Воскресението — прекрасна надеж
ВЕРУВАЊЕТО во воскресение е многу распространето. Светата книга на исламот, Коранот, му посветува едно цело поглавје на воскресението. Сура 75 делумно вели: „Се колнам во Денот на Воскресението . . . Мисли ли човекот дека ние не можеме да ги составиме неговите коски? . . . Тој прашува: ‚Кога е Денот на Воскресение?‘ Зар ја нема тој [непроменливиот] моќта да им даде живот на мртвите?“ (Сура 75:1-6, 40).
‚Зороастријанизмот‘, коментира The New Encyclopedia Britanica, ‚верува во конечна победа над злото, општо воскресение, последен суд и обнова на еден исчистен свет за праведните.‘
Encyclopedia Judaica го дефинира воскресението како „верување дека на крајот мртвите ќе се вратат во живот во своите тела и ќе живеат повторно на Земјата“. Оваа енциклопедија исто така коментира дека официјално прифатеното верување во јудаизмот дека човекот има бесмртна душа, претставува дилема. Таа признава: „Во основа двете верувања, за воскресение и бесмртност на душата, се противречни“.
Хиндуизмот поучува дека човекот минува низ неколку повторни раѓања, или реинкарнација. Ако е ова вистина, тогаш човек мора да има душа што живее по смртта. Светата книга на хиндуизмот Бхагавад-гита вели: „Она што го проникнува целото тело е неуништливо. Никој не може да ја уништи таа неуништлива душа“.
Будизмот се разликува од хиндуизмот во тоа што го негира постоењето на бесмртна душа. Сепак, денес многу будисти на далечниот исток веруваат дека душата е бесмртна и дека се сели од едно тело во друго.a
Збрка во врска со учењето за воскресение
Во погребните служби на христијанскиот свет често се укажува на тоа дека душата живее по смртта, но и на тоа дека таа воскреснува. На пример, англиканските свештеници обично ги цитираат зборовите: „Бидејќи е по волја на Семоќниот Бог во неговата голема милост да ја земе при себе душата на нашиот драг покоен брат, ние го предаваме неговото тело во земјата; земја во земја, пепел во пепел, прав во прав; со сигурна надеж за воскресението во вечен живот, преку нашиот Господ Исус Христос“—The Book of common prayer (Книга на заедничка молитва).
Оваа изјава можеби ќе го натера некого да се запраша дали Библијата поучува за воскресение или за доктрината за бесмртност на душата. Меѓутоа, види што рекол францускиот протестантски професор Оскар Кулман, кој во својата книга Immortality of the Soul or Resurrection of the Dead? (Бесмртност на душата или воскресение на мртвите?), напишал: „Има огромна разлика меѓу христијанската надеж во воскресение на мртвите и грчкото верување во бесмртност на душата . . . Иако подоцна христијанството ги споило овие две верувања и денес на просечниот христијанин потполно му се измешани, не гледам никаква причина да кријам што сметаме дека е вистина јас и повеќето колеги . . . Верата во воскресение потполно доминира со содржината и духот на Новиот завет . . . Целата личност којашто е мртва, повторно е вратена во живот со нов творечки чин од Бог“.
Не е ни чудно што, општо земено, луѓето се збунети во врска со смртта и воскресението. За да ја решиме оваа збрка, треба да побараме помош во Библијата, која содржи вистини што ги открил Творецот на човекот, Јехова Бог. Во Библијата има запишано извештаи за неколку воскресенија. Да испитаме четири од овие извештаи и да видиме што ни откриваат.
„Жените преку воскресение ги примија своите мртви“
Во своето писмо до Евреите што станале христијани, апостол Павле рекол дека некои верни жени ‚преку воскресение ги примиле своите мртви‘ (Евреите 11:35). Една од тие жени живеела во Сарепта, феникиски град близу до Сидон на брегот на Средоземното Море. Таа била вдовица која гостољубиво го примила Божјиот пророк Илија и му дала храна дури и кога владеел голем глад. За жал, синот на оваа жена се разболел и умрел. Илија веднаш го качил во својата соба и го молел Јехова да му го врати животот на детето. Се случило чудо и детето ‚оживеало‘. Илија го вратил кај мајката и ѝ рекол: „Еве, твојот син е жив!“. Како реагирала таа? Пресреќна одговорила: „Сега знам дека ти си Божји човек и дека Божјото слово во твојата уста е вистинито“ (1. Цареви 17:22-24).
Околу 100 километри јужно од Сарепта живеел еден дарежлив брачен пар кој се грижел за наследникот на Илија, пророкот Елисеј. Сопругата била угледна жена во нејзиниот роден град Сунам. Таа и нејзиниот сопруг се согласиле да му дадат на Елисеј сместување во една соба на покривот во нивниот дом. Нивната тага поради тоа што немале дете се претворила во радост кога жената родила син. Додека растело, детето често одело на полето заедно со жетварите и со татко му. Еден ден се случила трагедија. Детето извикало дека го боли главата. Еден слуга брзо го однел дома. Мајка му го држела во скутот, сѐ додека не умрело. Избезумена, таа одлучила да го повика Елисеј на помош. Со еден слуга тргнала на североисток, кон гората Кармил, каде што престојувал Елисеј.
На тоа, пророкот го испратил пред себе својот момок, Гиезиј, кој се уверил дека детето навистина умрело. Потоа тргнале и Елисеј и жената, но што се случило кога стигнале во Сунам? Извештајот од 2. Цареви 4:32-37 кажува: „Елисеј влезе во куќата и го најде детето како лежи мртво на неговата постела. Откако влезе, ја затвори вратата зад себе и Му се помоли на Господа. Потоа се качи на постелата, легна на детето, ја сложи својата уста на неговата уста, своите очи на неговите очи, своите раце на неговите раце; дишеше над него те се стопли телото на детето. Потоа стана и се прошета по куќата таму-ваму, потоа пак се качи, и дишеше над него. А тогаш детето кивна седумпати и ги отвори очите. И Елисеј го повика Гиезиј и рече: ‚Повикај ја таа Сунамка‘. Тој ја повика. Кога стигна пред него, ѝ рече: ‚Земи го својот син‘. Таа, откако влезе, му падна пред нозете и му се поклони до земја. Потоа го зеде сина си и излезе“.
Исто како вдовицата од Сарепта, и жената од Сунам знаела дека тоа што се случило било резултат на Божјата моќ. Двете жени почувствувале голема радост кога Бог ги оживеал нивните сакани чеда.
Воскресенија за време на службата на Исус
Околу 900 години подоцна, малку северно од Сунам, надвор од селото Наин, се случило воскресение. Додека патувале од Капернаум и се наближиле кон портите на Наин, Исус и неговите ученици наишле на погребна поворка. Притоа Исус забележал една вдовица, на којашто ѝ умрел единствениот син. Исус ѝ рекол да не плаче повеќе. Лука, кој бил лекар, опишал што се случило потоа: „Притоа пристапи и го допре одарот, и носачите застанаа, а тој рече: ‚Млад човеку, тебе ти велам: Стани!‘ И мртовецот седна и почна да зборува, и тој ѝ го даде на мајка му“ (Лука 7:14, 15). Тие што биле очевидци на ова чудо му оддале слава на Бог. Веста за воскресението се раширила низ Јудеја и по сета околина. Интересно, учениците на Јован Крстител слушнале за чудото и го известиле. Тој, пак, ги испратил да го најдат Исус и да го прашаат дали е Тој очекуваниот Месија. Исус им рекол: „Одете, јавете му на Јован што сте виделе и чуле: слепите прогледуваат, куците одат, лепрозните се исчистуваат и глувите слушаат, мртвите се подигаат, на сиромасите им се кажува добрата вест“ (Лука 7:22).
Најпознатото воскресение што го направил Исус е кога го воскреснал неговиот близок пријател Лазар. Во овој случај, Исус не стигнал во семејната куќа на Лазар веднаш по неговата смрт. Кога Исус конечно стигнал во Витанија, Лазар веќе четири дена бил мртов. Откако дал наредба да биде тргнат каменот со којшто бил затворен влезот од гробот, Марта приговорила: „Господи, сега веќе сигурно смрди, бидејќи има четири дена“ (Јован 11:39). Сепак, без оглед колку се распаднало телото на Лазар, тоа не го спречило воскреснувањето. По наредба на Исус, „човекот кој беше умрен излезе, со нозете и рацете завиени со завои, а лицето му беше завиено со крпа“. Она што подоцна го направиле непријателите на Исус докажува дека навистина Лазар бил тој што бил вратен во живот (Јован 11:43, 44; 12:1, 9-11).
Што учиме од овие четири извештаи за воскресение? Секој од тие што воскреснале се вратил во живот како истата личност што бил претходно. Дури и најблиските роднини ги препознале. Никој од тие што воскреснале не рекол дека нешто се случувало во тој краток период додека биле мртви. Никој не рекол дека бил на некој друг свет. Изгледа дека сите се вратиле во добро здравје. За нив, тоа било како да спиеле некое време и да се разбудиле, исто како што кажал Исус дека ќе биде (Јован 11:11). Сепак, по некое време секој од нив повторно умрел.
Повторно заедно со нашите сакани — прекрасна надеж
Кратко време по трагичната смрт на Овен, спомнат во претходната статија, неговиот татко отишол кај еден сосед. На масата видел една покана за јавно предавање организирано од Јеховините сведоци. Го заинтересирал насловот „Каде се мртвите?“ Токму тоа прашање го мачело и него. Отишол на предавањето и нашол вистинска утеха од Библијата. Дознал дека мртвите не страдаат. Мртвите, вклучувајќи го и Овен, не се мачат во пеколен оган ниту, пак, Бог ги зел како ангели на небото, туку чекаат во гробот додека не дојде времето да бидат разбудени при воскресението (Проповедник 9:5, 10; Езекиел 18:4, ПСП).
Дали и твоето семејство го погодила несреќа? Дали и ти, како таткото на Овен, се прашуваш каде се сега твоите блиски што починале и дали е можно повторно да ги видиш? Ако да, тогаш те покануваме да разгледаш што вели понатаму Библијата за воскресението. Можеби се прашуваш: ‚Кога ќе се случи воскресението? Кој точно ќе извлече корист од него?‘ За дискусија во врска со овие и други прашања, те молиме прочитај ги следните статии.
[Фуснота]
a Види ја книгата Потрагата на човештвото по Бог, страници 150-154, издадена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 5]
Илија го замолил Јехова да му го врати животот на детето
[Слика на страница 5]
Јехова го користел Елисеј за да го воскресне синот на Сунамката
[Слика на страница 6]
Исус го воскреснал синот на вдовицата од Наин
[Слика на страница 7]
Воскресението ќе ги обедини роднините со нивните сакани