„Остроумниот постапува според спознанието“
ВОДСТВОТО од Божјата реч, Библијата, ‚поскапоцено е од златото, од чистото злато‘ (Псалм 19:7—10). Зошто? Затоа што „поуката [законот, NW] од мудриот [Јехова] е животен извор, таа избавува од примките на смртта“ (Пословици 13:14). Кога се применува, советот од Писмото не само што го подобрува квалитетот на нашиот живот туку и ни помага да ги избегнеме замките што го загрозуваат. Колку е само важно да бараме спознание од Писмото и да постапуваме во склад со она што го учиме!
Како што е запишано во Пословици 13:15—25, цар Соломон од древниот Израел дал совет што ни помага да постапуваме со спознание за да можеме да имаме подобар и подолг живот.a Користејќи концизни пословици, покажува како може Божјата реч да ни помогне да ја стекнеме наклоноста на другите, како да останеме верни во нашата служба, како да имаме исправен став кон стегата и како мудро да си избираме пријатели. Исто така, разгледува колку е мудро да оставиме наследство за нашите потомци како и со љубов да им даваме стега.
Добрата разборитост прибавува наклоност
„Добриот разум [разборитост, NW] прибавува пријатност [наклоност, NW]“, вели Соломон, „патот на беззакониците е нерамен“ (Пословици 13:15). Во оригиналниот јазик, изразот за „добра разборитост“, или добро разбирање, „ја опишува способноста за разумност, добро просудување и мудри мислења“, вели еден прирачник. На човек што има такви особини не му е тешко да ја стекне наклоноста на другите.
Разгледај го проникливиот начин на кој апостол Павле постапил со сохристијанинот Филемон кога му го пратил неговиот побегнат роб Онисим, кој станал христијанин. Павле го поттикнал Филемон да го прими назад Онисим љубезно, исто како што би го пречекал и апостолот. Всушност, Павле се понудил да плати ако Онисим му должи нешто на Филемон. Да, Павле можел да го употреби својот авторитет и да му нареди на Филемон да го направи исправното нешто. Но, апостолот избрал да се справи со таа работа тактично и со љубов. Постапувајќи така, Павле бил уверен дека Филемон ќе соработува, поттикнувајќи го да направи дури и повеќе од она што се барало од него. Зарем не треба и ние вака да постапуваме со нашите соверници? (Филимон 8—21).
Патот на беззакониците, од друга страна, е нерамен, или тврд. Во која смисла? Според еден изучувач, зборот што е употребен овде значи „цврст или тврд, укажувајќи на закоравеното однесување на злобните луѓе . . . Човекот кој е одлучен да продолжи по својот злобен пат, закоравен и рамнодушен за мудрите упатства од другите, е на пат кон уништување“.
Соломон продолжува: „Остроумниот постапува според спознанието, а безумникот шири глупост“ (Пословици 13:16, NW). Овој остроумен човек не е некој препреден. Остроумноста овде е поврзана со спознанието и со мудар човек кој размислува пред да направи нешто. Кога е соочен со неправедна критика или дури и со некоја навреда, остроумниот човек си го воздржува јазикот. Тој му се моли на Бог да му помогне да ги покажува плодовите на светиот дух за да не се изнервира претерано (Галатите 5:22, 23). Мудриот човек не дозволува другото лице или ситуацијата да го контролираат. Наместо тоа, останува смирен и избегнува кавги што честопати му се случуваат на некој што брзо пламнува кога е навреден.
Остроумниот, исто така, постапува според спознанието кога донесува одлуки. Тој знае дека мудрите постапки ретко се производ на претпоставки, на постапување според чувствата или едноставно следење на мноштвото. Затоа, си одвојува време да ја испита ситуацијата во која се наоѓа. Ги разгледува сите факти и одлучува какви опции има. Потоа го истражува Писмото и одлучува кои библиски закони или начела се однесуваат на неговата ситуација. Патот на таквиот човек останува прав (Пословици 3:5, 6).
„Верниот пратеник донесува исцеление“
Како Јеховини сведоци, доверено ни е да објавуваме порака што е дадена од Бог. Зборовите од следната пословица ни помагаат да останеме верни во извршувањето на нашиот налог. Таа вели: „Лошиот гласник паѓа во зло, а верниот пратеник донесува исцеление“ (Пословици 13:17).
Овде е ставен нагласок врз особините на гласникот. Што ако оној што ја носи пораката злобно ја искривува или ја менува? Нема ли да добие неповолна осуда? Размисли за Гиезиј, слугата на пророкот Елисеј, кој алчно му пренел лажна порака на сирискиот војсководач Нееман. Лепрата од која Нееман бил излекуван преминала на Гиезиј (2. Цареви 5:20—27). Што ако пратеникот стане неверен и ако сосема престане да ја објавува пораката? „[Ако] не проговориш и не го опоменеш безбожникот за да се врати од својот лош пат“, вели Библијата, „безбожникот ќе умре заради својот грев, ама неговата крв ќе ја барам [јас, Јехова] од твојата рака“ (Езекиел 33:8).
Од друга страна, пак, верниот пратеник е исцелување за себе и за оние што го слушаат. Павле го поттикнал Тимотеј: „Обрнувај постојано внимание на себе и на своето поучување. Остани во овие работи, зашто правејќи го ова ќе се спасиш и себеси и оние кои те слушаат“ (1. Тимотеј 4:16). Размисли за тоа какво исцелување се постигнува кога верно се објавува добрата вест за Царството. Таа ги буди луѓето со исправна состојба на срцето и ги води до вистината која ги ослободува (Јован 8:32). Дури и ако луѓето не сакаат да ја слушаат пораката, лојалниот гласник ‚ќе го спаси својот живот‘ (Езекиел 33:9). Никогаш да не пропуштиме да го исполниме нашиот налог да проповедаме (1. Коринќаните 9:16). И секогаш да внимаваме да ‚ја проповедаме речта‘, никогаш не разводнувајќи ја ниту ублажувајќи ја со компромиси (2. Тимотеј 4:2).
‚Кој го прима укорот добива чест‘
Треба ли на еден мудар човек да му смета кога ќе добие некој корисен совет? Пословици 13:18 вели: „Сиромаштија и срам ќе дојде за оној, кој ја отфрла поуката, а кој го прима укорот ќе дојде до чест“. Мудро е да прифатиме дури и укор што не сме го барале. Исправниот совет може да биде најкорисен кога не сфаќаме дека ни е потребен. Тоа што ќе го следиме таквиот совет може да нѐ поштеди од болка и да ни помогне да избегнеме трагедија. Ако го занемариме, ќе нѐ снајде срам.
Пофалбата, кога е заслужена, нѐ живнува и вистински охрабрува. Но, исто така, треба да очекуваме и да прифатиме укор. Разгледај ги двете писма што апостол Павле му ги напишал на Тимотеј. Иако го пофалил за неговата верност, писмата се полни и со совети за Тимотеј. Павле великодушно го советува помладиот човек да се држи за верата и да има добра совест, како да постапува со другите во собранието, да развива побожна оддаденост и да биде задоволен со она што го има, како да ги подучува другите, да се спротивстави на отпадништвото и да ја извршува својата служба. Помладите членови на собранието треба да бараат и да прифатат совет од поискусните.
„Дружи се со мудрите“
„Слатка ѝ е на душата исполнетата желба“, вели мудриот цар, „а на безумниците им е омразено да се отстрануваат од злото“ (Пословици 13:19). Во врска со значењето на оваа пословица, еден прирачник забележува: „Кога некоја цел е постигната или некоја желба е остварена, целото битие на човекот е исполнето со чувство на задоволство . . . Бидејќи да се постигне некоја цел е многу пријатно искуство, тогаш да се бега од злото мора да им е одвратно на глупавите. Нивните желби можат да се остварат само со злобни методи, и ако го остават злото, нема да го имаат задоволството некогаш да ги исполнат своите желби“. Колку е важно да негуваме исправни желби!
Колку силно влијание имаат нашите пријатели врз нашите мисли, врз тоа што сакаме а што не! Соломон кажува една вечна вистина кога вели: „Дружи се со мудрите, и ќе станеш мудар, а кој другарува со безумниците станува лош“ (Пословици 13:20). Да, нашето друштво, дури и преку забавата, Интернет, и она што го читаме влијае врз тоа кои сме и што ќе станеме. Колку е само важно мудро да ги избираме нашите пријатели!
‚Остави наследство‘
„Злото ги гони грешниците“, вели царот на Израел, „а доброто е награда на праведните“ (Пословици 13:21). Стремежот по правда носи награда зашто Јехова се грижи за праведните (Псалм 37:25). Меѓутоа, мораме да признаеме дека ‚времето и непредвидените настани нѐ снаоѓаат‘ сите нас (Проповедник 9:11, NW). Можеме ли да направиме нешто за да се подготвиме за неочекуваните настани?
„Добриот човек го остава наследството на своите внуци“, вели Соломон (Пословици 13:22а). Колку скапоцено наследство оставаат родителите кога им помагаат на своите деца да добијат спознание за Јехова и да негуваат добар однос со него! Но, зарем не би било мудро и да се направат подготовки, доколку е возможно, за материјалното добро на семејството во случај на предвремена смрт на еден од родителите? Во многу места, семејните поглавари можеби можат да се осигураат, да направат законски тестамент и да остават настрана заштеда.
Што може да се каже за наследството на злобните? „Богатството на грешникот се чува за праведникот“, продолжува Соломон (Пословици 13:22б). Освен сегашните користи, тоа ќе се покаже вистина кога Јехова ќе го исполни своето ветување дека ќе создаде „нови небеса и нова земја“ во кои „ќе престојува праведност“ (2. Петрово 3:13). Тогаш злобните ќе бидат уништени и „кротките ќе ја наследат земјата“ (Псалм 37:11).
Еден мудар човек постапува според спознанието дури и кога поседува многу малку. „Изобилно храна има на нивата на сиромасите“, вели Пословици 13:23, „а има и кој пропаѓа од неправеден суд“. Она што е многу малку со напорна работа и со благослови од Бог станува многу. Меѓутоа, кога нема правда, поради неправедниот суд богатството може да пропадне.
‚Опоменувај го грижливо со стега‘
На несовршените луѓе им е потребна стега, и тоа од детството па понатаму. „Кој ја штити прачката, го мрази својот син, а кој го љуби, го казнува на време [го опоменува грижливо со стега, NW]“ (Пословици 13:24).
Прачката е симбол на авторитет. Во Пословици 13:24, таа укажува на авторитетот на родителите. Во овој контекст, да се користи прачката за да се даде стега не мора да значи да се исплеска детето. Напротив, таа претставува начин на исправање, сеедно во каков облик е. Во некој случај, укор што љубезно му е даден на детето може да биде доволен за да се исправи некое непристојно однесување. На друго дете можеби му треба построго карање. „Изобличувањето [Укорот, NW] го притиска разумниот повеќе отколку сто удари безумниот“, вели Пословици 17:10.
За доброто на децата, родителската стега секогаш треба да биде водена од љубов и од мудрост. Еден родител полн со љубов не ги превидува мааните на своето дете. Напротив, ги бара за да можат да бидат отстранети пред да пуштат длабоки корени. Се разбира, еден родител полн со љубов го зема при срце советот на Павле: „Татковци, не раздразнувајте ги своите деца, туку подигајте ги во дисциплина и во Јеховино умствено насочување“ (Ефешаните 6:4).
Што ако некој родител е попустлив и не го дава потребното исправање? Дали на таквиот родител подоцна ќе му биде искажана благодарност за неговата попустливост? Тешко! (Пословици 29:21, NW). Библијата вели: „Разузданото дете ја срами својата мајка“ (Пословици 29:15). Неприменувањето на родителскиот авторитет е показател за незаинтересираност и недостиг од љубов. Меѓутоа, кога љубезно и цврсто се применува авторитетот, тоа одразува грижа полна со љубов.
Еден мудар и чесен човек кој постапува со вистинско спознание ќе биде благословен. Соломон нѐ уверува: „Праведниот има јадење до ситка, а стомакот на нечесните ја познава скудноста“ (Пословици 13:25). Јехова знае што е добро за нас на секое подрачје од нашиот живот — нашите семејни работи, нашите односи со другите, нашата служба или кога добиваме стега. И со тоа што мудро ќе го применуваме советот што се наоѓа во неговата Реч, несомнено ќе го имаме најдобриот начин на живот.
[Фуснота]
a За дискусија за Пословици 13:1—14 види го изданието на Стражарска кула од 15 септември 2003, страници 21—25.
[Слика на страница 28]
Кога е соочен со неправедна критика, остроумниот си го воздржува јазикот
[Слика на страница 29]
Верниот објавител на Царството постигнува големо добро
[Слика на страница 30]
Иако пофалбата охрабрува, мораме да прифатиме и исправка
[Слика на страница 31]
Еден родител полн со љубов не ги превидува мааните на своето дете