Јеховината реч е жива
Врвни точки од книгата Судии
КАКО реагира Јехова кога неговиот сопствен народ му свртува грб и почнува да обожава лажни богови? Што ако постојано си тераат по свое и го повикуваат само тогаш кога имаат мака? Дали Јехова им обезбедува излез дури и тогаш? Книгата Судии одговара на овие и на други важни прашања. Оваа книга, што ја напишал пророкот Самоил околу 1100 пр.н.е., опфаќа настани што се случуваат во период од околу 330 години — од смртта на Исус Навин па до устоличувањето на првиот израелски цар.
Како дел од силната Божја реч, или порака, книгата Судии е од голема вредност за нас (Евреите 4:12). Возбудливите извештаи запишани во неа ни помагаат да увидиме каква личност е Бог. Поуките што ги учиме од овие извештаи ни ја зајакнуваат верата и ни помагаат цврсто да го зграпчиме „вистинскиот живот“, вечниот живот во новиот свет што Бог го ветил (1. Тимотеј 6:12, 19; 2. Петрово 3:13). Големите дела што Јехова ги направил за да го избави својот народ даваат претслика за позначајното избавување што во иднина ќе го направи неговиот Син, Исус Христос.
ЗОШТО БИЛЕ ПОТРЕБНИ СУДИИ?
Откако, предводени од Исус Навин, израелските племиња ги поразуваат царевите во ханаанската земја, секое племе оди до земјата што му е доделена во наследство и ја зазема. Меѓутоа, Израелците не успеваат да им ја одземат земјата на тамошните жители. Овој неуспех се покажува како вистинска стапица за Израел.
Генерацијата по времето на Исус Навин ‚не го познава Господа, ни делата што ги направил за Израел‘ (Судии 2:10). Згора на тоа, луѓето почнуваат да склопуваат бракови со Ханаанците и да им служат на нивните богови. Затоа Јехова ги предава Израелците во рацете на нивните непријатели. Но, кога угнетувањето ќе стане многу жестоко, израелевите синови го молат вистинскиот Бог да им помогне. Во ваква верска, општествена и политичка клима се одвива извештајот за една низа судии што Јехова ги издига за да го спаси својот народ од неговите непријатели.
Одговорени библиски прашања:
1:2, 4 — Зошто е одредено Јуда да биде првото племе што ќе ја заземе земјата што му е доделена? Природно, оваа привилегија би му припаднала на племето на Рувим, првороденецот на Јаков. Но, во пророштвото што го дал на својата смртна постела, Јаков претскажал дека Рувим нема да се истакне над другите, зашто го изгубил своето право на првороден. Симеон и Леви, кои постапиле сурово, требало да бидат распрснати низ Израел (Битие 49:3-5, 7). Така, следен бил Јуда, четвртиот син на Јаков. Симеон, кој отишол со Јуда, добил мали делови во земјата раштркани низ големата територија на Јудаa (Исус Навин 19:9).
1:6, 7 — Зошто на поразените цареви им биле отсечувани палците на рацете и на нозете? Некој што ќе изгубел палец на раката и на ногата изгледа дека се сметал за неспособен за во војска. А и како можел еден војник без палци да ракува со меч или со копје? Ако, пак, некој немал палец на ногата, не можел да одржува рамнотежа како што треба.
Поуки за нас:
2:10-12. Мораме да имаме редовна програма за проучување на Библијата за да ‚не ги заборавиме Неговите [Јеховините] добротворства‘ (Псалм 103:2). Родителите треба да ја всадат вистината од Божјата реч во срцето на своите деца (Второзаконие 6:6-9).
2:14, 21, 22. Кога дозволува да му се случуваат лоши работи на неговиот непослушен народ, Јехова го прави тоа со цел — да го казни, да го прочисти и да го поттикне да му се врати.
ЈЕХОВА ИЗДИГА СУДИИ
Возбудливиот извештај за подвизите на судиите почнува со тоа што Готонил ѝ става крај на осумгодишната потчинетост на Израел на месопотамскиот цар. Со една смела стратегија, судијата Аод го убива дебелиот моавски цар Еглон. Храбриот Самегар сам убива 600 Филистејци со воловски остен. Со охрабрување од Девора, која служи како пророчица, и со поддршка од Јехова, Варак и неговата лесно опремена војска од десет илјади луѓе ја поразуваат силната војска на Сисара. Јехова го подига Гедеон и им дава нему и на неговите 300 луѓе победа над Мадијамците.
Преку Јефтај, Јехова го избавува Израел од Амонците. Меѓу 12-те судии во Израел се и Тола, Јаир, Авесан, Елон и Авдон. Периодот на судиите завршува со Самсон, кој се бори против Филистејците.
Одговорени библиски прашања:
4:8 — Зошто Варак инсистирал пророчицата Девора да појде со него на бојното поле? Изгледа дека Варак не се чувствувал доволно способен да оди сам против војската на Сисара. Кога пророчицата би била со него, тоа би ги уверило него и неговите луѓе дека Бог ги води и би им влеало сигурност во себе. Значи, тоа што Варак инсистирал Девора да појде со него не било знак на слабост туку на цврста вера.
5:20 — Како војувале ѕвездите во корист на Варак? Библијата не кажува дали во тоа била вклучена помош од ангели, дожд од метеори што мудреците на Сисара го протолкувале како некој предзнак или астролошки предвидувања што се покажале погрешни. Меѓутоа, несомнено е дека Бог интервенирал на некој начин.
7:1-3; 8:10 — Зошто Јехова вели дека 32.000 луѓе на Гедеон биле премногу против непријателската војска од 135.000 луѓе? Затоа што Јехова им ја дал победата на Гедеон и на неговите луѓе. Бог не сакал да мислат дека тие самите, со свои сили, ги поразиле Мадијамците.
11:30, 31 — Кога го дал својот завет, дали Јефтај имал на ум човечка жртва? Јефтај не би помислил на такво нешто, зашто Законот пропишувал: „Кај тебе нека не се најде некој, кој би ги гонел низ оган својот син или својата ќерка“ (Второзаконие 18:10). Но, Јефтај сепак имал на ум човек, а не животно. Животните што биле погодни за жртва најверојатно не биле чувани во домовите во Израел. Освен тоа, животинската жртва не би била ништо посебно. Јефтај бил свесен дека првата личност што ќе излезе од неговата куќа за да го пресретне може да биде и ќерка му. Таа требало да биде принесена „како паленица“ во таа смисла што ќе биде посветена исклучително на Јеховината служба во неговото светилиште.
Поуки за нас:
3:10. Дали некој ќе има успех во духовните стремежи не зависи од човечката мудрост, туку од Јеховиниот дух (Псалм 127:1).
3:21. Аод ракувал со мечот вешто и смело. Ние мораме да станеме вешти во користењето на „мечот на духот, односно Божјата реч“. Ова значи дека мораме смело да ја користиме Библијата во нашата служба (Ефешаните 6:17; 2. Тимотеј 2:15).
6:11-15; 8:1-3, 22, 23. Учиме три важни поуки од скромноста на Гедеон: 1) Кога ни е дадена некоја предност во службата, треба да мислиме на тоа каква одговорност носи таа, а не да мислиме на славата и престижот што можеби доаѓаат со неа. 2) Кога имаме работа со некои што се склони да се караат, најмудро е да покажеме скромност. 3) Скромноста нѐ чува да не бидеме преокупирани со статусот.
6:17-22, 36-40. И ние мораме да бидеме претпазливи и ‚да не веруваме на секој инспириран израз‘. Наместо тоа, треба да ‚ги испитуваме инспирираните изрази за да видиме дали потекнуваат од Бог‘ (1. Јованово 4:1). За да биде сигурен дека советот што планира да го даде има цврст темел во Божјата реч, мудро ќе биде некој нов христијански старешина да се посоветува со некој поискусен старешина.
6:25-27. Гедеон постапувал промислено за да не ги разлути непотребно своите противници. Кога ја проповедаме добрата вест, мораме да внимаваме да не ги навредиме другите непотребно со начинот на којшто зборуваме.
7:6. Кога се работи за службата за Јехова, треба да бидеме како 300-те луѓе на Гедеон — внимателни и претпазливи.
9:8-15. Колку е глупаво да бидеме горделиви и да подгреваме во себе амбиција да бидеме на некоја положба или да имаме влијание!
11:35-37. Добриот пример на Јефтај несомнено ѝ помогнал на ќерка му да стекне цврста вера и самопожртвуван дух. И денес, родителите можат да им дадат таков пример на своите деца.
11:40 [NW]. Кога ќе пофалиме некого што покажува спремен дух во службата за Јехова, ќе го охрабриме.
13:8. Кога ги поучуваат своите деца, родителите треба да му се молат на Јехова за водство и да ги следат неговите упатства (2. Тимотеј 3:16).
14:16, 17; 16:16. Притисокот што се врши врз некого со плачење и приговарање може да ѝ се наштети на врската (Пословици 19:13; 21:19).
ДРУГИ ПРЕСТАПИ ВО ИЗРАЕЛ
Последниот дел од книгата Судии содржи два извонредни извештаи. Првиот се однесува на еден човек по име Миха, кој поставува кип во својата куќа и вработува еден Левит да му служи како свештеник. Откако го уништува градот Лаис, или Лесем, Дановото племе си гради свој град и го нарекува Дан. Користејќи ги кипот на Миха и неговиот свештеник, во Дан се воведува уште еден облик на обожавање. Очигледно, Лаис бил освоен пред да умре Исус Навин (Исус Навин 19:47).
Вториот настан се случува набрзо по смртта на Исус Навин. Поради едно злодело на групно силување што го извршуваат некои луѓе од Венијаминовиот град Гаваја, речиси целото племе Венијамин е уништено — се спасуваат само 600 луѓе. Меѓутоа, една практична подготовка им дозволува да си земат жени и, до времето на Давидовото владеење, нивниот број пораснува на речиси 60.000 воини (1. Летописи 7:6-11).
Одговорени библиски прашања:
17:6; 21:25 — Дали тоа што ‚секој работел што сака‘ поттикнувало на анархија? Не мора да значи, зашто Јехова направил изобилни подготовки за да го води својот народ. Му ги дал Законот и свештенството да го поучат на неговите патишта. Преку Урим и Тумим првосвештеникот можел да се советува со Бог за некои важни работи (Излез 28:30). Исто така, секој град имал постари мажи што биле способни да дадат добар совет. Кога некој Израелец ги користел овие подготовки, имал добро водство за својата совест. Резултатот бил добар кога ‚работел што сака‘ на тој начин. Од друга страна, пак, ако некој го игнорирал Законот и сам си донесувал одлуки во врска со однесувањето и обожавањето, резултатот бил лош.
20:17-48 — Зошто Јехова му дозволил на Венијаминовото племе двапати да ги порази другите племиња, иако токму тоа требало да биде казнето? Со тоа што дозволил прво верните племиња да претрпат големи загуби, Јехова испитал дали навистина се решени да го отстранат злото од Израел.
Поуки за нас:
19:14, 15. Тоа што луѓето во Гаваја не биле спремни да укажат гостољубивост било показател за морална расипаност. Христијаните се советувани да ‚го следат патот на гостољубивоста‘ (Римјаните 12:13).
Избавувањето што е пред нас
Во многу скоро време, Божјето Царство во рацете на Христос Исус ќе го уништи злобниот свет и ќе ги избави праведните и непорочните (Пословици 2:21, 22; Даниел 2:44). ‚Сите [Јеховини] непријатели ќе изгинат, а оние кои го љубат ќе бидат како сонце, кога изгрева со сета своја сила‘ (Судии 5:31). Да бидеме меѓу оние што го љубат Јехова така што ќе го применуваме она што го научивме од книгата Судии.
Основната вистина што секогаш одново е нагласена во извештаите за судиите е оваа: Послушноста кон Јехова донесува богати благослови, непослушноста тешки последици (Второзаконие 11:26-28). Колку е важно да ѝ станеме „послушни од срце“ на Божјата волја, што тој ни ја открил! (Римјаните 6:17; 1. Јованово 2:17).
[Фуснота]
a На Левитите не им било дадено наследство во Ветената земја освен 48 градови што биле раштркани низ Израел.
[Карта на страница 25]
(Види во публикацијата)
„Господ почна да им издига судии, за да ги избавуваат од рацете на оние што ги ограбуваат“ (Судии 2:16).
СУДИИ
1. Готонил
2. Аод
3. Самегар
4. Варак
5. Гедеон
6. Тола
7. Јаир
8. Јефтај
9. Авесан
10. Елон
11. Авдон
12. Самсон
ДАН
МАНАСИЈ
НЕФТАЛИМ
АСИР
ЗАВУЛОН
ИСАХАР
МАНАСИЈ
ГАД
ЕФРЕМ
ДАН
ВЕНЈАМИН
РУВИМ
ЈУДА
[Слика на страница 26]
Што научи од тоа што Варак инсистирал Девора да појде со него
на бојното поле?