Ќе ја одразуваш ли Божјата слава?
„Ние . . . ја одразуваме како огледала Јеховината слава“ (2. КОРИНЌАНИТЕ 3:18).
1. Што видел Мојсеј, и што се случило потоа?
НИЕДЕН човек дотогаш немал добиено таква импресивна визија. Кога бил сам, високо на планината Синај, на Мојсеј му било исполнето едно необично барање. Му било дозволено да го види она што ниеден човек го немал видено — славата на Јехова. Се разбира, Мојсеј не го видел Јехова директно. Бог изгледа толку величествено што ниеден човек не може да го види и да остане жив. Наместо тоа, Јехова ја ставил својата „рака“ врз Мојсеј како заштита додека минувал, веројатно користејќи ангел како свој претставник. Тогаш Јехова му дозволил на Мојсеј да го види одблесокот на славата што му ја покажал. Исто така, Јехова зборувал со Мојсеј преку еден ангел. Библијата опишува што се случило потоа: „Најпосле Мојсеј слезе од Синајската Гора . . . од неговото лице, заради разговорот со [Јехова], блескаше светлина“ (Излез 33:18—34:7, 29).
2. Што напишал апостол Павле во врска со славата што ја одразуваат христијаните?
2 Замисли си дека си на таа планина заедно со Мојсеј. Колку би било возбудливо да го видиш тој заслепувачки сјај на Семоќниот и да ги чуеш неговите зборови! Би било голема чест да се симнеш од планината Синај заедно со Мојсеј, посредникот на сојузот на Законот! Но, дали си знаел дека во некои аспекти вистинските христијани ја одразуваат Божјата слава на многу повозвишен начин од Мојсеј? Овој длабок факт се наоѓа во едно писмо што го напишал апостол Павле. Тој напишал дека помазаните христијани ‚ја одразуваат како огледала Јеховината слава‘ (2. Коринќаните 3:7, 8, 18). Во извесна смисла, и христијаните што имаат земна надеж ја одразуваат Божјата слава.
Како христијаните ја одразуваат Божјата слава
3. Како сме го запознале Јехова на начини на кои не можел да го запознае Мојсеј?
3 Како е можно ние да ја одразуваме Божјата слава? Ние не сме го виделе ниту сме го чуле Јехова онака како што го видел и чул Мојсеј. Меѓутоа, ние сме го запознале Јехова на начини на коишто Мојсеј не можел да го запознае. Исус се појавил како Месија дури откако поминале речиси 1.500 години од смртта на Мојсеј. Според тоа, Мојсеј не можел да знае како ќе се исполни Законот врз Исус, кој умрел за да ги откупи луѓето од ужасното ропство на гревот и смртта (Римјаните 5:20, 21; Галатите 3:19). Освен тоа, Мојсеј можел само во ограничена мерка да ја согледа величественоста на Јеховината намера, во чие средиште е Месијанското Царство и Рајот на Земјата што ќе го донесе тоа Царство. Така, ние ја согледуваме Јеховината слава, но не со нашите дословни очи, туку со очите на верата што се темели на библиските учења. Освен тоа, сме го чуле Јеховиниот глас, но не преку ангел, туку преку Библијата, особено преку евангелијата, во кои многу убаво се опишани учењата и службата на Исус.
4. а) Како ја одразуваат Божјата слава помазаните христијани? б) Како можат да ја одразуваат Божјата слава оние што имаат земна надеж?
4 Иако христијаните не ја одразуваат Божјата слава со светлина што блеска од нивните лица, нивните лица и тоа како блескаат додека им зборуваат на другите за Јеховината славна личност и намери. Во врска со нашево време, пророкот Исаија претскажал дека Божјиот народ ‚ќе им ја навестува Јеховината слава на народите‘ (Исаија 66:19). Понатаму, во 2. Коринќаните 4:1, 2 читаме: „Бидејќи ја имаме оваа служба . . . се одрековме од скриените работи од кои човек треба да се срами, и не одиме во лукавство ниту ја расипуваме речта Божја, туку со тоа што ја објавуваме вистината, ѝ се препорачуваме на секоја човечка совест пред очите на Бог“. Павле им зборувал посебно на помазаните христијани, кои се „министри на еден нов сојуз“ (2. Коринќаните 3:6). Но, нивната служба влијае врз безброј луѓе што стекнале надеж за вечен живот на Земјата. Службата на овие две групи вклучува да ја одразуваат Јеховината слава не само во она што го поучуваат туку и во начинот на кој живеат. Имаме и одговорност и чест да ја одразуваме славата на Највишиот Бог!
5. Што докажува нашата духовна благосостојба?
5 Денес, славната добра вест за Божјето Царство се проповеда низ целата населена Земја, како што претскажал Исус (Матеј 24:14). Поединци од сите нации, племиња, народи и јазици воодушевено се оѕвале на добрата вест и ги промениле своите животи за да ја извршуваат Божјата волја (Римјаните 12:2; Откровение 7:9). Исто како раните христијани, тие не можат да престанат да зборуваат за она што го виделе и чуле (Дела 4:20). Денес, Божјата слава ја одразуваат над шест милиони луѓе, повеќе од кога и да е порано во човечката историја. Дали и ти си еден од нив? Духовната благосостојба на Божјиот народ е убедлив доказ дека Јехова го благословува и го штити. А кога ќе помислиме на тоа колку моќни сили се против нас, уште поочигледно е дека со нас е Јеховиниот дух. Да видиме зошто е така.
Божјиот народ нема да биде замолкнат
6. Зошто се потребни вера и храброст за да застанеш на страната на Јехова?
6 Да речеме дека си повикан да сведочиш на суд против некој безмилосен криминалец. Знаеш дека тој криминалец има моќна организација и дека ќе го употреби секое средство што му стои на располагање за да те спречи да го разоткриеш. За да сведочиш против еден таков криминалец ќе треба да имаш храброст и доверба дека властите ќе те заштитат од него. И ние сме во една слична ситуација. Кога сведочиме за Јехова и за неговите намери, сведочиме против Сатана Ѓаволот, разоткривајќи го како убиец и лажливец што ја заведува целата населена Земја (Јован 8:44; Откровение 12:9). За да застанеш на страната на Јехова, а против Ѓаволот, треба да имаш вера и храброст.
7. Колку е влијателен Сатана, и што се обидува да направи?
7 Се разбира, Јехова е Највишиот. Неговата моќ е неизмерно поголема од моќта на Сатана. Можеме да бидеме уверени дека Јехова не само што може туку и многу сака да нѐ заштити додека верно му служиме (2. Летописи 16:9). Сепак, Сатана владее и со демоните и со луѓето во овој свет што е отуѓен од Бог (Матеј 12:24, 26; Јован 14:30). Бидејќи е ограничен да дејствува само во близината на Земјата и бидејќи е исполнет со „голем гнев“, Сатана жестоко им се противи на Јеховините слуги и го користи светот што е под негова власт во својот обид да ги замолкне сите што ја проповедаат добрата вест (Откровение 12:7-9, 12, 17). Како го прави тоа? Најмалку на три начини.
8, 9. Како Сатана ја користи љубовта кон неисправни работи, и зошто треба внимателно да го избираме своето друштво?
8 Еден начин на кој Сатана се обидува да ни го одвлече вниманието се животните грижи. Луѓето во овие последни денови ги сакаат парите, се сакаат себеси и ги сакаат задоволствата. Тие не го сакаат Бог (2. Тимотеј 3:1-4). Преокупирани со секојдневните работи во животот, повеќето луѓе ‚не обрнуваат внимание‘ на добрата вест што им ја носиме. Едноставно не ги интересира вистината од Библијата (Матеј 24:37-39). Таквиот став може да биде заразен, да нѐ натера духовно да задремеме. Ако дозволиме во нас да се развие љубов кон материјалните работи и кон задоволствата во животот, нашата љубов кон Бог ќе олади (Матеј 24:12).
9 Од таа причина, христијаните внимателно избираат со кого се дружат. „Дружи се со мудрите, и ќе станеш мудар“, напишал цар Соломон, „а кој другарува со безумниците станува лош“ (Пословици 13:20). Да ‚се дружиме‘ со оние што ја одразуваат Божјата слава. Колку е пријатно да го правиме тоа! Додека се собираме со нашите духовни браќа и сестри на нашите состаноци и во други прилики, се охрабруваме од нивната љубов, вера, радост и мудрост. Таквото здраво дружење ја зајакнува нашата решеност да истраеме во службата.
10. На кои начини Сатана го користи исмејувањето против оние што ја одразуваат Божјата слава?
10 Друг начин на кој Сатана се обидува да ги спречи сите христијани да ја одразуваат Божјата слава е исмејувањето. Оваа тактика не треба да нѐ изненади. Додека ја извршувал својата служба на Земјата, на Исус Христос му се исмејувале — му се смееле, му се подбивале, си терале шега со него, го навредувале, дури и го плукале (Марко 5:40; Лука 16:14; 18:32). И на раните христијани луѓето им се потсмевале (Дела 2:13; 17:32). Денешните слуги на Јехова се соочуваат со слично малтретирање. Како што рекол апостол Петар, тие ќе биле наречени дури и „лажни пророци“. „Во последните денови“, прорекол Петар, „ќе дојдат потсмевачи со своето потсмевање, кои ќе постапуваат според своите сопствени желби и ќе говорат: ‚Каде е таа негова ветена присутност? Оти . . . сѐ си стои токму како од почетокот на создавањето‘“ (2. Петрово 3:3, 4). На Божјите слуги им се потсмеваат дека изгубиле контакт со реалноста. Библиските морални мерила се сметаат за застарени. За многу луѓе, пораката што ја проповедаме е безумство (1. Коринќаните 1:18, 19). Како христијани, можеби ни се потсмеваат на училиште, на работното место, а понекогаш дури и во семејството. Без да нѐ уплаши тоа, продолжуваме да ја одразуваме Божјата слава со тоа што проповедаме, и знаеме дека Божјата реч е вистина, исто како што знаел и Исус (Јован 17:17).
11. Како Сатана го користел прогонството за да ги замолкне христијаните?
11 Третата тактика што ја користи Ѓаволот во обидот да нѐ замолкне е противењето или прогонството. Исус им рекол на своите следбеници: „Ќе ве предадат на неволја и ќе ве убиваат, и ќе им бидете предмет на омраза на сите нации поради моето име“ (Матеј 24:9). Навистина, како Јеховини сведоци, ние се соочуваме со жестоко прогонство во многу земји во светот. Знаеме дека Јехова многу одамна претскажал дека ќе се развие омраза, или непријателство, помеѓу оние што му служат на Бог и оние што му служат на Сатана Ѓаволот (Битие 3:15). Исто така, знаеме дека со тоа што ќе останеме беспрекорни и верни кога сме во искушение, сведочиме дека Јехова има законско право да владее со целиот универзум. Кога го знаеме ова, ќе бидеме силни дури и во најтешките околности. Никакво прогонство нема сосема да нѐ замолкне ако секогаш бидеме решени да ја одразуваме Божјата слава.
12. Зошто треба да се радуваме кога остануваме верни и покрај противењето на Сатана?
12 Дали одолеваш на привлечноста на светот и остануваш верен и покрај исмејувањето и противењето? Тогаш, имаш причина да се радуваш. Исус ги уверил оние што ќе го следат: „Среќни сте кога поради мене ве укоруваат, и прогонуваат и лажно зборуваат секакво зло против вас. Радувајте се и потскокнувајте од радост, бидејќи голема е вашата награда на небесата; зашто така ги прогонуваа пророците пред вас“ (Матеј 5:11, 12). Твојата истрајност дава доказ дека Јеховиниот моќен свет дух е со тебе и ти помага да ја одразуваш неговата слава (2. Коринќаните 12:9).
Јехова ни помага да бидеме истрајни
13. Која е главна причина зошто сме истрајни во нашата христијанска служба?
13 Главна причина зошто сме истрајни во службата е тоа што го сакаме Јехова и ни причинува радост да ја одразуваме неговата слава. Луѓето се склони да ги имитираат оние што ги сакаат и почитуваат, и никој не е подостоен за тоа од Јехова Бог. Поради тоа што чувствувал огромна љубов, го испратил својот Син на Земјата за да сведочи за вистината и за да ги откупи послушните луѓе (Јован 3:16; 18:37). Исто како Бог, сакаме секакви луѓе да се покаат и да се спасат, и затоа им проповедаме (2. Петрово 3:9). Оваа желба, како и нашата решеност да се угледаме на Бог, нѐ поттикнува и понатаму да ја одразуваме неговата слава преку нашата служба.
14. Како нѐ зајакнува Јехова да истраеме во службата?
14 Но, во основа, нашата сила да истраеме во христијанската служба доаѓа од Јехова. Тој ни помага и нѐ зајакнува преку својот дух, преку својата организација и преку својата Реч, Библијата. Јехова им „дава истрајност“ на оние што сакаат да ја одразуваат неговата слава. Одговара на нашите молитви и ни дава мудрост за да се справиме со искушенијата (Римјаните 15:5; Јаков 1:5). Освен тоа, Јехова не дозволува да нѐ снајде некое искушение што не можеме да го поднесеме. Ако имаме доверба во Јехова, тој ќе направи излез за да можеме да продолжиме да ја одразуваме неговата слава (1. Коринќаните 10:13).
15. Што ни помага да бидеме истрајни?
15 Тоа што сме истрајни во нашата служба е доказ дека врз нас е Божјиот дух. Да го покажеме тоа со еден пример: Да речеме дека некој те замолил бесплатно да делиш одреден вид леб од врата до врата. Кажано ти е да го правиш тоа на свој трошок и во своето слободно време. Но, наскоро дознаваш дека само малку луѓе сакаат таков леб; некои дури и ќе се противат на твоите напори да им го носиш на луѓето. Мислиш ли дека ќе продолжиш да го правиш тоа од месец на месец, од година на година? Веројатно не. Сепак, можеби веќе со години, па дури и со децении даваш сѐ од себе за да ја објавуваш добрата вест во своето слободно време и на свој трошок. Зошто? Зар не затоа што го сакаш Јехова и затоа што преку својот дух тој ги благословил твоите напори помагајќи ти да истраеш? Секако!
Дело на кое ќе се сеќаваме
16. Што значи за нас и за оние што нѐ слушаат истрајноста во нашата служба?
16 Службата поврзана со новиот сојуз е подарок што има непроценлива вредност (2. Коринќаните 4:7). Слично на тоа, и христијанската служба што ја извршуваат другите овци низ целиот свет е како едно богатство. Додека и понатаму истрајно ја извршуваш службата, можеш да „се спасиш и себеси и оние кои те слушаат“, како што му напишал Павле на Тимотеј (1. Тимотеј 4:16). Помисли што значи тоа. Добрата вест што ја проповедаш им дава на другите прилика да живеат вечно. Можеш да изградиш цврсти пријателства со оние на кои им помагаш духовно. Замисли си колку ќе бидеш радосен кога ќе живееш вечно во Рајот заедно со оние на кои си им помогнал да го запознаат Бог! Секако дека никогаш нема да ги заборават твоите напори да им помогнеш. Колку голема причина да бидеш радосен!
17. Зошто нашево време е исклучителен период од човечката историја?
17 Живееш во еден исклучителен период од човечката историја. Добрата вест никогаш повеќе нема да се проповеда во свет што е отуѓен од Бог. Ное живеел во еден таков свет, и видел како тој свет исчезнал. Сигурно многу се радувал кога ќе помислел дека верно ја извршил Божјата волја со тоа што изградил арка, а така се спасил себеси и своето семејство! (Евреите 11:7). И ти можеш да ја почувствуваш таа радост. Помисли како ќе се чувствуваш во новиот свет кога ќе се сетиш што си правел во овие последни денови, знаејќи дека си направил сѐ што си можел за да ги поддржиш интересите на Царството.
18. Какво уверување и охрабрување им дава Јехова на своите слуги?
18 Затоа, да продолжиме и понатаму да ја одразуваме Божјата слава. Тоа ќе биде нешто на што секогаш ќе се сеќаваме. И Јехова се сеќава на нашите дела. Во Библијата ни е дадено следново охрабрување: „Бог не е неправеден да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име, со тоа што им служевте на светите и понатаму им служите. Но сакаме секој од вас да ја покажува истата трудољубивост за да бидете потполно сигурни во надежта сѐ до крајот, за да не станете мрзливи, туку да бидете имитатори на оние кои преку вера и стрпливост ги наследуваат ветувањата“ (Евреите 6:10-12).
Можеш ли да објасниш?
• На кој начин христијаните ја одразуваат Божјата слава?
• Наведи некои тактики што ги користи Сатана во обидот да го замолкне Божјиот народ.
• Каков доказ имаме дека со нас е Божјиот дух?
[Слика на страница 15]
Лицето на Мојсеј одразувало слава
[Слики на страници 16 и 17]
Ние ја одразуваме Божјата слава во нашата служба