Жртви кои му се угодни на Бог
„Секој првосвештеник се поставува за да принесува дарови и жртви“ (ЕВРЕИТЕ 8:3).
1. Зошто луѓето чувствуваат потреба да му се обратат на Бог?
„ИЗГЛЕДА дека жртвувањето за човекот е толку ‚природно‘ како и молењето; едното покажува што мисли тој за себе, а другото што мисли за Бог“, пишува библискиот историчар Алфред Едершим. Од времето кога гревот влегол во светот, тој ја донел болката на вина, отуѓеност од Бог и беспомошност. Потребно е ослободување од нив. Лесно е да се разбере дека кога се наоѓаат во една таква очајна состојба, луѓето чувствуваат потреба да му се обратат на Бог за помош (Римјаните 5:12).
2. Каков запис за рани приноси дадени на Бог наоѓаме во Библијата?
2 Првиот библиски запис за приноси што му се дадени на Бог е во врска со Каин и Авел. Читаме: „По некое време Каин му принесе на Господа дар од плодовите земни; а и Авел исто така принесе од првината на стадото свое и од маста“ (1. Мојсеева 4:3, 4). Потоа, наоѓаме дека Ное, кого Бог го сочувал низ големиот Потоп со кој била уништена злобната генерација од негово време, бил поттикнат да му „принесе на олтарот палени приноси“ на Јехова (1. Мојсеева 8:20, NW). Во неколку прилики Божјиот верен слуга и пријател Авраам, поттикнат од Божјите ветувања и благослови, ‚направил жртвеник и го призивал името Господово [Јехова, NW]‘ (1. Мојсеева 12:8; 13:3, 4, 18). Подоцна Авраам се соочил со најголемиот испит на својата вера кога Јехова му рекол да го принесе својот син Исак како пален принос (1. Мојсеева 22:1—14). Овие извештаи, иако кратки, фрлаат голема светлина врз темата за жртвата, како што ќе видиме понатаму.
3. Каква улога играат жртвите во обожавањето?
3 Од овие и од други библиски извештаи јасно се гледа дека принесувањето некаков облик на жртва било фундаментален дел од обожавањето уште долго пред Јехова да даде конкретни закони за тоа. Во склад со ова, еден прирачник го дефинира зборот „жртва“ како „религиозен обред во кој на некое божество му се принесува нешто за да се воспостави, задржи или обнови исправен однос меѓу човекот и она што тој го смета за свето “. Но, ова наметнува некои важни прашања кои заслужуваат внимателно разгледување, како на пример: Зошто е потребна жртвата во обожавањето? Какви видови жртви му се прифатливи на Бог? И какво значење за нас денес имаат древните жртви?
Зошто е потребна жртва?
4. Каков бил исходот за Адам и Ева кога тие згрешиле?
4 Кога Адам згрешил, тоа го сторил намерно. Тоа што скинал и јадел од плодот од дрвото на познавање на доброто и злото бил еден намерен чин на непослушност. Казната за тој чин на непослушност била смрт, како што Бог јасно навел: „Во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш“ (1. Мојсеева 2:17). Адам и Ева на крај ја пожнеале платата за гревот — умреле (1. Мојсеева 3:19; 5:3—5).
5. Зошто Јехова презел иницијатива во корист на Адамовото потомство, и што сторил Тој за нив?
5 Но, што е со потомството на Адам? Бидејќи наследило грев и несовршеност од Адам, тоа е подложно на истата отуѓеност од Бог, безнадежност и смрт кои ги доживеал првиот човечки пар (Римјаните 5:14). Меѓутоа, Јехова е Бог не само на правда и моќ туку и — всушност, првенствено — на љубов (1. Јованово 4:8, 16). Затоа тој презема иницијатива да го поправи прекршокот. Откако наведува дека „платата, што ја дава гревот, е смрт“, Библијата понатаму вели „а дарот Божји е живот вечен во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Римјаните 6:23).
6. Каква е Јеховината волја во врска со штетата нанесена од Адамовиот грев?
6 Она што Јехова Бог на крај го сторил за да го осигура тој дар, било тоа што обезбедил нешто што би ја покрило штетата која произлегла од престапот на Адам. На хебрејски, зборот кафар во почетокот веројатно значел „да покрие“ или можеби „да избрише“, а преведен е и со „искупување“.a Со други зборови, Јехова обезбедил погодно средство за го покрие гревот наследен од Адам и да ја избрише штетата што произлегла од него така што оние кои се квалификуваат за тој дар би можеле да бидат ослободени од осудата на грев и смрт (Римјаните 8:21).
7. а) Каква надеж била дадена со Божјата пресуда врз Сатана? б) Каква цена мора да се плати за да се ослободи човештвото од грев и смрт?
7 На надежта за ослободување од ропството на гревот и смртта било алудирано веднаш откако згрешил првиот човечки пар. Објавувајќи ја својата пресуда над Сатана, кој бил претставен со змијата, Јехова навел: „Ќе ставам непријателство помеѓу тебе и жената и помеѓу твоето семе и нејзиното семе. Тоа ќе ти ја повреди главата, а ти ќе му ја повредиш петицата“ (1. Мојсеева 3:15, NW). Со таа пророчка изјава, блеснал зрак на надеж за сите кои би положиле вера во ова ветување. Меѓутоа, за тоа ослободување треба да се плати цена. Ветеното Семе не требало само да дојде и да го уништи Сатана; Семето морало да биде повредено во петицата, или со други зборови, морало да претрпи смрт, иако не за секогаш.
8. а) Како Каин се покажал разочарување? б) Зошто жртвата на Авел се покажала прифатлива во Божји очи?
8 Несомнено, Адам и Ева многу размислувале за идентитетот на ветеното Семе. Кога го родила Каин, својот првороден син, Ева изјавила: „Придобив човек од [со помош на, NW] Господа“ (1. Мојсеева 4:1). Дали можеби си мислела дека нејзиниот син ќе испадне тоа Семе? Сеедно дали мислела така или не, Каин, како и неговото потомство, се покажале разочарување. Од друга страна, пак, неговиот брат Авел покажал вера во Божјето ветување и бил поттикнат да му принесе на Јехова како жртва од првината на своето стадо. Читаме: „Со вера Авел Му принесе на Бога подобра жртва, отколку Каин; преку неа тој доби сведоштво дека е праведен“ (Евреите 11:4).
9. а) Во што положил вера Авел, и како ја изразил? б) Што се постигнало со приносот на Авел?
9 Верата на Авел не била само вера дека постои Бог, која сигурно ја имал и Каин. Авел имал вера во Божјето ветување за Семе кое ќе им донесе спасение на верните луѓе. Нему не му било откриено како ќе се изврши тоа, но Божјето ветување го направило Авел свесен дека некој ќе мора да биде повреден во петицата. Да, изгледа тој заклучил дека ќе мора да се пролее крв — што е самата идеја за жртвата. Авел му принел на Изворот на животот дар кој вклучувал живот и крв, веројатно како знак на својот силен копнеж и во исчекување да се оствари Јеховиното ветување. Ова изразување вера е она што ја направило жртвата на Авел угодна за Јехова, и во ограничена мера, тоа ја изразува суштината на жртвата — средство преку кое грешните луѓе можат да пристапат кон Бог за да ја добијат неговата наклоност (1. Мојсеева 4:4; Евреите 11:1, 6).
10. Како било разјаснето значењето на жртвата со тоа што Јехова побарал од Авраам да го принесе Исак?
10 Длабокото значење на жртвата станало драматично јасно кога Јехова му заповедал на Авраам да го принесе својот син Исак како пален принос. Иако таа жртва не била дадена дословно, служела како слика на она што самиот Јехова конечно го направил — го принел својот единороден Син како најголема жртва дадена некогаш за да ја изврши својата волја со човештвото (Јован 3:16). Со жртвите и приносите од Мојсеевиот закон, Јехова поставил пророчки обрасци за да го поучи својот избран народ што мора да прави за да добие простување на гревовите и за да ја зацврсти неговата надеж за спасение. Што можеме да научиме од нив?
Жртви прифатливи за Јехова
11. Кои две категории приноси ги давал првосвештеникот на Израел, и со каква цел?
11 „Секој првосвештеник се поставува за да принесува дарови и жртви“, вели апостол Павле (Евреите 8:3). Забележи дека Павле ги дели приносите на првосвештеникот од древниот Израел во две категории, имено, „дарови“ и „жртви“, или „жртви за гревовите“ (Евреите 5:1). Луѓето обично дават дарови за да изразат нежна приврзаност и ценење, како и да негуваат пријателство, наклоност или прифатеност (1. Мојсеева 32:20; Изреки 18:17). На сличен начин, на многу од приносите пропишани со Законот може да се гледа како на „дарови“ на Бог за да се бара прифаќање и наклоност од негова страна.b Престапите на Законот барале отштета и, за да се даде надомест, биле принесувани „жртви за гревовите“. Пентатеухот — особено книгите 2. Мојсеева, 3. Мојсеева и 4. Мојсеева — дава опсежен материјал во врска со различните видови жртви и приноси. Иако може да ни биде вистински предизвик да ги прифатиме и запомниме сите тие детали, некои клучни точки во врска со различните типови жртви го заслужуваат нашето внимание.
12. Каде во Библијата може да најдеме преглед на жртвите, или приносите, под Законот?
12 Можеме да забележиме дека во 3. Мојсеева, поглавја 1 до 7, поединечно се опишани пет главни типови приноси — пален принос, житен принос, заедничка жртва, принос за грев и принос за вина — иако некои од нив всушност биле принесувани заедно. Исто така, забележуваме дека овие приноси се запишани по двапати во овие поглавја, со различни цели: еднаш во 3. Мојсеева 1:2 до 6:7, каде во детали е изложено што треба да се принесе на олтарот, и вторпат, во 3. Мојсеева 6:8 до 7:36 каде што се наведени деловите кои требало да се издвојат за свештениците и деловите кои се чувале за оној кој го давал приносот. Потоа, во 4. Мојсеева, 28. и 29. поглавје, наоѓаме нешто што би можело да се смета за детален распоред во кој било изложено што требало да се принесува дневно, седмично, месечно и на годишните празници.
13. Опиши ги приносите кои доброволно биле давани како дарови на Бог.
13 Меѓу приносите кои се давале доброволно како дарови или за пристап до Бог со цел да се стекне неговата наклоност биле палените приноси, житните приноси и заедничките приноси. Некои изучувачи сметаат дека хебрејскиот термин за „пален принос“ значи „принос на вознесение“ или „принос кој се вознесува“. Ова одговара бидејќи во еден пален принос, закланото животно било изгорувано на олтарот и пријатниот, или успокојувачкиот мирис се вознесувал кон небото кај Бог. Карактеристично обележје на палениот принос било тоа што откако крвта била попрскувана околу олтарот, целото животно му било принесувано на Бог. Свештениците ‚го ставале сето тоа на жртвеникот; тоа било жртва сепаленица [пален принос, NW], жртва огнена, со благопријатен мирис пред Господа‘ (3. Мојсеева 1:3, 4, 9; 1. Мојсеева 8:21).
14. Како бил даван житниот принос?
14 Житниот принос е опишан во 3. Мојсеева, 2. поглавје. Тоа бил доброволен принос кој се состоел од фино брашно, обично навлажнето со масло, а бил додаден и темјан. „Свештеникот да земе полна рака од брашното пченично со елеј и сиот нејзин ливан [бел темјан, NW], па нека ја запали таа свештеникот на жртвеникот како спомен нејзин; тоа е жртва со пријатен мирис на Господа“ (3. Мојсеева 2:2). Белиот темјан бил една од состојките на светиот темјан кој горел на олтарот за темјан во шаторот и во храмот (2. Мојсеева 30:34—36). Цар Давид очигледно го имал ова на ум кога рекол: „Нека се исправи пред Тебе молитвата моја како темјан, а воздигањето на рацете мои — како жртва вечерна“ (Псалм 140:2).
15. Која била целта на заедничката жртва?
15 Друг доброволен принос била заедничката жртва, опишана во 3. Мојсеева, 3. поглавје. Името може да се преведе и како „жртва на приноси за мир“. На хебрејски, зборот „мир“ означува многу повеќе отколку само отсуство на војна или вознемиреност. „Во Библијата, тој го означува ова, но и состојба или однос на мир со Бог, просперитет, радост и среќа“, вели книгата Studies in the Mosaic Institutions (Студии на мозаитските практики). Значи, заедничките жртви не биле принесувани за да се обезбеди мир со Бог, небаре со нив да биде смирен, туку за да се изрази благодарност или да се прослави благословената состојба на мир со Бог која ја уживале оние кои тој ги одобрувал. Свештениците и оној кој ја принесувал јаделе од жртвата откако крвта и салото ќе му биле принесени на Јехова (3. Мојсеева 3:17; 7:16—21; 19:5—8). На еден прекрасен и симболичен начин оној кој ја принесувал жртвата, свештениците и Јехова Бог учествувале во еден оброк, што го претставувал мирољубивиот однос кој постоел меѓу нив.
16. а) Која била целта на приносот за грев и на приносот за вина? б) Како тие се разликувале од палениот принос?
16 Жртвите кои се принесувале за да се бара простување на грев или за искупување од престапите против Законот вклучувале принос за грев и принос за вина. Иако овие жртви исто така вклучувале и нивно горење на олтарот, тие се разликувале од палениот принос по тоа што на Бог не му се принесувало целото животно туку само салото и извесни делови од животното. Остатокот бил исфрлан надвор од логорот или во некои случаи го јаделе свештениците. Оваа разлика е значајна. Палениот принос му се давал на Бог како дар за да се добие пристап до него, и затоа му бил принесуван само на Бог и тоа целосно. Интересно е тоа што на еден пален принос обично му претходел принос за грев или принос за вина, што укажува дека за да биде дарот на грешникот прифатлив за Бог, било потребно простување (3. Мојсеева 8:14, 18; 9:2, 3; 16:3, 5).
17, 18. За што се давал приносот за грев, и каква била целта на приносите за вина?
17 Приносот за грев се прифаќал само за ненамерен грев против Законот, грев извршен поради слабост на телото. „Ако некој згреши пред Господа не сакајќи, против која и да било заповед Господова изврши нешто“, тогаш грешникот требало да принесе принос за грев сразмерно со својот статус, или положба во заедницата (3. Мојсеева 4:2, 3, 22, 27). Од друга страна, пак, непокајничките грешници биле отсечени; за нив таквите жртви не важеле (2. Мојсеева 21:12—15; 3. Мојсеева 17:10; 20:2, 6, 10; 4. Мојсеева 15:30; Евреите 2:2).
18 Значењето и целта на приносот за вина се разјаснети во 3. Мојсеева, 5. и 6. поглавје. Некој човек можеби згрешил ненамерно. Сепак, неговиот престап можеби навлекол вина против правата или на ближните или на Јехова Бог, и таа грешка требало да биде платена или исправена. Спомнати се неколку категории гревови. Некои биле лични гревови (5:2—6); некои биле гревови против „Господовите свети работи“ (5:14—16, ДХК), а некои, иако не биле сосема ненамерни, биле гревови кои произлегле од погрешните желби или од телесните слабости (6:1—3). Освен што требало да ги признае таквите гревови, од престапникот се барало да надомести онаму каде што било соодветно и тогаш да му го претстави на Јехова приносот за вина (3. Мојсеева 6:4—7).
Ќе дојде нешто подобро
19. И покрај тоа што ги имал Законот и неговите жртви, зошто Израел пропуштил да ја стекне Божјата наклоност?
19 Мојсеевиот закон, со многуте негови жртви и приноси, им бил даден на Израелците со цел да им овозможи да му пристапат на Бог за да ја добијат и задржат неговата наклоност и благослов до доаѓањето на ветеното Семе. Апостол Павле, природен Евреин, го изнесува тоа вака: „Законот беше за нас воспитувач во Христа, за да се оправдаме преку верата“ (Галатјаните 3:24). За жал, Израел како нација не се одѕвал на воспитувањето туку ја злоупотребил таа предност. Како последица од тоа, нивните мноштва жртви му станале одвратни на Јехова кој рекол: „Презаситен сум од сепаленици на овни и од маснотија на згоен добиток; крв од телиња, од јагниња и јариња не сакам“ (Исаија 1:11).
20. Што се случило во 70 н.е. што се однесува до Законот и неговите жртви?
20 Во 70 н.е. завршил еврејскиот систем на работи, со неговиот храм и свештенство. После тоа, повеќе не биле возможни жртви на начинот пропишан со Законот. Дали ова значи дека жртвите, како составен дел од Законот, го изгубиле целото свое значење за обожавателите на Бог денес? Ова ќе го испитаме во следната статија.
[Фусноти]
a Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), издаден од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., објаснува: „На начинот на кој е користен во Библијата, ‚искупување‘ ја содржи основната мисла да ‚покрие‘ или ‚размени‘ и она што се дава во замена, или како ‚покривка‘ за другото нешто мора да биде негов дупликат . . . За да се овозможи адекватно искупување на она што го изгубил Адам, морало да се обезбеди принос за грев со точната вредност на совршен човечки живот“.
b Еден хебрејски збор кој честопати е преведен со „принос“ е корбан. Кога запишал за тоа како Исус осудил една бескрупулозна практика на книжниците и фарисеите, Марко објаснил дека „курбан“ (NW) значи „дар посветен на Бог“ (Марко 7:11, NW).
Можеш ли да објасниш?
• Што ги терало верните луѓе од старо време да му принесуваат жртви на Јехова?
• Зошто биле потребни жртвите?
• Кои основни типови жртви се принесувале под Законот, и каква била клучната цел на секоја од нив?
• Според Павле, за каква цел служеле Законот и неговите жртви?
[Слика на страница 14]
Жртвата на Авел била угодна бидејќи ја демонстрирала неговата вера во Јеховиното ветување
[Слика на страница 15]
Дали го сфаќаш значењето на оваа сцена?