со нив треба да се ракува внимателно. Меѓутоа, со помош на еден инструмент наречен поларископ, мајсторот за полирање може да ја пронајде напрегнатоста и може успешно да работи на каменот. Можеби и ние страдаме од внатрешна напрегнатост, или маана на личноста, поради нашата заднина или некое трауматско искуство. Што можеме да сториме? Прво, треба себеси да си го признаеме проблемот и да одлучиме да го надминеме онолку колку што е можно. Сигурно дека би требало да се растовариме пред Јехова во молитва, а можеби да побараме и духовна помош од некој христијански старешина (Псалм 54:22; Јаков 5:14, 15).
Таквата внатрешна напрегнатост влијаела врз Николас. „Татко ми беше алкохоличар, и тој ни причинуваше многу страдања на сестра ми и мене“, објаснува тој. „Кога го напуштив училиштето, ѝ се придружив на војската, но наскоро поради мојата бунтовна жица западнав во неволја. Воените власти ме затворија поради тргување со дрога, а во една друга прилика дезертирав. Конечно, ја напуштив војската, но сѐ уште имав неволји. Иако мојот живот беше хаос поради злоупотребата на дрога и тешкото пиење, сепак имав интерес за Библијата и копнеев да имам смисла во животот. На крај, стапив во контакт со Јеховини сведоци, го променив мојот начин на живеење и ја прегрнав вистината.
Меѓутоа, беа потребни години пред да се помирам со еден дефект во мојата личност. Имав длабока антипатија кон авторитетите и се накострешував кога ќе ми беше даден некаков совет. Иако сакав Јехова целосно да ме користи, оваа слабост ме кочеше. Конечно, со помош на двајца старешини кои беа полни со разбирање, го признав мојот проблем и почнав да го применувам нивниот библиски совет полн со љубов. Иако повремено се распалува мала огорченост, сега ја контролирам мојата бунтовна природа. Многу сум благодарен заради Јеховиниот стрплив начин на постапување со мене и заради помошта од старешините, полна со љубов. Поради мојот духовен напредок, неодамна бев наименуван за слуга помошник.“
Како што открил Николас, менувањето на длабоко вкоренетите ставови не е лесно. Можеби и ние се соочуваме со сличен предизвик. Можеби сме претерано осетливи. Можеби и понатаму мислиме на неправдата која ни е сторена или, пак, можеби ставаме преголем нагласок на независноста. Така, нашиот христијански напредок може да биде ограничен. Мајсторите за полирање дијаманти доживуваат нешто слично со камењата кои тие ги нарекуваат наати. Тоа се всушност два камења кои се стопуваат во еден за време на формирањето на дијамантот. Како резултат на тоа, наатите имаат два спротивни обрасци на раст кои многу го отежнуваат брусењето, во зависност од составот. Во нашиот случај го наоѓаме „составот“ на спремниот дух кој се бори против „составот“ на несовршеното тело (Матеј 26:41; Галатјаните 5:17). Понекогаш, можеби се чувствуваме склони потполно да се откажеме од борбата, рационализирајќи дека несовршеностите на нашата личност и онака не се важни. ‚На крајот на краиштата‘, може да кажеме, ‚моето семејство и пријателите сепак ме сакаат.‘
Меѓутоа, за да им служиме на нашите браќа и да го величаме нашиот небесен Татко, треба да ‚бидеме нови во силата која го раздвижува нашиот ум‘, со тоа што ќе ја облечеме новата личност. Трудот е исплатлив, како што можат да посведочат Николас и безброј други. Еден мајстор за полирање дијаманти знае дека една флека може да го расипе целиот дијамант. На сличен начин, занемарувајќи некоја слаба фасета на нашата личност, и ние можеме да го расипеме нашиот духовен изглед. Што е уште полошо, некоја сериозна слабост би можела да води до наш духовен пад (Изреки 8:33).
Како „оган“ во нас
Мајсторот за полирање дијаманти настојува да го фати огнот во дијамантот. Тоа се прави преку подредување на фасетите, така што тие го предизвикуваат таканаречениот виножито ефект. Многубојната светлина во дијамантот се рефлектира напред-назад, произведувајќи го огнот кој прави дијамантите да блескаат. На сличен начин, Божјиот дух може да биде како „оган“ во нас (1. Солунјаните 5:19, NW; Дела 18:25; Римјаните 12:11).
Но, што ако осетиме потреба да бидеме духовно мотивирани? Како може да се постигне тоа? Треба да ‚размислуваме за своите патишта‘ (Псалм 119:59, 60, NW). Тоа би вклучувало да ги идентификуваме оние работи кои духовно нѐ успоруваат и потоа да одредиме кон кои теократски активности треба уште поенергично да тежнееме. Можеме да го продлабочиме духовното ценење преку редовна лична студија и горлива молитва (Псалм 118:18, 32; 142:1, 5, 8, 10). Уште повеќе, дружејќи се со оние кои напорно работат во верата, и понатаму ќе ја зајакнуваме нашата решеност да му служиме на Јехова ревносно (Тит 2:14).
Луиз, една млада христијанка, признала: „Размислував за општата пионерска служба две години пред всушност да се пријавам како пионер, односно полновремен објавител на Царството. Ништо не ме сопираше, но си имав една удобна рутина и баш не вложував никаков напор за да излезам од неа. Потоа, ненадејно умре татко ми. Сфатив колку е кршлив животот и дека не го користам најдобро мојот живот. Затоа, го променив моето духовно гледиште, ја зголемив својата служба и станав општ пионер. Од особена помош во тој поглед ми беа оние мои духовни браќа и сестри кои секогаш ги поддржуваа подготовките за службата на теренот и кои редовно ме придружуваа во службата. Научив дека, без разлика дали за добро или за лошо, ние ги споделуваме вредностите и целите на нашите другари“.
Изострени како со железо
Дијамантите се природно најтврдата супстанција која се појавува на Земјата. Оттука, потребен е уште еден дијамант за да го пресече другиот. Тоа може да ги потсети библиските студенти на изреката која гласи: „Железо железо остри, и човек го изострува погледот [лицето, NW] на пријателот свој“ (Изреки 27:17). Како се „изострува“ лицето на некој човек? Еден поединец може да успее да ја изостри интелектуалната и духовната состојба на другиот, токму како што едно парче железо може да се употреби за да изостри една остра изработка од истиот метал. На пример, доколку сме станале депримирани поради некое разочарување, охрабрувањето од другото лице може да биде многу издигнувачко. На тој начин, нашиот жален израз на лицето може да се промени на подобро и можеме да бидеме оживеани за обновена ревна активност (Изреки 13:12). Особено, собраниските старешини можат да помогнат за да нѐ изострат, обезбедувајќи библиско охрабрување и совет за подобрување. Тие го следат принципот кој го навел Соломон: „Дај му совет на мудриот, и тој ќе биде уште помудар; научи го праведниот, и тој повеќе ќе напредне во знаењето“ (Изреки 9:9).
Се разбира, духовното обучување бара време. Апостол Павле го споделувал своето искуство и методите на поучување со Тимотеј повеќе од десет години (1. Коринтјаните 4:17; 1. Тимотеј 4:6, 16). Израелската нација долго време извлекувала корист од долгото обучување кое Мојсеј му го давал на Исус Навин во период од над 40 години (Исус Навин 1:1, 2; 24:29, 30). Елисеј го придружувал пророкот Илија можеби 6 години, добивајќи едно добро обучување за неговата служба која траела околу 60 години (3. Царства 19:21; 4. Царства 3:11). Со тоа што стрпливо обезбедуваат едно продолжително обучување, старешините го следат примерот кој го дале Павле, Мојсеј и Илија.
Давањето пофалба е еден витален дел од обучувањето. Искрените изрази на ценење за доделбите кои се добро обавени или за пофалните дела, можат да ги наведат другите да сакаат уште поцелосно да му служат на Бог. Пофалбата изградува доверба која, од своја страна, обезбедува стимул да се работи на слабостите. (Спореди 1. Коринтјаните 11:2.) Охрабрувањето да се напредува во вистината доаѓа и од тоа кога си интензивно зафатен во делото на проповедање на Царството и во другите собраниски активности (Дела 18:5, NW). Кога старешините им доделуваат одговорности на браќата според нивниот духовен напредок, тоа им дава вредно искуство на тие мажи и веројатно ќе ја зајакне нивната желба и понатаму духовно да напредуваат (Филипјаните 1:8, 9).
Добра причина за духовно напредување
Дијамантите се сметаат за скапоцени. Истото е случај и со оние кои сега се поврзуваат со семејството на Јеховини обожаватели ширум светот. Всушност, самиот Бог ги нарекува „пожелни“, односно „скапоцени“ работи од сите нации (Агеј 2:7, фуснота, NW). Минатата година, 375.923 лица станале крстени Сведоци на Јехова. За да се излезе во пресрет на овој пораст, постои потреба ‚да се рашири шаторот‘. Напредувајќи духовно — и посегнувајќи по христијанските предности на службата — можно е да се има удел во грижата за оваа експанзија (Исаија 54:2; 60:22).
За разлика од многуте скапоцени дијаманти кои се чуваат во банковните трезори и ретко се гледаат, нашата духовна вредност може силно да свети. И додека редовно ги полираме и ги манифестираме нашите христијански особини, ние го величаме Јехова Бог. Исус силно ги опоменал своите следбеници: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесни“ (Матеј 5:16). Сигурно, тоа ни дава здрава причина духовно да напредуваме.
[Фуснота]
a Во статијава се користени заменети имиња.