Религија што е за твое добро
„МЕНЕ ми е добро да бидам близу до Бог“, изјавил псалмистот Асаф. За момент, тој си рекол дека можеби вреди човек да биде како оние што си уживаат во животот без многу да мислат на Бог. Но, потоа Асаф размислил и за користите што му ги носи блискоста со Бог и заклучил дека тоа е за негово добро (Псалм 73:2, 3, 12, 28). Дали би можела да ти донесе некакво добро вистинската религија денес? Какво добро е тоа?
Верата во вистинскиот Бог ќе ти помогне да не живееш само за себе. Поради начинот на кој нѐ создал ‚Богот на љубовта‘, оние што си ги гледаат само своите интереси никогаш нема да успеат да бидат среќни (2. Коринќаните 13:11). Исус кажал една основна вистина за човечката природа, кога рекол: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Токму затоа нам ни е задоволство да им правиме добро на пријателите и роднините. Но, најголемо задоволство ќе чувствуваме ако правиме нешто за Бог. Повеќе од кој и да било друг, тој заслужува да го сакаме. Милиони луѓе од сите општествени слоеви утврдиле дека тоа што веруваат во Бог и го прават она што тој го бара им го носи најголемото задоволство во животот (1. Јованово 5:3).
Добиваш смисла во животот
Да веруваш и да му служиш на вистинскиот Бог е за твое добро и затоа што ќе ти даде смисла во животот. Дали си забележал дека среќата честопати е поврзана со чувството дека си постигнал нешто вредно? Повеќето луѓе си имаат некоја цел во животот, поврзана со нивното семејство, пријателите, работата, или задоволствата. Бидејќи ништо во животот не е сигурно, овие работи честопати не ги прават толку среќни колку што очекувале (Проповедник 9:11). Меѓутоа, верата во вистинскиот Бог ќе ти помогне да најдеш повисока цел, цел која ќе продолжи да те исполнува дури и кога другите работи на кои си се надевал во животот ќе те разочараат.
Вистинската вера значи да го запознаеш Јехова и верно да му служиш. Оние што го прават тоа, стануваат многу блиски со Бог (Проповедник 12:13; Јован 4:23; Јаков 4:8). Можеби ти е тешко да си замислиш дека е можно да го запознаеш Бог до тој степен, што ќе ти стане пријател. Но, ако го разгледаш она што е запишано за начинот на кој постапувал со луѓето и ако размислиш за она што го создал, навистина можеш да откриеш многу карактеристики на неговата личност (Римјаните 1:20). Освен тоа, ако ја читаш Божјата реч, можеш да сфатиш зошто сме тука, зошто Бог ги допушта страдањата, како ќе им стави крај и, што е можеби најинтересно од сѐ, каква важна улога можеш да имаш ти во Божјата намера (Исаија 43:10; 1. Коринќаните 3:9). Тоа што ќе го дознаеш одговорот на сите овие прашања може да ти даде нова причина да живееш!
Стануваш подобра личност
Тоа што ќе му служиш на вистинскиот Бог е за твое добро бидејќи ќе ти помогне да станеш подобра личност. Кога му служиш на Бог на исправен начин, со текот на времето развиваш особини што ти ги подобруваат односите со другите. Учиш од Бог и од неговиот Син да постапуваш чесно, да зборуваш љубезно и да живееш со чувство на одговорност (Ефешаните 4:20—5:5). Кога ќе го запознаеш Бог толку добро што ќе го засакаш, ќе се чувствуваш поттикнат во сѐ да постапуваш како него. Библијата вели: „Угледајте се на Бог, како негови љубени деца, и живејте во љубов“ (Ефешаните 5:1, 2).
Зарем не би ти претставувало задоволство да си меѓу луѓе кои во животот се водени од Божјата љубов? За среќа, од нас не се бара да му служиме на Бог како самотници, туку заедно со другите што сакаат да го прават она што е исправно и добро. Се разбира, можеби не ти се допаѓа многу идејата да си припадник на некоја организирана религија. Но, како што видовме во претходната статија, проблемот со повеќето религии не е во тоа што се организирани, туку во тоа што не се организирани на исправен начин и за исправна цел. Многу организирани религии служат за нехристијански цели. Божјиот народ е организиран лично од Јехова за една благородна цел. Библијата вели: „Бог не е Бог на нередот, туку на мирот“ (1. Коринќаните 14:33). Како милиони други, можеби и ти ќе увидиш дека тоа што си поврзан со една добро организирана група христијани има позитивно влијание врз тебе.
Надеж за иднината
Библијата покажува дека Бог ги организира оние што му служат на исправен начин, за да можат да го преживеат крајот на сегашниот поредок и да наследат една нова Земја, во која „ќе живее праведноста“ (2. Петрово 3:13; Откровение 7:9-17). На тој начин, религијата што е за твое добро ти дава и надеж, која е неопходна за среќата. Некои ги градат своите очекувања за иднината врз стабилноста на владите, врз успехот во работата, или врз надежта во добро здравје и добра пензија. Но малку, ако и воопшто некоја од овие работи, ни даваат цврст темел со сигурност да очекуваме среќна иднина. Од друга страна, апостол Павле напишал: „Се надеваме на живиот Бог“ (1. Тимотеј 4:10).
Ако темелно истражиш, можеш да ги најдеш луѓето што на вистински начин му служат на Бог. Во денешниов свет исполнет со поделби, Јеховините сведоци јасно се издвојуваат по љубовта и единството што владеат меѓу нив. Кај нив има луѓе од скоро секој народ и со најразлично потекло; сепак, обединети се со меѓусебната љубов и со љубовта кон Јехова (Јован 13:35). Срдечно те покануваат лично да се увериш дека тоа е вистина. Асаф напишал: „Мене ми е добро да бидам близу до Бог“ (Псалм 73:28).
[Слика на страница 7]
Можеш да му станеш пријател на Бог