Вреди да се биде лојален
ВО НЕКОИ земји, децата сакаат да го задеваат своето другарче така што му закачуваат чички на волнениот џемпер. Чичките се прилепуваат за волната и, што и да прави другарчето — било да оди, да трча, да се ниша или да скока — чичките си стојат залепени. Единствен начин да се ослободи од нив е да ги вади една по една. За децата тоа е многу забавно.
Секако, не сакаат сите да имаат чички на облеката, но сите се зачудени од нивната способност да се залепат. Лицето што е лојално ја има истата карактеристика. Лојалниот останува близок со некој во една трајна врска. Тој верно ги извршува своите должности и обврски што произлегуваат од таа врска, дури и кога околностите ќе го отежнат тоа. Зборот „лојалност“ нѐ потсетува на доблестите како што се искреност, приврзаност и оддаденост. Меѓутоа, иако можеби цениш кога луѓето ти се лојални тебе, дали си и ти одлучен да им бидеш лојален на другите? Ако да, тогаш кому треба да си лојален?
Верноста во бракот — основна потреба
Бракот е едно подрачје во кое лојалноста е многу важна но, за жал, токму таму честопати ја нема. Мажот и жената кои остануваат верни на нивниот брачен завет — да останат заедно и секој да работи за доброто на другиот — презеле важен чекор што ги води до среќа и сигурност. Зошто? Затоа што луѓето се создадени со потребата да покажуваат и да им биде покажана лојалност. Кога бил склопен бракот меѓу Адам и Ева во градината Еден, Бог изјавил: „Човекот ќе ги остави татка си и мајка си, и ќе се прилепи кон својата жена“. Истото се однесувало и на жената; таа требало да се прилепи до нејзиниот маж. Тие требало да си бидат верни еден на друг и да соработуваат еден со друг (Битие 2:24; Матеј 19:3-9).
Се разбира, ова се случило пред илјадници години. Дали тоа значи дека лојалноста во бракот веќе не е во мода? Повеќето не мислат така. Група истражувачи во Германија утврдиле дека 80 проценти од испитаниците сметаат дека верноста во бракот е многу важна. Друга анкета била спроведена за да открие која е најпожелната особина кај мажите и кај жените. Група мажи била замолена да наброи пет особини што најмногу ги ценат кај жените, а група жени да набројат пет особини што најмногу ги ценат кај мажите. Најценета особина и кај мажите и кај жените била верноста.
Да, лојалноста е дел од цврстиот темел за успешен брак. Сепак, како што видовме во претходната статија, лојалноста е повеќе фалена отколку што е покажувана на дело. На пример, високата стапка на разводи во многу земји дава доказ дека нелојалноста е многу раширена. Како можат брачните партнери да се спротивстават на овој тренд и да останат лојални еден на друг?
Лојалноста го прави бракот траен
Лојалноста се гледа кога брачните партнери бараат начини да покажат дека се оддадени еден на друг. На пример, обично е подобро да се каже „наш“ отколку „мој“ — „наши пријатели“, „наши деца“, „наш дом“, „наши искуства“ итн. Кога прават планови и донесуваат одлуки — било да е тоа во врска со домаќинството, вработувањето, подигањето на деца, забавата, одморот или религиозните активности — мажот и жената треба да ги земат предвид чувствата и мислењата на другиот партнер (Пословици 11:14; 15:22).
Лојалноста се покажува кога секој сопружник придонесува другиот да се чувствува потребен и сакан. Личноста што е во брак се чувствува несигурна кога сопружникот е премногу близок со некој од спротивниот пол. Библијата ги советува мажите да се прилепат до „жената на својата младост“. Сопругот не треба да дозволи неговото срце да го посакува вниманието на друга жена. Секако, тој треба да избегнува да има физички односи со друга жена. Библијата предупредува: „И така, неразумен е оној, кој се впушта со прељубница, својата душа ја губи кој прави така“. Тоа високо морално мерило на верност се очекува и од сопругата (Пословици 5:18; 6:32).
Дали вреди да се биде верен во бракот? Се разбира дека вреди. Тоа го прави бракот постабилен и траен и му користи на секој партнер поединечно. На пример, кога мажот верно работи за доброто на својата жена, таа се чувствува сигурно, а тоа го извлекува најдоброто од неа. Истото се случува и со него. Неговата решеност да ѝ биде верен на сопругата му помага да биде верен на праведни начела во сите подрачја од животот.
Ако мажот и жената минуваат низ тежок период, лојалноста ќе направи и двајцата да се чувствуваат сигурно. Од друга страна, пак, во брак каде што нема лојалност, партнерите честопати реагираат така што се одвојуваат или се разведуваат. Таквиот чекор, наместо да ги реши проблемите, честопати значи премин кон друг вид проблеми. Во 1980-те, еден познат моден советник се одвоил од жената и семејството. Дали бил среќен како самец? Дваесет години подоцна тој признал дека поради одвојувањето се чувствувал „осамен и вознемирен и лежел буден навечер сакајќи да им каже ‚добра ноќ‘ на своите деца“.
Лојалност меѓу родителите и децата
Кога родителите се лојални еден на друг, постои голема веројатност оваа особина да се пренесе и на нивните деца. Подоцна во животот, на децата што пораснале во лојално семејство во кое владеела љубов ќе им биде полесно да се однесуваат одговорно кон сопружниците, како и кон родителите кои страдаат поради проблемите што ги носи староста (1. Тимотеј 5:4, 8).
Се разбира, не се секогаш родителите тие на кои први им треба помош. Понекогаш треба да им се посвети грижа на децата. Тоа бил случај преку 40 години кај Херберт и Гертруд — и двајцата Јеховини сведоци. Нивниот син, Дитмар, целиот живот страдал од мускулна дистрофија. Последните седум години пред неговата смрт, во ноември 2002 година, на Дитмар му била потребна постојана нега и внимание. Неговите родители со голема љубов се грижеле за сѐ што му треба. Тие дури вградиле и медицинска опрема во својот дом и добиле медицинска обука. Убав пример за лојалност во семејството!
Лојалноста е многу важна за пријателството
„Човек може да биде среќен без брачен партнер, но тешко е да бидеш среќен без пријател“, изјавува Биргит. Можеби се согласуваш со тоа. Без разлика дали си во брак или си самец, лојалноста на еден добар пријател ќе ти го стопли срцето и ќе ти го збогати животот. Се разбира, ако си во брак, твојот најблизок пријател треба да биде твојот сопружник.
Пријателот не е само познајник. Можеби имаме многу познајници — соседи, колеги и луѓе што повремено ги сретнуваме. За вистинско пријателство е потребно да се вложува време, енергија и емоционална посветеност. Чест е да се биде нечиј пријател. Пријателството донесува привилегии, но исто така си носи и одговорности.
Неопходно е да имаме добра комуникација со нашите пријатели. Ваквата комуникација делумно може да зависи од потребите. „Ако некој од нас има проблем, мојата пријателка и јас си телефонираме еднаш или двапати седмично. Утешно е да се знае дека таа е таму и дека е спремна да слуша“, објаснува Биргит. Далечината не мора да биде бариера за пријателството. Герда и Хелга живеат илјадници километри далеку една од друга, но тие се добри пријателки повеќе од 35 години. „Редовно си пишуваме“, објаснува Герда, „си раскажуваме искуства и си ги опишуваме најдлабоките чувства, било да се радосни или тажни. Секое писмо од Хелга многу ме радува. Едноставно ние сме на иста бранова должина.“
Лојалноста е многу важна за пријателството. Еден чин на нелојалност може да уништи дури и долгогодишни пријателства. Вообичаено е пријателите да се советуваат еден со друг, дури и за доверливи работи. Пријателите ќе зборуваат искрено, без страв дека ќе бидат омаловажени или дека ќе биде изневерена нивната доверба. Библијата вели: „Пријателот љуби во секое време, а во неволја станува и брат“ (Пословици 17:17).
Затоа што нашите пријатели влијаат врз нашите мисли, чувства и постапки, важно е пријатели да ни бидат луѓе кои живеат слично како нас. На пример, внимавај да негуваш пријателство со лица со кои имаш исти верувања, исти морални гледишта и исти мерила за исправно и погрешно. Таквите пријатели ќе ти помогнат да ги постигнеш твоите цели. Освен тоа, зошто да бидеш близок со некој чии морални мерила не се исти како твоите? Библијата покажува колку е важно да избереме вистински пријатели кога вели: „Дружи се со мудрите, и ќе станеш мудар, а кој другарува со безумниците станува лош“ (Пословици 13:20).
Лојалноста се учи
Кога едно дете ќе научи да закачува чичка на нечија облека, тоа веројатно ќе сака секогаш одново да си игра со тоа. Истото може да се каже и за личноста која е лојална. Зошто? Затоа што колку повеќе вежбаме да покажуваме лојалност, толку полесно ќе можеме да го правиме тоа. Ако некој рано во животот научи да биде лојален во семејството, подоцна ќе му биде полесно да развие пријателства што се темелат на лојалност. Во свое време, таквите силни и трајни пријателства може да бидат основа за лојалноста во бракот. Ова исто така ќе му помогне да биде лојален во најважното од сите пријателства.
Исус рекол дека најголемата заповед е да го сакаш Јехова Бог со сето срце, душа, ум и сила (Марко 12:30). Ова значи дека на Бог му должиме апсолутна лојалност. Лојалноста кон Јехова Бог носи богати награди. Тој никогаш нема да нѐ изневери, затоа што Библијата вели: „Верен е Бог“ (1. Коринќаните 1:9). Навистина, лојалноста, или верноста, кон Бог носи вечни благослови (1. Јованово 2:17).
[Истакната мисла на страница 6]
Лојаноста на еден добар пријател ќе ти го стопли срцето
[Слика на страница 5]
Членовите на едно лојално семејство се грижат еден за друг